Ливадска еја

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ливадска еја
Monties.jpg
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Соколовидни
(или Јастребовидни)
Семејство: Јастреби
Род: Еи
Вид: Ливадска еја
Биномен назив
Circus pygargus
(Linnaeus, 1758)
Зелено: размножување
Сино: зимување
Возрасна женка

Ливадска еја (науч. Circus pygargus) — граблива птица преселничка од фамилијата на јастребите. Ја има во Македонија.


Опис[уреди | уреди извор]

Разликата меѓу половите кај ливадската еја е особено изразена во перјето. Возрасните мажјаци се карактеризираат со нивната севкупна бледо сива боја на пердувите спротивставени со црните краеви на крилјата. За разлика од другите еи овој вид има карактеристични црни ленти по должината на секундарните пердуви, и над и под крилјата, и 'рѓосани ленти на стомакот и слабините. Возрасните женки, пак, имаат во голема мера слични пердуви на степската и полската еја. Одоздола се претежно светли, жолто-кафеави, стомакот со надолжни ленти а крилјата со точки. Горните делови се целосно темно кафеави, освен белиот корен на опашката („задницата“), и малку посветите централни делови на крилјата. Младенчињата се слични со женките, само немаат линии и точки на стомакот и крилјата, туку се црвеникавокафеави одоздола.

Ливадската еја е релативно мала грабливка, иако изгледа поголема заради големите крилја, долга е 43-47 см (само опашката е 16-18), со распон на крилјата 97-115 см. Мажјаците тежат во просек 265 г, а женките 345 г. Тие имаат особено грациозен лет, со моќно и елегантно замавнување на крилјата што оддава впечаток на лебдење со леснотија.

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Овој вид е распространет во поголемиот дел наз ападниот палеарктик. Во повеќето европски земји постои барем мала популација, освен во Норвешка каде што не е присутна. Опсегот се протега кон Далечниот Исток, Урал, на запад до Португалија и на југ до северниот дел на Африка, до Мароко. И покрај тоа што има широка распространетост, оваа птица не е честа во многу области, а најголема популација има во Франција, Шпанија, Русија, Белорусија и Полска. Местата за размножување може да се променат и прошират надвор од познатиот опсег, но сепак јасни се знаците на намалена популација и пад.

Овој вид живее во претежно умерена клима, но исто така и на Медитеранот или во посеверните краишта. Иако има примери на вгнездување до 1500 метри надморска височина, оваа еја во суштина е низински вид, и гнезди најмногу во ливади, широки речни долини, рамнини, и на крајбрежјата на езера и мориња. Може да живее и во влажни, мочурливи места, иако тие често се помали и посуви отколку оние што ги користи полската еја. Исто така, користи вресишта, дини, пустари и степски живеалишта. Ако ни едно од овие живеалишта не ѝ се достапни, оваа еја ќе се насели на земјоделски фарми, каде што е ранлива заради бербите. Меѓу нив, ги избира особено пасиштата и нивите со житни култури како што се: пченицата, јачменот, овесот и репката. Во Западна Европа, и до 70 проценти од популацијата живее во вештачки живеалишта.

Возрасен мажјак

Миграција[уреди | уреди извор]

Ливадската еја е преселничка на долги релации. Птиците од Евроазија мигрираат во супсахарна Африка, а оние од источните делови на опсегот се селат на Индискиот Потконтинент. Во Европа, првото заминување започнува на почетокот од август, а повеќето се заминати во средината на октомври. Патуваат опфаќајќи широк опсег преминувајќи го Медитеранот од различни страни. Во Африка се хранат претежно со инсекти и птици, а најмногу со скакулци.[2]

Малечки еи при преместување

Пролетното враќање започнува во април, а речиси сите се вратени во мај. Има докази дека едногодишните младенчиња остануваат првата сезона во зимските живеалишта.

