Прејди на содржината

Божествена комедија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Божествена комедија
Почетна страна на првото испечатено издание на „Комедија“ од 1472 година
АвторДанте Алигиери
Изворен насловКомедија
ЗемјаИталија Италија
Јазиктоскански дијалект
Жанрпоема
Издадена
1304–1321
Оваа статија е дел од темата
Божествена комедија од Данте
Пеколот · Чистилиштето · Рајот

„Божeствена комедија“ (италијански: Divina Commedia) — алегориска поема на италијанскиот поет Данте Алигиери, составена од три дела: „Пеколот“, „Чистилиштето“ и „Рајот“.

Постанокот на делото

[уреди | уреди извор]

Иако не се знае кога е точно напишано делото „Божествена комедија“, се смета дека Данте започнал да работи на неа во времето кога веќе бил во прогонство, односно дека започнал со пишување на делото во 1308 година, а го завршил во 1320 година, една година пред неговата смрт. Притоа, со сигурност се знае дека „Пеколот“ и „Чистилиштето“ биле завршени пред април 1314 година, додека третиот дел „Рајот“ бил напишан пред крајот на неговиот живот.[1] Иако Данте ја започнал „Божествената комедија“ со намера да го слави ликот на Беатриче, потоа делото добило многу поширок опфат, т.е. тоа претставува портрет на целиот средновековен општествен, политички, филозофски и културен свет. Притоа, Данте ја презел формата на алегоричната поема од средновековната поетска традиција, а во намерата своите сфаќања за потребата од повисока правда да ги направи достапни на пошироката јавност, тој одлучил делото да го напише на народен италијански јазик, наместо на латински јазик, како што било вообичаено да се пишува во тоа време.[1] Првобитно, поради содржината, која тече од тажен почеток кон среќен крај, и поради разбирливиот јазик на којшто е напишано, делото било наречено „Комедија“ (Commedia),[1] а подоцна бил наречен „Божествена“ (Divina) од страна на Џовани Бокачо при што придавката „божествена“ се однесува на поетската совршеност на творбата. Првото печатено издание со насловот „Божествена комедија“ било она на хуманистот Лодовико Долче, издадено во 1555 година од Габриеле Џолито де Ферари.[2] [3]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Божествената комедија е дело кое се состои од три дела, и тоа: „Пеколот“ (италијански: Inferno), „Чистилиштето“ (италијански: Purgatorio), и „Рајот“ (италијански: Paradiso), кои пак се состојат од 33 пеења кои заедно со Првата-Воведната песна бројат 100 пеења во истоимената книга. Во делото доминираат броевите три и девет: секоја строфа се состои од три стиха, т.н. терцини, секое дело се состои од по 33 песни, пеколот и чистилиштето имаат по девет кругови итн. Притоа, сите три дела на „Комедијата“ завршуваат со зборот „ѕвезди“.[4][5]

Првиот дел на поемата започнува со описот на авторот изгубен во мрачна шума и нападнат од силите на темнината и духовни проблеми — првo го напаѓа пантер (желба), потоа лав (гордоста) и на крајот волчица (алчност) (Канто 1). Него го спасува поетот Вергилиј кој е испратен од Беатриче (Канто 2), а потоа Данте и Вергилиј заедно влегуваат во пеколот (Канто 3) и минуваат низ деветте кругови. Пеколот се наоѓа во рамките на земјата во облик на огромна инка со девет круга. Секој од нив е помал од претходниот и претставува сè поголемо зло, со врвот во центарот (долу), каде што се наоѓа Луцифер. Во првиот круг се наоѓаат многубошците (Платон, Талес, Орфеј итн.) чии маки не се многу големи; во вториот круг се душите чии гревови се блудот и брачното неверство; во третиот круг се наоѓаат лакомите и во него на Данте ќе му биде претскажано прогонството; во четвртиот круг се кардиналите кои вечно се борат меѓу себе; во петтиот круг, мрзливите и раскалашените се дават во калта, итн. Притоа, во најголемите длабочини на пеколот Данте ги ставил и папите Никола II и Бонифациј VIII.[6]

Чистилиштето

[уреди | уреди извор]

