Ариш
Ариш | |
---|---|
Европски ариш (Larix decidua) | |
Научна класификација | |
Царство: | Растенија |
Оддел: | Четинари |
Класа: | Четинари |
Ред: | Боровидни |
Семејство: | Борови |
Род: | Ариш Mill. |
Видови | |
околу 10–14; во текстот |
Ариш (науч. Larix) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Расте во висина од 20 до 45 м[1] и природно вирее во подрачјата со посвежа континентална клима на северната полутопка — во ниски предели на север и на планините во појужните краишта. Ова дрво е меѓу најзастапените видови во пространите тајги на Русија и Канада.
Во Македонија аришот е доведен во 1950-тите и e застапен со два вида: европски ариш (L. decidua) и јапонски ариш (L. kaempferi).[2]
Иако е четинар (иглолисно дрво), аришот е листопаден. Има два вида изданоци (наречени „леторасти“): долгорасти, со големина од 10–50 см и неколку пупки и краткорасти, долги само 1–2 мм со по една пупка. Листовите се иглести, тенки (помалку од 1 см) и долги 2–5 см. Се развиваат единечно, со наизменична распореденост кај долгорастите, и во густи снопови од 20–50 иглички на краткорастите. Кон крајот на есента, игличките пожолтуваат и паѓаат, со што дрвото презимува голо.
Шишарките се мали и исправени, со должина од 1–9 см, по боја зелени или виолетови, и узреваат 5–8 месеци по опрашувањето. Околу половина од видовите, шишарките имаат плодни лушпи кои се долги и забележливи, а кај другата половина истите се скриени меѓу покривните. Оние од северните краишта имаат мали шишарки (1–3 см) со мали лушпички, додека појужните видови имаат подолги (3–9 см), со издадени плодни лушпи.
Видови и класификација
[уреди | уреди извор]Постојат 10–15 вида; означените со ѕвездичка (*) не се насекаде прифатени како посебни видови. Видовите генетски се делат на евроазиски и северноамерикански, а должината на плодните лушпи не е изворна разлика, туку само приспособување на различните климатски услови. Евроазиските пак, се делат на северни видови, кои имаат кратки плодни лушпи и јужни видови, со долги плодни лушпи;[3] Сибирскиот ариш останува спорен, бидејќи некои стручњаци сметаат дека треба да се стави во долголушпената група иако има кратки плодни лушпи.
Евроазиски
[уреди | уреди извор]Северни (кратколушпести)
[уреди | уреди извор]- европски ариш (Larix decidua, syn. L. europaea) — Планини во средна Европа
- руски ариш (Larix sukaczewii)* — Русија, западно од Урал
- сибирски ариш (Larix sibirica — рамници во западен Сибир
- Гмелинов ариш (Larix gmelinii, syn. L. dahurica = даурски ариш) — рамници во западен Сибир
- Кајандеров ариш (Larix cajanderi — рамници во источен Сибир
- јапонски ариш (Larix kaempferi, syn. L. leptolepis) — планини во средна Јапонија
- Принц Рупрехтов ариш (Larix principis-rupprechtii — планини во северна Кина (Шанси, Хебеј)
- олгински ариш (Larix gmelinii var. olgensis) — понекогаш се смета за посебен вид, Larix olgensis[4]
Јужни (долголушпести)
[уреди | уреди извор]- кинески ариш (Larix potaninii) — планини во југозападна Кина (Сечуан, северен Јунан)
- хималајски ариш (Larix himalaica)* — планини во средишниот дел на Хималаите
- Мастерсов ариш (Larix mastersiana) — планини во западна Кина
- јунански ариш (Larix speciosa)* — планини во југозападна Кина (југозападен Јунан), североисточна Бурма.
- сикимски ариш (Larix griffithii, syn. L. griffithiana) — источни Хималаи
Северноамерикански
[уреди | уреди извор]- американски ариш (Larix laricina) — делови од Алјаска, ширум Канада и северните краишта на САД од источниот дел на Карпестите Планини со атлантскиот брег
- алпски ариш (Larix lyallii — планини на севрозападот на САД и југозападна Канада, на многу голема надморска височина
- западен ариш (Larix occidentalis) — планини на северозападот на САД и југозападна Канада, на помала надморска височина
Видовите можат да се вкрстуваат при одгледувањето. Најпознат хибрид е данкелдскиот ариш (Larix × marschlinsii), создаден истовремено во Швајцарија и Шкотска со заедничко заседување на европскиот и јапонскиот ариш.
Со ариш се хранат ларвите на повеќе видови на пеперутки.
