Зехарија Сичин
Зехарија Сичин | ||
Роден | 11 јануари 1920 | |
---|---|---|
Починал | 9 октомври 2010 | |
Националност | Американец | |
Познат | Древни астронаути, Нибиру |
Зехарија Сичин (1920-2010)[1] е автор на бројни книги во кои дава објаснување за потеклото на човекот.
Сичин смета дека древната сумерска култура води потекло од Анунаките (или Исполини, Нефелими), раса на вонземјани од планетата која ја нарекува Нибиру, за која смета дека има елиптична орбита во нашиот Сончев Систем. Како добар познавач на сумерската митологија и древните јазици, посебно сумерскиот јазик, сознанијата ги црпи од древните текстови, но сепак неговите спекулации не се прифатени од пошироката научна заедница.[2]
Кратка биографија
[уреди | уреди извор]Сичин е роден во Баку, Советски Сојуз, а пораснал во Палестина. Се стекнува со знаење на современиот и древниот хебрејски јазик, други семитски јазици и европски јазици, потоа Стариот завет, како и историја и археологија на Блискиот Исток. Сичин дипломирал на Универзитетот во Лондон, отсек економска историја. Долги години работел како новинар и уредник во Израел, а потоа живеел и пишувал во Њујорк. Неговите книги се преведувани на повеќе јазици, па дури и на браево писмо за слепите, а често гостувал на радио и телевизија.
Идеи
[уреди | уреди извор]Според интерпретацијата на сумерската космологија на Сичин, постои неоткриена планета со долга елиптична орбита, која влегува во нашиот Сончев Систем на секои 3600 години. Оваа планета се вика Нибиру (и се поврзува со Мардук во вавилонската космологија). Според Сичин, Нибиру предизвикал катастрофа на древната планета Тиамат, која Сичин ја сместува меѓу Марс и Јупитер. После тој небесен судир се настанати планетата Земја, астероидниот појас, нашата Месечина како и кометите. Во Енума Елиш, Тиамат е опишана како божица. Според Сичин, Тиамат после сударот со Нибиру е поделена на два дела: од едниот дел е создаден астероидниот појас, а другиот дел добил нова орбита и денес тоа е нашата планета Земја.
Поддржувачите на теоријата на Сичин велат дека со ова се објаснува чудната географија на Земјата, но исто така и потеклото на Месечината, необично огромниот сателит за вака мала планета, а катастрофалниот судир е пресметано дека се случил пред околу 4,5 милијарди години.
Сичин смета дека планетата Нибиру е дом на технолошки напредна вонземска раса, налик на човекот, наречени Анунаки во сумерскиот мит, за кои Сичин смета дека се споменати и во Библијата каде се наречени Нефилими. Натаму толкувајѓи ги старите сумерски текстови на Енума Елиш, тој вели дека оваа раса за првпат се спуштила на Земјата пред околу 450.000 години во потрага по минерали, посебно злато, што го нашле и го ископувале во Африка. Овие „богови“ работеле самите во својата колонијална експедиција на Земјата, каде после бунт на работниците од рудниците решиле генетички да го создадат Homo sapiens со мешање на своите вонземски гени со оние на веќе постоечкиот Homo erectus. Целта била да си создадат робови кои бесплатно ќе работат во рудниците.
Критики
[уреди | уреди извор]Кога Сичин ги пишувал своите книги, само познавачите на сумерскиот јазик можеле да ги прочитаат оригиналните текстови врз кои Сичин ги базира своите теории, а денес секој може да ги провери преводите на Сичин со помош на речникот издаден во 2006 година, Сумерски лексикон (Sumerian Lexicon).[3] Денес се смета дека поголемиот дел од преводите на Сичин е неточен.[4][5]
Погледот на Сичин за „судир на планетите“ е потврден од современата теорија на астрономите за настанувањето на Месечината пред околу 4,5 милијарди години. Како и тезите на Имануел Великовски претходно во книгата Светови во судир, Сичин тврди дека нашол докази за древното напредно знаење на луѓето во врска со движењето на планетите, а денес сместено во митологијата.Своите аргументи Сичин ги базира врз преводите на сумерските текстови, како и врз печатот VA 243. Сичин тврди дека овие древни народи знаеле за постоењето на 12 планети, а во науката денес се смета дека знаеле само за пет.[6] Стотици сумерски астрономски печати и календари се декодирани, а на печатот VA 243 дванаесетте точки Сичин ги толкува како планети. Според познавачот на семитологијата Мајкл С. Хејсер, сонцето на печатот VA 243 всушност не е симбол за Сонце, туку е ѕвезда, а точките не се планети туку ѕвезди.[6][7]
Слични идеи застапуваат и авторите како Имануел Великовски, Ерих вон Деникен, Ален Ф. Алфорд и Лоренс Гарднер. Алфорд подоцна се откажал од ваквите ставови и станал критичар на Сичин.
