Касандра (роман)
„Касандра“ (германски: Kassandra) — роман на германската писателка Криста Волф од 1983 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]По завршувањето на Тројанската војна, кралот Агамемнон ја зема со себе Касандра, ќерката на тројанскиот крал Пријам, како робинка. Кога пристигнува пред познатата порта на Микена, таа веќе претчувствува дека наскоро ќе биде погубена, но дека исто така ќе умре и Агамемнон. Пред неизбежната смрт, Касандра се сеќава на својот живот и на случувањата кои ѝ претходеле на пропаста на Троја: детството и желбата да стане свештеничка; односите со браќата и сестрите; првата средба со култот на Кибела; запознавањето со Енеја и љубовта кон него; првата пловидба на Тројанците во Грција и доаѓањето на првосвештеникот Пантој; втората пловидба со цел да ја вратат Хесиона (сестрата на кралот Пријам) од Спарта; неуспехот на таа мисија и предавството на тројанскиот пророк Калхант кој останал во Грција; ненадејното појавување на Парис, кого го израснал некој овчар во планината; нејзиниот полубрат Есак, кој извршил самоубиство по смртта на сопругата; посетата на кралот на Спарта, Менелај и испадот на Парис на свечената вечера, кога Касандра повторно доживеала напад, предупредувајќи ги присутните да не го испраќаат третиот брод во Грција; политичките промени во Троја, лошото владеење на кралот Пријам, зајакнувањето на моќта на Еумел, заповедникот на кралската гарда и разгорувањето на военото расположение; враќањето на Парис, кој бил бурно пречекан од народот, иако со себе не ја донел Елена; нејзината улога во тие настани, кога, од една страна, го убедувала Пријам да ја спречи војната, но од друга страна, ја чувала државната тајна за непостоењето на Елена; започнувањето на Тројанската војна и погинувањето на нејзиниот брат Троил, кого го убил Ахил пред нејзините очи; огромната омраза кон Ахил; бегството на Енеја од Троја; заминувањето на Брисеида, сопругата на мртвиот Троил, кај татко ѝ Калхант; враќањето на Енеја во Троја и нејзиниот прв сексуален однос со него; честите средби со градските жени во домот на мудриот Анхиз, таткото на Енеја; смртта на Хектор и дивеењето на Ахил со неговото мртво тело; доаѓањето на Амазонките (кои се бореле на страната на Тројанците), погинувањето на нивната водачка Пентесилеја, нејзиното оплакување од жените и убивањето на свештеникот Пантој; нејзиното затворање откако се спротивставила на планот за убиството на Ахил; животот со Аризба и со другите жени во пештерите околу Троја; принудната врска со еден војсководач, забременувањето и раѓањето на близнаците; смртта на Парис; внесувањето на коњот во Троја и пропаста на градот; нејзиното солување од Ајант Помалиот; последната средба со Енеја и одбивањето да побегне со него. По згаснувањето на последните сончеви зраци, а откако Агамемнон е веќе мртов, Касандра подготвено ја чека неизбежната судбина.[1]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]Во 1980 година, додека Криста Волф и нејзиниот сопруг го чекале следниот лет на западноберлинскиот аеродром Шенфелд, таа ја читала трагедијата „Орестија“ на Есхили тогаш ја добила идејата за романот „Касандра“. Во тој миг, неа ја зафатил „некаков паничен восхит“, кога си ја замислила сцената во која Касандра чека пред познатата капија со лавовите во Микена, очекувајќи ја сопствената смрт. Според нејзините зборови: „Касандра је видов веднаш. Таа, заробеничка, мене ме зароби; таа, и самата ОБЈЕКТ на туѓите цели, мене ме опседна. Подоцна ќе се прашам: кога, каде и сочие учество се склопени спогодбите за тоа. Волшепството веднаш делуваше. На секој нејзин збор му верував, сè уште постоеше: доверба безусловна. Три илјади години — спласнаа. Така, ете, пророчкиот дар, што ѝ го дал бог, стана вистина, само што клетвата негова, никој да не ѝ верува, исчезна. Мене Касандра ми се причини поверодостојна во сосема поинакава смисла: Изгледаше дека таа, единствена во оваа драма, се познава себе.“ Читајќи ја Есхиловата трагедија, Криста Волф се прашува од каде произлегува алтернативата дека на Касандра не ѝ преостанува ништо друго, освен доброволно да го помине последниот пат до смртта? Волф го смета за заблуда Есхиловиот стих во кој Касандра непосредно пред влегувањето во дворецот ја оплакува несреќата на Агамемнон. Според неа, никогаш и никако, Касандра не би прифатила да го оплакува последниот во низата мажо кои извршиле насилство врз неа. Тогашната Волфова фокусираност врз настаните од далечното минато често ги пореметувале „паралелните“ случувања во нејзината стварност: во авионот, таа ги забележала сириските жени кои покорно го следеле секој гест на своите сопрузи. Притоа, Волф забележала дека ниедна од тие жени денес не би можела да зборува како Касандра, прашувајќи се што ли им направиле на жените во текот на многуте векови. Ноќта, пред да слета на атинскиот аеродром, Волф веќе била опседната со Касандра и со многубројните прашања кои се појавуваат од далечното минато, а едно од најважните е: во кој историски миг мажот ја направил жената објект на своите намери? Бунтот на еманципираната жена во неа ја мотивирал да ги започне истражувањата од кои настанала оваа чудесна книга, целата создадена од болката на запоставената жена. Волфовиот дневник за создавањето на романот „Касандра“ е исполнет со бројни белешки за непомирливите спротивности на денешнината, исполнети со негодување за подредената положба на жената во општеството, со чиста мајчинска грижа за расчовечениот и заблудениот Човек, со несфаќање на неговиот незапирлив нагон да поробува и уништува, како и со жал поради нејзината немоќ да ги промени нештата.[2]