Стровија

Координати: 41°33′50″N 21°24′39″E / 41.56389° СГШ; 21.41083° ИГД / 41.56389; 21.41083
Од Википедија — слободната енциклопедија
Стровија

Панорама на Стровија

Стровија во рамките на Македонија
Стровија
Местоположба на Стровија во Македонија
Стровија на карта

Карта

Координати 41°33′50″N 21°24′39″E / 41.56389° СГШ; 21.41083° ИГД / 41.56389; 21.41083
Регион  Пелагониски
Општина  Долнени
Област Прилепско Поле
Население 24 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7507
Повик. бр. 048
Шифра на КО 20101
Надм. вис. 720 м
Слава Илинден
Стровија на општинската карта

Атарот на Стровија во рамките на општината
Стровија на Ризницата

Стровија — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка од Стровија

Стровија се наоѓа во крајниот северен дел на Прилепското Поле, а во таа насока и на територијата на Општина Долнени.[2] Според местоположбата Стровија е најсеверното село во Прилепско и котлината Пелагонија. Селото лежи на допирот помеѓу две зони на земјишта: јужно е рамно земјиште под обработливи површини, а северно лежи планинска падина под шума.[3] Оттаму, Стровија е ридско село на надморска височина од 720 метри.[2] Сместено е во подножјето на планината Даутица и низ него протекува Строшка Река. Највисоки врвови во селото се: Преслоп - 1066 м.н.в, Орешка Чука - 1644 м.н.в, врвот над Бачилана и Солишта - 1842 м.н.в и Клепало - 1843 метри надморска височина.[4] Околни села се: Гостиражни, Црнилиште и Долгаец. Водата за пиење се добива од две чешми и десет бунари. Стровија е село од збиен тип. Мала рекичка ја дели на два дела, од кои секој се нарекува „Преку река“.[5] Помали делови од селото носат родовски имиња како Срмановци, Поповци, Џарковци и др. Стровија има простран атар со голем број на потези и месности кој зафаќа простор од 25,9 км2.[2]

Роднинските куќи во селото се групирани. На рамничарското земјиште лежат следните потези: Гребиште, Преслап, Кула, Јакоа Ливада, Вилјачица, Смрдла, Лозја, Средни Ливади, Тапан, Башинец, Чука, Корија, Каменица, Свети Илија, Мали Лозја, Долги Слогови и Бара. Месности и потези на планинската падина се: Ќаве, Орешки Ливади, Скала, Езеро, Тињи, Клепа, Гоедарица, Србо Сено, Длага Орница, Кашкалиште, Стригарница, Солиште, Свињарник, Бачило, Присојница, Бојово Гумно, Кобелови, Орлово Седело, Жабинчишта, Круша, Мургоа Нива, Манастириште, Вилина Црква и Гропчеа Нива.[5] Според класификацијата на Министерството за локална самоуправа на Македонија, Стровија спаѓа во категоријата изразито неразвиени села.

Историја[уреди | уреди извор]

Глетка од селото Стровија

На атарот на Стровија постојат старини, кои укажуваат дека овде имало населба уште од дамнешни времиња. Под селото е месноста Чука, која е сега под ниви. Таму селаните наоѓале „гробишта и ќупови“. На западната страна на селото на местото Нови Лозја, наоѓани се „прстени и мали пари како петличиња (копчиња)“. Над Стровија, Секуловци откопале „голем ќуп со преклоп кој собирал еден товар жито“.[5] И кај црквата Свети Никола постојат стари „елимски“ гробови. Имајќи предвид дека тука била границата помеѓу древните антички македонски племиња Пелагонци и Линкестиди кои живеле на југ во Пелагониската Котлина и пајонските племиња кои живееле на север во долината на Бабуна, можно е тие остатоци да се античко-македонски или пајонски. Овие споменати старини според кажувањата на мештаните потекнуваат од поранешното население.

Манастириште е место на границата помеѓу Стровија и велешкото село Богомила. Таму нема никакви „знаци“ или остатоци. Свети Илија е место во полето, каде што постои еден крст. Друг крст, наречен Свети Никола е поставен на патот за Гостиражни. На западната страна е црквата посветена на Свети Илија изградена пред околу 100 години. Пред тоа тука имало стара црквичка. Околу црквата се гробиштата на селаните чии куќи се десно од реката. Северно од селото е црквиштето Свети Никола каде што се гробиштата на селаните чии куќи се лево од реката. Селска слава е Свети Илија – Илинден.

