Раштак

Координати: 42°5′8″N 21°29′18″E / 42.08556° СГШ; 21.48833° ИГД / 42.08556; 21.48833
Од Википедија — слободната енциклопедија
Раштак
Раштак во рамките на Македонија
Раштак
Местоположба на Раштак во Македонија
Раштак на карта

Карта

Координати 42°5′8″N 21°29′18″E / 42.08556° СГШ; 21.48833° ИГД / 42.08556; 21.48833
Општина Гази Баба
Население 457 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО
Надм. вис. 680 м
Мреж. место Раштак
Раштак на општинската карта

Атарот на Раштак во рамките на општината
Раштак на Ризницата
Невестинска носија од с. Раштак

Раштак — село во Општина Гази Баба, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Раштавска Река

Селото наоѓа на 11 километри североисточно од Скопје. Тоа е составен дел на Скопска Црна Гора. Сместено е во подножјето на Раштавска Планина, меѓу селата Љуботен од северозападна и Булачани од источна страна, по течението на Раштевска Река при нејзиниот излез од планинскиот дел.

Селото со другите села и со градот Скопје било постојано поврзано со два главни патни правци. Едниот ги поврзува преку Раштак селата Љуботен и Булачани. Според една легенда, овој пат минувал под селото. Се сметал за главен пат кој ги поврзувал Качаничка Клисура кон исток за Грција и Цариград и дека минувачите навраќале во селото и преку тоа селото имало контакти со надворешниот свет.

Другиот патен правец е оној за Скопје. Тој постоел од настанувањето на селото. Сите патни правци се користат и ден денес, некои повеќе некои помалку. Блискоста на Раштак до метрополата која од него се гледа како на дланка, го прави ова село привлечно за посета.

Името го добило по растението кое виреело на тој предел — дабот или „храст“. Тој простор уште при доаѓањето на првите доселеници бил нараснат со густа дабова шума. Во првите пишани турски документи кои се однесуваат на историјата на македонскиот народ се води под неколку имиња: Храшко, Храшкова, Храштак, Храшок, Хрсник и Расник.

Подрачјето на селото во должина изнесува 9 километри и 600 метри, а во ширина 2 километри. Располага со 1.219 хектари површина од кои 831 се обработливи, а 377 се под шуми и пасишта.

Според својата природна поставеност и изледподрачјето на селото Раштак се дели на два дела - на рамничарски и планински.

Рамничарски дел[уреди | уреди извор]

Раштански Лозја

Рамничарскиот дел односно „Раштевско Поле“ е обработлив дел на кој се наоѓаат нивите, лозјата, овоштарниците и ливадите. Во полето се одгледуваат сите видови жита и лозја, а околу селото и во него помалку житни култури, а повеќе градинарски култури.

Планински дел[уреди | уреди извор]

Магаре во село Раштак

Планинскиот дел е прекриен со пасишта и шуми. Најзастапени дрва се: бука, даб, габер, јасен, поретко брест, дива круша, костени и треви погодни за одгледување сите видови добиток.

Историја[уреди | уреди извор]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

Раштак за време на Балканските и Првата светска војна 1912-1918 г.[уреди | уреди извор]

Раштак се ослободува од турската власт кога е ослободено и Скопје. Со пробивот на Кумановскиот фронт на 23 и на 24 октомври 1912 година од страна на Првата српска армија, турската војска брзо отстапува кон Скопје, оттука кон Велес и Градско. Скопје од српската војска е заземено без борба кон крајот на октомври, само за шест-осум дена од пробивот на фронтот кај Куманово. При фронталното напредување на Првата српска армија од Куманово кон Скопје, една воена единица на таа армија во Раштак влегува во оној момент кога главнината на споменатата армија беше пред главниот влез на Скопје.

