Физиологија на човекот

Од Википедија — слободната енциклопедија

Физиологијата на човекот претставува обемна научна (биолошка) дисциплина која на експериментален начин ги проучува животните процеси кои се одвиваат во телото на нормалниот и здрав човек. Воедно, таа претставува и една од главните медицински науки. Предоминантен интерес во човечката физиологија претставува процесот хомеостаза. Традиционално, оваа наука го проучува организмот на човекот преку одделно проучување на неговите органски системи, со што и ја објаснува нивната функција, а и функционирањето на организмот како една целина:

  • Нервниот систем ја регулира работата на сите останати органски системи. Исто така, преку него телото реагира на надворешните и внатрешните дразби. При тоа, одговорот што го праќа нервниот систем е многу брз. Со ова се овозможува одржувањето на хомеостазата.
  • Ендокриниот систем, како и нервниот, ја регулира работата на другите органски системи преку секреција на хормоните. Разликата е таа што одговорите на ендокриниот систем при одредена дразба на организмот се многу поспори од нервниот. Ендокриниот и нервниот систем се регулаторни системи.
  • Циркулаторниот систем (крвоток) е преносен и одбранбен систем во организмот. Крвта учествува во транспортот на материите низ телото (кислород, јаглерод диоксид, хранливи материи) кои се потребни за метаболизмот. Лимфата врши транспорт назад до крвта на дел од липидите (мастите) и игра голема улога во имунитетот на човекот. Сите три досега спомнати органски системи имаат интегративна улога во организмот на човекот (бидејќи хормоните од ендокриниот систем се пренесуваат до разните делови од телото преку циркулацијата).
  • Системот за варење (т.е. дигестија) врши преработка на храната, со што ја ситни на микрочестички (молекули и јони), форма погодна за реапсорпција во крвта. Исто така, тој ги отстранува несварените состојки од храната надвор од организмот (дефекација).
  • Системот за излачување (екскреција) ги отстранува штетните и непотребни материи од организмот на човекот преку урината.