Охридско лето

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Амблемот na фестивалот „Охридско Лето“

Ако се зборува за Фестивалот Охридско лето, сигурно е дека долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува кон сознание дека таа се потпира на нешто што навистина претставува голема традиција. А таа традиција извира од местото кое е дадено од бога, од градот Охрид – духовната престолнина на Македонија, градот на древноста, со волшебното сино езеро, град со долговековна културна историја со вредностите на античката цивилизација, градот со првиот сесловенски универзитет во Европа, градот на Самуиловото царство и најпосле градот – репрезент на целокупната македонска културна и духовна историја.

И затоа, не случајно во овој град-свето место, Господ требаше само да ја испрати својата благородна порака за да се означи почетокот на нешто што требаше да се случи тука. И тоа се случи во далечната 1961 година на 4 август, среде лето. Се случи да блесне искрата на светлината под чудесните сводови на преубавата катедрална црква Света Софија-дел од монументалните древни вредности на Охрид, од 11 век) Блесокот на таа искра го означи раѓањето, односно почетокот на манифестацијата, која најверојатно беше предодредена од Бога, како што исто така беше дадена и оперската певица Ана Липша Тофовиќ да го означи почетокот на еден фестивал кој подоцна ќе го носи официјалното име ОХРИДСКО ЛЕТО. Тој прв концерт на 4 август во Света Софија каде што прекрасниот глас на Првенката на Македонската опера како да беше нарачан за тој прекрасен амбиент со неверојатната акустика, дефинитивно ја потврди оправданоста на сите дотогашни настојувања и желби за да се дојде до тоа што Охрид бездруго треба да го има. Тој чин на концертно крштевање на Света Софија направен во миг на визионерско вдахновение на Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од неколку видни граѓани од Охрид и македонски културни работници покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација со комплексно значење. Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека Света Софија е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика Фестивал Охридско Лето.

Во првите фестивалски години во програмскиот концепт преовладуваше непосредната врзаност на Света Софија со вокалното музицирање, но се разбира со настојување пред се да биде обезбеден уметничкиот квалитет од една страна, а од друга страна грижата и потребата за застапеност на дела инспирирани од светото дело на браќата Кирил и Методи со што ќе се нагласи значењето на Охрид како лулка на словенската писменост. Во неколкуте први години на себеснаоѓање и профилирање на сопствената физиономија, Охридско лето силно се утврди како еден од стожерите на македонската културна традиција. Катедралната црква Света Софија, таа стара дама на Охридската Патрикана се повеќе се покажува како незаменлива и неповторлива сала за камерно музицирање, станувајќи притоа се попривлечна за многу уметници и ансамбли од светот. Почнаа да доаѓаат уметници со високо реноме во во тоа време, а меѓу нив : Владимир Ружѓак ( баритон од Хрватска), Мартина Аројо сопран од САД, Словенечкиот октет, Прашките музичари, прочуените Светски квартети Џулијард и особено Голден гејт квартет, македонските уметници Милка Ефтимова, Тодор Скаловски... Нивните настапи предизвикуваа одушевување, но во исто време и предизвик за други уметници од светот кои имаа желба да го видат тоа чудо што се вика Света Софија. Така, годините што следуваа, го означуваат можеби најзначајниот период во развојот на Фестивалот, период што битно ќе се одрази на натамошниот нагорен од на оваа манифестација. Тоа е периодот на легендарните Леонид Коган (руски виолинист, најдобар во светот во тоа време) и Андра Навара виолончелист од Франција, исто така еден од најдобрите во светот. Овие двајца виртуози на својот инструмент спаѓаат во групата уметници кои не се одвојуваа од Фестивалот се до својата смрт. Нивните концерти, било рецитали или како солисти со оркестри ќе останат регистрирани и вброени меѓу најквалитетните музички настани на Фестивалот и оставија посебен белег во фестивалската историја. Едноставно тие ги вградија својата уметност и својот творечки дух во Фестивалот. Нивната љубов и врзаност кон Фестивалот беше толку голема што тие со големо задоволство се зафатија и со педагошката дејност, одржуваа посебни музички семинари во рамките на Фестивалот што се покажа како многу корисна активност на Фестивалот бидејќи од тие курсеви произлегоа многу млади оформени музичари.

Фестивалот потоа стануваше се поинтересен, побогат и попривлечен за уметниците и ансамблите од светот. Така во тие години (70-те и 80-те) продефилираа многу уметници и ансамбли, од кои покрај домашните од тогашната Југославија и многу светски реномирани имиња чие учество придонесе за уште поголема фирмација на Фестивалот. Имињата на: Mстислав Ростропович, Алдо Чиколини, Гидон Кремер, Руџеро Ричи, Виктор Третјаков, Хенрик Шеринг, Салваторе Акардо, Елена Обрасцова, Катиа Ричарели, Викторија де лос Анхелес, Максим Венгеров, Вадим Репин, Џулиан Рахлин, Иво Погорелиќ и многу други вокални и инструментални солисти или пак од ансамблите како : Минхенскиот камерен оркестар, Камерниот Оркестар Виртуози ди Рома, Камерниот оркестар Жорж Енеску, Литванскиот камерен оркестар, Симфонискиот радио оркестар на Австриското радио, хоровите Мадригал од Букурешт,Глинка од Санкт Петербург, хорот на Виенските деца и други многу придонесоа за натамошниот раст на афирмацијата на Охридско лето.