Глетка на маалото преку реката

По народното предание и традиција, Стровија е старо село. Некогаш тоа имало само три македонски христијански домаќинства – Поповско, Богевско и Калајџиовско. Од Калајџиовци нема потомци. Тие уште во време турско „се испустиле“. Јужно од Стровија се наоѓа големото албанско село Црнилиште. За време на турското владеење, земјиштето подолу од Стровија го заземале црнилишките Албанци.[5] Тие чинеле разни штети во Стровија: ги приморувале селаните да им обработуваат ниви, им забранувале да поминуваат низ Црнилиште, им ги береле овошките и лозјата и сечеле од шумата на планината. За време на турското владеење селаните на Стровија биле „рајати“, односно биле слободни и независни живеејќи на своја сопствена земја, а во селото немало чифлизи.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот Вилает (Vilayet-I Prilepe) под името Истрохија и имало 35 семејства, 3 неженети и 3 вдовици, сите христијани.[6]

До 1912 година, селаните од Стровија живееле „од стока“ (една куќа имала 20 до 100 овци), „со дрва“ (продавале греди во Битола и во другите села), потоа оделе на печалба во Србија и Романија каде „бичеле даски и работеле на патишта“.[5]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Уличка во селото Стровија

Населението во селото се занимава со полјоделство, сточарство и шумарство. Во селскиот атар преовладуваат шумите на 1.810 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 285 хектари, а на пасиштата 285 хектари. Според тоа, селото има полјоделско-шумарска функција.[2] Од земјоделските култури најмногу се одгледуваат: тутун, житопченица и пченка, кромид, пиперки, грав, лук и кромид. Од сточарството е застапено одгледувањето на крави, телиња, овци и кози за кои се направени и неколку нови фарми и бачила во непосредната околина на селото каде што се произведува сирење и други млечни производи. Поради изобилството од квалитетна и густа, дабова, букова и зимзелена борова шума, доста е развиено и шумарството односно сечата на дрво за огрев и градежништво. Голем проблем за селото претставуваат дрвокрадците. Во зградата на некогашното училиште на сретсело денес функционира планинарски дом, во чија непосредна близина (првата куќа) лево работи и продавница. До 1912 година, селаните од Стровија живееле „од стока“ (една куќа имала 20 до 100 овци), „со дрва“ (продавале греди во Битола и во другите села), потоа оделе на печалба во Србија и Романија каде „бичеле даски и работеле на патишта“.[5]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948772—    
1953785+1.7%
1961632−19.5%
1971400−36.7%
1981167−58.2%
ГодинаНас.±%
199175−55.1%
199475+0.0%
200235−53.3%
202124−31.4%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Строве (Strové) било село со 56 домаќинства и 232 жители Македонци.[7]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Стровија имало 434 жители Македонци.[8] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во селото имало 400 жители Македонци.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Стровија се води како чисто македонско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 63 куќи.[10]

За време на Првата светска војна, Стровија била вклучена во општина Костинци и имала 564 жители[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[12]

Според последниот попис од 2002 година, во селото живееле 35 жители, сите Македонци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 18 Македонци и 6 Срби.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 434 400 772 785 632 400 167 75 75 35 24
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови[уреди | уреди извор]

Стровија е македонско село.

Според истражувањата од 1950-тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Срмановци (16 к.), Николовци (10 к.), Кузмановци (9 к.), Поповци (9 к.), Спасовци (6 к.), Богоевци (4 к.) и Јанковци (2 к.) првите четири (4) рода потекнуваат од ист предок, и останатите три (3) рода исто така потекнуваат од ист предок. За овие родови преданието е дека се најверојатно староседелци.
  • Доселеници: Симоновци (13 к.), Амаловци (5 к.) и Марковци (3 к.) потекнуваат од ист предок, доселени доселени се од некое село во Порече; Ѓоргијовци (3 к.), Димчевци (3 к.), Џаркевци (11 к.) и Тркалевци (6 к.) доселени се, но не знаат од каде; Шоповци (3 к.) доселени се од некое село во Порече.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Во селото има планинарски дом којшто е сместен во објектот на некогашното основно училиште.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од Општина Костинци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1481 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[5][20]
Манастири[21]
Цркви[21]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Секоја година мештаните во Стровија го слави празникот Св. Илија (Илинден) на 2 август — ден кој е прифатен како селска слава.

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Собрани се податоци за следните иселени македонски родови од Стровија. Во соседното Црнилиште во педесеттите години на XX век живееле 12 македонски семејства од Стровија. Тие биле гранки на родовите: Џарковци, Симоновци, Шоповци и Николовци. Во Браилово се иселени три семејства од родовите Срмановци и Симовци[5]. Веселин се иселил во Забрчани, а повеќе (од две-три до триесетина) семејства се иселени во Прилеп. Поголем број на жители на Стровија се иселиле и во Скопје, и тоа во населбите Ѓорче Петров, Хром, Драчево и Лисиче.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија. стр. 289.
  3. 3,0 3,1 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 379–381.
  4. Илиев Попоски, Ристо (1993). Нешто за Стровија (Македонски јазик). Скопје: А.Д. ГИТ „Гоце Делчев“ - Скопје. стр. 13.CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина (српски). Београд: Српска академија наука и уметности. стр. 370–371.
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.75.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 72-73.
  8. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 244.
  9. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 21.
  11. „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София 1917“.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 24 април 2020.
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 3 ноември 2019.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академиjа на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
  21. 21,0 21,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 18. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]