Случај Вања

Од Википедија — слободната енциклопедија
Вања Ѓорчевска
Сликата искористена за потрагата на Вања
Роден(а)Вања Ѓорчевска
27 февруари 2009(2009-02-27)(15 г.)
Скопје
Причина за смртубиство
Тело откриено3 декември 2023 г.
НационалностМакедонка
ДржавјанствоМакедонија
ОбразованиеЈ.Х. Песталоци
Занимањеученичка
Висина175 см
Тежина58 кг
Родители
  • Александар Ѓорчевски (татко)
  • Зорица Ѓорчевска (мајка)

На 3 декември 2023 година било пронајдено безживотното тело на 14-годишната Вања Ѓорчевска во близина на Скопје, во атарот на селото Бразда, заедно со уште едно тело на 74-годишниот маж Панче Жежовски, во близина на Велес. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во мигов е во полициска станица. Претходно, во врска со кривичните дела било пронајдено опожарено возило цитроен и по извршени вештачења обезбедени биле материјални докази за учество на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во согласност со јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.[1]

Од спроведените истражни дејствија утврдено било дека и двете убиства биле извршени од истите лица, чиј повод бил „користољубие“. Исто така, од спроведените оперативни мерки било утврдено дека малолетничката В.Ѓ. била земена со возило од влезот на нејзиното живеалиште, а од обезбедените информации од распитот утврдено било дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10:00 часот наутро. Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, биле преземени мерки и дејствија за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје бил формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје.

Извршени биле претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени биле мобилни телефони, сметачи, возило и др., извршени биле бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица што би можеле да имаат каква било информација, а во истражните дејства секојдневно биле вклучени неколку стотини полициски службеници што работеле исклучиво на овие случаи. Увид на двете местоположби каде биле пронајдени телата на исчезнатите извршиле јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени биле наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветно утврдување. Исто така, издадени биле наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете местоположби.[2]

Заднина[уреди | уреди извор]

Вања Ѓорчевска, 14-годишна ученичка во „Ј.Х. Песталоци“ во Скопје, исчезнала во понеделникот, на 27 ноември 2023 г. наутро околу 7:25 часот, на пат кон училиштето. За нејзиното исчезнување јавноста ја информирала нејзината мајка Зорица Ѓорчевска, која споделила драматичен апел на Фејсбук дека ќерката ја нема и побарала помош од граѓаните. Повикот на мајката бил широко споделуван од граѓаните, кои загрижено, цела недела будно го следеле развојот на настаните и истрагата на полицијата во врска со исчезнатото девојче.[3]

Била висока 175 см, тежела 58 кг, имала темнокафеава коса, кафеави очи, носела протези и имала бемка на десната страна од лицето. Облечена била во син блузон, црна јакна, црни фармерки, бели патики со кафеави линии, а со себе носела училиштен ранец и телефон — марка ајфон.[4]

Настан[уреди | уреди извор]

Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издале наредби за претреси на повеќе места, обезбедување снимки од видеонадзор, наоѓање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзан со настанот. Сослушани биле лица што би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот бил расчистен во однос на осомничените сторители и нивните поводи. По завршување на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка. Воедно, наспроти претпоставките и дезинформациите според кои овој случај имал етничка заднина, било посочено дека сите осомничени биле од македонска етничка припадност, соопштил МВР.[2]

Како двете неповрзани исчезнувања довеле до исти сторители[уреди | уреди извор]

Соседски долг од 500 евра бил првичниот повод на настаните што завршиле со две грабнувања и две убиства, настани што во прв поглед воопшто не биле поврзувани меѓу себе. Но на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски обелодениле детали за сторителите, кои ги нарекле „Монструми“, но и за начинот на кој, како што рекле, се извршени овие „грозоморни кривични дела“.

Сѐ започнало на 22 ноември 2023 г. кога во Велес исчезнал Панче Жежовски (74), за своите сограѓани познат фризер. Тој не кревал на телефонските повици од неговата ќерка, па таа за исчезнат го пријавила во СВР Велес на 24 ноември, а информацијата следниот ден ја објавила и на друштвените мрежи каде што пишува и дека е исчезнат заедно со неговиот автомобил цитроен. Според министерот Оливер Спасовски, потрагата по овој човек веднаш била започната.

Но само неколку денови подоцна, на 27 ноември на шеесетина километри подалеку од Велес, во центарот на Скопје е пријавено второ исчезнување. Утрото во 8:35 часот мајката на малолетничката Вања Ѓорчевска во полиција пријавила дека нејзината ќерка излегла во 7:20 од домот во Дебар Маало, но не стигнала на училиште. Некаде околу пладне на друштвените мрежи го објавува ликот на девојчето, и моли за помош. Во 11 часот во полициска станица пријавил и таткото на Вања, Александар. При тоа според министерот Спасовски, таткото рекол дека ништо не знае освен дека девојчето не се појавило во училиште. Дел од овие детали веќе биле познати за јавноста, но откако на 3 декември МВР привел петмина осомничени, тројца од нив признале вина и пред обвинителите ја раскажале хронологијата на случувањата и причините за нив.

