Преродбена македонска музика

Од Википедија — слободната енциклопедија

Преродбената македонска музика е музика која се создавала во последниот век од отоманското владеење. Ова е епоха на македонската национална преродба.

Световна музика[уреди | уреди извор]

Музичката култура како дел од севкупната културна активност во Македонија за време за преродбата, условена од економската и општествено-политичката ситуација, зазема значајно место во процесот на осознавањето на Македонците и нивното поврзување со културните традиции на други, блиски и подалечни народи. Од музички аспект, во тој период, најинтересни се специфичните појави во домашното творештво и начините на неговата презентација.

Новите форми на музицирање во преродбенскиот период произлегуваат од богатството на фолклорниот идиом, од начинот на музичкото искажување кое нашиот народ со векови го негувал. Но токму во тоа време, се одигрува историската средба на двете естетски конвенции односно двата музички система, домашниот и западноевропскиот, што доведува до појавата на еден нов вид фолклорна материја или нови напеви, подоцна опфатени под поимот градски песни. Во рамките на таквите градски песни се продолжуваат содржини од другите историски периоди. На пример, во надоврзувањето на циклусот македонски епски, борбени песни, доаѓаме до илинденскиот циклус револуционерни песни што зборуваат за востанието и неговите учесници, со посебен акцент на Гоце Делчев. Идентичен е примерот со песните од подоцнежниот период на НОБ и револуцијата.

Градската песна се јавува како резултат на зголемените потреби на населението од нашите урбани средини за културна надградба, соодветна на општествено-економските услови, во сообразност со новите економски односи што се создаваат во градовите. Овој нов музички производ ги содржи автохтоните елементи на фолклорното подрачје, изменети под влијание на западноевропската раноромантичарска мелодика. Со текот на времето овој музички производ зафаќа дел од рустикалните фолклорно-музички простори. Процесот на ширење на градската песна е олеснет поради фактот што таа се јавува во неколку видови, нееднакво сродни со селската музичка традиција. Можеме да издвоиме три вида македонски градски песни:

  • Типично за голем дел од песните е присуство ориентализам(зголемена секунда и мелодиска орнаментика) внесени од музичката практика на муслиманското население;
  • Песни во кои се преплетуваат повеќе влијанија(елементи на старата селска традиција, ориентализам и европски влијанија во метро-ритмичките комбинации) кои се негуваат со популарните групи или тајфи, подоцна наречени трубадурски, меѓу кои охридските ансамбли заземаат значајно место;
  • Третиот вид градски песни од XIX век се потпираат најмногу брз западната романтичарска музика, задржувајќи во основа метро-ритмичка компонента на домашната традиција(„Билјана платно белеше“ песната за чие потекло постојат повеќе претпоставки, музичката анализа на најраспространетата варијанта зборува во прилог на констатацијата дека напевот е создаден во Македонија и датира од XIX век, поточно, од времето на пробивот на елементи на западноевропската музичка писменост и соодветниот начин на музичко обликување во нашата средина).

Значењето на градската песна за обновата, односно за новиот подем на македонското писмено творештво, од епохата на преродбата па натаму е многу големо за сите области на музичката култура. Градската песна добива карактер на основна музичка материја врз која се создаваат првите повеќегласни творби. Нејзината структура им соодветствува и на новоприфатените темперирани инструменти.

Во развиените европски земји, уште од почетокот на XIX век се разгорува интересирањето за народната уметност на сопствените и на други народи, што се изразува низ печатењето на збирки народни песни и други умотвроби и авторска уметничка обработка. Првите печатени примероци на македонската народна песна ја содржат само нејзината текстуална компонента. Интересирањето за нашата песна, кое започнува во 1815 година, со издавачката активност на Вук Караџиќ, Виктор И. Григорович. Во 1861 година браќата Димитрија и Константин Миладоновци, помогнати од бискупот Јосип Ј. Штросмаер, го издаваат во Загреб својот голем Зборник на македонски народни песни, приказни и други умотворби.

