Осаменост

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Осаменост од Ханс Тома ( Национален музеј во Варшава )

Осаменост — непријатно чувство при кое личноста чувствува силна празнина и самотија, која е резултат на несоодветни социјални врски. Осаменоста исто така може да се опише како психолошка болка, која е всушност психолошки механизам наменет да ја алармира личноста за нејзината изолација и да ја мотивира да бара нови значајни социјални врски.

Осаменоста се преклопува, но сепак се разликува од самотијата. Самотијата е состојба да се биде одвоен од другите; не секој што е сам се чувствува осамено. Како лична емоција, осаменоста може да се почувствува дури и кога личноста е опкружена со други луѓе. Осамен е оној што се чувствува осамено. Причините за осаменоста се различни. Тие вклучуваат социјални, психолошки, емоционални и еколошки фактори.

Истражувањата покажаа дека осаменост има во сите пори на општеството, вклучително и кај луѓето во брак и меѓу луѓето со успешна кариера. Повеќето луѓе чувствуваат осаменост во одерден период од животот, а некои ја чувствуваат пречесто. Ако емоцијата е краткотрајна, осаменоста може да биде корисна; го поттикнува зајакнувањето на односите. Од друга страна, хроничната осаменост во принцип се смета за штетна, со бројни студии во кои се заклучува дека е значаен ризичен фактор кој влијае на менталното и физичкото здравје.

Причини[уреди | уреди извор]

Томас Волф, кој во често цитиран пасус изјави: „Целото убедување на мојот живот сега почива на верувањето дека осаменоста, далеку од тоа да биде ретка и љубопитна појава, е централниот и неизбежен факт на човековото постоење“. [1]

Егзистенцијални[уреди | уреди извор]

На осаменоста долго време се гледало како на универзална состојба која, барем во умерена мера, сите ја чувствуваат. Според ова стојалиште, неизбежен е одреден степен на осаменост бидејќи поради ограничувањата во животот невозможно е постојано да се задоволува вродената потреба за дружење. Томас Волф во своето дело „Божјиот осамен човек“ наведува дека секој си замислува дека е осамен на посебен начин, уникатен за личноста, и дека секој еден поединец понекогаш страда од осаменост. [1] [2]

Културни[уреди | уреди извор]

Културата е причина за осаменост од два типа. Емигрантите може да патат од осаменост поради тоа што им недостига културата од родниот крај. Некои студии покажаа дека овој ефект е изразен кај студенти од азиските земји (во кои има колективна култура), кога ќе одат да студираат на универзитети во земји од англиско говорно подрачје (кои се карактеризираат со индивидуалистичка култура.[3]

Културата е причина за осаменост и во смисла дека западната култура ја поттикнува осаменоста, уште од времето на просветителството кога почнало да се фаворизира индивидуализмот пред традиционалните вредности од живеење во заедница.[2] [4] [1]

Немање соодветни меѓучовечки односи[уреди | уреди извор]

Поради бројни причини како: воспитувањето, традициите, проблеми со менталното здравје, некои поединци не можат да воспостават нови односи со други луѓе, или тоа го прават со големи потешкотии. Сите овие фактори се занемарувани од стандардните медицински или психолошки совети кои препорачуваат да се запознавате со пријатели, да поминувате време со семејството и да се дружите. Но, ова не е секогаш возможно бидејќи некогаш личноста нема со кого да се поврзе, или пак ги нема потребните вештини и знаење за поврзување и продолжување на дружењето. По одредено време, личноста може да се обесхрабри или да развие апатија од бројните обиди, неуспеси или отфрлања предизвикани од недостатокот на меѓучовечки вештини.

Прекинување на врската[уреди | уреди извор]

Осаменоста често се јавува како последица на раскинување на врската или загуба на саканата личност. Загубата на значајна личност во животот обично ќе предизвика жал и тага; во ваква ситуација, личноста може да се чувствува осамено, дури и ако е во друштво. Поради одење на друго место за работа или школување може да се појави осаменоста затоа што се нарушува социјалниот круг, а понекогаш и во комбинација со носталгија.[1] [4]

Ситуациски[уреди | уреди извор]

