Нервен систем

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Нервен систем

Нервниот систем е органски систем кој претставува целина од нервните елементи во животинското тело: невроните, нервите и нервните ткива. Основната морфолошко - физиолошка единица на нервниот систем е невронот, односно нервната клетка. Нејзина основна карактеристика (а со тоа и на нервниот систем) е надразливоста. Со помош на овој белег, нервниот систем прима стимули и на нив одговара со определена акција (одговор на стимулот).

И додека сите други органски системи кај животните ја вршат својата специфична функција, нервниот систем нема некоја таква функција во организмот, туку влијае и ја контролира работата на сите останати органски системи со помош на нервите и нивните разграноци Така, нервниот систем навлегува во сите делови на телото и е во врска со сите ткива и нивните клетки.

Видови на нервен систем[уреди]

Постојат животни со и без нервен систем. Кај животните без нервен систем нема нервни клетки, како кај сунѓерите на пример, но во текот на еволуцијата на животните се диференцирале различни видови на неврони со специфична активност. Едни врз себе ја примиле функцијата на примање нервни стимули, други се оспособиле за пренесување на стимулите, трети се диференцирале за трансформација на стимулите, додека четврти се оспособиле за пренесување на одговорот од дразбата. Сето ова довело до формирање на нервниот систем, кој во зависност од еволутивниот степен на животното, се јавува во неколку видови:

Децентрализиран нервен систем[уреди]

Од ваков вид на нервен систем е само мрежестиот тип, што значи дека кај него не постои нервен центар (како ганглија или мозок), туку одделни неврони, распрснати низ целото тело.

Мрежест (дифузен) тип[уреди]

Ваквиот нервен систем е најпросто организираниот нервен систем. Тој се среќава кај жаркарите, или на пример кај хидрата. Претставен е со едноставни клетки, дифузно разместени без ред под површината на телото, меѓусебно поврзани со своите разгранети израстоци (аксони), при тоа формирајќи нервна мрежа низ телото на животното. Тука стимулите се пренесуваат дифузно, без некој одреден правец.

Централизирано - периферни нервни системи[уреди]

Еволутивниот развој на нервниот систем одел во правец на формирање на централизиран нервен систем, чија главна карактеристика се состои во групирање на невроните во одделни нервни центри, од кои се разгрануваат нерви во сите телесни делови. Притоа, нервите со своите разграноци го сочинуваат периферниот нервен систем. Вака диференциран систем на централен и периферен дел застапен е кај сите ‘рбетници и некои без‘рбетници. Импулсите кај централизирано - периферниот вид на нервен систем се пренесуваат во одреден правец. Во развојот на ваквиот вид се разликуваат три типа: врвчест, ганглионарен и цевчест нервен систем.

Врвчест тип[уреди]

Овој тип на нервен систем е претставен со една мозочна ганглија од која поаѓаат еден или повеќе пара нерви врвки (аксони), како што е на пример кај сплесканите црви. Ваков систем се среќава и кај медузите од жаркарите, иглокожите и некои мекотели.

Повеќеганглионарен тип[уреди]

Натамошната етапа во развитокот на овој органски систем е формирање на повеќе ганглии распоредени низ телото. Притоа, овој тип има неколку варијации во зависност од тоа како и каде се поставени ганглиите во телото:

Цевчест тип[уреди]

Во основа, овој тип е претставен со нервна цевка во чии ѕидови лежат невроните. Таа има лонгитудинална положба од грбната страна над ‘рбетот. Од нервната цевка се формираат два основни дела: преден, кој се диференцира во черепен мозок и заден, од кого настанува ‘рбетниот мозок, кој е нај еволутивно совршен кај човекот. Кај различните ‘рбетници, паралелно со нивниот еволутивен развој настануваат прогресивни разлики во соодносот меѓу размерите на черепниот и ‘рбетниот мозок. Имено, се зголемува масата на черепниот во однос на ‘рбетниот мозок. Разликата во овие два нервни центри се согледува и во нивната градба - во черепниот на периферијата се наоѓа сивата, а во внатрешноста белата маса, а кај ‘рбетниот е обратен случај.

Градба на нервен систем[уреди]

Нервната клетка преставува основна градбена и функционална единка на нервниот систем. Нервната клетка-неврон е со неправилна форма. Изградена e од тело на клетката во чија средина се наоѓа јадрото. На периферијата, цитоплазмата создава повеќе кратки и разгранети продолжетоци - дендрити и еден долг продолжеток - неврит. Повеќе долги израстоци градат снопчиња, а повеќе снопчиња градат нерв. Разликуваме сетилни нерви кои ги носат дразбите од периферијата кон мозокот и моторни нерви, кои ги враќаат одговорите од дразбите. Кај сите животни нервниот систем е изграден од нервни клетки.

Кај попросто градените животни нервниот систем може да биде расфрлан по целото тело, кое личи на мрежа и е наречен мрежест нервен систем. Ваков нервен систем имаат копривкарите (хидрата).

Кај плочестите црви (планаријата) нервниот систем е преставен со две ганглии (група од повеќе нервни клетки) сместени во предниот дел на телото и две странични врвки изградени од нервни клетки кои со нервни влакна се поврзани меѓу себе.

Кај прстенестите црви нервниот систем е ганглионарен. Во секое прстенче има по еден пар ганглии меѓу себе поврзани со нервни влакна.

Кај мекотелите и членконогите нервниот систем е изграден од синџир на ганглии кои во предниот дел се групирани во мозок...

Нервен систем кај ’рбетниците[уреди]

'Рбетниците имаат најсложено граден нервен систем,познат како цевчест нервен систем. Нервната цевка е сместена во 'рбетниот канал познат како 'рбетен мозок. Во предниот дел 'рбетниот мозок се проширува и го гради черепниот мозок. Черепниот мозок е составен од пет дела: голем или преден, мал или заден, меѓумозок , среден и продолжен мозок. Овој нервен систем е познат како централен нервен систем.

Периферниот нервен систем го сочинуваат сите нервни клетки надвор од мозоците. Нервниот систем кај цицачите достигнал највисок степен на развиток. Најдобро е развиен предниот мозок познат како голем мозок.

Големиот мозок е изграден од две хемисфери (полутопки), лева и десна, кои се меѓусебно поврзани. Кај големиот и малиот мозок на цицачите се развива мозочна кора која е набрчкана, со многу бразди (виуги). Во кората на мозокот се сместени голем број на центри кои на цицачите им овозможуваат многу побрзо и полесно да се снајдат во надворешната средина и соодветно да реагираат на надворешните дразби.

So pocit S.N.