Мелографската дејност во Македонија не била доволно истражена. Кузман Шапкарев на кого му била позната фолклористичката и музиколошката активност на Фрањо Кухач, но и Марко Цепенков, со својата работа дале ситен поттик на своите современици, македонските мелографи од крајот на XIX век: Георги Смичков, Тодор Гавазов, Гиорги Л'жев, Александар Конев и други. Овие музички дејци во последната деценија на XIX век се публикувале многу македонски народни песни во софиските зборници за народни умотворби, со што придонеле за зачувување на македонското фолклорно богатство. Основните елементи на теоријата за мешаните сложени тактови првпат се поставува во рефератот на македонскиот композитор Атанас Бадев, изнесен во Софија во 1904 година. Авторот го предал рефератот со надеж дека ќе биде печатен, но текстот ненадејно исчезнал така што за него се дознава од самите искажувања на другите учесници.

Податоците за музичката дејност во македонските градови која била сконцентрирана околу училиштата и градските хорови се мошне оскудни и во голема мера се потпираат врз сеќавањата на некои учесници и интервјуа со луѓе кои ги пренесуваат своите сеќавања. Сепак, факт е дека во преродбенскиот период музичкото воспитување заземало се позначајно место. Интензитетот на наставата зависел од наставниците и нивната склоност кон музиката. Сепак, училишното музицирање е основа и поттик за идно формирање и работа на градските музички колективи, а со тоа и раздвижување на музичкиот живот. Песната во овој преродбен период е носител на определени социјални идеи и со одразен отпор кон грцизмот. Сепак не било ова пречка да се појават и драмски обиди на пример Јордан Хаџи Константинов-Џинот и со ликови од старогрчката митологија и историја.

Под влијание на туѓите пропаганди во школите се внесуваат нови песни од соседните земји, со што се менува насоката во музичкото воспитување во македонските преродбени училишта. Таа насока одново ќе дојде на преден план особено со дејноста на Атанас Бадев и други образовани музичари, кои со еден професионален однос кон музиката ќе внесат проверени вредности од западната музичка литература во програмите и во обработките на македонскиот народен мелос. Овие нови настани предизвикуваат нови револуционерни песни, во кои се опеани хероите на илинденскиот период и други историски ликови.

Од седумдесеттите години на XIX век се забележува поинтензивен музички живот во нашите градови низ дејноста на хорските друштва и инструменталните дружини. Особен напредок во усвојување на западноевропската музичка писменост има во средните училишта, гимназии и педагошки институции. Во поголемите градови се одвиваат музички настани во кои се забележува една симбиоза меѓу домашната традиција и западноевропското музичко обликување(Битола, Прилеп, Велес). И во други градови на Македонија под Отоманската империја се создаваат пунктови за музичка активност преку музички друштва.

Најистакнат професионален музичар во Македонија бил композиторот Атанас Бадев, роден во Прилеп 1860 година. Бадев се школувал во родниот град и во Солун, а по смртта на татко му фамилијата се преселува во Софија, каде идниот музичар завршува гимназија. Во 1879 година, младиот Бадев формира црковен хор во својот роден град за време на летниот распуст. По завршувањето на средното образование, идниот композитор заминува за Одеса, каде по желба на вујко му се запишал на физика и математика. По двегодишен престој, морал да се врати бидејќи неговиот вујко починал и немало кој да го финансира студирањето. Откако поминал извесно време во Македонија, Бадев заминува во Русија по втор пат, каде учи музика во едно московско училиште, потоа се префрла во придворна пејачка капела во Петроград, каде студира под грижата на видни музичари, меѓу кои и Николај Римски Корсаков и Милиј Алексиевич Балакирјев.