„Нивните искази, гледам дека имаат една хронологија што е прилично јасна. Според исказите, жртвата од Велес имала должничко доверителски односи со еден од осомничените. Му бил сосед и му должел 500 евра и така е избран како жртва за да се земе колата цитроен, која пак била потребна за грабнување на детето што се случило подоцна“

—Гаврил Бубевски, шеф на Скопското обвинителство

Според исказите на осомничените, откако го убиле Жежовски, го закопале во околината на Велес и по нивните сведочења, на 3 декември било пронајдено и неговото тело.

Улогата на таткото на убиената Вања и неговата поврзаност со убиецот[уреди | уреди извор]

Сведочењето на уапсените отвора сомнеж што води и до таткото на убиената Вања Ѓорчевска. Тие тврделе дека од убиецот дознале кога и каде ќе биде девојчето, а тој пак ова го знаел токму од кажувањата на нејзиниот татко. Наводно вечерта пред грабнувањето веќе ги имале деталите за времето кога Вања ќе оди на училиште и дека таа ќе биде сама. Рано утрото ја пречекале во влезот на нејзината зграда.

„Двете од лицата што биле со возилото цитроен, а по претходна информација од вечерта пред извршување на грабнувањето знаеле дека девојчето ќе биде само и во колку часот ќе излезе од дома. Во влезот во зградата го грабнуваат и со врзани раце и нозе го ставаат во вреќа за спиење и го ставаат во гепек. Пред возилото се наоѓа друго возило „Рено кангу“, кое цело време се движи пред нив и така е однесено на место надвор од Скопје. Според сведоците, таму е извршено и убиството и е запалено возилото цитроен.

Оливер Спасовски

Сепак обвинителот Бубевски рекол дека освен тврдењата, сѐ уште нема јасни индиции за неговата улога во грабнувањето на Вања. Не сакал да навлегува ниту во детали за тоа како живеело семејството поради чувствителноста и преголемата болка за изгубената ќерка. Сѐ уште се истражува и неговата врска со убиецот. А, според досегашните сознанија и во двата случаи се работи за еден ист убиец. Дел од осомничените чувале стража, дел биле сведоци на убиствата, но само еден бил извршител. На новинарско прашање дали и во двата случаи убиецот е Љупчо Палевски-Палчо, одговорот бил потврден — Љупчо Палевски бил убиецот на Вања Ѓорчевска. Љупчо Палевски-Палчо во последно време во јавноста повторно станал сегашен како основач на партијата „Десна“. Претходно влегол во бизнисот со градежништво, основач е на неделник, а во имал и свој поткаст „Тешки муабети“ на протускиот портал Инфомакс. Имал неколку прекршочни пријави и една кривична на која МВР сѐ уште работи, но за него немало посебни истражни мерки.

Во саботата утрото полицијата уапсила двајца велешани и еден штипјанец за кои обвинителството доцна вечерта побарала 48-часовен притвор и бил изречен од Кривичниот суд во Скопје. За организаторот и осомничениот за убиствата, на 4 декември рекле дека ја напуштил земјава на 30 ноември заедно со својот адвокат. Заминал за Белград од каде се упатил кон границата со Бугарија и ја преминал, каде и му се губи трагата. Бидејќи сѐ уште нема отворено истрага, за него нема меѓународна потерница, но Спасовски тврдел дека се известени соседните земји. Од МВР информирале дека доцна вечерта и таткото на девојчето бил повикан во полициска станица каде дал исказ.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „ВАЊА ПРОНАЈДЕНА МРТВА“. Сакам Да Кажам. 2023-12-03. Архивирано од изворникот 2023-12-03. Посетено на 2023-12-03.
  2. 2,0 2,1 „Пронајдено безживотното тело на Вања Ѓорчевска“. Независен Весник. 2023-12-03. Архивирано од изворникот 2023-12-03. Посетено на 2023-12-03.
  3. Угриновска, Соња Христовска (2023-12-03). „Вања пронајдена мртва, убиена е неколку часа по грабнувањето“. Слободен печат. Архивирано од изворникот 2023-12-03. Посетено на 2023-12-03.
  4. Вечер (2023-11-28). „Висока 175 см., со протези, во син блузон и црна јакна: МВР ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица | Вечер ...1963 | Vecer MK“. Архивирано од изворникот 2023-12-03. Посетено на 2023-12-03.
  5. „Девојчето Вања жртва на „алчност за пари", јавноста во шок“. Радио Слободна Европа. 2023-12-04. Архивирано од изворникот 2023-12-04. Посетено на 2023-12-04.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]