Прејди на содржината

Кодијак

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Кодиак мечка)
Кодијак
кодијак мечка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Ursus
Вид: Ursus arctos
Триномен назив
Ursus arctos middendorffi
Merriam, 1896
Распространетост на кодијак мечките

Кодијак (науч. Ursus arctos middendorffi) познат и под името алјаска кафеава мечка[1] е најголемиот подвид на кафеавата мечка што живее на островите во архипелагот Кодијак во Јужна Алјаска. Традиционалното име на јазикот Алутик (Alutiiq) е Taquka-aq.

Особености

[уреди | уреди извор]

Таксономија

[уреди | уреди извор]

Таксономистот Ц.Х. Мериам бил првиот кој ги признал кодијак мечките како посебни и видот го нарекол во чест на познатиот руски природонаучник фон Мидендорф [2].

Најновите истражувања на генетски примероци од кодијак мечките, покажуваат дека тие се блиски роднини со кафеавите мечки од полуостровот Алјаска и Камчатка (Русија). Според овие резултати изгледа дека овие мечки се издвоиле од останатите најмалку за време на последното ледено доба (пред 10 000 до 12 000 години) и дека има многу малку диверзитет меѓу единките во популацијата[3]. Иако овој слаб диверзитет во популација сѐ уште нема влијание на репродуктивноста и здравјето на единките, се смета дека е можно во иднина, овој подвид да биде многу посклон кон нови болести и паразити отколку популациите кај кои има поголем генетски диверзитет.

Боја на крзно

[уреди | уреди извор]

Бојата на крзното варира од светлокафеаво (типично за женките и за мечките од јужниот дел на архипелагот) до темнокафена. Младенчињата имаат бел белег во облик на прстен околу вратот кој се здржува до две годишна возраст. По бојата на крзното се доста слични со гризлито.

Големина

[уреди | уреди извор]

Само неколку мечки од дивината се измерени, затоа бројките за тежината се темелат на проценки. Женките се проценува дека тежат од 225 до 300 килограми, а мажјаците од 360 до 635 килограми.[4]. Зрелите мажјаци се со просечна тежина од 477-534 килограми во текот на годината[5], додека за време на есенскиот период достигнуваат и 680-907 килограми[6]. Најголемата регистрирана кодијак мечка тежела повеќе од 1100 килограми)[7] и исправена на задните нозе достигнувала големина од 4,2 метри. Во заробеништво мечките од овој вид достигнуваат тежина и над 1300 килограми.

Тежината зависи од полот, возраста и годишното време. Женките се во просек за 20% помали од мажјаците и за 30% полесни[6] (види полов диморфизам). Мечките се најлесни на пролет кога излегуваат од пештерите после хибернацијата, и за време на летото и есента можат да ја зголемат тежината 20 до 30%[4].

Возрасен кодијак мажјак достигнува висина од 1 до 1,3 метри кога стојат на 4 нозе. Исправени на задните, мажјаците достигнуваат до 3 метри.[6].

Стандардниот начин за мерење на големината на мечка е со мерење на нејзиниот череп. Најголемата убиена мечка во Северна Америка била со големина на черепот од 78 сантиметри. Просечната големина на черепот на кодијак мечките кои се убиени од ловци е 63 сантиметри за мажјаците и 55 сантиметри за женките[8].

Споредба со останатите подвидови

[уреди | уреди извор]

Овие мечки се најголемиот подвид на кафеава мечка и имаат слична големина со белата мечка. Тоа ги прави кодијак и белата мечка најголемите членови на семејството мечки.[9].

Физички, кодијак се најслични со камчатската кафеава мечка. Се разликуваат по тоа што имаат посветла боја на крното и се доста поголеми[10].

Распространетост

[уреди | уреди извор]

Иако терминот „кодијак мечка“ се употребува за сите кафеви мечки кои живеат на крајбрежјето на Алјаска, сепак овој подвид е присутен само на архипелагот кодијак. Во 2005 година, популацијата била процената на 3526 единки, односно на 270 мечки на 1000 квадратни километри. Во последната декада се смета дека популацијата се зголемува[11].