По школувањето во Русија, Бадев работи како наставник во Солун. Во годините поминати меѓу солунските средношколци, Бадев го дава најзначајниот придонес за напредокот на музичката култура во својата татковина. Тој организира и раководи училиштен хор, во чија програма внесува дела од руски и западноевропски композитори, како и сопствени творби и хармонизации на народни песни. Оваа дејност, која оставила видни траги на низа неговите ученици, била прекината во 1896 година, кога по бунтот на солунските гимназии дошло до преместување на наставниот кадар. Атанас Бадев бил преместен во Русе како наставник во машката гимназија. До крајот на својот живот, во 1908 година, рој се наоѓа во служба на неколку бугарски градови, обидувајќи се безуспешно да ја подобри својата материјална и општествена положба. Неговото најголемо остварување е Златоустовата литургија. Според сведоштвото на некои негови современици, Бадев предал збирка хармонизирани народни напеви за печатење во бугарското министерство за просвета, но ракописот не е најден.

Местото и значењето на Бадев во развојот на македонската музичка култура е најистакнато во областа на професионалната педагошка работа. Голем број негови ученици, со оформено музичко образование, даваат исто така значаен придонес за ширењето на музичката писменост и култура во Македонија. Работата на овие македонски музичари не е системски проучена, за мнозина од нив постојат само основни податоци. Ќе ги споменеме најпрвин двајцата истакнати ученици на Бадев: Никола Јанишлиев од Дојран, Иван Караџов од Горноџумајско. Јанишлиев, како еден од најталентираните ученици на солунската гимназија, свирел виолина и покажал голема способност за хорско диригирање. По завршувањето на средното студирал извесно време во Загреб природни науки. Неговите средношколски хорови во Скопје и во Битола биле најдобрите во Македонија. Познато е дека овој наш музички деец се обидел и во творештвото со компонирање на неколку духовни творби. Починал во Софија во 1924 година. Неговиот помлад брат Борис Јанишлиев со успех се занимавал со музичка педагогија, диригирал четиригласен хор, а основал во Дојран и оркестар составен од гудачки и дувачки инструменти.

Вториот ученик на Бадев, Иван Караџов, ја завршил пејачката капела во Петроград, во 1902 година и потоа станал наставник по музика во Солун. Хорот под негово раководство исполнувал дела претежно од руски композитори. Тој ги разучувал композициите со помош на пијаното. И самиот е автор на световни и духовни творби, а од него останале некои хармонизации на народни песни.

Христо Шалдев, автор на статијата во која пишува за Караџов, родум од Гуменце, и самиот бил познат музички деец, кој се школувал во Солун и Цариград, а потоа завршил духовна академија во Русија. Автор е на Псалтикијна литургија публикувана 1920 година, во Софија. Шалдев дал значаен придонес за развојот на хорското дело во Прилеп и во Солун, пред Балканските војни.

Во скопското педагошко училиште и во солунската гимназија работел како наставник Христо Николов од Радовиш, кој студирал музика во Франција. Како француски ученик, Николов разучил со своите хористи низа композиции од француски автори, што биле исполнувани на француски јазик.

Петар Попов(Поп-Блажев) од Скопје, учел музика во Прага, работел како хорски диригент во Македонија.

Никола Андонов, ученик на Бадев, предавал низ Македонија, а во 1898-1899 година, бил учител во с.Пирава, Валандовско.

Славка Андонова, Стефан Чернев, Петар Шерфов, Пано Илиев-Едров, Андон Тошев, Петар Михов и други се некои од имињата на работниците во тој период.

Во тоа време се формираат и првите оркестри како дувачкиот оркестар во Гевгелија под раководство на Агрир Манасиев Велешкиот оркестар под раководство на Кочо Матов Апостолов-Чаушот и други.

Исто така со текот на времето овие музички работници се пројавувале низ дејноста на низата градски музички друштва, како на пример друштвото Вардар од Скопје основано во 1907 година.

