Прејди на содржината

Јован Јовановиќ-Змај

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јован Јовановиќ-Змај
Јован Јовановић Змај
Јован Јовановиќ - Змај
Роден/а24 ноември 1833
Починат/а3 јуни 1904
ПсевдонимЗмај
НационалностСрбин
Значајни дела„Трендафилчиња“, „Пејанија“
Сопруг/аРужа Личанин

Јован Јовановиќ-Змај (српски: Јован Јовановић Змај; Нови Сад, 24 ноември 1833 - Сремска Каменица, 3 јуни 1904) — српски писател, преведувач, новинар, академик и лекар, еден од најпопуларните детски писатели, кој се смета за родоначалник на српската поезија.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Куќата во која живеел Змај во Сремска Каменица

Змај е роден на 24 ноември 1833 г. (6 декември по грегоријанскиот календар) во Нови Сад. Гимназија учел во Салаш и Пожун (денес Братислава), а правни науки во Пешта, Прага и Виена. По студиите, тој работел како актуар (секретар) на новосадскиот магистрат.[1] Подоцна, во Виена завршил медицина, и како лекар работел во Футог, Панчево, Белград, Виена, Загреб. Едно време бил драматург на народниот театар во Белград, а ги уредувал сатиричните и детски весници: „Јавор“ (Нови Сад, 1862/63) „Змај“ (Нови Сад, 1864/1871), „Жижа“ (Панчево, 1871/1874), „Илустрована ратна хроника“ (Нови Сад, 1877/1878), „Стармали“ (Нови Сад, 1878/1889 и, „Невен“ (1880).

Змај бил оженет со Ружа Личанин, по чие име ја нарекол својата збирка „Трендафилчиња“ (турскиот збор „ѓул“ значи трендафил), а со која живеел среќен, мирен, идиличен брачен живот. Но, семејната среќа не траела долго: во период од десетина години му умреле жената и пет деца. Во 1872 умрела жена му.[2]

Неговиот последен напишан текст е всушност упатство за својот погреб, во кој напишал: „Денес умре чичко Јово. Порачајте погребни потреби од втора класа. Не ми требаат венци, погребот нека биде сосема скромен, и никако гробница. Дрвен сандак долг 1 метар и 72 сантиметри.“

Умрел во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.

Творештво

[уреди | уреди извор]
Корицата на збирката „Песни“, Рад, Белград, 1963.

Змај дебитирал со песната „Пролетно јутро“, и тоа како ученик во Пожун, во 1852 година. Песната била потпишана со псевдонимот „Осман“. Како поет, Змај се појавил во време кога српската поезија минувала низ тешка криза, и таканаречената „објективна лирика“ веќе била минато.

Ј.Ј. Змај зачекорил во српската книжевност во педесеттите години на 19 век: почнувајќи од 1852 година, тој започнал интензивно да ги објавува своите песни во списанијата „Летопис“, „Седмица“, „Фрушкогорка“ и „Невен“, најпрвин потпишувајќи се со псевдонимот Осијан. Првите негови песни биле под видливо влијание на Бранко Радичевиќ и на поетите собрани во „Славјанка“, но неговото поетско созревање траело кратко време. Во исто време, Змај го открил богатството на народната лирска поезија, а интензивно ги читал унгарските и германските поети, особено Петефи и Хајне. Со текот на времето, тој се запознал со речиси сите тогашни европски поети и веќе кон крајот на педесеттите години на 19 век го направил преминот од почетнички поетски обиди кон посериозни уметнички творби. Од тој период потекнува песната „Разговор со срцето“ (Разговор са срцем) која подоцна ја вклучил како воведна песна во збирката „Трендафилчиња“ (Ђулиħи). Веќе во 1860 година, Змај бил познат и ценет српски поет, а особено бил сакан од страна на младината, која неговите песни ги ставала на трето место, веднаш по народните и по Радичевиќ.[3]

