Ефтим Мирчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ефтим Мирчев
Роден 14 февруари 1939
Виница, Кралство Југославија
Националност Македонец
Занимање стоматолог

Ефтим Мирчев (роден на 14 февруари 1939 година во Виница) — македонски стоматолог, специјалист по стоматолошка протетика.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Ефтим Мирчев е роден на 14 февруари 1939 година во Виница. Средно образование, гимназија, завршил во Кочани, во 1957 година. Дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Белград во 1963 година. Со звањето специјалист по стоматолошка протетика се здобил во 1970 година. Во 1978 година хабилитирал на тема „Корелација помеѓу екстрахираните заби, најдените и потребните протетички реставрации”, на Медицинскиот факултет – Стоматолошки отсек во Скопје. Докторската дисертација под наслов „Влијанието на водата врз врзувачките и термичката експанзија на масите за вложување со осврт на неодуротерм-5 масата за вложување”, ја одбранил на Стоматолошкиот факултет во Скопје во 1993 година, и се здобил со научниот степен доктор на стоматолошки науки од областа стоматолошка протетика.

Првите работни искуства професор Мирчев ги стекнал како лекар стоматолог во Домот за народно здравје во Виница, каде што се вработил во 1964 година. Во 1965 година се вработил како клинички лекар на Стоматолошката клиника, Оддел за болести на устата, а во 1967 година се префрлил на Одделот за стоматолошка протетика. Во 1967 година бил избран во звањето асистент по стоматолошка протетика на Стоматолошкиот оддел при Медицинскиот факултет во Скопје, а во 1971, 1975 и 1979 година бил преизбиран во истото звање. Со наставното звање доцент на Катедрата за фиксна стоматолошка протетика на Стоматолошкиот факултет во Скопје се здобил во 1980 година, а во 1985 година со звањето вонреден професор на истата Катедра. Во 1990 година бил избран за редовен професор, а во 1996 година преизбран во истото звање. Се пензионирал во 2004 година.

Во 1979 година бил на тримесечно стручно усовршување на Стоматолошкиот факултет во Љубљана, кај проф. д-р Палчич и проф. д-р Воловшек, а во 1973 година на двомесечно усовршување во Белград кај познатите професори по стоматолошка протетика, проф. д-р Брановачки, проф. д-р Косовчевиќ и проф. д-р Бабиќ. Во 1978 година бил на едногодишен стручен престој на Стоматолошкиот факултет во, тогаш, Западен Берлин, кај проф. д-р Карл Ајхнер и проф. д-р Георг Хазе.

За публицистичкиот опус во периодиката се располага со само 85 стручно-научни објавени труда, од кои, голем број се самостојни (13) или трудови во кои е носител на истражувањето (39); пет од нив се објавени во странски публикации. Придонесот на професор Мирчев за развојот и афирмацијата на македонската стоматологија е на повеќе нивоа:

  • Во 1967 бил член на Организациониот одбор на 1. Собир на стоматолозите на СРМ, Катлановска Бања;
  • во 1970 – член на Организациониот одбор на 2. Собир на стоматолози- те на СРМ, Куманово;
  • во 1972 – член на Организациониот одбор на 5. Конгрес на стоматолозите на Југославија, Охрид;
  • во 1984 – член на Организациониот одбор на 7. Конгрес на стоматолози- те на Југославија, Врњачка Бања ;
  • во 1985 – член на Организациониот одбор на Светскиот конгрес на стоматолозите (FDI), Белград;
  • во 1990 – член на Почесниот одбор на 2. Научен симпозиум на оралните хирурзи на Југославија;
  • во 1991 – член на Почесниот одбор на 13. Конгрес на лекарите од Македонија со меѓународно учество;
  • во 1994 – член на Конгресниот одбор на 1. Конгрес на стоматолозите од Македонија;
  • во 1995 – член на Организациониот одбор на Конгресот на лекари- те од Македонија, Охрид;
  • во 1998 – член на Конгресниот одбор на 2. Конгрес на стоматолозите од Македонија.
  • Од 1981 до 1985 професор Мирчев бил претседател на Стоматолошката секција на Македонија;
  • во 1982 бил претседател на Организациониот одбор на 4. Стоматолошката не- дела на СР Македонија – Струга;
  • во 1989 – организатор на првата научна манифестација “Научни достигнувања во стоматологијата”;
  • во 1991 – пот- претседател на Организациониот одбор на 4. со-бир на стоматолозите од Македонија.
  • Од 1994 год. во повеќе мандати, бил претседател на Протетичката секција на Македонија.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Како наставник со богато знаење и искуство во образовниот процес по предметот стоматолошка протетика, својот долг кон генерациите стручњаци што ги продуцирал, но и поради сопствен афинитет кон образовно-едукативниот процес, го исполнил со издавање на четири самостојни учебници и една скрипта, наменети за студенти, специјализанти, магистранди, докторанди и кон сите што се повеќе или помалку заинтересирани за проблемите од областа на стоматолошката протетика:

  • “Стоматопротетички материјали” (скрипта) во издание на Универзитетска печатница, Скопје (1982);
  • “Стоматолошка протетика. Едноделно леани фикснопротетички конструкции. Клиничка и техничка изработка” (двапати преиздавана) “Просветно дело”, Скопје (1984, 1987 и 1993);
  • “Стоматолошка технологија. неметали, метали и средства за полнење кавитети” (еднаш преиздадена), “Просветно дело”, Скопје (1987 и 1993);
  • “Клиника на фиксната стоматолошка протетика”, НИП “Студентски збор”, Скопје (1996);
  • “Претклиника на фиксната стоматолошка протетика”, НИП “Студентски збор”, Скопје (1997),
  • „Германско-македонски стоматолошки речник” (1999)
  • „Тотална протеза: претклиника” (2001).

По повод одбележување на 30-годишнина- та, Стоматолошкиот факултет во 1989 ја издаде монографијата “30 години Стоматолошки факултет” и “Македонска стоматолошка библиографија” на кои едиции главен и одговорен уредник бил професор Мирчев. Во периодот од 1988 до 1994 год. професор Мирчев бил главен и одговорен уредник на списанието „Македонски стоматолошки преглед”.

Награди и одликувања[уреди | уреди извор]

  • Орден на трудот со сребрен венец, со указ на Претседателството на СФРЈ (1980);
  • при-знание од Здружението на стоматолозите од Југославија (1980);
  • Повелба од Здружението на стоматолозите на Југославија (1984);
  • Диплома од Сојузот на здруженијата на лекарите од Македонија (1985);
  • диплома од Здружението за стоматолошка протетика на Југославија (1986);
  • благодарница од Сојузот на здруженијата на лекарите на Југославија (1986);
  • Орден на трудот со златен венец, со указ на претседателството на СФРЈ (1989);
  • Плакета на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје по повод 40 години од неговото постоење (1989);
  • Плакети на Стоматолошкиот факултет по повод 30-годишнината, 40-годишнината и 45-годишнината од неговото постоење (1989, 1999 и 2004);
  • Повелба “Д-р Трифун Пановски” за исклучителни резултати во унапредувањето на медицинската наука, практика и за развој на здравствената заштита, од Здружението на лекарите на Македонија (1991);

Признание по повод 50-годишниот јубилеј на Македонско лекарско друштво (1995);

  • Признание по повод 50-годишниот јубилеј на Здруже-нието на лекарите на град Скопје (1997).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Мирчев“. Македонска енциклопедија , книга II (М-Ш): стр. 961. (2009). Скопје: МАНУ.