Духовна музика[уреди | уреди извор]

Како што световната музика за време на преродбата доживува крупни промени со навлегувањето на западноевропската музичка писменост и култура, така и црковното пеење кај нас во оваа епоха навлегува во нова етапа од својот развиток. Македонската духовна музика во XIX век добива нови вредности и во таа смисла се истакнуваат три основни моменти што влијаат врз развојот на црковното пеење. Првиот момент се однесува на усвојувањето на реформираното ромејско невматско писмо, Хрисантовата нотација во нашата црковна практика. Вториот момент, во зависност од претходниот, е внесување на елементи на градската песна во црковните творби на македонските автори на XIX век. Третиот момент претставува најголем чекор, со воведување на хорски диригенти во црковниот ритуал. Со исполнување на т.е. духовни концерти, претежно со дела од руски композитори, вокалните колективи внесуваат музичко-стилска хетерогеност во одвивањето на службата. Таа хетерогеност во македонската средина не била сфатена како негативен белег, туку како своевидно збогатување на ритуалот, како средба на традиционалното црковно пеење со нови видови духовна музика.

Сиот овој пресврт се одигрува во релативно кус период; за неговата реализација биле нужни школувани кадри во црковно-музичката практика. Во ќелијните училишта во тоа време, активноста била ограничена на елементарно изучување на писменоста, со помош на црковните книги се разјаснувале невматските знаци и се пееле извесни делови од Псалтирот и Октоихот. Со дејноста на поистакнатите учители од преродбениот период, таа состојба се менува. Особени заслуги за посистематско музичко описменување на црковните певци му припаѓаат на Наум Миладин. Братот на Димитрија и Константин, Наум, го оформил своето образование во духовната академија надвор од Македонија, каде имал можност да се запознае со римската духовна музика, а потоа како учител во Охрид, создал школа за изучување на црковното пеење и на Христановата невматска нотација. Во 1843 година, Наум Миладин напишал учебник по црковно пеење, на текст на грчки јазик, а пронајден е во 1864 година во Струга(и денес се наоѓа во приватната библиотека на Петар Чакар).

Речиси половина век пред активноста на Бадев и учениците кои станаа хорски раководители, од школата на Наум Миладин излезени се низа црковни певци, познавачи на невматското нотно писмо, така во македонските цркви се најдоа во тој период голем број школувани пејачи и автори на едногласни духовни творби. Од учениците на Наум Миладин ќе ги споменеме: Георги поп Христо Икономов од Струга, диригент на црковен хор и автор на грчко-словенски зборник за црковно пеење од 1853 година(ракописот се чува во НУБ Климент Охридски во Скопје).

Еден од истакнатите музички дејци е Иван Генадиев познат како Јоан Хармосин Охридски. Овој поет и музичар се школувал во родната Битола, потоа во Цариград и Атина. Автор е на збирка црковни напеви на црковно-словенски јазик, под наслов Псалхија, од 7869 година. Книгата содржи и седум лични творби на авторот.

Уште еден композитор на црковни напеви заслужува особено внимание по многустраност на интересирањето - стружанецот Крстан Санџакоски, замонашен како калистрат под чија редакција е издадено 1905 година во Света Гора, четириномно дело, Восточно црковно пеење од зографските певци.

Во ракописите на XIX век се споменуваат и други автори на црковни напеви како Илија Хаџи Димзов, монах од Прилеп; Василиј Младенов, свештеник од Битола; Димитар Златанов, градоборски црковен певец, родум од солунското село Градобар, од кого досега се познати две духовни творби.

Во крајот на XIX век се јавуваат сè повеќе духовни композиции за потребите на градските црковни хорови, во стилот на рускиот духовен концерт од XVIII и XIX век. Таквата е најзначајна композиција на Атанас Бадев - Златоустовата литургија, печатена во Лајпциг во 1898 година. Делото има доживеано голем број изведби од црковни хорови во повеќе македонски градови. Низ хорското ткиво на литургијата се гледа основата на дамаскиновото псалтикиско пеење и влијанието на рускиот духовен концерт. Авторот не можел да го одбегне влијанието на градската песна во периодот кога таа дефинитивно вклучува во себе елементи на раноромантичната мелодика.

Наводи[уреди | уреди извор]