Во текот на педесетгодишното творештво Змај напишал голем број песни, се занимавал и со преведување, а оставил и неколку прозни дела, како романтичниот расказ „Видосава Бранковиќ“ (Видосава Бранковиħ) и хумористичната игра „Крап“ (Шаран), кои не постигнале значаен успех. Неговото богато поетско дело може да се разграни на неколку тематски подрачја: како останатите романтичари, пеел за љубовта кон жената и кон татковината; својот општествен ангажман го изразил во политичко-сатиричните и во хумористичните песни; а посебен печат оставил со детските песни. Од неговата лирска поезија, најголема вредност имаат збирките „Трендафилчиња“ од 1864 година и „Овенати трендафилчиња“ (Ђулиħи увеоци) од 1883 година, кои се сметаат за негов лирски дневник на неговата љубов, семејна среќа и трагичната животна судбина. Блискоста со народната поезија особено се чувствува во неговите збирки „Снохватице“ и „Девесиље“, создадени меѓу 1895 и 1900 година.[4]

Збирката „Трендафилчиња“ обилува со душевна ведрина, спокојство и ведри стихови од типот на „Колку е убав овој свет...“. Основните одлики на оваа збирка се: отсуството на длабоки и силни возбудувања и на високи поетски излети; едноставноста на чувствата и на поетските изразни средства; идилично-старинска и реалистична интонација итн. Во таа смисла, Змај е поет со краток поетски здив, кој не е способен да одржи посилен емоционален интензитет преточен во подолга поетска творба. Како последица на тоа се забележува одредено повторување, па дури и шематизација на поетските слики и фрази. Таквите слаби моменти се забележуваат и во збирката „Трендафилчиња“ во кои често се среќаваат стихови, строфи, па дури и цели песни кои неприродно стрчат од хармоничната целина на збирката, а како послаби моменти се јавуваат и некои песни во кои тој извештачено парадира со српството и со Косово. Делумно, овие недостатоци се должат на фактот дека песните во оваа збирка биле создавани во подолг временски период.[5]

Настаната под влијание на големата семејна несреќа, збирката „Овенати трендафилчиња“ се одликува со посилна и поинтензивна лирика во споредба со „Трендафилчиња“. Притоа, Змај останал доследен на својот нагонски оптимизам и само во две-три песни тој се јавува како бајроновски бунтовник против Бога, природата и смртта. И оваа збирка била создавана во подолг временски период, така што постепено слабееле неговите болни чувства, со што целината на збирката делумно била разводнета со присуството на некои послаби песни.[6]

Посебно место во поезијата на Змај имаат неговите патриотски песни. Тој бил еден од основачите и главните луѓе на „Обединетата српска младина“ (Уједињена омладина српска), прогресивна организација чија цел била обединувањето на Србите и на Јужните Словени. Подоцна, од неа се родила Либералната народна партија (Либерална народна странка) на Светозар Милетиќ, а Змај бил нејзин верен следбеник и помагач. Во патриотската лирика, тој ги славел српството, славното српско јунаштво и борбата за слобода, но никогаш не западнал во тесен национален шовинизам. Од овие песни особено се истакнуваат: баладата „Три ајдуци“ (Три хајдука), „Српска мајка“ и „Светли гробови“, испеена по повод смртта на Ѓура Јакшиќ.[7]

Политичко-сатиричната поезија на Змај била поврзана со неговиот политички ангажман околу Народната партија на Милетиќ. Во тој поглед, Лаза Костиќ истакнува дека Змај бил поет на „Милетиќевата слава“, исфрлајќи ја познатата изрека дека „змејот го изеде славејот“. Сепак, политичката поезија на Змај не треба да се врзува само со политичката програма на Милетиќ, туку има и поширока платформа. Така, уште во 1852 година, за време на Баховиот апсолутизам, Змај пишувал слободарска поезија и ги преведувал слободарските европски поети. Исто така, Змај имал голема дарба за ефектна сатира со која ги исмејувал општествените недостатоци на своето време. Според Богдан Поповиќ, Змај поседувал сè што е потребно за добра сатира: дух, шега, иронија, зајадливост и лутина. Делувајќи како совест на своето време, Змај ги критикувал кралската власт, свештенството, европската дипломатија и „високата“ политика, итн.[8]

На пример, познати се неговите песни „Малиот Брцко“ (Мајушни Брцко), „Јутутунска јухахаха“ и „Јутутунска химна“ во кои ги критикувал апсолутистичките режими на кнезот Михаило и на кралот Милан при што, како убеден републиканец, тој ја исмеал и монархијата како државно уредување. Во „Од песните на еден игумен“ (Из песама једног игумана), тој го исмејува општествениот паразитизам и алчноста за пари на високото свештенство, додека во „Билдунг“ и во други песни на удар ги зема негативните појави во Војводина во неговото време, како: националното отуѓување, изопаченото сфаќање на животните вредности, помодарството на малограѓаните, духовната пустош итн.[9]

