Беспокојство

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Анксиозност)
Беспокојство
Биста на римскиот цар Дециј Трајан, Капитолски музеи. Изразот на лицето му укажува на беспокојство и измореност, како човек со голема [државничка] одговорност."[1]
СпецијалностПсихијатрија, Клиничка психологија, Психотерапија Уреди на Википодатоците

Беспокојство или анксиозност — чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Беспокојството се пројавува преку повеќе физички и психички симптоми што се доживуваат како многу непријатни, а често се јавува во комбинација со други болести, особено со депресија. Според некои процени, дури 10 % од населението страда од некој облик на беспокојство.[2]

Споредба меѓу стравот и беспокојството[уреди | уреди извор]

Поимот беспокојство често се поистоветува со поимот страв. Но, постојат разлики што произлегуваат:

  • од изворот на опасноста која се заканува да го наруши телесниот, психичкиот и социјалниот интегритет на личноста
  • од времетраењето

Се мисли дека кај стравот опасноста е рационална, бидејќи објектот или појавата свесно се воспримаат и можат да се утврдат, додека кај беспокојството не постои свесно воспримен предмет или извор на појавата што предизвикува опасност. Изворот на опасноста е во чувството на очекувањето да се случи нешто непријатно, нешто опасно. „Неограничените можности за замислување на идните појави“, како што велат Креч и Крачфилд, ни пружат непресушно „гориво“ за беспокојство. Но, изворот на опасноста може да биде и во самата личност. Што се однесува до времетраењето кое ги прави различни стравот и беспокојството, се мисли дека стравот редовно трае кратко и исчезнува во моментот кога заплашениот ја совладува или ја избегнува опасноста. Беспокојството по правило е долготрајна и таа се повторува почесто, независно од просторот и времето. Според Х. Инглиш и А. Инглиш, беспокојството е една непријатно емоционална состојба, во која една сегашна и непрекината силна желба или нагон изгледа веројатно дека ќе ја промаши својата цел; тоа е спој од страв со исчекување на идно зло. Неизвесниот исход (на пр. од натпреварот), е главна причина за трепет, страв, загриженост, возбуденост се само врв од брегот кој не се гледа, бидејќи има свои корени во самосвеста (self-concept) и во самооценувањето, а се пројавува во несигурноста, во губењето на самодовербата. Личности коишто постојано чувствуваат некој неодреден страв, кои премногу се загрижени за секојдневните случувања и се под постојан притисок, најверојатно страдаат од беспокојство. Стравот и беспокојството се реакции на опасност, но во случајот со стравот опасноста е јасна, објективна, додека во случајот со беспокојството е скриена и субјективна.
Речиси секој човек во одреден период од својот живот почувствувал напнатост, нервоза или пак страв како нормална реакција на некоја стресна ситуација. Потиштеноста и стравот секогаш постоеле и тие се важен дел на човековото постоење. Нормалните стравови и повремената потиштеност ни помагаат да ги избегнеме непријатните и опасни ситуации. Стравот секогаш е врзан за некој одреден објект и ситуација, додека беспокојството е неодредено емоционално доживување. Во беспокојството она што е закана за личноста е помалку очигледно, па затоа говориме за т.н. „лебдечки страв“. Кога стравовите и потиштеноста, претераната загриженост ќе почнат да доминираат и управуваат со нечиј живот, кога го нарушуваат семејниот, друштвениот и професионалниот живот, тогаш веќе станува збор за сериозно анксиозно пореметување.

Симптоми на беспокојството[уреди | уреди извор]

Психолошките симптоми на беспокојството се претерана плашливост и загриженост, чувство на внатрешна напнатост и немир, ослабена концентрација, раздразливост, зголемена чувствителност на бучава, лесно заморување, слаба меморија која често е резултат на намаленото внимание и концентрација. Телесните симптоми на анксиозноста се забрзана работа на срцето, тешко дишење, чувство на недостаток на воздух, стегање во градите, сува уста, потешкотии во голтањето („кнедла во грлото“), зголемено потење на дланките, често мокрење, вртоглавица, „пеперутки“ во стомакот, болки во мускулите, ослабена сексуална желба, треперење на целото тело. Присутни се и пореметувања во однесувањето: чувство на блокираност, преувеличување на доживувањата, тешкотии во спиењето во смисла на несоница, често будење или пак ноќни кошмари.

Ако кај една личност се присутни повеќето од овие симптоми повеќе од шест месеци, најверојатно таа личност страда од тревожно пореметување. Возрасните со ова нарушување често се загрижени за секојдневниот живот, за одговорностите на работното место, финансиите, за здравјето на своите најблиски, се мачат со катастрофични предвидувања во врска со своите најблиски. Тревожна личност целата е облеана со неодреден, ирационален страв со кој се парализира во своето функционирање, а се јавува и силно чувство на немоќ.

Причини за појава на беспокојството[уреди | уреди извор]

Многу малку луѓе се спремни да го прифатат фактот дека страдаат од беспокојство. Многу од нив беспокојството го кријат зад чувството на физичка непријатност, како што е срцебиење и замор; некои ја кријат позади бројните стравови кои им изгледаат реални и оправдани; кај некои луѓе беспокојството може да биде скриен импулс кој ги гони да се препуштат на заборавот во алкохолот и други зависности. Точната причина за беспокојството не е позната, но постојат многу фактори што можат да го поттикнат развојот на беспокојството. Улога играат генетските фактори, биохемиските процеси во мозокот и влијанието на средината. Разните трауми или стресни моменти во текот на животот, смрт на блиска личност, развод, промена на работното место, промена на местото на живеење - може да предизвикаат беспокојство.