Но во тие години, како што физиономијата на музичкиот дел од програмата се повеќе се зацврстуваше, паралелно со тоа се почувствува и потребата од истото за другиот програмски сегмент – театарот. А тоа од проста причина што древниот амбиент на Охрид со своите чудесни и податливи сценски локалитети, едноставно го привлекува режисерското око и волшебната игра на актерот. Така во првите години на фестивалот се почна со гостувањто на домашните ( македонските театри) со претстави од нивниот репертоар, за подоцна и овој програмски сегмент да ја доутвди својата физиономија и Фестивалот да стане примамливо собиралиште за многу гостувачки театри од светот а посебно од просторите на поранешната Југославија. Така, се случија врвни театарски остварувања со театри од највисок ранг од поранешните југословенски простори, но и со странски театри како на пр. oд Русија, Турција, Франција, САД, Холандија, Италија, Грција и др. земји. Прекрасните и атрактивни сценски простори во Охрид пак, ќе нудат нови можности, а тоа се првите фестивалски претстави кои се подготвуваат и прикажуваат премиерно на Фестивалот. Така на сцените во Предворје на Света Софија, Долни Сарај, Самуиловата тврдина, Св.Наум, Сараиште, Плаошник и др.се остварија театарски проекти за паметење (премиери или адаптации и одбрани репертоарски претстави) по текстови на домашни драмски автори или пак светските класици како што се: Шекспир, Чехов, Молиер, Гогољ, Брехт, Нушик, или пак старогрчките Софокле, Еврипид, Аристофан и т.н. Со осмислената физиономија и на театарската програма програма во 80-те години, Фестивалот веќе достигнува навистина импозантен подем што му дава за право да се смета за манифестација од светки рамки.

Својата зрелост како манифестација со високи уметнички вредности Охридско лето ја потврдува и заокружува во средината на 90-те години, поточно во 1994 год. Кога станува член на Европскиот сојуз на фестивалите со седиште во Женева. За прием во оваа голема и многу значајна асоцијација се бараа строги и високи критериуми. Охридско лето ги исполнуваше и со тоа стана рамноправна членка во семејството на европските фестивали. Тоа е големо признание не само за Фестивалот туку и воопшто за македонската култура. Се разбира, со влегувањето во оваа асоцијација, се отворија и други пошироки можности за делување од повеќе аспекти во развојната насока на Фестивалот, особено во програмскиот сегмент. Пред се, Фестивалот станува многу попознат во светот од една страна, а од друга страна се пружа поголема можност за непосредна соработка со елитните европски фестивали што ќе биде од голема корист за взаемна размена на проекти и искуства.

Доаѓа и 2000, 2001 година. Години во кои Фестивалот го добива она за кое мечтаеше одамна. Се открива локалитетот на Античкиот театар како најголем сценски простор. И тука во 2001 година со свеченото отворање на Фестивалот ( премиера на спектакуларниот драмски проект на И.Поповски Маседуан) се промовира најголемата и најатрактивна летна сцена со капацитет од околу 3000 посетители. Со овој сценски простор, несомнено, Фестивалот добива една друга димензија во насока на збогатување на своите програмски содржини. Посебно за содржините на свечените отворања кои бараат масовности и спектакуларност. Оттогаш, сите свечени отворања на Фестивалот се одвиваат на сцената на овој велелепен простор. Тоа го покажа незаборавниот премиерен проект Маседуан на Иван Поповски, а во наредните години следуваа и други спектакли како: Звездите на Руската опера и балет, концертот на светскиот Тенор Хосе Карерас и т.н.

Фестивалот Охридско лето, денес може да се каже дека навистина е среќен фестивал што го има градот Охрид, но и обратно: и градот е среќен што го има овој голем фестивал, а тоа морало да биде така бидејќи така било најверојатно предодредено. Се разбира во Република Македонија секогаш е присутна свеста за значењето на оваа врвна културна манифестација поради што Фестивалот и ја има севкупната поддршка од сите фактори во државата. Посебно поддршката од страна на Владата на РМ преку Ресорното министерство за култура, Претседателот на државата кој воедно е и Покровител на Фестивалот а исто така и значајната поддршка од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот.

Денес може да се каже дека Фестивалот Охридско лето претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Р.Македонија, Манифестација со која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин и Охрид и Република Македонија можат да се претстават во светот.