Прејди на содржината

Бранко Гапо

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бранко Гапо
Роден Бранко Ивановски
5 ноември 1931
Тетово, денешна Македонија Македонија
Починал 18 ноември 2008(2008-11-18) (возр. 77)
Скопје, Македонија Македонија
Националност Македонец
Познат по режијата на:
Денови на искушение
Истрел
Најдолгиот пат
Време, води
Занимање режисер

Бранко Гапо (Тетово, 5 ноември 193118 ноември 2008) — еден од најпознатите, најплодните и најнаградуваните македонски кинорежисери. Со над 40 документарни и 7 играни филмови, како и со работата на драмски, телевизиски и радиопретстави, во период од над 40 години, тој е меѓу основоположниците на македонската кинематографија.

Младост и рана кариера

[уреди | уреди извор]

Роден е во Тетово, како Бранко Ивановски, во 1931 година. Со филм започнал да се занимава како аматер уште во училишните денови. Професионално се врзува за филмот во почетокот на 1950-тите години кога дебитира со прилози во Филмските прегледи (1951 година) на Вардар филм. Две години подоцна, во 1953 година, го реализира својот прв документарец „Мугри во полињата“. Во 1956 година Гапо се појавува со документарецот „Птиците доаѓаат“, една исклучително лирска репортажа, и со него го најавува својот извонреден сензибилитет за нурнување во корените на постоењето од кои ги излачува убавината, љубовта, болката, надежта, немирот.

Паралелно со реализацијата на документарни филмови Гапо асистира и на играни проекти кај режисерите Димитрие Османли, Франце Штиглиц и други, а од особено значење за неговиот подоцнежен ангажман во играниот филм е секако соработката со светски познатите синеасти Абел Ганс и Вилијам Дитерле. Во периодот 1961 - 1964 година Гапо во повеќе наврати има студиски престои во Париз каде што во Француската кинотека и во познатите париски студија ги дооформува своите знаења за филмската уметност.

Документарни филмови

[уреди | уреди извор]

Во документаристичкиот опус на Бранко Гапо, којшто брои повеќе од 40 филмови, особено се издвојуваат: „Птиците доаѓаат“ (1956), „Граница“ (1962), „Сонце на младоста“ (1961), „Помеѓу две разделби“ (1961), „Проштевања“ (1963), „Градот на Вардар“ (1961), „Последни номади“ (1964), „Патем“ (1966), „Лето Господово 67“ (1967), „По пат одам за пат прашам“ (1968), „Амен Сиам бут Рома“ (1976), „Козите... и друго по 10 години“ (1976), „Лето Господово 77“ (1978).[1]

Филмска критика

[уреди | уреди извор]

Работејќи практично со документарната филмска материја, Гапо, во 1950-тите и 1960-тите години се занимава и со филмска критика, објавувајќи рецензии, коментари, осврти и анализи во дневниот печат и во специјализираните списанија за уметност (Разгледи, Современост, Културен живот итн.).

Проза, театар, радио и телевизија

[уреди | уреди извор]

Немирниот и секогаш љубопитен дух на Бранко Гапо не се исцрпува и не се задоволува само со филмскиот медиум. Уште во 1950-тите години Гапо објавува раскази во „Млад борец“ и во „Разгледи“, во 1959 година е основач на првиот вонинституционален театар Естрада 59, режира повеќе театарски претстави меѓу кои и „Убавинита чекори сама“ (1975) според текст на драмскиот писател Томе Арсовски.

Во текот на својот творечки ангажман Гапо реализира и повеќе од 40 радио-драми. Работел за Македонската радио-телевизија каде, покрај поголем број музички и документарни емисии и повеќечасовни шоу програми, Гапо реализира и повеќе ТВ драми: „Бамји“ (според Димитар Солев), „Некаде морам да те чекам“ (според Петре М. Андреевски), „Делби“ (според Бранко Пендовски), „Самотија“ (според Ордан Добревски), итн.

Од останатите ТВ остварувања посебно се издвојуваат, заради својот врвен квалитет, две дела: „Лабин и Дојрана“ (колор телевизиски игран филм-балет според музиката на Трајко Прокопиев) и „Ордан Петлевски“ (долгометражен телевизиски документарен филм за творештвото на сликарот Ордан Петлевски).

Играни филмови

[уреди | уреди извор]

Сето ова акумулирано искуство неминовно доведе и до незапирливиот порив на Гапо - играниот филм. Во рамките на македонската кинематографија Бранко Гапо го има досега (2008 година) најбогатиот филмски игран опус (6 играни филмови) при што недвојбено се наметнува и сознанието за широката лепеза на темите и времињата сместени во неговите филмови.

Филмовите на Бранко Гапо своевремено ја промовираа македонската кинематографија на разни фестивали во земјите на речиси сите континенти во светот.

За неговата успешност во филмската сфера говорат и бројните меѓународни награди и признанија:

  • 1962 Фестивал на Југословенскиот Документарен и Краткометражен Филм, Белград, Трета награда за режија - „Граница“
  • 1964 Прва меѓународна смотра на фолклорни и етнографски филмови на балканските народи, Почесна диплома - „Последни номади“
  • 1969 Филмски Фестивал Загреб, Диплома - „Животот во рацете на секундата“
  • 1969 Фестивал на Југословенскиот Игран Филм, Пула, Специјална диплома за режија - „Време без војна“
  • 1972 Меѓународен Филмски Фестивал, Авелино, Сребрен медал - „Време без војна“
  • 1976 Фестивал на Југословенскиот Игран Филм, Пула, Голема сребрена арена за филм - „Најдолгиот пат“

Покрај тоа, добитник е и на државните награди „11 Октомври“ за најдобра камера и „13 Ноември“ за најдобра режија за филмот „Време без војна“, кој се смета за негов најуспешен филм. Голем број на награди имаат добиено и неговите филмови „Најдолгиот пат“ и „Истрел“.

Во 1997 година Бранко Гапо ја добива највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело.

  1. „Branko Gapo“. IMDb. Посетено на 4 февруари 2023.