Прејди на содржината

Болка (книга)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Портрет на Маргерит Дурас

„Болка“ (француски: La Douleur) — книга на француската писателка Маргерит Дирас од 1985 година. Книгата е посветена на Никола Рењие и на Фредерик Антелмо.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Во април 1945 година, кон крајот на Втората светска војна, авторката загрижено го очекува враќањето на сопругот Робер Л. од заробеничкиот логор во Германија, постојано стравувајќи дека тој е мртов и дека нема да се врати дома. Таа работи во весникот „Либр“, кој објавува податоци и вести за воените заробеници и за луѓето депортирани во германските логори. Во текот на работата, таа доаѓа во допир со бројни повратници од германското заробеништво, очекувајќи некакви вести за Робер, но постојано се бори со стравот од најлошата вест, а нејзиното измачување се претвора дури и во физичка болка. Најпосле, таа се среќава со другарите на Робер, кои неколку дена претходно го виделе жив, но не знаат што се случило со него. Еден ден, неочекувано, таа добива вест дека Робер се наоѓа во логорот Дахау во многу тешка состојба и дека може наскоро да умре. Поради тоа, нејзините пријатели веднаш одат во логорот и го пренесуваат во Париз каде постепено закрепнува. Во август 1945 година, Робер е веќе целосно здрав и тогаш му ја соопштуваат веста за смртта на неговата помлада сестра. Исто така, авторката му кажува дека мора да се разделат, зашто таа има намера да живее со нејзиниот пријател и соработник. Подоцна, Робер пишува книга за својот престој во логорот и продолжува да се дружи со авторката, која постојано мисли на неговата несреќна судбина.[2]

Господинот Х овде наречен Пјер Рабије

[уреди | уреди извор]

Во предговорот кон овој текст, авторката соопшува дека се работи за вистинска повест, која таа ја пренесува во најситни детаљи. Притоа, единствената причина поради која текстот е објавен по 40 години се нејзините обѕири кон сопругата и детето на главниот лик кој во книгата е наречен Рабије. Откако текстот им го дала на своите пријатели Херве Лемасон и Јан Андреа, тие ја убедиле дека треба да го објави поради описот на Рабије.[3]
Во јуни 1944 година, авторката го посетува затворот Френ во Париз каде се наоѓа нејзиниот сопруг, Робер Л., уапсен како член на Движењето на отпорот. Таму, таа го запознава агентот на Гестапо, кој се претставува како Пјер Рабије. Рабије ѝ кажува дека токму тој го уапсил нејзиниот сопруг и ѝ помага да му достави пакет. Подоцна, авторката станува член на Движењето на отпорот, а еден ден, додека таа има средба со нејзините другари на улицата, ненадејно се појавува Рабије. Таа е исплашена, мислејќи дека тој ќе ја уапси, но не се случува ништо, туку тој само љубезно разговара со неа. Оттогаш, по налог на претпоставените од Движењето на отпорот, таа почнува редовно да се среќава со Рабије и ги запишува сите негови искази. Низ разговорите со него, таа дознава за неговиот животен сон — да има книжарница за стари книги, а тој ужува да ѝ раскажува за луѓето кои ги уапсил. Истовремено, таа живее во постојан страв дека ќе биде уапсена или убиена, убедена дека Рабије знае за нејзината илегална активност. При една средба, Рабије бара од неа да предаде еден од водачите на Движењето на отпорот, но таа одбива да го направи тоа. По некое време, германската армија го депортира политичките затвореници и Робер е одведен во логор. Тогаш, авотрката предлага Движењето на отпорот да го убие Рабије. Тој, пак, е убеден во победата на нацистите и верува дека ќе настане пресврт во војната. Еден ден, додека Рабије и авторката ручаат во еден ресторан, внатре влегуваат двајца членови на Движењето на отпорот, кои треба да го идентификуваат Рабије. Тогаш, авторката, која е пијана, отворено зборува дека поразот на германската војска е неизбежен и добива желба да му каже дека тој наскоро ќе биде убиен. Тоа е нивната последна средба, а неколку дена подоцна е ослободен Париз. Движењето на отпорот безуспешно го бара Рабије за да го убие, но подоцна го пронаоѓа полицијата и тој е уапсен. За време на судењето, авторката сведочи во негова полза, соопштувајќи дека Рабије спасил неколку Евреи, а подоцна, кога веќе го има заборавено, дознава дека тој бил стрелан.[4]