Во врска со тезата на Сичин дека „Адам има вонземски гени“[8] постои тврдење дека 223 делови од гените најдени од „Конзорциумот за човечки гени“ се без никаква претходна потреба на еволициското дрво на гените. Подоцнежните истражувачи не се согласуваат со ова тврдење на „Конзорциумот за човечки гени“, сметајќи дека не постојат доволно примероци за споредбено проучување на гените.[9]
Библиографија
[уреди | уреди извор]- Дванаесетта планета (The 12th Planet (Earth Chronicles, No. 1), New York: HarperCollins|Harper, 1976)
- Скалила до небесата (The Stairway to Heaven (Earth Chronicles, No. 2), 1980, Avon Books; Bear & Company 1992; Harper, 2007)
- Војните на боговите и луѓето (The Wars of Gods and Men (Earth Chronicles, No. 3), 1985, Avon Books; Bear & Company, 1992)
- Изгубените кралства (The Lost Realms (Earth Chronicles, No. 4), AVON BOOKS, 1990)
- Ревизија на настанокот (Genesis Revisited: Is Modern Science Catching Up With Ancient Knowledge?, AVON BOOKS, 1990)
- Кога започна времето (When Time Began (Earth Chronicles, No. 5), 1993), HARPER, 2007)
- Божествени средби: Водич за визии, ангели и други пратеници (Divine Encounters: A Guide to Visions, Angels and Other Emissaries, AVON BOOKS, 1995)
- Вселенскиот код (The Cosmic Code (Earth Chronicles, No. 6), AVON BOOKS, 1998)
- Изгубената книга на Енки: Сеќавања и пророштва на вонземскиот бог (The Lost Book of Enki: Memoirs and Prophecies of an Extraterrestrial god, Bear & Company, 2002)
- Експедиции на Земјината хроника (The Earth Chronicles Expeditions, Bear & Company, 2004)
- Крајот на светот (The End of Days: Armageddon and Prophecies of the Return (Earth Chronicles, No 7), William Morrow and Company, 2007)
- Патувања до митското минато (Journeys to the Mythical Past (Earth Chronicles Expedition) Bear and Company, 2007)
ДВД
[уреди | уреди извор]- Дали сме сами во универзумот? - документарец заснован врз Ревизија на настанокот (Are We Alone in the Universe? 1978 (2003 DVD дистрибуција)[10]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ronald Story, ed., The Encyclopedia of Extraterrestrial Encounters, (New York New American Library, 2001), s.v. "Zecharia Sitchin," pp. 552.
- ↑ Sitchin at The Skeptics Dictionary
- ↑ Halloran, John A. (2006). Sumerian Lexicon: A Dictionary Guide to the Ancient Sumerian Language. The David Brown Book Company.
- ↑ http://www.sitchiniswrong.com/sitchinerrors.htm
- ↑ http://www.ianlawton.com/mes6c.htm Архивирано на 18 март 2009 г. What's in a Shem?
- ↑ 6,0 6,1 {http://www.michaelsheiser.com/va_243%20page.htm The Myth of a 12th Planet in Sumero-Mesopotamian Astronomy: A Study of Cylinder Seal VA 243 by Dr. Michael S. Heiser
- ↑ http://www.michaelsheiser.com/VA243seal.pdf The Myth of a 12th Planet: A Brief Analysis of Cylinder Seal VA 243 by Michael S. Heiser
- ↑ the case of Adam's alien genes
- ↑ Salzberg, Steven L. , Owen White, et al. “Microbial Genes in the Human Genome: Lateral Transfer or Gene Loss?”. Science 292.5523 (2001): 1903 – 3.
- ↑ Are We Alone in the Universe? на Семрежната филмската база на податоци
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Зехарија Сичин“ на Ризницата ? |
|