Жолтоглаво кралче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Жолтоглаво кралче
Regulus regulus 60North cropped.jpg
Женка R. r. regulus
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Кралчиња
Род: Regulus
Вид: Жолтоглаво кралче
Биномен назив
Regulus regulus
(Linnaeus, 1758)
       Размножување
       Преку целата година
       Зимување

Жолтоглавото кралче (науч. Regulus regulus) — многу малечка врапчевидна птица од фамилијата на кралчињата (Regulidae). Нејзината златна круна (креста, цуцулка) ѝ го дала научното име, англиското (goldcrest), и македонското - кралче, како и тоа што во голем дел од европскиот фолклор е сметана за „крал на птиците“. Има неколку подвидови во нејзината широка распространетост низ Евроазија и на островите во Макаронезија. Таа е делумно птица преселница, со популациите од север и исток што мигрираат на југ од опсегот. Оваа мала песнопојна птичка ја има и во Македонија.

Опис[уреди | уреди извор]

Жолтоглавото кралче е најмала европска птица, долга 8.5-9.5 см, има распон на крилјата 13.5–15.5 см и тежи 4.5–7 грама. Горниот дел ѝ е маслинавозелен, одоздола е кремавобела, има две бели линии на крилјата, светло лице со изразено црни очи. Круната на главата има црни страни и црн врв, а светлата креста е жолта со портокалова средина кај мажјаците и целосно жолта кај женките.[2][3] При додворувањето, мажјаците ја креваат крестата и тогаш портокаловата боја доаѓа до израз. Малиот, тенок клун е црн, а нозете се темна месо боја. Освен во бојата на крестата, половите се слични, иако женките можеби имаат многу малку посветли горни делови и посиви долни делови. Младенчињата се како возрасните, но се понеобоени и ја немаат крестата. Летот им е впечатлив; содржи чести замавнувања со крилјата и ненадејни нагли менувања на правецот. Кратките летови додека се храни се мешавина од поттрчнувања, развиорувања и лебдења. Неуморно се движи меѓу зеленилото, нагоре-надолу по стеблото, притаен во гранките.[2]

Огласување[уреди | уреди извор]

Мажјак во Франција - ја покажува цуцулката

Типичното контактно огласување е тенко, многу високо ции кое го дава во интервали 1–4 секунди, во ист тоналитет. Понекогаш нагло завршува или забрзува на крајот. Повикот е повисок и понежен од оној на црвеноглавото кралче. Песната на мажјакот е многу висока, тенка дупла нота цид’р, која се повторува 5-7 пати и завршува распеано: цид’р-цид’р-цид’р-цид’р-цид’р-стич-сии-пии. Целата песна трае 3-4 секунди и се повторува 5-7 пати во минута. Оваа песна често се слуша додека мажјакот се храни преку целата година.[4]


Подвидови[уреди | уреди извор]

Кралчињата се мала група птици понекогаш вклучени во други, но почесто во своја посебна фамилија.[5]

Континентална Евроазија[уреди | уреди извор]

Женка R. r. regulus во Англија
R. r. japonensis во Јапонија

Опишани се неколку подвидови.[6] Во континентална Евроазија, има, генерално, 9 подвида, кои се разликуваат само во детали, како што се нијансите на перјето.[7] На генетско ниво има две централноазиски форми, R. r. sikkimensis и R. r. himalayensis. Издвоени подвидови:

  • R. r. regulus (Linnaeus, 1758), номинираниот подвид кој се размножува низ Европа;
  • R. r. himalayensis (Bonaparte, 1856), се размножува на Хималаите, а се разликува по малку посветлото перје одозгора и побели долни делови;
  • R. r. japonensis (Blakiston, 1862), се размножува во источна Азија, вклучувајќи ги и Јапонија, Кореја, Кина и Сибир; позелено е и има потемни горни делови, како и пошироки бели ленти на крилјата;
  • R. r. tristis (Pleske, 1892), се размножува во Кина и централна Азија, а зимува во североисточен Авганистан; нема црни рабови на крестата, круната кај мажјаците е пожолта, а долните делови им се многу посветли и посиви;
  • R. r. coatsi (Sushkin, 1904), се размножува во Русија и централна Азија, посветли се одозгора;
  • R. r. yunnanensis (Rippon, 1906), се размножува на источни Хималаи, Бурма и Кина; слични се на R. r. sikkimensis, но се потемни, со темно зелени горни делови и потемно кремави одоздола;
  • R. r. hyrcanus (Zarudny, 1910), се размножува само во Иран, сличен е на R. r. buturlini, но малку потемен;
  • R. r. buturlini (Loudon, 1911), се размножува во источна Европа, Кавказ и централна Азија; посветол е и повеќе сивозелен отколку маслинастозелен;
  • R. r. sikkimensis (Meinertzhagen R. & Meinertzhagen A., 1926), се размножува во Индија и Кина, потемен е од R. r. himalayensis, и позелен од номинираниот подвид.
Веројатно мажјак R. r. himalayensis, има посветли долни делови од европската раса

Атлантски острови[уреди | уреди извор]

Птиците на Канарски Острови имаат античка колонизација, додека оние од Азорски Острови се со поново потекло.