Албер од Капиталот

[уреди | уреди извор]

Додека се водат борбите за ослободувањето на Париз, Движењето на отпорот заробува еден соработник на германската полиција. За време на претресот, во дефтерот на соработникот повеќепати се повторува името на келнерот Албер од бистрото „Капитал“ и тоа го привлекува вниманието на припадниците на Движењето на отпорот. Испрашувањето на германскиот агент го презема Тереза, а двајца нејзини другари постојано го тепаат заробеникот, кој упорно тврди дека не е виновен. Најпосле, агентот сепак признава, а Тереза, потресена од мачните сцени на долготрајното и сурово мачење, бара да го ослободат затвореникот и потоа почнува да плаче.[5]

Милицаецот Тер

[уреди | уреди извор]

Тереза и Д., членови на Движењето на отпорот, го префрлаат заробениот милиционер Тер во друга зграда. Таму, тие присуствуваат на глетката на изнесувањето на мртвото тело на еден германски агент кого штотуку го стрелале. Додека чекаат, Тереза се присетува испрашувањето на Тер, кој станал соработник на окупаторот поради желбата за пари, автомобили, оружје и забава. Тереза и Д. гледаат со симпатија на Тер, а и тој се однесува пријатно кон нив. По некое време, Тереза и Д. го враќаат Тер назад во седиштето на нивната група, а Тереза му обезбедува дополнителен леб и карти за играње. Од тој настан минува подолго време, а Тереза никогаш повеќе не го видела Тер и не знае што се случило со него: дали бил стрелан, затворен или ослободен.[6]

Изгазена коприва

[уреди | уреди извор]

Во предговорот авторката наведува дека, за разлика од претходните, овој текст е измислен, а бил напишан 40 години порано, кога таа била членка на Комунистичката партија на Франција. Според неа, текстот се однесува на судирот меѓу класите и дека може да биде добра подлога за филм. Притоа, авторката наведува дека понекогаш помислува дека главниот лик (странецот) би можел да биде милицаецот Тер, кој побегнал од заробеништвото и кој бара место за да умре.[7]

Дејствието се одвива некаде на периферијата на Париз, каде на еден пуст пат се појавува непознат човек, а во неговата близина си играат две деца. Потоа доаѓа друг човек, работникот Лисиен кој започнува разговор со странецот. Наеднаш, без причина, странецот кине коприва и со неа ги трие рацете. Најпосле, Лисиен си заминува, децата си одат дома, а странецот останува сам на патот.[8]

Аурелија Париз

[уреди | уреди извор]

Во предговорот, Дирас соопштува дека текстот е целосно измислен и дека го напишала водена од љубовта кон напуштеното еврејско девојче. Притоа, таа планирала тесктот да го пренесе на театарската сцена и за таа цел му го дала на Жерар Десарт, кој во текот на две недели го читал во малата сала на театарот Рон-Поаен, во јануари 1984 година.[9]

Во текстот се зборува за една жена која крие еврејско девојче во кулата покрај шумата. Тие ја слушаат бучавата на сојузничките авиони кои одат да ги бомбардираат германските градови. Жената му раскажува на девојчето за денот кога во нивната зграда се појавила германската полиција, која ги одвела нејзините родители во концентрационен логор, а претходно, мајката ѝ го дала девојчето на жената. Текстот завршува така што девојчето (кое се вика Аурелија Стејнер) пораснало, веќе има 18 години и живее во Париз.[10]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Во предговорот кон книгата, Дирас наведува дека овие записи во форма на дневник ги пронашла во две сини тетратки, во Наф-л-Шато, но дека не се сеќава кога ги напишала, а првпат на нив обратила внимание кога списанието „Сорсиер“ ѝ побарало некој текст од младоста. Според нејзиниот опис, записите биле напишани со ситен, многу правилен и смирен ракопис, но со исклучителен неред на мислите и чувствата. Таа ја нарекува книгата „Болка“ една од најзначајните нешта во нејзиниот живот и дека, во однос кон неа, литературата ја засрамува.[11]