Најпосле, детската поезија на Змај со право се смета за дел од српското национално богатство. Таа била производ на неговата бескрајна љубов кон децата при што тој умеел да проникне во тајните на чистата детска душа и во патеките на детската фантазија, издвојувајќи ги важните детски одлики и создавајќи типизирани детски ликови кои ќе останат вечни. Во тие рамки, Змаевите детски песни обработуваат најразлични теми, како: хигиенски, здравствени и други поуки, песни за работата, патриотизмот, за младоста и староста, песни за минатото, за минливоста на времето итн.[10]

За творештвото на Змај се изречени бројни противречни судови. Така уште додека била жив, тој бил славен како голем поет и како бард на нацијата, но истовремено тој доживеал и тешки критики кои неговото творештво го сведуваат на обично стихотворство. Во тој поглед, може да се каже дека во морето стихови што ги создал има многу слаби моменти, но точно е и тоа дека во моментите на инспирација тој создал и дела со голема уметничка убавина, со кои си обезбедил трајно и високо место во српската книжевност.[11]

Постои сомневање дали Змај започнал со песните за деца поради потребите на времето, односно поради потребите на образовниот процес или од сосема лична причина. Тој рано останал без свои деца, па можно е оваа потреба да се јавила како еден вид компензација, неопходност да се пополни сопствената животна бездна. Сепак критиката е скептична по ова прашање. Поезијата на Змај ја суделе не само познати критичари, туку и прочуени педагози и политичари. Суделе и без претходна анализа. Ѓорѓе Натошевиќ, најугледен педагошки стручњак од она време кај Србите, песните на Змај ги нарекол „панаѓурски изработени“, а како пример ги посочил песните „Ветар“ и „Племица“, кои пак денес се меѓу најпопуларните Змаеви песни. Во писмото до Никола Вукичевиќ од 1 мај 1866 година, Натошевиќ испратил неколку песни на Змај предлагајќи да бидат објавени, но претходно дотерани од Петар Деспотовиќ.

Критиката смета дека неговата поезија за деца се наоѓа на самиот врв во светската поезија. Таа нагорна линија почнува од неговата песна „Гаша“, 1858 година, која е всушност препев на една песна од германскиот поет Рудолф Левенштајн. Митар Нешковиќ во статија од 1887 година му оддава признание на Змај како детски поет, но сепак му забележува што поезијата не ја систематизирал според педагошките принципи, т.е. што не се труди да создаде вистински и целосен кодекс на моралното воспитување. Коментирајќи го ова, д-р Божидар Ковачек вели дека професионалните педагози станале несензибилни за уметничките вредности и за вистинската порака на песните на Змај.

Коментирајќи ги иновативните постапки во детските песни на Змај, Бора Ќосиќ зборува за посебна интересна и поучна вештина која ја нарекува „змајологија“. Притоа, тој смета дека детската поезија на Змај спаѓа меѓу најдоброто во неговиот поетски опус.[12]

Во 1893 година се појавува критиката на Љубомир Недиќ, кој поезијата на Змај ја смета за највредно во неговиот поетски опус. Значајно е што критиката почнува сериозно да се занимава со овој вид творештво. Лаза Костиќ во 1902 година смета дека поезијата на Змај е „премногу мудро“ конструирана.

  1. Бора Ћосић, „Приручник из змајологије“, во: Јован Јовановиħ Змај, Краљевина Лаждишажди. Београд: Просвета, 1963, стр. 7.
  2. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 7-13.
  3. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 5-6.
  4. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 6-11.
  5. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 8-11.
  6. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 12-13.
  7. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 13-16.
  8. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 16-17.
  9. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 17-19.
  10. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 19-20.
  11. Васо Милинчевиħ, „Јован Јовановиħ Змај (1833 – 1904)“, во: Јован Јовановиħ Змај, Песме. Београд: Рад, 1963, стр. 20.
  12. Бора Ћосић, „Приручник из змајологије“, во: Јован Јовановиħ Змај, Краљевина Лаждишажди. Београд: Просвета, 1963, стр. 5-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]