Разни ситуации и настани можат да предизвикаат осаменост. На пример, екстровертна личност која сака да се дружи е многу веројатно дека ќе се чувствува осамено ако живее во место со мала густина на население, и со помалку луѓе со кои може да комуницира. Некои настани, од кои обично се очекува да ја ублажат осаменоста можат да ја поттикнат или засилат. На пример раѓањето (ако има значителна постпородилна депресија) или по стапување во брак (особено ако бракот е нестабилен, ги нарушува претходните врски со пријателите или студени емоции меѓу партнерите). [1] [4]

Типови[уреди | уреди извор]

Два главни типа на осаменост се друштвена и емоционалната осаменост. Ова разграничување е направено од Роберт С. Вајс во 1973 во неговото дело: Осаменост: Искусувањето на емоционална и друштвена изолација. [5] Вајс смета дека „двата типа на осаменост треба независно да се испитуваат, зошто задоволувањето на потребата за емоционална осаменост не може да биде противтежа на друштвената осаменост, и обратно“. [6] [3]

Друштвена осаменост[уреди | уреди извор]

Друштвена осаменост е осаменоста што луѓето ја чувствуваат затоа што немаат широка друштвена мрежа. Често сметаат дека не се членови на заедницата или дека немаат пријатели или сојузници на кои ќе се потпрат во тешки времиња.[5] [3]

Емоционална осаменост[уреди | уреди извор]

Недостатокот на цврсти односи, кои се негуваат долго време, со други луѓе предизвикува емоционална осаменост. Вајс својот концепт за емоционална осаменост го поврза со теоријата на приврзаност. Луѓето имаат потреба длабоко да се приврзат за некого. Тоа може тоа да се блиските пријатели, но почесто се членовите на семејството, како родителите, а подоцна и животниот сопатник. Во 1997 година, Енрико ДиТомазо и Бери Спинер ја поделија емоционалната осаменост на романтична и семејна осаменост.[3] [7]

Семејна осаменост[уреди | уреди извор]

Семејната осаменост е кога поединците чувствуваат дека немаат блиски врски со членовите на семејството.

Романтична осаменост[уреди | уреди извор]

Романтична осаменост (која се јавува само кај адолесцентите и возрасните) е немањето на немаат блиска врска со романтичен партнер. Психолозите тврдат дека посветувањето во романтична врска е критична развојна задача за младите луѓе, но исто така е и задача што многумина ја одложуваат до доцните 20-ти или подоцна. Луѓето во романтични врски пријавуваат помалку осаменост од луѓето кои не се во врска. [8] [3]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Vivek Murthy (2020). Together: The Healing Power of Human Connection in a Sometimes Lonely World. Harper Wave. стр. 103–113, 255–62, 185–281, passim. ISBN 978-0062913296.
  2. 2,0 2,1 John G. McGraw (2010). Intimacy and Isolation. Rodopi. стр. 107–149. 417–420. ISBN 978-9042031395.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Ami Sha'ked; Ami Rokach, уред. (2015). „3,4, 9,12, 16“. Addressing Loneliness: Coping, Prevention and Clinical Interventions. Psychology Press. ISBN 978-1138026216.
  4. 4,0 4,1 4,2 Fay Bound Alberti (2019). A Biography of Loneliness: The History of an Emotion. Oxford University Press. стр. 1–40, 61–83. ISBN 9780198811343.
  5. 5,0 5,1 Weiss, R.S. Loneliness: The Experience of Emotional and Social Isolation; The MIT Press: Cambridge, MA, USA, 1973.
  6. Loneliness at Universities: Determinants of Emotional and Social Loneliness among Students, Int. J. Environ. Res. Public Health 2018, 15(9), 1865; https://doi.org/10.3390/ijerph15091865, by Katharina Diehl, Charlotte Jansen, Kamila Ishchanova and Jennifer Hilger-Kolb
  7. O'Súilleabháin, Páraic S.; Gallagher, Stephen; Steptoe, Andrew (2019). „Loneliness, Living Alone, and All-Cause Mortality: The Role of Emotional and Social Loneliness in the Elderly During 19 Years of Follow-Up“. Psychosomatic Medicine. 81 (6): 521–526. doi:10.1097/PSY.0000000000000710. ISSN 0033-3174. PMC 6615929. PMID 31094903. |hdl-access= бара |hdl= (help)
  8. Lesch, Elmien; Casper, Rozanne; van der Watt, Alberta S. J. (2016). „Romantic relationships and loneliness in a group of South African postgraduate students“. South African Review of Sociology (англиски). 47 (4): 22–39. doi:10.1080/21528586.2016.1182442. ISSN 2152-8586.