Биологија

[уреди | уреди извор]

Размножување

[уреди | уреди извор]
Женка кодијак со младенчиња

Сезоната за парење на кодијак мечките е за време на месеците мај и јуни. Тие се периодично моногамни и остануваат заедно од 2 дена до 2 недели. Откако јајце-клетката е оплодена, после неколкуте делби, влегува во посебна фаза на мирување до есента кога повторно се активира, се всадува во матката и продолжува да се развива. Младенчињата се раѓаат во јануари или февруари[6]. По раѓањето тежат помалку од 500 грама, имаат малку крзно и затворени очи. Кога ја напуштаат пештерата во мај или јуни тежат помеѓу 7 и 9 килограми[6]. Овие мечки најчесто раѓаат 2 до 3 млади. Понекогаш се среќаваат женки со 5 или 6 малечки, најверојатно млади кои ги „посвоила“ од други мечки[6][12]. Младенчињата остануваат со мајката во првите 3 години. Скоро половина од младенчињата умираат како последица на канибализмот на возрасните мажјаци.

Мечките на возраст од 3 до 5 години имаат висока стапка на смртност[6], само 56% од мажјаците и 89% од женките преживуваат[11]. кодијак мечките достигнуваат полова зрелост на 5 годишна возраст, но повеќето женки имаат над 9 години кога го имаат првото успешно легло. Најголемиот број од женките (56%) умираат од природна смрт, додека 91% од мажјаците се убиени од ловци[11].

Презимување

[уреди | уреди извор]

кодијак мечките влегуваат во засолништата кон крајот на октомври. Трудните женки најчесто се засолнуваат порано од мажјаците. Мажјаците завршуваат со хибернацијата во април, додека женките со малечките кон крајот на јуни. Мечките кои живеат во северниот дел имаат подолг период на хибернација за разлика од мечките во јужните предели.

Живеалиште

[уреди | уреди извор]

Мечките природно се дневни животни (активни за време на денот), но кога има голема конкуренција за храна или простор можат да бидат активни и ноќе. Овие мечки не бранат територија, но имаат свои територии на кои живеат секоја година. Поради изобилството од храна, имаат најмали територии од било која друга кафеава мечка во Северна Америка[13].

Островите од архипелагот кодијак имаат субарктичка океанска клима со ниски температури, магла, ветрови и средна до голема влажност преку целата година. Иако архипелагот зазема површина од само 13 000 km2, има многу богата и разновидна вегетација, од густите шуми на северните острови, планините (1362 метри надморска висинан.в.) прекриени со снег во централниот дел, па сè до тундрите на јужниот дел од архипелагот.

Првите растенија кои се појавуваат и животните кои умреле за време на зимата се првата храна на мечките откако ќе ги напуштат засолништата на пролет. За време на летото има изобилнство од најразлични растенија со кои се хранат до враќањето на лососот. Лососот е присутен од мај до септември насекаде низ архипелагот. Овие мечки ги јадат сите 5 видови на лосос кои ги ловат во реките и езерата. Кон крајот на летото и почетокот на есента мечките се хранат со најразлични видови на бобинки, рибизли и други зрнести плодови. кодијак мечките се хранат и со алги и безрбетници кои ги наоѓаат на плажите. Иако островите се полни со елени, лосови и планински кози, сепак ретко се случува кодијак мечките да ги ловат[11].


Однесување

[уреди | уреди извор]

Сетила и интелигенција

[уреди | уреди извор]

Нема научни студии кои ги истражувале сетилните перцепции или интелигенцијата на кодијак мечките. Според набљудувања и споредби со други мечки, се смета дека овие мечки имаат вид кој е сличен на човекот, слух како на просечно куче и осет за мирис кој е 4 пати поостар од тој на просечно куче. Нивото на интелигенција се смета дека е некаде помеѓу просечно куче и примат. Поради нивното ниво на интелигенција, единките имаат различен карактер и поединечен начин за справување во различни ситуации[14].

