Елизабет Барет Браунинг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Елизабет Барет Браунинг
Гравура од 1871 од фотографија на Елизабет Барет Браунинг од 1859 г.
Занимањепоетеса

Елизабет Барет Браунинг (анг. Elizabeth Barrett Browning; 6 март 180629 јуни 1861) — една од најистакнатите поети од викторијанскиот период. Нејзината поезија била многу популарна и во Англија, и во САД за време на нејзиниот живот. Збирка од нејзините последни поеми била издадена од нејзиниот сопруг, Роберт Браунинг, набргу по нејзината смрт.

Таа имала големо влијание врз истакнати писатели од нејзиното време, вклучувајќи ги Едгар Алан По и Емили Дикинсон.

Рани години[уреди | уреди извор]

Елизабет Барет Молтон-Барет е родена на 6 март 1806 во Каксхоу Хол, помеѓу селата Каксхоу и Кело во областа Дарем, Англија. Нејзини родители биле Едвар Барет Молтон Барет и Мери Греам-Кларк; Елизабет била најстарото од нивните 12 деца (осум машки и четири женски). Сите деца живееле до зрело доба освен едно девојче кое починало на возраст од четири години, кога Елизабет имала осум. Сите деца во семејствоto имале прекари: Елизабет ја викале “Ба“. Семејството Барет, од кое некои биле делумно креолци, живееле со векови во Јамајка, каде што биле сопственици на плантажи на шеќерна трска и се потпирале на робовскиот труд. Таткото на Елизабет одбрал да го одгледува семејството во Англија додека неговото богатство во Јамајка се зголемувало. Богатството на семејството Греам-Кларк било исто толку големо колку и на семејството Барет.

Елизабет била крстена во 1809 во парохиската црква во Кело, иако таа веќе била крстена од пријател на семејството во првата недела по нејзиното раѓање.

Подоцна истата година, откако било родено петтото дете, Хенриета, Едвард го купил Хоуп Енд, имот од 500 акри (2.0 км²), во близина на Малверн Хилс во Ледбери, Херфордшир. Елизабет имала “голема соба за неа, со обоено стакло во прозорецот и ја сакала градината каде што одгледувала бели рози во посебен стакленик покрај јужниот ѕид“. Времето во Хоуп Енд ќе ја инспирира во подоцнежните години да ја напише Аурора Ли.

Елизабет била образована дома и посетувала часови кај туторот на нејзините браќа. Ова ѝ дало добро образование за девојка од нејзиното време. Го читала Шекспир и извадоци од Изгубениот Рај пред да наполни десет години. За време на Хоуп Енд периодот, таа била “срамежливо, крајно студиозно, предвреме созреано дете, но сепак весело, нежно и мило“. Нејзината интелектуална фасцинираност од класиците и метафизиката била балансирана со религиозната опседнатост што таа подоцна ја опишува како “не длабокото верување на кроткиот Христијанин, туку дивата визија на еден ентузијаст“.

Баретови ги посетувале службите во најблиската капела, а Едвард бил активен во Библиската и во Мисионерската заедница. Елизабет била многу блиска со своите браќа и сестри, грижејќи се мајчински за нив. Таа имала големо почитување за нејзиниот татко: се жалела дека животот не бил забавен без него, со што се согласувала и нејзината мајка, најверојатно затоа што тие не разбирале целосно каква била работата што го задржувала кога неговите патувања станувале се подолги и подолги.

Нејзината прва позната поема била напишана на возраст од шест или осум години. Оригиналниот ракопис моментално се наоѓа во Берг колекцијата во Њујоршката народна библиотека; точниот датум е контроверзен бидејќи бројот “2“ во датумот 1812 е напишан над нешто друго што е прешкртано. До дванаесет годишна возраст таа напишала една “епска“ поема која се состои од четири книги со римувани куплети. Кога имала 14 години, нејзиниот татко платил за издавањето на една долга Хомерска поема насловена Битката на Маратон. Барет подоцна се однесува кон ова како “Александар Поповиот Хомер изработен повторно, или подобро, не изработен“. До дваесет годишна возраст таа ги прочитала основните грчки и латински автори и Пеколот од Данте на нивните оригиналните јазици. Таа научила Еврејски и го прочитала Стариот завет од почеток до крај. Нејзината прва збирка поеми, Еден есеј на ум и други поеми, била издадена во 1826.

Тогаш (на дваесет годишна возраст), Елизабет почнала да се бори со доживотна болест што медицината во тоа време не била во можност да ја дијагностицира. Таа почнала да зема [[морфиум за болките и случајно станала зависна од лекот. Оваа болест предизвикала таа да биде болежлива и слаба. Поради болеста, Браунинг ги пишувала поемите главно во нејзиниот дом.