По преживување на пеколот, Данте и Вергилиј се искачуваат до планината на чистилиштето кое се наоѓа на далечната страна на светот. Планината е на еден остров, земја во јужната полутопка, создадена од поместување на карпата, по што резултирал падот на сатаната кој го создал пеколот (кој според Данте се наоѓа под Ерусалим. На планината има седум тераси, што одговара на седумте смртни гревови или „седум корените на грешност.“ Во чистилиштето, христијански души пристигаат во придружба на еден ангел, пеејќи за бегстворо на Евреите од Египет. Во своето писмо до Кангранде, Данте објаснува дека тоа се однесува на откупот на Христос и на „претворањето на душата од тагата и бедата на гревот на состојба на благодат.“ Соодветно, Данте и Вергилиј пристигнат во чистилиштето на Велигден. Приближувајќи се до него, Данте и Вергилиј ќе ги видат четирите планети кои, според некои толкувачи, ги симболизираат четирите човечки доблести: храброста, мудроста, умереноста и справедливоста. Тие го среќаваат старецот Катон кој ја симболизира слободната волја. Инаку, и во чистилиштето провејуваат политичките ставови на Данте, којс тануав во одбрана на кралската власт. На пример, во шестата песна се појавува ломбардискиот дух Сордело (поет до 13 век), кој го прекорува австрискиот цар поради тоа што не ги заштитува Гибелините, а политичките ставови најсилно се изразени во 16. песна. Инаку, и чистилиштето има девет круга во кои душите ги откупуваат своите гревови: во првиот круг се гордите, во вториот се завидливите, во третиот се гневните, во четвртиот се вечно тажните итн. Како што Данте и Вергилиј напредуваат низ чистилиштето, така сè поприсутна е Беатриче, која зема централна улога во третиот дел од поемата, истиснувајќи ги политичките теми. Вергилиј го придружува Данте до 30. песна, а понатаму не може да продолжи, така што неговото место го зазема Беатриче.[7]

По првичното воздигнување, Беатриче го води Данте преку деветте небесни сфери на Небото. Иако структурата на пеколот и чистилиштето се засновани на различни класификации на гревот, структурата на рајот е врз основа на четирите кардинални доблести и трите богословски добродетели. Данте ги исполнува и стиховите со неколку големи светители на Црквата, вклучувајќи ги и Тома Аквински, Свети Бонавентуре, Свети Петар и Свети Јован. „Божествената комедија“ на Данте завршува со гледањето на тројниот Бог. Во блесок на разбирање, Данте конечно ја сфаќа тајната на божественоста на Христос и човештвото, а неговата душа станува усогласена со Божјата љубов:

„Но мојата желба веќе и ќе ми
биде покажа како колцето, сите во една брзина,
страна на љубовта којашто ја поместува сонцето и другите ѕвезди.“

„Рајот“ претставува поетска слика во која Данте ја опејува љубовта кон Беатриче, односно овој дел е грандиозен споменик на Беатриче и на хуманоста. Во овој дел провејуваат богословско-симболични теми при што, ослободен од прозаичноста која е карактеристична за „Пеколот“, овде Данте го искажува својот лично разбирање на поезијата. Тој го дели рајот на десет сфери, а последната е Емпиреја и во неа се наоѓа почетокот на сите почетоци. Тука се наоѓа божјиот престол, а покрај неговите нозе се наоѓаат Богородица и Беатриче.[8]

Осврт кон делото

[уреди | уреди извор]

Пишувајќи го делото, Данте се послужил со повеќе извори, како: разни „виденија“ од типот на „Богородичното одење по маките“ ,„Енеида“ на Вергилиј, „Метаморфози“ на Овидиј итн. Притоа, пристапот кон материјата е реалистичен, со повеќекратни цели: да се прикаже задгробниот живот на душите, да се укаже на човековите вредности на земјата, да се насочи човекот на правиот пат итн. Делото е израз на акумулираното знаење на Данте, на неговото животно искуство и на богатството од емоции. Во едно писмо до Кан Гранде дела Скала, Данте подвлекува дека селото има двојна смисла: буквална и алегорична. Буквално сфатено, делото е силна поетска визија на задгробниот живот, додека алегориската смисла е исполнета со хуманост и со жигосување на човечките пороци. На многу места се наведува дека поемата претставува „енциклопедија на средниот век“, зашто во неа се застапени средновековната наука, религиозните сфаќања и општествените односи. [9]

Имагинативната визија за задгробниот живот, опишана во делото, била претставник на средновековното светско гледиште кое се развивало во Римокатоличката црква до 14 век. Освен тоа, делото помогнало тосканскиот јазик да стане стандарден италијански јазик.[10] Површински гледано, поемата го опишува измисленото патување на Данте низ пеколот, чистилиштето и рајот, но гледано на подлабоко ниво поемата алегорично го претставува патувањето на душата кон Господ.[11][12] Во тој поглед, Данте се послужил со средновековна христијанска теологија и филозофија, особено со делата на Тома Аквински.[13]