  • R. r. teneriffae (Seebohm, 1883), го има само на Тенерифе, Канарски Острови; има црно чело и розовокремави долни делови;
  • R. r. ellenthalerae (Päckert et al, 2006), постојани жители во Ла Палма и Ел Хиеро, Канарски Острови;
  • R. r. azoricus (Seebohm, 1883), го има само на островот Свети Мигел, на Азорските Острови;
  • R. r. inermis (Murphy & Chapin, 1929), постојан жител на островите Флориш, Фајал, Терцеира, Св. Георги и Пико; Азорски Острови;
  • R. r. sanctaemariae (Vaurie, 1954), само на островот Света Марија; Азорски Острови.

Однесување[уреди | уреди извор]

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Жолтоглавото кралче се размножува во низинските и планинските шумски предели, главно до 3.000 метри надморска височина, а повремено и до 4.800. Густината при размножување достига над 591 пар во км² (документирано во Ирска). Користат четинарски шуми, а парковите и гробиштата во урбаните средини, само ако им одговара животната средина. Висината и видот на четинарот е неважен, ниту пак големината на шумата. [2] Откако ќе им заврши размножувањето, овие птици се селат во листопадни, грмушести или тревни поотворени површини.

Размножување[уреди | уреди извор]

Овие птици се моногамни. Мажјакот, за време на сезоната на парење почесто пее додека бара храна отколку перчејќи се на гранка. Неговото покажување содржи поклонување со главата кон друга птица и кревање на обоената цуцулка.[2] Жолтоглавото и црвеноглавото кралче во многу малку области делат иста територија, или го има едното, или другото. Но, се случува жолтоглавото кралче бранејќи ја својата територија да ја пее песната на црвеноглавото.[8]

Гнездото е сложена структура од три слоја[9] , обесено на гранка и претставува затворена чашка со мал влез на врвот. Однадвор е направено од мов, мали гранчиња, пајажини и лишаи, а пајажините ги користи и за закачување на гнездото на гранката. Во средниот слој има мов, а внатре е послано со пердуви и коса. Гнездото е поголемо, поплитко и помалку компактно од она на црвеноглавото кралче и го градат двата родитела, иако женката ја завршува поголемата работа.[10]

Квачењето започнува кон крајот на април и почетокот на мај.[2] Јајцата се белкави со незабележителни кремави, сиви или кафеави дамки на краевите од леглото.[11] Несат 9-11 јајца (6-13), ги инкубира женката греејќи ги со своето тело, но, исто така, ги става нозете помеѓу нив.[9] Второто легло, кое е вообичаено, го имаат уште додека во првото има пилиња. Мажјакот го гради второто гнездо,[9] па ги храни пилињата од првото додека женката ги инкубира јајцата на второто; а кога тие ќе се оперјат ѝ се придружува на женката во хранењето на второто легло.[2] Мажјакот не ја храни женката додека инкубира. А таа, пак, е многу строга кога квачи и не го напушта гнездото ако е вознемирена, па дури и ако се земе во раце.[12] Јајцата се инкуцираат на температура од 36.5°C, па преку ден таа може да го напушти гнездото, но никако ноќе и рано наутро.[13] Јајцата се инкубираат 16-19 дена, а пилињата се оперјуваат на возраст од 17 до 22 дена. Обата родитела се грижат за малечките и забележано е при многу топло време како женката им носи вода во клунот своите пилиња. Овој вид станува сексуално зрел на едногодишна возраст, а има морталитет од 80%, што им дава време само од 8 месеци за продолжување на видот, што е најкусо време за било која птица (освен неколку Coturnix видови).[14] Сепак, има сведоштва за старост од 4 години и 10 месеци на оваа птица, па дури и за означена птица од Винчестер во 1989 која умрела во Мароко по 7 години и 7 месеци.[15]