Мери Расел Митфорд ја опишала младата Елизабет како некој што има “ситна, нежна фигура, рој од темни локни кои паѓаат од двете страни на најемотивното лице; големи нежни очи, богато обрабени со темни трепки и насмевка како сончев зрак.“ Ан Такери Ричи ја опишала како “многу мала и кафена“ со големи, егзотични очи и претерано дарежлива уста.

Живеалишта и изданија[уреди | уреди извор]

Елизабет Браунинг

Сидмаут, Девоншир и Лондон[уреди | уреди извор]

На 30 јуни 1824, едни од водечките весници во Лондон, Глоуб и Травелер, ги отпечатиле нејзините Строфи за смртта на Лорд Бајрон. Истата година, судскиот процес за имотот на нејзиниот татко во Јамајка завршил во корист на нивен братучед, предизвикувајќи го почетокот на нивниот финансиски пресврт.

Во 1826 ја објавила нејзината прва збирка поеми, Еден есеј на ум и други поеми. Ова е дидактичка поема со Хомер; латински и грчки се прикажани во овие поеми. Изданието го привлекло вниманието на еден слеп познавач на грчкиот јазик, Хју Стјуарт Боид и на друг специјалист за грчки, Јуведеил Прајс. Таа одржувала научна кореспонденција со двајцата сè до нејзината смрт. Помеѓу другите соседи бил и господинот Џејмс Мартин од Колвол со којшто се допишувала во текот на нејзиниот живот.

По сугестија на Бојд, таа го превела Ескалисовиот Окованиот Прометеј (издаден во 1833; повторно преведен во 1850). За време на нивното пријателство, Барет впила многу од старогрчката книжевност вклучувајќи ги Хомер, Пиндар и Аристофан. Од 1822 натаму интересите на Елизабет се насочувале сè повеќе и повеќе кон науката и книжевноста. Во 1825 таа ја објавила Розата и Зефир, нејзиното прво издадено дело.

Во 1828 мајката на Елизабет починала. Таа била погребана во парохиската црква Свети Мајкл и сите ангели, во Ледбери, покрај нејзината ќерка Мери. Смртта на нејзината мајка тешко ја погодила, за што Бојд во неговите писма вели дека ова ѝ ја одзело моќта за размислување на некое време. Укинувањето на ропството во раните 1830ти ги намалило финансиите на господит Барет. Неговите финансиски загуби, во раните триесетти, го принудиле да го продаде Хоуп Енд и иако семејство не било никогаш сиромашно, местото било запленето и ставено на продажба за да се намират кредиторите. Инвестицијата што им давала приход во Јамајка исто така завршила со укинувањето на ропството. Во 1831 Елизабет примила вест дека нејзината сакана баба, Елизабет Молтон, починала.

Семејството се селело трипати помеѓу 1832 и 1837, прво во бела Џорџијанска зграда во Судмаут, Девоншир, каде што останале три години. Подоцна се преселиле во Глостер, Лондон. Додека живееле таму таа пишувала за неколку списанија и во 1825, нејзиното прво печатено дело, Розата и Зефир, било објавено во списанието Литерари Газет.

Улицата Вимпол[уреди | уреди извор]

На крајот се преселиле на улицата Вимпол 50, место што го посетила како дете. Џон Кенион, далечен братучед, ја претставил на познати лица од книжевниот свет, вклучувајќи ги Вилијам Вордсворт, Мери Расел Митфорд, Семјуел Тејлор Колриџ, Алфред Лорд Тенисон и Томас Карлајл.

Ги напишала Ромаут за Маргарет, Ромаунт за Пејџ, Заклетвата на поетот како и други дела објавувајќи ги во различни списанија. Се допишувала со важни личности од светот на книжевноста во тоа време, вклучувајќи ја и Мери Расел Митфорд. Таа и Мери станале блиски пријателки и Мери ѝ помагала да ја унапреди нејзината книжевна амбиција. Во 1838 Серафим и други поеми се појавила како првата книга со зрела поезија на Елизабет под нејзиното сопствено име.

Торки[уреди | уреди извор]

Во 1838, на инсистирање на нејзиниот лекар, Елизабет се преселила од Лондон во Торки на брегот Девоншир. Брат ѝ Едвард, еден од нејзините најблиски роднини, отишол со неа. Татко ѝ, господин Барет, не го одобрил одењето на Едвард во Торки, но не ја спречувал неговата посета. Подоцнежното давење на Едвард во несреќа на море, во Торки во 1840, имало сериозно влијание на нејзиното веќе нарушено здравје; кога го нашле неговото тело после неколку дена таа немала сила за солзи или зборови. Се вратила на улицата Вимпол.

