Прејди на содржината

Навигација

Од Википедија — слободната енциклопедија
Навигација со помош на ѕвездата Северница

Навигација или пловствонаука и вештина на водење на бродовите, авионите и други објекти од една на друга точка на Земјата по воден и воздушен пат, како и на вселенските летала низ вселената.

Основни задачи на навигацијата се одредување на курсот, оддалеченоста помеѓу две места и одредување на местоположбата на бродот (авионот, вселенскиот брод) заради проверка на поминатиот пат. Средствата и начините за решавање на тие задачи зависат од степенот на развитокот на науката и техниката, па заради тоа развитокот на навигацијата е тесно поврзан со достигнувањата од областа на астрономијата, математиката, хидрографијата и техниката.

Развиток на навигацијата

[уреди | уреди извор]

За развитокот на навигацијата во стариот век малку се знае. Најстар начин на навигација е пловењето дење во видливоста од (на) копното. Од навигациска опрема се употребувал единствено рачниот длабинометар. Пловењето ноќе и ориентацијата според ѕвездите ја опишува Хомер во Одисејата.

Грците го мереле поминатиот пат и оддалеченоста во стадиуми (околу 110 М); околу брегот се ориентирале со помош на забележливи природни и вештачки објекти на копното (светилници, храмови), а на отворено море по небесните тела и ветерот. Редовното појавување на монсуните на Индискиот Океан го навела грчкиот морепловец Хипал да плови со ветер од Арабија право до Индија.

Среден век

[уреди | уреди извор]

Научните методи на навигација во Западна Европа ги пренеле Арапите, во чии училишта во Шпанија во XII век се учела и примена на астрономијата во навигацијата. Во втората половина од XII век е конструиран астролабот и помошниот инструмент ноктурнал, со којшто можело да се одреди ѕвезденото време и положбата на Северницата, а со тоа и географската ширина на морето.

Широка примена на бродскиот компас и поморските карти, напредокот во бродоградбата во XIV век, придонеле до повеќе сигурност во одредувањето на местоположбата на бродот покрај брегот, а со помош на астролабот и на отворено море.

Највешти навигатори во тоа време биле морнарите од италијанските приморски градови, посебно од Венеција и Џенова, а на север морнарите на Ханза. Венецијанците употребувале посебни табели наречени мартологио, слични на табелите за собирање на курсеви, со кои се пресметувала приближната местоположба на бродот на отворено море (собрана местоположба) по едрењето од позната појдовна точка. Поминатиот пат во поединечни курсеви се пресметувал со помош на песочен часовник и брзината на бродот, проценета од око.

Во почетокот на XV век Португалија станала центар за развитокот на навигацијата. На тоа најмногу придонел Хенрик Морепловецот којшто го систематизирал целокупното тогашно знаење за навигацијата. Околу 1483 година во Португалија е формирана посебна комисија за навигација, која ја составила табелата на деклинација на Сонцето, за пресметување на географската ширина со помош на висината на Сонцето во меридијани, и го подобрила астролабот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]