Прејди на содржината

Царска Бара

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Царска бара)
Специјален резерват на природата „Царска Бара“
МСЗП —живеалиште/подрачје под управа со видови)
МестоСрбија
Најблизок градЗрењанин
Површина4.726
Воспоставен(а)1955. година
Управно телоСрбија

Специјален резерват на природата „Царска Бара“ — резерват на природата кој се наоѓа на територија која лежи помеѓу три града: Белград, Нови Сад и Зрењанин; меѓу реките Тиса и Бегеј. До него може да се дојде по автопатот, кога на седумнаесеттиот километар од Зрењанин кон Белград ќе се сврти десно преку реката Бегеј. 

Особености

[уреди | уреди извор]

Царска Бара е мрежа на водени екосистеми, со делови од трска, рогоз, врбини шуми и степи. Низ просторот на Царска Б ра минува мрежа од реки, канали, езера и бари, а боите се менуваат од сина езерска преку зелена и кафена боја на шумите до бледо-жолта и бела на степските предели. На овој простор порано имало многу поголеми мочуришта. Денес на овој простор има меандри на Стариот Бегеј кои ја намалиле мочуришната површина и кои денес сѐ повеќе се наведнуваат кон речното корито.

Растителниот свет е исклучително богат и плени со својата убавина и раскош. Има бројни домородни видови од кои некои се ретки. По својата значајност од водените растенија се издвојуваат: водениот гриз, водната папрат, белиот лотус, а други чести растенија се и ајдучката трева, слезот, пелинот и ливадската жалфија. Од мочуришната вегетација чести се: трските, рогозот, барската перуника, водениот зумбул, иѓирот и други. Шумските површини заземаат значаен дел од резерватот. Бројните стебла чии врвови се исушени се одлични места за создавање на јата на штркови и чапји, кои ги користат за набљудување на околината и за полесно полетување при лов на риби во езерата и барите.

Поглед од патеката на здравјето

Богатството на флората е проследено со голема биоразновидност и на фауната. Овде може да се најдат дивата свиња, срната, лисицата, зајакот, водениот стаорец, разни видови на лилјаци, смрдливецот, ежот, кртот, ласицата, хрчаци, барската желка, змијата белоушка, зелената жаба, сивиот гуштер, шарениот дождовник и други. Во водите на Стар Бегеј живеат 24 вида на риби кои припаѓаат на 16 различни фамилии

Ова место се има здобиено со светска слава поради присуството на околу 240 видови на птици. Затоа овој резерват е прогласен за Рамско подрачје, т.е. наведен е во списокот на мочуришта од меѓународно значење. Од ретките птици можат да се видат: белоопашестиот орел, блатната еја, ливадската еја, чапјата лажичарка и неколку видови на соколи.

Во оваа оаза на флора и фауна, човекот е присутен од пред 6000 години, за што постојат археолошки докази во околината на Мужије и Тител. Раната историја ја обележал хунскиот водач Атила, а низ вековите низ ова подрачје поминувале Бугари, Романци, Германци, Унгарци, Турци и Срби.

Секоја година тука се собираат планинарите од разни земји на средби под покровителство на планинарите од Зрењанин. 

Царска Бара

Пределот за првпат бил заштитен од државата во 1955 година. Поширока просторна заштита на подрачјето на Стар Бегеј и на Царска Бара беше воведена во 1986 година.

На предлог на експертите од Заводот за заштита на природата на Србија, Владата на Република Србија ја прогласи оваа област за Специјален резерват на природата Стар бегеј-Царска Бара.

Резолуцијата за прогласување на Специјалниот резерват на природата "Царска Бара", беше објавена во "Службен Весник на РС" Бр 46/2011 од 24.06.2011. година, со што беа заштитени 4.726 хектари на површина под I, II и III степен на заштита.[1]

Галерија

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]