Враќање на улицата Вимпол[уреди | уреди извор]

До враќањето на улицата Вимпол, таа веќе станала инвалид и осаменик, поминувајќи го најголемиот дел од наредните пет години во нејзината соба и освен со нејзиното најблиско семејство, се гледала со малку луѓе. Еден од малкуте со кои се гледала бил нејзиниот пријател Џон Кенион, богат и забавен пријател од уметностите. Таа се чувствувала одговорна за смртта на брат ѝ бидејќи таа сакала тој да биде таму со неа. Во овој период, се смета дека развила зависност од опиум. Утеха нашла во нејзиниот кокер-шпаниел со златни влакна, по име “Флаш“ кој и бил даден како подарок.

Таа продолжила да пишува поезија вклучувајќи ја збирката Плачот на децата издадена во 1842. Оваа поема го осудува детскиот труд и помогнала за донесувањето реформи против употреба на детскиот труд. Отприлика во истото време таа учествувала со неколку дела критичка проза во Новиот дух на векот од Ричард Хенри Хорн. Таа исто така го напишала Првиот ден прогонство од рајот. Во 1844 издала два тома поеми, кои ги вклучувале Драма на прогонство, Поглед на поети, Додворувањето на Лејди Џералдин. “Бидејќи не била оптоварена со домашни обврски, што се очекувало од нејзините сестри, Елизабет можела целосно да се посвети на умствениот живот, одржувајќи огромна кореспонденција и читајќи многу.“

Запознавање со Роберт Браунинг и дела од тоа време[уреди | уреди извор]

Нејзината книга Поеми од 1844 ја направила еден од најпопуларните писатели во земјата во тоа време и го инспирирала Роберт Браунинг да ѝ пише кажувајќи ѝ колку многу ги сакал нејзините поеми. Кенион договорил Браунинг да се сретне со Елизабет во мај 1845 и така почнало едно од најславните додворувања во книжевноста.

Елизабет напишала многу дела и пишувала многу време пред Роберт Браунинг да објави било што. Меѓутоа, тој имал големо влијание на нејзиното пишување, како и таа на неговото; забележливо е дека поезијата на Елизабет созреала по среќавањето на Роберт. Две од најпознатите дела на Берет биле создадени откако го сретнала Браунинг: Сонети од Португалката и Аурора Ли.

Како и да е, некои критичари сметаат дека тој имал негативно влијание: “До почнувањето на врската со Роберт Браунинг во 1845, волјата на Барет да се ангажира во јавни расправи за општествени проблеми и за естетски проблеми во поезијата, што била толку силна во нејзината младост, постепено се намалила, како и нејзиното физичко здравје. Како интелектуална појава и физичко суштество, таа станала сенка од самата себе.“

Помеѓу најпознатите лирски песни на Елизабет се Сонетите од Португалката (1850) – “Португалка“ е прекарот што ѝ го дал нејзиниот сопруг. Насловот исто така се однесува на серија сонети од португалскиот поет од шеснаесеттиот век, Луис Кемос; во сите овие поеми таа користи римувани шеми, типични за португалските сонети.

Романот во стихови Аурора Ли, најамбициозната и можеби најпозната од нејзините долги поеми се појавила во 1856. Тоа е приказна за жена писател која создава свој пат во животот, балансирајќи ги работата и љубовта. Текстот опишан во овој роман се заснова на слични лични искуства коишто Елизабет самата ги поминала. Во списанието Норт американ ривју поемата на Елизабет била пофалена со овие зборови: “Поемите на госпоѓа Браунинг се, со сета почит, изразот на една жена – на жена со големо знаење, богато искуство, моќен гениј, соединувајќи ја во нејзината женска природа силата која понекогаш се смета својствена за еден маж.“

Роберт Браунинг[уреди | уреди извор]

Елизабет Барет Браунинг со нејзиниот син Пен, 1860

Додворувањето и бракот помеѓу Роберт Браунинг и Елизабет биле направени тајно. Шест години постара и инвалид, таа не можела да поверува дека енергичниот и светски човек Браунинг навистина ја сакал толку многу колку што ѝ изјавувал и нејзините сомнежи се изразени во Сонетите од Португалката кои таа ги напишала во текот на наредните две години. Но љубовта победила сè и по приватната венчавка во парохиската црква Света Мерилбон, Браунинг го копирал неговиот идол Шели со давање волја на неговата сакана носејќи ја во Италија во август 1846, која станала нејзин дом речиси до нејзината смрт. Верната негувателка на Елизабет, Вилсон, која била сведок на венчавањето во црквата, го придружила парот во Италија.

