Маргерит Дирас

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Маргерит Дирас (француски: Marguerite Duras) (4 април 1914, Сајгон, Француска Индокина - 3 март 1996, Париз, Франција) - француска писателка, филмска режисерка и сценаристка.

Биографија[уреди | уреди извор]

Марагрит Дирас е родена како Маргерит Донадје (Marguerite Donnadieu), на 4 април 1914 година во Сајгон, Француска Индокина (денешен Виетнам), каде што нејзините родители работеле како професори. На млада возраст од 17-18 години, Дирас се преселила во Франција, каде најпрвин студирала математика, но набрзо се префрлила на политичките студии, а потоа на правото.[1]

Табла на хотелот „Roches Noires“ во кој живеела Дирас од 1963 до 1996 год.

Творештво[уреди | уреди извор]

Гробот на Дирас.

Во 1943 година, Дирас го објавила својот прв роман „Бесрамници (Les Impudents)“, а потоа напишала уште неколку дела во стилот на американските реалисти. Во 1950 година излегол нејзиниот нов романБрана против Пацификот (Un barrage contre le Pacifique)“ во кој се раскажува за нејзината младост во Индокина. Романот обилува со автобиографски елементи и во него првпат се претставени ликовите и настаните кои подоцна ќе бидат дел од нејзиниот најпознат роман „Љубовникот“. „Браната против Пацификот“ остварил огромен успех, а подоцна, врз основа на него бил снимен филм во режија на Рене Клемен (Renè Clement), кој, исто така, постигнал голем успех.[2]
Потоа, Дирас се повлекла надвор од очите на јавноста, по што следувала низа од 17 романи, од кои најголем успех доживеале: „Сквер (Le Square)“ (1955), „Moderato Cantabile“ (1958), „Попладнето на господинот Андемас (L'après-midi de M. Andesmas)“ (1962), „Грабнувањето на Лол В. Стајн (Le Ravissement de Lol V. Stein)“ (1965), „Вицеконзул (Le Vice-Consul)“ (1966) итн. Сите тие означувале чекор напред во нејзината ориентација да навлегува длабокот во психолошката состојба на ликовите. Со објавувањето на романот „Moderato Cantabile“, Дирас започнала да го негува стилот кој во Франција бил познат како „нов роман (le nouveau roman)“. Истовремено, покрај романите, Дирас пишувала и драми и филмски сценарија, кои постојано постигнувале успех кај публиката и критиката. Во тој поглед, особено се истакнуваат дијалозите што таа ги напишала за познатиот филм „Хирошимо, љубов моја (Hiroshima mon amour)“ на режисерот Alain Resnais. Покрај тоа, Дирас е автор на околу петнаесет филмови, од кои најголем успех доживеале „Moderato Cantabile“ и „India Song“.[3]
Светската слава, Дирас ја стекнала со краткиот роман „Љубовникот“, објавен во 1984 година, кој набрзо остварил огромен тираж во Франција, продавајќи се не само во книжарниците, туку и на трафиките по автобуските и железничките станици. Така, набрзо по издавањето, романот бил продаден во тираж од 250.000 примероци, нешто што одамна не било забележано во Франција. Исто така, романот се продавал одлично и во странство: Во САД, пет големи издавачки куќи веднаш започнале борба за правото за превод на романот на англиски јазик, а во Италија, за кратко време, книгата била продадена во 35.000 примероци.[4]
Покрај големиот комерцијален успех, романот наишол на одличен прием кај книжевната критика. Така, познатиот критичар, писател и член на Академијата „Гонкур“, порачувал дека „треба наглас да се читаат најубавите делови на Љубовникот.“ Како резултат на поволните критики, на 12 ноември 1984 година била објавена веста дека Дирас е добитникот на Гонкуровата награда - највисокото литературно признание во Франција.[5] По добивањето на наградата, во желбата да избега подалеку од очите на јавноста, Дирас се повлекла во селото Кабур (Cabourg) во Нормандија, во кое еден дел од животот поминал и Марсел Пруст.[6]

Улицата „М. Дирас“ во Париз.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 101-102.
  2. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 101-102.
  3. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 102-103.
  4. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 98-100.
  5. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 99.
  6. Muhamed Nezirovic, „Marguerite Duras ili nova slava jednog velikog pisca“ во: Marguerite Duras, Ljubavnik (treće izdanje). Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 106.