Лов и исхрана[уреди | уреди извор]

Исхраната на ливадската еја се состои главно од мали глодари, мали птици, змии, како и големи инсекти. Храната зависи од местото на живеење; на север обично јаде верверици и зајаци, а на југ глодари и инсекти.[3]

Пленот го лови летајќи ниско по определена маршрута со мала брзина (30 км/ч), што е типично за еите. За време на сезоната на парење, мажјакот ѝ носи храна на женката, а потоа и на младенчињата. Тоа се случува 5-6 пати дневно, а за време на инкубацијата 7-10 пати. Типично за еите е мажјакот да и ја дофрли храната на женката додека летаат, тој горе, таа подолу. Мажјакот опфаќа поголема област за лов, над 12 км, а женката лови во близина на гнездото, околу 1 км далечина и тоа само откако ќе се испилат јајцата.

Однесување и размножување[уреди | уреди извор]

Ливадската еја може да живее осамено, но и во колонии, и во и вон сезона на парење. Парот кој се размножува може да се вклучи во мала колонија од триесетина гнезда, понекогаш во близина од 10 м. Ова полуколонијално гнездење не е заради недостаток на место, туку повеќе заради подобра одбрана од предаторите.[4] Местото за гнездење го бранат обата родитела во опсег од 300-400 м, а кога се во колонија, одбраната може да биде заедничка. Размножувањето започнува кога птиците ќе се вратат од миграција, кога и двајцата започнуваат со додворување. Покажувањето содржи разни варијанти на летање, небесни игри, акробатски фигури, зависно од поединецот. Двата пола се покажуваат, испуштаат силни звуци, но мажјаците тоа го прават почесто и поспектакуларно.

Размножувањето на ливадската еја започнува на возраст од 2-3 години, но понекогаш едногодишни женки може да почнат да гнездат. Обично тоа е со истиот партнер секоја година. Гнездото го гради женката во високата вегетација. Тоа е проста конструкција направена од трева која се користи само една сезона. Женката несе 3-5 јајца, кои ги квачи 27-40 дена. Младенчињата го напуштаат гнездото по 28-42 дена, а стануваат независни по две недели. Мажјакот може да биде полигамен и да има две женки со две легла, кои ги храни или истовремено или последователно.

Стаус[уреди | уреди извор]

Бројот на парови во западниот палеарктик е околу 35.000–50.000, а глобалната популација се проценува на околу 150.000 до 200.000 поединци. Бројот на еите е намален со модерното земјоделие и употребата на пестициди кои ги трујат и нив и нивниот плен. Покрај општиот негативен тренд има случаи каде популацијата им се зголемува, како на пример во Шведска и Германија.[5] Овие случаи покажуваат дека ако им се овозможат животна средина која им одговара и доволно храна, тие лесно можат да се прилагодат и размножуваат. Во западна Европа 70% од еите се размножуваат во земјоделски фарми, особено насадени со житарки. Тоа ги прави ранливи и зависни од заштитата на гнездата. Разни организации партиципираат во заштитата на гнездата, во соработка со сопствениците на земјата. Гнездата или се дислоцираат или се создаваат заштитени простори околу нив каде нема да бидат вознемирувани.[6] Во Франција и на Пиринејскиот Полуостров, просечно 60% од гнездата се заштитени на овој начин.[7] Статусот на ливадската еја, по овие мерки за заштита е во категоријата на најмала загриженост.

Наводи[уреди | уреди извор]

Фусноти[уреди | уреди извор]

  • Cramp, S. and Simmons, K.E.L. (eds) (1980) The Birds of the Western Palearctic, Vol. II, Oxford University Press. ISBN 0-19-857505-X
  • Gensbøl, Benny (1989). Collins guide to the Birds of Prey of Britain and Europe North Africa and the Middle East, William Collins Sons and Co Ltd. ISBN 0-00-219176-8

Литература[уреди | уреди извор]

Forsman, Dick (1995) Field identification of female and juvenile Montagu's and Pallid Harriers Dutch Birding 17(2):41-54

Надворешни врски[уреди | уреди извор]