Господин Барет ја лишил од наследство Елизабет, како што направил со секое од неговите деца кои се омажиле: “Јавното мислење за госпоѓа Браунинг било дека таа е слатка, невина млада жена која претрпела крајни суровости во рацете на еден татко тиранин, која сепак имала добра среќа да се вљуби во елегантниот и згоден поет по име Роберт Браунинг. Таа конечно избегала од затворот на улицата Вимпол, побегнала во Италија и живеела среќно до крајот на нејзиниот живот.“

Бидејќи Елизабет имала некои сопствени пари, парот бил разумно комфорен во Италија и нивниот заемен однос бил хармоничен. Браунингови биле почитувани во Италија, дури и славни, им барале автограми или биле застанувани од луѓе поради нивната слава. Елизабет станала посилна и во 1849, на 43 годишна возраст, родила син, Роберт Видман Барет Браунинг, кого го викале Пен. Нивниот син подоцна се оженил, но немал законски деца, така што нема директни наследници на двајцата славни поети. Како и да е, имало гласини дека градот Фиренца и неговите околни области се населени со негови наследници.

“Неколку критики за Браунинг сугерираат дека поетот мислел дека бил “објективен поет“, а потоа во него откриле еден “субјективен поет“ со надеж дека разговорите со Елизабет би му овозможиле да биде поуспешен.“

По инсистирање на нејзиниот сопруг, второто издание на Поеми од Елизабет ги вклучило нејзините љубовни сонети; како резултат, нејзината популарност брзо се зголемила (како и критичкиот поглед врз нејзините дела) и нејзината позиција како водечка Викторијанска поетеса била зацврстена. Во 1850, по смртта на Вилијам Вордсворт, таа била сериозен кандидат за поет Лауреат, но позицијата отишла кај Тенисон.

Пад[уреди | уреди извор]

Гробот на Елизабет Барет Браунинг од Харперс магазин, 1896

По смртта на еден стар пријател, Г.Б. Хантер, а потоа и на татко ѝ, нејзиното здравје повторно се влошило, главно поради намалувањето на функцијата на белите дробови. Елизабет се преселила од Фиренца во Сиена во нивниот летен дом, вилата Алберти. Во 1860 таа издала мал том политички поеми насловени Поеми пред конгрес. Овие поеми се однесуваат на политички проблеми на Италијанците, “од кои повеќето биле напишани да ја изразат нејзината симпатија кон Италијанската кауза по избувнувањето на немирите во 1859“. Таа му ја посветила оваа книга на сопругот.

Нејзиното последно дело било Музички инструмент, издадено во јули 1862. Исто така, ја препечатила Последна поема, што станало едно од нејзините најпознати дела.

Во 1860 тие се вратиле во Рим за дознаат дека Хенриета, сестрата на Елизабет, починала, вест што ја направила Елизабет слаба и депресивна. Постепено станувала послаба и починала на 29 јуни 1861. Била погребана во англиските гробишта во Фиренца. “Во понеделник на први јули продавниците во делот од градот околу Каза Гвиди биле затворени додека Елизабет била оплакувана со необични манифестации.

Природата на нејзината болест сè уште е нејасна иако медицинските и книжевните научници претпоставувале дека долготрајните пулмонални проблеми, комбинирани со ублажувачки лекарства за спиење, придонеле за нејзиното приближување кон крајот.

Духовно влијание[уреди | уреди извор]

Голем дел од делата на Елизабет содржат религиозни теми кои се повторуваат низ нејзината книжевна дејност. Таа прочитала и проучила славни книжевни дела како Милтоновиот Изгубениот рај и Пеколот од Данте. Елизабет во нејзиното пишување вели: “Ние ја бараме смислата на натопувањето на Христовата крв врз душите на нашите поети којашто може да плаче преку нив како одговор на постојаното оплакување на Сфинксот на нашата човечност, толкувајќи ја агонијата како обновување. Нешто од ова беше објаснето во уметноста кога нејзината слава беше на врвот. Нешто од копнеењето по ова може да биде видено меѓу грчките христијански поети, нешто што би било повеќе со појака вештина.“

Таа исто така верувала дека “Христијанската религија во основа е поезија – славна поезија.“ Таа го истражува религиозниот аспект во многу од нејзините поеми, особено во нејзините рани дела, како на пример Сонетите. Се интересирала за теолошки расправи, научила Еврејски и ја прочитала еврејската Библија. Во поемата Аурора Ли, на пример, наоѓаме многу религиски слики и алузии на слики од апокалипсата.