Хибридизацијата на црвеноглавото и жолтоглавото кралче не се случува, најверојатно поради различните ритуали во додворувањето и различните фацијални шарки.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Сите кралчиња, речиси без исклучок, се инсектојадни, ловејќи мали членконоги животни со мека обвивка, како растителни вошки, мушички, пајаци, муви и сл. Исто така, јадат ларви и јајца од пајаци и инсекти, и повремено земаат полен. Конкуренцијата при исхраната со црвеноглавото кралче се избегнува, така што, овие јадат помали животни, и се хранат на подолниот дел од крошната, од долните делови на гранките и листовите, а понекогаш дури и на земја. Зимно време, се приклучуваат во големи јата заедно со сипки и други мали врапчевидни птици, каде исхраната е поуспешна отколку да се сами. [16]

Жолтоглаво кралче, зимно време

Зимско преживување[уреди | уреди извор]

Неколку мали врапчевидни видови ја преживуваат студената зима намалувајќи го метаболизмот и телесната температура до 10° под нормалната, за да ја редуцира потрошувачката на енергија ноќе. Но, за многу малите птици, вклучувајќи и оваа, заштедата на енергијата со хипотермија може да биде недоволна и да осздаде негативни ефекти кога телото во мугрите треба да си ја врати нормалната температура.[17] Набљудувањето на пет добро хранети птици зимно време покажало дека тие ја задржувале нормалната телесна температура за време на ноќта, метаболизирајќи ја храната од денот, и дека користеле загревање на телото со криење во дупки во снегот, меѓу лисјата и греејќи се заедно со други птици.[17] Две птици ја намалуваат загубата на топлина за четвртина, а три за третина.[18] За време на 18-часовна ноќ, со температура под -25°C, на север од опсегот, се стуткуваат заедно, зашто секој може да загуби и до 20% од телесната тежина за да ја задржи топлината.[9]


Предатори и паразити[уреди | уреди извор]

Низ целиот опсег јастребот врапчар е најголемиот предатор и најголемата опасност за малите песнопојни птици, чија исхрана 98% се сведува на нив.[19] Планинската улулајка се храни повеќе со мали цицачи, но третина од нејзината исхрана се малите птици. [20] Ретко оваа птица е домаќин на паразитската кукавица, за тоа има само едно сведоштво.[21][22]

Статус[уреди | уреди извор]

Жолтоглавото кралче е широко распространето на околу 13.2 милиони км² и има популација од околу 80-200 милиони индивидуи, затоа е класифицирано како вид со најмала загриженост на Црвениот список на МСЗП.[1][23]

Во културата[уреди | уреди извор]

