Татјана Петрушевска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Татјана Петрушевска
Татјана Петрушевска
Роден(а)22 јуни 1967
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Починал(а)11 октомври 2022 (55 години)
Белград, Србија
НационалностМакедонка
ПолињаМеѓународно јавно право, меѓународни односи и право на Европската унија
УстановиПравен факултет „Јустинијан Први“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
ОбразованиеПравен факултет „Јустинијан Први“ - Скопје, Правен факултет при Универзитетот во Белград

Татјана Петрушевска (Скопје, 22 јуни 1967Белград, 11 октомври 2022) — правник, универзитетски професор по меѓународно јавно право, право на меѓународните организации, право на меѓународните трибунали, дипломатско и конзуларно право, мултилатерална дипломатија, мултилатерална дипломатија и Организацијата на обединетите нации, право на Европската унија, заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија и надворешна политика на Европската унија и на Соединетите Американски Држави на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитетот „Св. Кририл и Методиј“.

Има публикувано повеќе од 250 научни и стручни трудови во домашни и странски стручни списанија на теми од областа на меѓународното јавно право и правото на Европската унија и учествувано на многубројни меѓународни конференции, тркалезни маси и семинари на разновидни теми од областите што се предмет на нејзин непосреден интерес. Од јуни 2012 година била и надворешен соработник на адвокатската канцеларија – Попески.

Биографија и образование[уреди | уреди извор]

Родена е на 22 јуни 1967 година во Скопје, каде го завршила своето основно и средно образование. Средното образование го завршува во Средното економско и правно училиште „Борис Кидриќ“ (денешно СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“ - Скопје). Високото образование го завршува во 1990 година, димломирајќи со просечна оцена десет, како студент на генерација и втор најдобар студент во аналите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, при „Универзитетот Свети Кирил и Методиј“. Во 1995 година ја брани својата магистерска десертација со највисока оцена на Правниот факултет при Универзитетот во Белград. Со титулата доктор на науки се стекнала во 1998 година, докторирала со највисока оцена на тема „Европската унија: од надворешнополитичка соработка до заедничка надворешна и безбедносна политика“ на Правниот факултет при Универзитетот во Белград. Избрана е за асистент во 1993 година, за доцент во 1998 година, за вонреден професор во 2003 година и за редовен професор во 2008 година за научната област меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Била надворешен член на Белградскиот центар за човековите права (1996 година) и член на политичкиот тим за преговори околу Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Заедница (2000 година).[1] Објавила повеќе од 250 научни и стручни трудови од областа на меѓународното и европското право. Одлично ги говорела англискиот, италијанскиот, рускиот, хрватскиот и српскиот јазик. Проф. д-р Татјана Петрушевска била извонреден оратор и ретор, секоја година била задолжена за свеченото отворање на ораторските вечери во чест на проф. д-р Иво Пухан кои се одржуваат секоја година во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, при „Универзитетот Свети Кирил и Методиј“, исто така, секоја година земала учество и во улога на ментор на студентите - оратори. Освен како извонреден професор, предавач, оратор и ретор, запаметена е и по својот впечатлив и уникатен моден стил. Важела за голем филантроп и хуманист. При отворањето на дваесеттата ораторска вечер во чест на проф. д-р Иво Пухан во декември 2016 година, ќе изјави: „Човек може да биде идеален во областа која ја покрива, може да биде добитник на Нобелова награда, меѓутоа, ако не е пред сè и над сè добар човек, сето друго, сите високи дострели и огромни достигнувања во голема мера паѓаат во вода“. Проф. д-р Татјана Петрушевска покрај сите професионални и научни достигнувања се занимавала и со хуманитарна дејност. Била член на организацискиот одбор, а воедно и еден од основачите на Здружението на граѓани за лица со дисфункции, хендикеп, ретки болести и посебни потреби „Дајте ни крилја“ од Скопје, заедно со нејзината пријателка, македонската пејачка Ребека Јанковска - Ристески која е актуелен претседател на здружението.

Професионален растеж[уреди | уреди извор]

Смрт[уреди | уреди извор]

По долго боледување и борба со канцер на 55 годишна возраст починала на 11 октомври 2022 година во Белград.[3] Веста за смртта на проф. д-р Татјана Петрушевска со јавноста ја сподели нејзината блиска пријателка, македонската пејачка Ребека Јанковска - Ристески во соопштение објавено на друштвената мрежа фејзбук. Последен поздрав упатија и вработените на Правниот факултет „Јустинијан Први“ истакнувајќи: „Со заминувањето на проф. д-р Татјана Петрушевска, Правниот факултет изгуби почитувана колешка и особено ценета пријателка, извонреден интелектуалец, посветен наставник и одличен педагог. Ќе останат во вечно сеќавање нејзиниот богат творечки опус, професионализмот карактеристичен за нејзината работа, ведрината и позитивната енергија со која зрачеше и хуманиот однос кон студентите и вработените на факултетот“. Издавајќи некролог во весникот Слободен печат од проф. д-р Татјана Петрушевска се прости и нејзината долгогодишна колешка и пријателка проф. д-р Елена Градишки - Лазаревска наведувајќи: „Спомените за тебе ќе ги чувам со пиетет“. Проф. д-р Татјана Петрушевска е погребана на 13 октомври 2022 година на градските гробишта - Бутел во Скопје. Комеморативна седница во нејзина чест е одржана на 12 декември 2022 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА - проф. д-р Татјана Петрушевска (Tatjana Petrusevska)“.
  2. „Надворешен советник - проф. д-р Татјана Петрушевска (Tatjana Petrushevska)“.
  3. „Почина проф. д-р Татјана Петрушевска: Беше редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје“.