Заемодејство со други мечки

[уреди | уреди извор]

Мечките кодијак во целост се самотни животни, сепак кога храната е сконцентрирана на мала област, како реките во кои ловат лосос, мртов кит па дури и отворено депо за ѓубре, мечките можат да се движат во групи. Покрај одредени басени можат истовремено да се видат и до 60 мечки во област од една квадратна милја. За да го доведат искористувањето на храната на максимум, мечките научиле да ги сведат на минимум борбите меѓу нив, со тоа што развиле комплексен јазик (вербален и со движење на телото) и социјална структура[14].

Интеракција со луѓе

[уреди | уреди извор]

Во повеќето случаи, кодијак мечките се срамежливи и повлечени и се трудат да избегнат средби со луѓе. Исклучок на ова однесување е кога мечките се изненадени или им е загрозена безбедноста. За да се избегнат овие ситуации треба да се разберат потребите на мечката и нејзиното однесување, како и да се препознаат предупредувачките знаци кои ги дава мечката кога е исплашена[15][16].

Последниот фатален напад од кодијак бил во 1999 година[17], а пред тоа бил во 1921[18]. И во двата инциденти жртви биле ловци кои ловеле сами. Отприлика еднаш годишно се случува кодијак мечка да нападне и да повреди човек[19].

Историја

[уреди | уреди извор]

Праисторија

[уреди | уреди извор]

Првите луѓе кои живееле на архипелагот главно го користиеле океанот за прехрана. Во тоа време домородците повремено ги ловеле овие мечки, поради месото, кожата и забите кои ги користеле како украс. Традиционалните легенди често се вртат околу сличноста помеѓу мечките и луѓето, но и околу мистичната природа на овие животни кои често се поврзуваат со спиритуалниот свет[20].

Заштитен статус

[уреди | уреди извор]

Овој подвид на кафеава мечка е означена како животно со најмал ризик (Lower Risk Least Concern)[21] според списокот на МСЗП.

Регулиран лов

[уреди | уреди извор]
Препарирана мечка кодијак

.

Ловот на мечки е организиран од Минситерството за лов и риболов на Алјаска. Ловците се распределени во 32 различни области за време на 2 сезони (пролет: 1 април-15 мај, есен: 25 октомври-30 ноември). Секоја година околу 4500 луѓе аплицираат за 496те дозволи кои се даваат за лов на кодијак мечките (2 третини од дозволите се даваат на луѓе кои живеат на Алјаска). Луѓето кои добиле дозвола за лов а не се жители на Алјаска, мораат да изнајмат и водич кои е овластен за лов во одредена област, и за ова се плаќа од 10 000 до 22 000 долари. Секоја мечка која легално е убиена мора да биде прегледана од биолог пред да биде изнесена од островите[22]. Крзната не смеат да бидат транспортирани, презервирани или продавани без официјален печат.

Од 2000 до 2006 во просек годишно се убиваат по 173 кодијак мечки (118 за време на есенската сезона и 55 за време на пролетната). Над 75% од нив биле мажјаци. Дополнителни 9 мечки годишно во просек се убиваат во самоодбрана или во одбрана на имот.

Набљудување на кодијак мечки

[уреди | уреди извор]

Во последните 20 години, организираното набљудување на мечките на кодијак и во другите делови на Алјаска, ја зголемува популарноста. Најпристапното место за набљудување, реката Фрејзер, во 2007 година го посетиле 1100 луѓе. Бројката на посетители годишно се зголемува за околу 10%, и во план е и развивање на други области во кои ќе биде овозможено набљудување.

Иако овие набљудувања се сметаат за безопасни, сепак може да предизвикаат сериозни последици на мечкината популација. Најчесто ваквите набљудувања се на места каде што се собираат мечките поради изобилството на храна. Може да се случи одредени единки да ги избегнуваат овие области поради зголеменото присуство на луѓе, и како последица на тоа да не успеат да наталожат доволно масти кои им се потребни за да ја поминат зимата.

