Јордан Спасески

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роден 8 декември 1933
Лескоец, Охридско, Македонија Македонија
Починал 5 декември 2017
Охрид, Македонија Македонија
Занимање провесор и публицист


Јордан Спасески (Лескоец, 8 декември 1933 - Охрид, 5 декември 2017) — истакнат македонски универзитетски професор од областа на безбедноста и одбраната, иницијатор за основање стручни образовни установи од областа на одбраната и безбедноста, успешен раководител на повеќе институции, научен работник и публицист.

Биографија и образование[уреди | уреди извор]

Јордан Спасески е роден на 8.12.1933 год. во Лескоец, село во близината на Охрид, од татко Марко и мајка Стојна. Основно училиште посетувал во родното село и во Охрид, а во Битола завршил учителска школа. Во 1957 год., го завршил првиот курс за инспектори во Идризово, а во 1961 год. го продолжил своето образование на Вишата школа за внатрешни работи во Белград, Србија, која ја завршил во 1963 год. а потоа и на Правниот факултет во Скопје. Завршил постдипломски студии на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања во Скопје. Докторирал на Универзитетот во Белград на тема: Општествената самозаштита како облик на дезалиенација (Друштвена самозаштита као облик дезалијенације).[1] Починал во Охрид на 5 декември 2017 година.[2]


Професионална кариера[уреди | уреди извор]

Професорот Спасески има богато професионално искуство. Од 19.9.1949 до 1.8.1957 работел како учител во повеќе училишта на територијата на тогашната Охридска околија. Притоа, тој станал учител на возраст од само 15 години и 9 месеци, со што веројатно е најмладиот учител по одделенска настава во историјата на Македонија. Подоцна, тој работел како наставник по физика во училиштата во охридските села Мешеишта и Косел.

Од 1.8.1957 год. до 1.12.1971 год., Спасески извршувал повеќе раководни функции во рамките на органите за внатрешни работи. Така, во 1963 год. станал началник за внатрешни работи во Кичево. Од декември 1966 год. до октомври 1969 год. бил началник на Регионалниот центар за државна безбедност во Битола, а потоа, до 1971 год. бил началник на Секторот за државна безбедност во Секретаријатот за внатрешни работи на СР Македонија. Спасески активно учествувал во подготовките и основањето на првото Средно училиште за внатрешни работи во Скопје, каде што работел од 1.12.1971 год., при што тој бил назначен за прв директор на ова училиште. Во 1977 год., Спасески бил член на Матичната комисија за формирање Центар за образование на кадри за безбедност и општествена самозаштита во Скопје, учествувал во изработката на Законот за основање на Центарот и бил негов прв директор. Спасески продолжил да работи во Центарот до пензионирањето.

Во 1972 год. Спасески бил избран за прв претседател на Заедницата на школите за внатрешни работи на СФРЈ, со што имал можност активно да учествува во изградбата на образовниот систем за потребите на безбедноста. Исто така, тој ја извршувал и функцијата претседател на Здружението за кривично право и криминологија на СФРЈ. Во два мандата, од септември 1989 год. до април 1995 год., Спасески бил претседател на Организацијата на воени старешини на Република Македонија (ОВСРМ). Во својство на претседател на оваа организација, на 17 октомври 1991 год. тој испратил допис до македонската влада, Собранието, Министерството за одбрана и претседателот Киро Глигоров, јасно истакнувајќи ја идејата дека Македонија треба да пристапи кон изградба на сопствен одбранбен систем. За време на војната од 2001 год. Спасески бил член на Центарот за кризен менаџмент во рамките на Координативното тело за решавање на кризата, формирано од македонската влада.

Универзитетска кариера[уреди | уреди извор]

Во 1977 год., Јордан Спасески бил избран за доцент на штотуку основаниот Факултет за безбедност во Скопје. Оттогаш, професорот Спасески дал значаен придонес во македонската образовна и научна дејност од областа на одбраната и безбедноста. На Факултетот за безбедност ги предавал предметите општествена самозаштита и криминологија на политичката деликвенција. Исто така, тој предавал и на редовните и постдипломските студии на Институтот за одбрана и заштита при Филозофскиот факултет во Скопје.

Трајна ориентација во неговото научно творештво биле безбедносните и одбранбените елементи, почнувајќи од Македонското национално ослободително движење до формирањето на независната македонска држава. Во неговиот творечки опус, посебно внимание посветувал на прашањата поврзани со теоријата на безбедноста, безбедносните системи, редот и правниот поредок, безбедносната политика, криминогените фактори, деликвенцијата, агресивноста, конфликтите, мирот итн.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Самостојно и во коавторство, професорот Спасески објавил голем број учебници, научни книги и научни трудови. Така, тој е автор или коавтор на 14 книги, од кои позначајни се:

  • Друштвена самозаштита СФРЈ (коавтор), Виша школа унутрашњих послова, Београд, 1981.
  • Систем друштвене самозаштите (коавтор), НИО Савремена администрација, Београд, 1981.
  • Општествената замозаштита и самоуправувањето (аспекти на разотуѓување), НИО Студентски збор, Скопје, 1982.
  • Самоубиствата во Социјалистичка Република Македонија (коавтор), НИО Студентски збор, Скопје,1983.
  • Општествена самозаштита, НИО Студентски збор, Скопје, 1985.
  • Безбедност и заштита (коавтор), Институт за истражување на туризмот, Охрид, 1996.
  • Безбедност во туризмот (коавтор), Институт за истражување на туризмот, Охрид, 1998.
  • Безбедност, одбрана, мир - прво издание (коавтор), Институт за истражување на туризмот, Охрид, 2000.
  • Безбедност, одбрана, мир - второ издание (коавтор), Институт за истражување на туризмот, Охрид, 2001.
  • Дефендологија (коавтор), Универзитет Св. Климент Охридски - Битола, Педагошки факултет, Битола, 2002.


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Пере Аслимоски, Живот исполнет со хуманизам, Монографија за животот и делото на проф. д-р Јордан Спасески, Полициска академија - Скопје, Скопје, 2003.
  2. Почина проф. д-р Јордан Спасески