Лечење на беспокојството[уреди | уреди извор]

Лекувањето на беспокојството вклучува лекови, психотерапевтски третман без лекови, како и некои други процедури. Најчесто се спроведува комбинирана терапија, со примена на поединечен пристап. Така, беспокојството се третира со анксиолитици, како: диазепам, оксазепам, бромазепам, алпразолам, лоразепам итн. Притоа, бензодиазепините дејствуваат анксиолитички, антиконвулзивно, седативно и миорелаксирачки. Обично, овие лекови се поднесуваат добро, не се токсични и немаат пошироки индикации, а основната предност е во тоа што делуваат брзо, уште при првото земање на лекот. Од друга страна, најголемиот недостаток на овие лекови е тоа што пациентот развива толеранција така што со текот на времето е потребно да се зголемува дозата за да се постигне истиот ефект. Ако бензодиазепините се користат повеќе од 4-6 недели, до 40 % од пациентите стануваат зависни од нив. Оттука, нивната употреба за лекување на беспокојството треба да биде временски ограничена и внимателна, т.е. да се даваат што помали дози и во што пократко време.[3]
Следната група лекови што се користат при лекување на беспокојството се антидепресивите, од кои честа примена во долгорочниот третман на анксиозноста имаат SSRI (селективни инхибитори на повторно преземање серотонин), како што се: флувоксамин, сертралин, пароксетин, циталопрам и есциталопрам. Овие лекови се безбедни, добро се поднесуваат и не предизвикуваат зависност. Притоа, според истражувањата, со нивната примена кај 72 % од пациентите се обезбедува излекување во период од осум недели. Од другите антидепресиви, во лекувањето на анксиозноста се користат миртазапин и венлафаксин, но често тие предизвикуваат привремено влошување на симптомите. Во поново време, помалку застапени во лекувањето на беспокојството се трицикличните антидепресиви. Најпосле, во лекувањето на беспокојството се користат и други лекови, како: бета-блокаторите, особено пропранолол, кои се користат при беспокојство проследена со кардиоваскуларни манифестации; антипсихотиците, кои се покажале ефикасни кај тешките и долготрајни облици на беспокојство, особено ако се комбинирани со други психички нарушувања, итн.[3]
Во лекувањето на беспокојството се применува и когнитивно-бихејвиорална терапија, која вклучува посебни техники на опуштање, на позитивно размислување, на когнитивно реструктурирање и развивање на социјалните вештини. Исто така, во лекувањето на беспокојството се применува и поединечна психотерапија, како: динамична психотерапија, супоративна психотерапија, групна психотерапија итн. Целта на психотерапијата е да се зајакне егото на пациентот и да се обезбеди приспособување кон промените во реалниот свет. Притоа, во динамичната психотерапија, на пациентот му се поставува некој проблем, а психотерапевтот му укажува на пациентот постојана грижа. Супоративната психотерапија се применува при лесни тревожни нарушувања, во акутни емоционални кризи или кога другите форми на третман не постигнале поголеми резултати. Групната психотерапија е наменета за лица со ниска самодоверба, проблеми во комуникацијата и тешкотии во контролата на реакциите. Автогениот тренинг е систем на вежби за физичка и ментална релаксација, со цел да се постигне контрола на автономниот нервен систем, а се применуваат и техники на визуелизација на пријатни ситуации.[4]

Беспокојството како мотив во популарната култура[уреди | уреди извор]

  • Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — шкотска хард-кор група.[5]
  • „Беспокојство секогаш“ (англиски: Anxiety Always) — музички албум на американкото електронско дуо Leisure Process од 1983 година.[6]
  • „Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — песна на американската панк-рок група Bad Religion од 1989 година.[7]
  • „Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — музички албум на американската рок-група The Drags од 1995 година.[8]
  • „Високо беспокојство“ (англиски: High Anxiety) — музички албум на северноирската рок-група Therapy? од 1995 година.[9]
  • „Беспокојствот секогаш“ (англиски: Anxiety Always) — музички албум на американкото електронско дуо ADULT. од 2003 година.[10]
  • „Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — музички албум на новозеландската поп-рок музичарка Ladyhawke од 2012 година.[11]
  • „Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — музички албум на синти-поп музичарот Autre Ne Veut од 2013 година.[12]
  • „Беспокојство“ (англиски: Anxiety) — музички албум на истоимената шкотска хард-кор група од 2016 година.[13]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Scarre, Chris (1995). Chronicle of the Roman Emperors. Thames & Hudson. стр. 168–9. ISBN 978-5-00-050775-9.
  2. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 8.
  3. 3,0 3,1 Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 8-9.
  4. Е.Т.Е., „За да имате квалитетен живот, побарајте помош“, Здравје, понеделник, 13 февруари 2017, стр. 9.
  5. Discogs, Anxiety (13) (пристапено на 12.12.2021)
  6. ‎Discogs, Leisure Process ‎– Anxiety (пристапено на 12.12.2021)
  7. Discogs, Bad Religion – No Control (пристапено на 12.12.2021)
  8. Discogs, The Drags – Anxiety (пристапено на 12.12.2021)
  9. Discogs, Therapy? ‎– High Anxiety (пристапено на 12.12.2021)
  10. Discogs, ADULT. ‎– Anxiety Always (пристапено на 12.12.2021)
  11. Discogs, Ladyhawke ‎– Anxiety (пристапено на 12.12.2021)
  12. Discogs, Autre Ne Veut ‎– Anxiety (пристапено на 12.12.2021)
  13. Discogs, Anxiety (13) ‎– Anxiety (пристапено на 12.12.2021)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

anxiety Архивирано на 4 јуни 2013 г.