Рилево

Координати: 41°29′12″N 21°21′52″E / 41.48667° СГШ; 21.36444° ИГД / 41.48667; 21.36444
Од Википедија — слободната енциклопедија
Рилево

Поглед на Рилево

Рилево во рамките на Македонија
Рилево
Местоположба на Рилево во Македонија
Рилево на карта

Карта

Координати 41°29′12″N 21°21′52″E / 41.48667° СГШ; 21.36444° ИГД / 41.48667; 21.36444
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Област Прилепско Поле
Население 48 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7505
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20089
Надм. вис. 660 м
Рилево на општинската карта

Атарот на Рилево во рамките на општината
Рилево на Ризницата

Рилево — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Рилево

Рилево е потпланинско село на чија северозападна страна се издигнува високата падина на планината Даутица, додека на југ е пространата низина на Пелагонија.[2] Се наоѓа во северниот дел на Прилепското Поле, во западниот дел на Општината Долнени. Рилево е ридско село на надморска височина од 660 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри.[3] Околни села се Сливје, Секирци, Пешталево и Жабјани. Водата за пиење се добива од бунари. На планината избиваат три извори.[2] Атарот зафаќа простор од 12,5 км2 на кои обработливото земјиште зазема површина од 601 ха, на пасиштата отпаѓаат 395 хектари, а на шумите 94 хектари, поради што во основа има полјоделско-сточарска функција.[3] Потезите во полето се нарекуваат: Огради, Караџово, Средно Поле, Меѓа, Две Реки, Бостаниште, Трска, Мера. Потезите на планината ги носат следните имиња: Падарница, Цуцуле, Голјак, Кале, Дервен (тука води планинскиот пат за поречкото село Крапа и избива извор), Скала, Ѓаве, Длапки, Свети Атанас (на границата на атарот со Ропотово и Жабјани) и Калуѓери. Рилево е село од збиен тип. Помали делови носат имиња според родовите кои живеат во нив – Паликуќовци, Ѓорѓиовци, Домазетовци и др.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Северозападно од Рилево на планинскиот масив на Даутица е возвишението наречено Кале. Меѓу народот се зборува дека во таа тврдина живеел „некојси Караџа“, заради што понекогаш се нарекува и Караџово Кале. До тврдината е месноста Караџова Ливада, а во полето под селото е потегот наречен Караџови Ниви или Караџово.[2] Југоисточно од селото на 2 километри во полето е месноста Мера, која сега е утрина за напасување добиток. Таму постојат гробови со стари плочи и стар бунар. Тоа укажува на некоја стара населба. Местото Калуѓери е „над село“. Мештаните веруваат дека таму некогаш имало манастир со калуѓери. Порано се гледале и рушевини од манастирот. На тоа место се гледаат стари брестови крај кои има чешма.[2]

Стари куќи во селото Рилево

Рилево се смета за старо село. Некогаш во него „тепала чумата“ заради што умирале многу од неговите жители. Денес, „чумини гробишта“ има на повеќе места (Вичина Плоча и други делови на атарот над селото). Дел од денешното население на Рилево потекнува од некогашните седум селски семејства, а другиот дел потекнува од доселеници.[2] Селото има стара црква посветена на Свети Атанасиј. Селаните велат дека таа црква е изградена „пред битката на Косово“ (1389).[2] Дека црквата е доста стара, потврдува фактот дека таа била живописана од некој мајстор зограф Јован од Костур во 1627 година. Селската слава е Спасовден. Порано селото славело Свети Атанасиј, но се вели дека таа слава се напуштила поради сиромаштија.

Црквата Свети Атанасиј во Рилево

Пред крајот на турското владеење во Рилево биле основани два мали чифлизи на муслимани од Дебар кои за полјаци имале „Албанци арамии“ кои пак најмногу ги присилувале селаните да станат чифчии. Еден од тие чифлизи селаните го купиле во 1910, а другиот во 1912 година. За време турско, жителите на Рилево имале доста своја земја, а по 1912 година, со пари заработени на печалба во Америка, некои селани купиле доста земја и во атарот на селото Сливје. Бројот на домаќинства во селото во текот на XX век изнесувал: 83 во 1921 г., 106 во 1948 г., 137 во 1961 г., 141 во 1971 г. Во 1954 година Рилево имало вкупно 129 домаќинства.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Глетка од Рилево