  1. bear, or Alaskan brown bear, or Ursus arctos middendorffi, or Ursus gyas, or Ursus middendorffi (mammal). Related articles Encyclopædia Britannica
  2. Merriam, C. H. 1896. Ursus middendorffi. 69–71. Proceedings of the Biological Society of Washington.
  3. Talbot, S. L. J. R. Gust, G. K. Sage, A. Fischbach, K. Amstrup, W. Leacock, and L.Vav Daele. 2006. Genetic characterization of brown bears of the Kodiak Archipelago. Final report to the Kodiak National Wildlife Refuge, Kodiak Alaska, USA.
  4. 4,0 4,1 „Bear Facts Kodiak National Wildlife Refuge“. Kodiak National Wildlife Refuge. Архивирано од изворникот на 2012-04-15. Посетено на 2008-11-29.
  5. Wood, The Guinness Book of Animal Facts and Feats. Sterling Pub Co Inc (1983), ISBN 978-0-85112-235-9
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 „Kodiak Bear Fact Sheet“. Alaska Department of Fish and Game, Division of Wildlife Conservation. 2008. Посетено на 2008-10-27.
  7. „Which is the largest bear on earth?“. Library of Congress. (original data from Gary Brown's Great Bear Almanac (New York, 1993))
  8. Van Daele, L.J. 2005 (July 2002 – 30 June 2004). „Brown bear management report of survey and inventory activities1“ (PDF). Unit 8 brown bear management report. Pages 74-101 in C. Brown, editor. Alaska Department of Fish and Game, Juneau, Alaska, USA. Посетено на 2008-04-30. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  9. „Polar bear, (Ursus maritimus)“ (PDF). U.S. Fish and Wildlife service. Архивирано од изворникот (PDF) на 2008-06-05. Посетено на 2008-03-22. Appearance. The polar bear is the largest member of the bear family, with the exception of Alaska’s Kodiak brown bears, which equal polar bears in size. (Overview page Архивирано на 18 април 2009 г.)
  10. „Join the Russian Hunting Agency for a Brown Bear Hunt“. Russian Hunting Agency. Посетено на 2008-03-22.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 Van Daele, L.J. 2007. „Population dynamics and management of brown bears on Kodiak Island, Alaska“ (PDF). Doctoral dissertation. University of Idaho, Moscow, USA. Посетено на 2008-04-30.
  12. Barnes, V.G. 1993. Cub Adoption by Brown Bears, Ursus arctos middendorffi, on Kodiak Island, Alaska. The Canadian Field-Naturalist 107:365-367.
  13. McLoughlin, P.D., S. H. Ferguson, AND F. Messier, 2000. Intraspecific variation in home range overlap with habitat quality: a comparison among brown bear populations. Evolutionary Ecology 14:39-60.
  14. 14,0 14,1 Wood, Jason. 2006. Kodiak kings. Nodin Press, Minneapolis, Minnesota. USA
  15. Quinth, Stefan (2006). „A guide to brown bear country (DVD)“. Camera Q Productions. Архивирано од изворникот на 2009-02-10. Посетено на 2008-04-30.
  16. „Alaska's bears webpage“. Alaska Department of Fish and Game, Division of Wildlife Conservation. 2008. Посетено на 2008-04-30.
  17. Karen Aho (1999-11-06). „Wounds, not cold, killed hunter exam finds“. Anchorage Daily News. Архивирано од изворникот на 2011-07-23. Посетено на 2008-04-30.
  18. Dodge, Harry B. 2004. Kodiak Island and it’s bears. Great Northwest Publishing and Distributing Company. Anchorage, Alaska USA
  19. Alaska Department of Fish and Game files, 211 Mission Road, Kodiak, Alaska 99615 USA
  20. Van Daele, L.J. 2003. The History of Bears on the Kodiak Archipelago. Alaska Natural History Association. Anchorage, Alaska, USA.
  21. „Ursus arctos“. IUCN International Union for Conservation of Nature. Архивирано од изворникот на 2008-02-28. Посетено на 2008-03-22.
  22. „Hunting Kodiak bears – a question and answer guide“. Alaska Department of Fish and Game. 2008. Посетено на 2008-04-30.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]