Прием од критиката[уреди | уреди извор]

Американскиот поет Едгар Алан По бил инспириран од поемата на Барет Браунинг Додворувањето на Лејди Џералдин и ја позајмил метриката на поемата за неговата поема Гавранот. По напишал критика во јануарското издание од 1845 на Бродвејски журнал и кажал дека “нејзината поетска инспирација е највисоката – не можеме да замислиме нешто повозвишено. Нејзиното чувство за уметност е чисто во самото себе.“ Како одговор, таа го пофалила Гавранот и По ѝ ја посветил нејзе неговата збирка Гавранот и други поеми од 1845, нарекувајќи ја “најблагородната од нејзиниот пол“.

Нејзината поезија многу влијаела на Емили Дикинсон која ѝ се восхитувала како на жена со достигнување. Нејзината популарност во Соединетите американски држави и Британија била зголемена со нејзините ставови против општествената неправда вклучувајќи го и ропството во САД, анти-владините пресвртнички движења во Италија и детскиот труд.

Во 1899 Лилиен Вајтинг напишала биографија за Елизабет насловена Студија за Елизабет Барет Браунинг што ја опишува како “најфилозофскиот поет“ и го прикажува нејзиниот живот како “Госпел за применето Христијанство“. За Вајтинг, терминот “уметност во служба на уметноста“ не е применет во делата на Барет Браунинг од причина што секоја поема, со различни цели, била создадена со повеќе “чесна визија“. Во оваа критичка анализа, Вајтинг ја насликува Браунинг како поет кој го користи знаењето од класичната книжевност со еден “интуитивен дар за духовно претскажување“. Во Елизабет Барет Браунинг Ангела Леитон сугерира дека прикажувањето на Барет Браунинг како “побожна иконографија на сестринство“ нè одвлекува од нејзините поетски достигнувања. Леитон ја цитира драмата од 1931 на Ивен Бесиер насловена Барет ови од улицата Вимпол како доказ дека книжевна критика од XX век за делата на Барет Браунинг страдала повеќе како резултат на нејзината популарност отколку поетска некомпетентност.

За време на поголемиот дел од XX век, книжевната критика на поезијата на Барет Браунинг останала ретка сè додека нејзините поеми не биле откриени од феминистичкото движење. Таа самата си се опишала како спремна да одбие неколку принципи на женските права кажувајќи во писмата до Мери Расел Митфорд и нејзиниот сопруг дека таа верувала дека имало инфериорност во интелектот на жената. Сепак феминистичките критичари ги искористиле деконструкционистичките теории на Жак Дерида и други за да ја објаснат важноста на гласот на Барет Браунинг за феминистичкото движење. Леитон вели дека бидејќи таа била дел од книжевниот свет каде што гласот и стилот се управувани од јавниот пристап кон истакнување на машката супериорност, таа “е определена само во мистериозна спротивставеност кон се што го разликува машкиот субјект кој пишува...“

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Barrett, R.A., The Barretts of Jamaica Wedgestone Press, 2000.
  • Donaldson, Sandra, ed. The Works of Elizabeth Barrett Browning. 5 vols. London: Pickering & Chatto, 2010.
  • Everett, Glenn,Life of Elizabeth Browning(2002)
  • Markus, Julia. Dared and Done: Marriage of Elizabeth Barrett and Robert Browning, Ohio University Press, 1995.
  • Kaplan, Cora. Aurora Leigh And Other Poems. London: The Women’s Press Limited, 1978.
  • Lewis,Linda.Elizabeth Barrett Browning's Spiritual Progress. Missouri: Missouri University Press. 1997
  • Mander,Rosalie.Mrs Browning: The Story of Elizabeth Barrett.London: Weidenfeld and Nicolson,1980
  • Meyers, Jeffrey. Edgar Allan Poe: His Life and Legacy. New York City: Cooper Square Press, 1992: 160.
  • Peterson, William S. Sonnets From The Portuguese. Massachusetts: Barre Publishing, 1977
  • Pollock, Mary Sanders. Elizabeth Barrett and Robert Browning: A Creative Partnership. England: Ashgate Publishing Company, 2003
  • Sova, Dawn B. Edgar Allan Poe: A to Z. New York City: Checkmark Books, 2001: 208.
  • Taplin, Gardner B. The Life of Elizabeth BrowningNew Haven: Yale University Press, 1957
  • Thomas, Dwight and David K. Jackson. The Poe Log: A Documentary Life of Edgar Allan Poe, 1809-1849. New York: G. K. Hall & Co., 1987: 591.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Викицитат има збирка цитати поврзани со: