Димката Ангелов Габерот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Димката Ангелов Габерот

Димитар Ангелов или Димката Ангелов-Габерот (17 октомври 191610 јуни 1943) — партизан од Тиквешијата.

Биографија[уреди | уреди извор]

Млади години[уреди | уреди извор]

Димката Ангелов Габерот е роден во виорот на Првата светска војна во Ваташа на 17 октомври 1916 година како второ дете на Ленка и Ташо Ангелови. Основно образование завршил во родното место со одличен успех, па се запишува во први клас нижа гимназија во Кавадарци. Овде го завршил само третиот клас, бидејќи со Законот за заштита на државата биле затворени поголем број гимназии во Македонија, меѓу кои се наоѓала и гимназијата во Кавадарци. Четврти клас и мала матура завршува во Прилеп. Во октомври 1930 година со само 14 години заминува во Белград, каде се запишал на престижната учителска школа. Се стекнал со диплома на учител во Неготин Краина каде што ја завршил Учителската школа и положил голема матура. За време на летниот распуст често се дружел со Страшо Пинџур, а за ова нивно пријателство и дружење дознаваме од дневникот на Страшо Пинџур, каде Димката бил опишан како младинец со многу дарба. Во учителската школа доаѓа до израз неговиот бурен и револуционерен темперамент, не ја трпи неправдата, се буни и ги критикува неправедните постапки на неговите професори. Тој во слободно време многу чита, а негови омилени писатели се: Достоевски, Тургењев, Пушкин, Синклер и други.

Политичката и учителската кариера[уреди | уреди извор]

Неговата љубов кон пишаниот збор го тера заедно со група негови истомисленици да го основаат првото читалиште библиотека во Кавадарци во 1935 година. Неговиот прв јавен испад се случува на плоштадот во Кавадарци во 1936 година, каде пред народот ја напаѓа експлоататорската политика на владата на Милан Стојадиновиќ пред министерот за социјална политика и народно здравје Драгиша Цветковиќ. Бидејќи бил противник на владата Димката долго време останува без работа. Во пролетта 1937 година е обвинет дека е комунист и шири комунистички идеи, па затоа е уапсен заедно со поголема група напредни луѓе и одлежува три месеци затвор во Велес. Димката добива работа како учител во село Дабниште во септември 1937 година. Тоа траело кратко, бидејќи во март 1938 година заминува во Винковци на отслужување на воениот рок. Во војската секогаш ги заштитува послабите и угнетувани војници, па затоа бил почитуван од своите другари. По враќањето од Винковци се вклучува во предизборната кампања за Парламентарните избори во групата сo Страшо Пинџур, Тошо Велков Пепето, Илија Чулев, Васил Димитров и други. Тие победиле на изборите, а д-р Илија Чулев бил избран за народен пратеник во Собранието на Југославија. Димката имал дарба за уметност. Тој многу убаво свирел на виолина, бил извонреден танцувач, а имал и афинитет за глума. Во 1939 година заедно со Милан Даскалов и Славчо Темков ја подготвуваат и се главни актери во Цанкаровата драма „Слугата Јернер и неговото право“. Драмaта за првпат била изведена во кафеаната „Балкан“ каде што доживеала голем успех. Во 1939 година повторно работи како учител, но овој пат во едно од најоддалечените села во Тиквешијата, селото Радња. Како учител бил почитуван и омилен кај учениците, нивните родители и жителите од селото. Се дружел со своите колеги учители од соседните села и секогаш имал време да разговара со селаните од Радња за многуте прашања што ги интересирале. Со младинците од селата Бохула, Чемерско и Радња организира и раководи курсеви за ракување со оружје. Поради неговиот бурен темперамент во средината на јануари 1941 година, непосредно пред разгорувањето на Втората светска војна е интерниран во логорот Меѓуречје кај Ивањица, заедно со поголема група младинци од Кавадарци. Тука се стекнал со големо револуционерно искуство. Условите во логорот биле тешки и сурови. Изолациониот логор во Ивањица преживеал само три месеца, бидејќи бурните настани за време на 27 март 1941 година го означиле неговиот крај. Димката Ангелов заедно со уште триесетмина биле пуштени на 3 април 1941 година.

Партизански денови[уреди | уреди извор]

Димката во интернација во Ивањица, 1941 година
Спомен-биста на Димката Ангелов-Габерот во родната Ваташа

По иницијатива на Месниот комитет на КПЈ за Кавадарци, во средината на мај 1941 година, создаден е Воен комитет во кој Димката е избран за негов член заедно со Перо Угуров, Пано Чејков и Киро Спанџов. Основна задача на овој комитет е прибирање на оружје, муниција и воен материјал, останат по капитулацијата на Југословенската војска, како и организирање обука со младинците од градот и селата за ракување и одржување на оружјето. Непосредно по нападот на Германија на СССР Димката станал пред да започне вечерата во неговата куќа и се обратил кон своите родители и браќа дека тој не се согласува со нападот на Германија на СССР и дека ќе се бори против тој чин. Неговата одлука била прифатена од сите членови на неговото семејство. Од мај 1942 година до мај 1943 година тој е во илегалство. Како илегалец е доста активен, присуствува на состаноците на Воениот и Месниот комитет, а често оди на терен во селата Бегниште, Ресава, Гарниково и други, испитувајќи го теренот и барајќи погодни места кои подоцна ќе послужат како бази за идните партизански одреди. Во април 1943 година Димката Ангелов е избран за политички комесар на Штабот на Третата оперативна зона, кој во исто време беше и штаб на партизанскиот одред „Добри Даскалов“. Како политички комесар на зоната, Димката присуствува и го координира формирањето на гевгелискиот партизански одред „Сава Михајлов“ во падините на планината Кожуф. Како борец Димката се одликува со неизмерна храброст и решителност, а кога било најпотребно знаел да ги мотивира послабите. Долго време жителите од селата во Тиквешијата, во кои одредот имаше успешни акции, се сеќаваат на неговите пламени говори со кои го пленуваше населението. Иако тешко болен во придружба на своите соборци Ило Виларов-Сокол, Јован Радњански-Планински, Пано Мударов-Фрањо и активистот од село Галиште Стојан Крстев, се упатуваат кон логорот на одредот во месноста „Вишешница“. На патот кон логорот на месноста „Торкови Лаки“, групата наидува на непријателска заседа организирана од страна на бугарскиот фашистички окупатор. И покрај тоа што партизанската група се најде во безизлезна состојба, Димката до крај остана доследен на своите убедувања да не потклекне пред тешкотиите. Ја прифаќа борбата иако е тешко ранет од првиот плотун на непријателските куршуми. Загина на 10 јуни 1943 година заедно со Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев.

По загинувањето на Димката Ангелов Габерот останаа многу дилеми, меѓу кои секако онаа која и ден денес ја разбранува јавноста во целиот Тиквешки крај: „Зошто Димката Ангелов Габерот не беше прогласен за Народен херој“.

Во негова чест познатиот кавадаречки поет и музичар Александар Ленин ги испеал овие стихови:

Пештера болен Габерот лежи, треска го тресе русата глава. Неарно писмо курирот му даде, не рече ништо, набрчка чело, стана и стави пушка на рамо. По поле едри капки капат, по грбот негов ледни мравки лазат. На камен гордо орелот стои, аргатки гордо превиле грбот. Тогај му велат на Габер јунак: Врати се, Габер, сам бој не бива.

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • П.Камчевски: Девет тиквешки великани. Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2009
  • П. Камчевски: Ваташа. Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2012
  • П. Камчевски: Кавадаречки историски речник. Музеј-галерија Кавадарци, Кавадарци 2010