Црква „Св. Петка“ - Побожје

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Света Петка
Црква „Св. Петка“ - Побожје.jpg

Поглед на црквата

Македонска православна црква
Епархија Скопска
Архијерејско намесништво Северноскопско
Местоположба
Координати 42°6′54″N 21°25′41″E / 42.11500° СГШ; 21.42806° ИГД / 42.11500; 21.42806Координати: 42°6′54″N 21°25′41″E / 42.11500° СГШ; 21.42806° ИГД / 42.11500; 21.42806
Населено место Побожје
Општина Чучер-Сандево
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Света Петка
Изградба XII век
Живопис 1500
Архитектонски опис
Портал „МПЦ“

Света Петка — главна селска црква во скопското село Побожје.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа во самото село, веднаш до самото основно училиште.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Историските податоци навестуваат дека црквата постоела од средниот век.[2] Се претпоставува дека била подигната во втората половина XII век.[3]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата претрпела повеќе интервенции во своето вековно постоење. Така, најпрвин била подигната како еднобродна градба со петтострана апсида на источната страна, полукружно засводена. Својот денешен изглед со трибродна диспозиција го добила со доградувањето на триделната припрата во 1855 година, кога првобитната црква се нашла како централен брод.[3]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Според зачуваниот натпис над десниот прозорец од внатрешната страна дознаваме дека живописот бил завршен во 1500 година.[3]

Сепак, во црквата се сретнуваат фрагменти од живописи од различни периоди. Така, на крајот од нишата, под фреската со ликот на Свети Никола, се наоѓаат фрагменти (од уста и нос), насликани со интензивна боја и со изразит графицизам карактеристичен за втората половина на XII век. Друг живопис наоѓаме и на јужната фасада, кој потекнува од XIV век.[3]

Живописот во наосот бил насликан во две фази. Карактеристично за овој живопис е тоа што сликарот насликал толку светители колку што имал донатори и покрај секој светител е забележано, кој го дарил тој лик и потекнува од втората половина на XV век. Две или три децении од почетокот на живописувањето на наосот бил ангажиран еден друг сликар, кој го довршил живописот на горните зони од ѕидовите и сводот со средствата на сите селани, како што се истакнува на натписот од 1500 година. На сводот на црквата е сликан Исус Христос од Вознесението, Пантократор и една иконографска реткост - Емануил со крилја. Живописот во црквата Св. Петка, според стилските карактеристики ги следи решенијата на времето во кое настанал.[3]

Фрескоживописот бил конзервиран во текот на 2016 година со конзерваторски зафати направени од Националниот конзерваторски центар на Македонија, поддржани со финансиски средства од страна на Министерството за култура на Македонија.[4]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Црквата поседува иконостас од XVI век, кој бил со еден ред икони и царски двери. Денес, истиот тој иконостас е вклопен во иконостасот изработен околу 1880 година.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (ed.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 Trifunoski, Jovan F.; Трифуноски, Јован Ф. (1971). Skopska Crna gora : prirodna sredina, prošlost, naselja, stanovništvo i privreda : (sa skicama, fotografijama i kartom) = Skopska Crna Gora : antropogeographische Forschungen. Skopje: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. OCLC 637308591.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 "ЦРКОВНАТА ТРАДИЦИЈА ВО СКОПЈЕ И СКОПСКО ОД IV ВЕК ДО ДЕНЕС (2- дел)". preminportal.com.mk. Посетено на 2020-02-26.
  4. "Фреските во Побожје добија нова светлина". Religija. Посетено на 2020-02-26.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]