Во „Болка“ се опишуваат случувањата за време на последните денови од Втората светска војна, односно за периодот кој во Франција сè уште не е добро објаснет. Во тој поглед, книжевниот критичар на парискиот весник „Ле Монд“, Бернар Поаро-Делпеш, напишал: „Никој, ми се чини, не ја опишал толку добро тешката ситуација од последните денови на војната. „Болка“ заслужува да се чита на глас во училиштата на 8 мај, Денто на победата, за оние кои толку малку знаат за последната војна да сфатат навистина што се случувало тогаш.“ Воопшто, и публиката и критиката со пофалби го прифатиле ова дело, кое потоа било преведено на повеќе јазици.[12]

„Болка“ се темели на параметри кои потполно се разликуваат од експерименталноста на другите дела на Дирас. Оваа книга се заснова на документот, за стварноста која својата сила не ја искажува во сублимирнаоста на поттекстот на стварното, туку во силата на непосредната стварност, односно во сведоштвото. Во тој поглед, „Болка“ е жива рана како на историјата така и на приватниот живот. Писателката, која била припадничка на левото крило на Движењето на отпорот, го очекува враќањето на сопругот од логорот. Најпосле, тој се враќа дома и 17 дена се бори за живот. Приземната борба, во која сè е концентрирано на работата на цревата и на безброј перници кои го држат неговиот костур, претставува редок и маестрален опис на човекот сведен на ништожност, минуциозно следење на повторното оживување на телото, а сето тоа ги прави овие страници чиста поезија. Дирас го опишува најприземниот биолошки дел од човекот, и без метафизика за ништожноста, иако сè е на границата на ништожноста. И оваа приказна се состои од низа визуелни секвенци, хронолошки распоредени, со брзо воспоставување на просторот и времето на самото дело, што обезбедува „écriture courante“. Затоа, ваквиот начин на пишување е близок до физиолошко-психолошката структура на човекот и поради тоа оваа повест е нешто пред кое се срами литературата, но не затоа што самото дело нема амбиција да биде литература, туку напротив, тоа е чиста книжевност, но и живо предание. „Болка“ е жива рана која книжевноста долго време не се осмелувала да ја допре, а која сега ја опејува, нешто што е достојно за уметничкото дело. Покрај истоимениот текст, „Болка“ содржи уште три повести од истиот временски период, како и два поетски сублимирани драмски текста. Сите тие, заедно и паралелно, го дополнуваат истото време: Господинот Икс е чудовиште на култивираната и организираната цивилизација, кое е производ на времето на индустријализираното злосторништво. Во тој текст се опишува играта на мачитлеот и маченичката во која се мешаат љубовта и омразата при што и мачителот станува маченик. Дирас, пак, станува мачителка во следната секвенца од тоа време, опишана во „Албер од Капитал“. Таа го измачува поткажувачот на истиот начин кој го применува непријателот, со што се поставува прашањето: Кој е кому непријател? Одговорот е: во прв ред, човекот сам на себе и затоа, злосторството е заедничко, блиско на сите, иако жртвите не простуваат. Наспроти него, во „Милиционерот Тер“, писателката покажува симпатија и способност да прости.[13]

  1. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 5.
  2. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 9-74.
  3. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 76.
  4. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 75-121.
  5. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 125-149.
  6. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 151-168.
  7. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 170.
  8. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 169-180.
  9. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 182.
  10. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 181-191.
  11. Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 7.
  12. Nada Bojić, „Pogovor“, во: Margerit Diras, Stvarni život. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 148.
  13. „Od eksperimenta do dokumenta“, во: Marguerite Duras, Bol. Sarajevo: Svjetlost, 1988, стр. 195-197.