Аристотел и Плиниј се поврзуваат со легендата за натпреварот меѓу птиците, која треба да биде нивниот крал. Ќе победи таа што може да лета највисоко. Првично, изгледало дека орелот ќе победи лесно, но кога тој почнал да се заморува, една мала птица која била скриена под неговата опашка, се појавила и летнала уште повисоко, и така ја освоила титулата.[24][25] Следејќи ја оваа легенда, во многу европски фолклорни култури палчето е опишано како „крал на птиците“ или како носител на пламенот. Но, исто така, титулата се применува на видовите Regulus (кралчиња), со нивните огнени круни, што ги прави пооригинални носители на титулата.[26] Веројатно палчето е земено предвид зашто во легендата пишува „најмалата од сите птици“ станала крал.[27][28]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Regulus regulus. Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/160032427. посет. 16 јули 2012 г.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Snow, David; Perrins, Christopher M (editors) (1998). The Birds of the Western Palearctic concise edition (2 volumes). Oxford: Oxford University Press. стр. 1342–1346. ISBN 0-19-850188-9. 
  3. Hogstad, Olav. Age determination of Goldcrests Regulus regulus (L.) in summer and early autumn. „Ornis Scandinavica“ том  2 (1): 1–3. doi:10.2307/3676233. 
  4. Päckert, Martin; Martens, Jochen; Hofmeister, Tanja. Lautäußerungen der Sommergoldhähnchen von den Inseln Madeira und Mallorca (Regulus ignicapillus madeirensis, R. i. balearicus) (на German). „Journal für Ornithologie“ том  142 (1): 16–29. doi:10.1046/j.1439-0361.2000.00054.x. 
  5. Monroe, Burt L.. The new DNA-DNA avian classification: What's it all about?. „British Birds“ том  85 (2): 53–61. 
  6. Vaurie, Charles. Systematic notes on Palearctic birds. No. 8, Sylviinae, the genus Regulus'. „American Museum Novitates“ том  1684: 1–9. hdl:2246/4955. 
  7. Baker, Kevin (1997). Warblers of Europe, Asia and North Africa (Helm Identification Guides). London: Helm. стр. 385–387. ISBN 0-7136-3971-7. 
  8. Lovaty, Francois. Des territoires disjoints entre les roitelets huppés Regulus regulus et les roitelets à triple bandeau Regulus ignicapillus se reproduisant dans des îlots continentaux (на French). „Alauda“ том  68 (3): 193–200. 
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Crick, Humphrey Q P (1993). „Goldcrest“. Gibbons, David Wingham; Reid, James B; Chapman, Robert A. The New Atlas of Breeding Birds in Britain and Ireland: 1988-1991. London: T. & A. D. Poyser. стр. 352. ISBN 0-85661-075-5. 
  10. Morris, Francis Orpen; Tegetmeier, William Bernhard (1896). A Natural History of the Nests and Eggs of British Birds, Volume 2. London: John C Nimmo. стр. 107–108. http://www.archive.org/stream/nathistnests02morrrich#page/n321/mode/1up. 
  11. Seebohm, Henry (1896). Coloured Figures of the Eggs of British Birds. Sheffield: Pawson and Brailsford. стр. 209, plate 53. 
  12. Morris, Francis Orpen (1853). A Natural History of the Nests and Eggs of British Birds: volume 4. London: Groombridge & sons. стр. 143–149. 
  13. Haftorn, Svein. Egg-laying and regulation of egg temperature during incubation in the Goldcrest Regulus regulus'. „Ornis Scandinavica“ том  9 (1): 2–21. doi:10.2307/3676134. 
  14. Ricklefs, R E; "Sibling competition, hatching asynchrony, incubation period, and lifespan in altricial birds" in Power, Dennis M (editor) (1993). Current Ornithology vol 11. New York: Springer. стр. 260. ISBN 9780306439902. 
  15. „Britain's smallest bird, the Goldcrest, is booming“. Wildlife Extra. http://www.wildlifeextra.com/go/news/goldcrest009.html#cr. посет. 8 мај 2011 г. 
  16. Herrera, Carlos M. Ecological aspects of heterospecific flocks formation in a Mediterranean passerine bird community (PDF). „Oikos“ том  33 (1): 85–96. doi:10.2307/3544516. http://www.plant-animal.es/pdfs/Herrera.1979.Oikos.pdf. 
  17. 17,0 17,1 Reinertsen, Randi Eidsmo; Haftorn, Svein; Thaler, Ellen. Is hypothermia necessary for the winter survival of the Goldcrest Regulus regulus?. „Journal of Ornithology“ том  129 (4): 433–437. doi:10.1007/BF01644486. http://www.springerlink.com/content/mhq582505q880285/. 
  18. Burton, Robert (1985). Bird Behaviour. London: Granada. стр. 134. ISBN 0-246-12440-7. 
  19. Génsbøl, Benny (1987). Birds of Prey. London: Collins. стр. 154–156. ISBN 0-00-219176-8. 
  20. Voous, Karel H; Cameron, Ad (illustrator) (1988). Owls of the Northern Hemisphere. London: Collins. стр. 209–219. ISBN 0-00-219493-7. 
  21. Soler, Juan Josė; Møller, Anders Pape. A comparative analysis of the evolution of variation in appearance of eggs of European passerines in relation to brood parasitism (PDF). „Behavioral Ecology“ том  7 (1): 89–94. doi:10.1093/beheco/7.1.89. http://beheco.oxfordjournals.org/content/7/1/89.full.pdf. 
  22. Soler, Juan Josė; Møller, Anders Pape; Soler, Manuel. A comparative study of host selection in the European cuckoo Cuculus canorus (PDF). „Oecologia“ том  118: 265–276. doi:10.1007/s004420050727. http://www.eeza.csic.es/eeza/documentos/soler_cuckoo%20host%20selection.pdf. 
  23. „BirdLife International Species factsheet: Regulus regulus . BirdLife International. http://www.birdlife.org/datazone/speciesfactsheet.php?id=112555&m=1. посет. 1 ноември 2010 г. 
  24. Aristotle, History of Animals, 9.11.
  25. Pliny, Natural History, 10.74
  26. Cook, Arthur Bernard (1914). Zeus: A Study in Ancient Religion. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 52, footnote 4. 
  27. Suolahti, Viktor Hugo (1909) (на German). Die deutschen Vogelnamen: eine wortgeschichtliche Untersuchung. Strassbourg: Karl J Trbner. стр. 80–85. http://www.archive.org/stream/diedeutschenvoge00suol#page/80/mode/2up. 
  28. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. стр. 232. ISBN 0-7011-6907-9. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]