Веселинка Малинска

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Веселинка Малинска (Куманово, 4 јануари 1917 - Скопје, 12 ноември 1987) — македонска комунистка, учесничка во НОВ и вршител на политички функции по ослободувањето. Носител е на Партизанска споменица 1941.

Биографија[уреди | уреди извор]

Како член на СКОЈ (1933) и секретар на скоевски актив (1934), била уапсена (јануари-февруари 1936) и спроведена во истражниот затвор во Скопје и во Ада Циганлија (Белград). Ја завршила Трговската академија во Ниш. Како член на КПЈ (1936) и студент на Високата економско-комерцијална школа во Загреб, била истакнат активист во кумановското студентско друштво (во летото 1937) и била избрана за член на МК на КПЈ во Куманово. Подоцна студирала во Белград (1939), каде што била секретар на Месниот одбор на Народната помош (1940-1941).

По Априлската војна била главната курирска врска на Покраинскиот комитет на КПЈ за Србија и ЦК на КПЈ со Белградскиот партизански одред и со партиските организации во Србија. Во отсуство била осудена на смрт (април 1942). Потоа се вратила во Македонија (мај 1942) и била секретар на Месниот комитетна КПЈ во Скопје и уредник на неговото гласило „Весник“. Наскоро заминала како борец во Вториот скопски партизански одред (октомври 1942 - јануари 1943), а потоа се илегализирала кај јатаци на Скопска Црна Гора, од каде што заминала (20 мај 1943) на планината Караорман за секретар на Агитпроп при Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Била кандидат за член на ЦК на КПМ (1943-1945), избран делегат на АВНОЈ, член на Главниот одбор на НОФ, одговорен уредник на списанието „Илинденски пат“ (од април 1944), делегат и втор секретар на работното Претседателство на Првото заседание на АСНОМ, референт на Поверенството за информации (од 14 август 1944) и уредник на списанието „Македонка“ (од ноември 1944).

По Ослободувањето била секретар на Главниот одбор на АФЖ за Македонија (од 15 декември 1944), ја завршила Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград, била главен и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, директор на Радио Скопје (од 1 април 1952 до 25 ноември 1961), претседател на Здружението на новинарите на Македонија, потпретседател на Главниот одбор на ССРНМ, член на Извршниот совет на Собранието на СРМ, републички и сојузен пратеник, член на Претседателството на ЦК на СКМ, претседател на Универзитетскиот совет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје и член на Претседателството на СРМ.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, том 2, стр. 906.