Според составот на атарот Рилево има мешовита полјоделско-сточарска функција.[3] Населението се занимава најмногу со земјоделство и сточарство. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на тутун и житни растенија како пченица, пченка и јачмен. Во помали размери се одгледуваат и други земјоделски и градинарски култури како грав, компир, кромид, пиперки (зелени и црвени), патлиџани (домат), тикви, кои претежно се произведуваат за задоволување на домашните потреби, но дел се продаваат и на пазарите во Прилеп или Македонски Брод. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на кози, потоа крупниот добиток како крави, телиња и волови и во помала мерка овци, од чие млеко се прави сирење или се откупува од млекарниците. Во неколкуте новоизградени куќи е застапено и живинарството односно одгледувањето на домашни птици како кокошки, петли, гуски и шатки. Извонредно богатата падина на Даутица со густа дабова шума се користи и за сечење на огревно дрво кое се користи во селото или се продава во околните села и Прилеп.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948891—    
1953969+8.8%
1961885−8.7%
1971671−24.2%
1981333−50.4%
ГодинаНас.±%
1991133−60.1%
1994106−20.3%
200269−34.9%
202148−30.4%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Рилево било село со 37 домаќинства и 153 жители Македонци.[4]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Рилево живееле 444 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Рилево имало 336 Македонци, патријаршисти.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Рилево се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 42 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[8]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 69 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 48 жители, од кои 46 Македонци, 1 Албанец и 1 лице без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 444 336 891 969 885 671 333 133 106 69 48
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Отсекогаш па сѐ до денес Рилево е целосно населено со православни Македонци. Жителите на Рилево се поделени во старинци и доселеници од кои во 1954 година првите броеле 82, а вторите 47 домаќинства[2]. Староседелските македонски родови кои потекнуваат од некогашните седум селски куќи се: Бачевци, Паликуќовци, Ѓорѓиовци, Брајановци, Ропановци, Мечкаровци, Топковци, Комаревци, Мирчевци, Китановци, Пардиовци, Ќуќуровци и Кашовци. Слават Петковден. Селаните велат дека „Петковденци“ се старинци. Доселени македонски родови се: Домазетовци (слават Петковден) доселени се од Сенокос[2]. Кензовци (слават Митровден) стари доселеници кои не го знаат местото на потеклото. Рековци (слават Свети Атанасиј) дошле од Селце кај Крушево, а подалечното потекло им е „од Корчанско“. Дурибеговци (слават Петковден) по потекло се од Крушје во Порече каде имаат роднини. Ѓордевци, Неделковци, Тикваровци и Масларовци местото на својата старина не го знаат. Првите два родови слават Свети Никола, а другите Митровден[2].

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Костинци.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на истоимената општина.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1486 од изборната единица 5 според Државната изборна комисија, сместено во приватна куќа.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 33 гласачи.[16]

Културни знаменитости[уреди | уреди извор]

Стара македонска куќа во Рилево
Археолошки наоѓалишта[17][18]
  • Дол — осамени наоди од доцноантичко време;
  • Кале — тврдина од непознат период;
  • Мера — некропола од непознат период;
  • Калуѓери — црква од непознат период.
Цркви[19]
Чешма
  • Христијанска чешма

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Рилево

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Се знае за овие иселеници од Рилево: Михајловци и Ропановци живеат во Сливје. Нешковци живеат во Врбоец. Дишковци живеат во селото Карамани кај Битола. Две семејства од родот Домазетовци отишле во Прилеп. Во 50/60-тите години на XX век селото почнува да се иселува, голем број од луѓето заминуваат во Прилеп, Ѓорче Петров и Припор (Кисела Вода) во Скопје, но исто така заминуваат во странство. Така денес голем број на рилевци живеат во Австралија, пред сè во Мелбурн, но ги има и во другите градови. Исто така се имаат иселено и во Белград, во населбите Баново Брдо и Жарково[2].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 370–371.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски и аграрни обележја. Патрија. стр. 132.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 72-73.
  5. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.237.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.150-151.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 21.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2020.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 30 март 2020.
  16. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  18. Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеографска проучавоња, Београд 1998
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. „Веле Алексоски (биографија)“. Агенција за иселеништво на Р Македонија. Архивирано од изворникот на 2016-08-04. Посетено на 2016-10-03.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]