Основната порака на „Божествената комедија“ е дека човекот, кој се наоѓа во мракот на заблудата гревот, за да се спаси, најпрвин мора да се соочи со самиот грев („Пеколот“), потоа да се исчисти од вината („Чистилиштето“) и најпосле, со чиста душа да се искачи во кралството на блаженството („Рајот“). Како што може да се забележи, филозофската концепција на Данте е целосно средновековна, исто како и неговото географско сфаќање на вселената: Земјата е центар на вселената, највисокото небо е небото на најголемото блаженство, а наголемата несреќа се наоѓа во центарот на Земјата, т.е. во пеколот. Токму во „Пеколот“ е содржана најсилната поетска страст на Данте, која истовремено е најблиска до трагичната човечка стварност. Во „Пеколот“ доаѓа до израз неговиот моќен поетски глас, топол и помалку обременет со филозофски призвуци, осцилирајќи меѓу гневен крик и машки повик на слога и праведност. „Пеколот“ е дело исполнето со фантастична драматичност и богато со страсна човечност.[14]

Според многумина, „Божествената комедија“ е најистакнатото дело на италијанската литература. На пример, Американската енциклопедија го нарекува делото како „најголемото дело на италијанската книжевност“;[15] Џон Норич вели дека, и по повеќе од шест векови, тоа е врвно остварување на италијанската книжевност и најголемиот поединечен елемент во италијанското наследство;[16] Роберт Ерганг наведува дека според многу историчари, „Божествената комедија“ е најголемото дело на италијанската книжевност.[17]. Истовремено, „Божествената комедија“ се смета и за едно од најголемите дела на светската литература.[18] Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, „Божествената комедија“ не е ништо друго, туку долга лирска песна, во која постојано се борат поетот и неговите лирски заноси.[19] Српскиот поет Јован Дучиќ ја нарекува „Божествената комедија“ дело со грандиозна архитектура и со неверојатно тврда версификација во кое Данте се изразил себеси истовремено како лиричар, епичар и драматичар.[20] Според Дучиќ, влијанието на „Божествената комедија“ врз религиозноста на католичкиот свет е можеби само малку помала од евангелието.[21]

Божествената комедија како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Божествената комедија била инспирација на бројни дела од уметноста и популарната култура, како:

  • „Напишано на еден примерок на Божествената комедија“ - песна на францускиот поет Виктор Иго.[22]
  1. 1 2 3 Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 226.
  2. Ronnie H. Terpening, Lodovico Dolce, Renaissance Man of Letters. Toronto, Buffalo, London: University of Toronto Press, 1997, p. 166.
  3. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 238.
  4. Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 222.
  5. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 238.
  6. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 239-240.
  7. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 240-241.
  8. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 241-242.
  9. Георги Сталев, „Данте Алигиери“, во: Данте Алигиери „Пеколот“. Мисла, Култура, Македонска книга, Скопје, 1988, стр. 238-239.
  10. See Lepschy, Laura; Lepschy, Giulio (1977). The Italian Language Today. or any other history of Italian language.
  11. Dorothy L. Sayers, Hell, notes on page 19.
  12. Peter E. Bondanella, The Inferno, Introduction, Barnes & Noble Classics, 2003, p. xliii, ISBN 1-59308-051-4.
  13. Charles Allen Dinsmore, The Teachings of Dante, Ayer Publishing, 1970, p. 38, ISBN 0-8369-5521-8.
  14. Eros Sekvi, „Beleška o piscu“, во: Dante Aligijeri, Pakao. Beograd: Rad, 1961, стр. 226-227.
  15. Encyclopedia Americana, 2006, Vol. 30. p. 605
  16. John Julius Norwich, The Italians: History, Art, and the Genius of a People, Abrams, 1983, p. 27.
  17. Robert Reinhold Ergang, The Renaissance, Van Nostrand, 1967, p. 103.
  18. Harold Bloom, The Western Canon, 1994.
  19. Đ. Leopardi, Pesme i proza. Beograd: Rad, 1964, стр. 114.
  20. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 303.
  21. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 264.
  22. Viktor Igo, Pesme. Beograd: Rad, 1969, стр. 70.