Поврзано
[уреди | уреди извор]-
Сибирски ариш
-
Машки (горе) и женски (долу-десно) шишарки на јапонскиот ариш
-
Зеленило и шишарки на европскиот ариш
-
Машки цветови на европскиот ариш
Заболувања
[уреди | уреди извор]Аришот е подложен на габичната болест аришов рак (Lachnellula willkommii). Ова особено се случува во услови на мраз во доцна пролет, кога дрвата претрпуваат мали оштетувања, кои прават доволни отвори за навлегувањето на спорите на габата.
Друго позначајно заболување од кое страда аришот е оомицетниот патоген нагол дабов помор (Phytophthora ramorum). Откриен е во 2009 г. кај јапонскиот ариш во грофовиите Девон, Корнвол и Сомерсет во Англија.[5] Во август 2010 г. заболувањето е забележано кај истиот вид во Вотерфорд и Типерери во Ирска.[6]
Употреба
[уреди | уреди извор]Дрвената граѓа на аришот се цени заради нејзината жилавост, водоотпорност и трајност. Граѓата со највисок квалитет и без јазли е на цена во изградбата на пловила, надворешност на куќи и за ламперија и дрвени плочи. Ова дрво не гние во земја, па затоа е погодно за огради и диреци. Хибридот данкелдски ариш е мошне застапен во стопанските насади во северна Европа, и брзиот раст и отпорноста на болести.
Во минатото се користел и во билкарството.
Во средна Европа, аришот важи за еден од најдобрите материјали во изградбата на куќи. Се садел на меѓи заедно со брезата, и обата вида се користеле во кремирање на покојниците.
Аришот е застапен во одгледувањето на бонсаи подари привлечноста на јазлестата кора, малите иглички и есенската боја. За оваа цел се користат европскиот, јапонскиот и американскиот ариш.
Занимливости
[уреди | уреди извор]- Дирекот што се користи во дициплината фрлање дирек (tilgeil a'chabair/caber toss) на Горските игри во Шкотска е направен од ариш. Има должина од околу 6 м и тежина од 80 кг.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Rushforth 1986
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „“. Македонска енциклопедија. , книга . Скопје: МАНУ. стр. 81. Text "series " ignored (help)
- ↑ Semerikov & Lascoux 1999; Wei and Wang 2003, 2004; Gros-Louis et al. 2005
- ↑ „Larix olgensis“. GRIN. Министерство за земјоделство на САД.
- ↑ Нагол дабов помор (Phytophthora ramorum) Архивирано на 1 јануари 2015 г. — Комесаријат за шумарство на Велика Британија (англиски)
- ↑ http://www.agriculture.gov.ie/press/pressreleases/2010/august/title,45756,en.html
- Gernandt, D. S. & Liston, A. (1999). „Internal transcribed spacer region evolution in Larix and Pseudotsuga (Pinaceae)“ (PDF). American Journal of Botany. Botanical Society of America. 86 (5): 711–723. doi:10.2307/2656581. JSTOR 2656581. Архивирано од изворникот (PDF) на 2009-09-27. Посетено на 2013-06-21.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- Gros-Louis, M.-C., Bousquet, J., Pâques, L. E., & Isabel, N. (2005). Species-diagnostic markers in Larix spp. based on RAPDs and nuclear, cpDNA, and mtDNA gene sequences, and their phylogenetic implications. Tree Genetics & Genomes 1 (2): 50–63. Извадок[мртва врска]
- Rushforth, Keith (1986) [1980]. Bäume (II. изд.). Bern: Hallwag AG. ISBN 3-444-70130-6.
- Semerikov, V. L., & Lascoux, M. (1999). Genetic relationship among Eurasian and American Larix species based on allozymes. Heredity 83: 62–70.
- Wei, X.-X., & Wang, X.-Q. (2003). „Phylogenetic split of Larix: evidence from paternally inherited cpDNA trnT-trnF region“. Plant Systematics and Evolution. 239: 67–77. doi:10.1007/s00606-002-0264-3.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)[мртва врска]
- Wei, X.-X., & Wang, X.-Q. (2004). „Recolonization and radiation in Larix (Pinaceae): evidence from nuclear ribosomal DNA paralogues“. Molecular Ecology. 13 (10): 3115–3123. doi:10.1111/j.1365-294X.2004.02299.x. PMID 15367124.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Ариш“ на Ризницата ? |
- Ерл, Кристофер Џ., уред. (2011). „Ариш (Larix)“. База на голосеменици. (англиски)
- „Ариш“ — Енциклопедија на живиот свет
|