Воената единица во селото влегла од северната страна доаѓајќи преку раштевската планина во две колони. Едната преку Авдиовбрег и другата преку Табачица. Во моментот на влегување на оваа воена единица во селото немало турска војска, а немало ни арнаутски семејства. Тие претходно го напуштиле селото и заминале во разни правци, но најмногу во Скопје. Во договор и со заедничко учество на селаните, воената единица ги запалува сите куќи и другите недвижни објекти што биле сопственост на албанските (арнаутски) семејства. Албанските семејства , кои дотогаш живееле во селото, не се вратиле ни подоцна по завршување на војната, а нивните ниви, ливади и забели ги продале на православното население од селото и на некои лица од Љубанци.

Пред ослободувањето на Раштак од турските војски и пред почнувањето на Балканските војни, балканските сојузници успеале да активираат поголем број од македонската емиграција во своите земји против турското владеење, создавајќи од нив доброволни чети. Во тие доброволни чети во Бугарија учествуваат и двајца раштевци Митре Божинчев и Бошко Стојков. Митре Божинчев во Софија отишол на печалба, а работел како фурнаџија. За тоа време се поврзал со македонската емиграција и е активен во нејзините редови. Бошко Стојков, кој од Раштак избегал во почетокот на 1890 година, бил прибран од Митре Божинчев. Двајцата како доброволци во македонските чети во Бугарија учествувале на турскиот фронт кај местото Шар Кеј, каде е однесена голема победа над турската војска од страна на македонските доброволни чети (опалченци). По завршувањето на Балканската војна, Бошко Стојков се враќа во Раштак каде останува до 1941 година, а потоа се сели во село Јурумлери каде останал до крајот на својот живот, додека Митре Божинчев и понатаму останува во Софија каде го завршува својот животен век.

Од крајот на октомври 1912 г. па до крајот на 1915 г., Раштак потпаѓа под воено-полициска управа на српските власти, кога под притисок на воената надмоќност на австроунгарската и бугарската војска, српската војска била принудена да го напушти Вардарскиот дел на Македонија, а со тоа и Раштак. Од крајот на 1915 г. до крајот на 1918 г. Вардарскиот дел на Македонија е под бугарска управа и така е и со селото Раштак.

Со победата над централните сили е пробиен македонско-солунскиот фронт и бугарската војска и нејзината германски сојузници биле истерани од Вардарскиот дел на Македонија, за потоа повторно се воспостави српската власт на овие простори.

Во сите овие настани македонското население од Раштак, во зависност кои држави владееле на ова подрачје, било принудено да им служи на тие воени сили. Најмасовна регрутација и мобилизација на воено способни лица од ова село е извршена во првата половина на октомври 1914 г. од страна на српските власти. Тоа е време кога почна Првата светска војна, во која Србија беше вклучена на страна на силите на Антантата, а Бугарија беше на страна на централните сили. Тогаш се регрутирани 52 лица од селото и тоа: Цветко Танев, Петре Стојанов, Јовче, Ристо, Гого и Филип Јовчеви, Јовче Николовски, Ѓорѓија (Доде) Попов, Коле, Вељан и Љадуш Караманови, Петре Бонев, Трајан Стојанов, Стојко и Ѓорче Вељанови, Смиле Цепуловски, Томе и Димче Дрновски, Митре Бонев, Трајко Ѓумиов, Цветко Поп Димитров, Митре и Младен Ничови, Вељан Дрновски, Митре Ѓулевски Јованов, Наце и Томе Даскалови, Младен и Велко Шајковски, Гаво и Нешо Цветкови Даутови, Цветко Ангелков, Трипун Цепуловски, Петруш и Богдан Стојкови, Нецо Појдовсаки, Иван Анчев, Васил Божинчев, Тодор Крацов, Милче Аргаќиев, Димче Буниовски Јованов, Бошко Јованов Црцоркин, Димче и Цветко Павлевски, Младен Кркалев, Ѓорѓија Дрновски, Ристо Милев, Петре, Ѓорѓија и синот на Блажо Николовски и Алија Демов (ковач-циган во селото).

Сите горенаведени лица учествувале на фронтовите против централните сили, претежно во Колубарската и Церската битка на местото викано Мачков Камен. Во тие борби загинуваат девет лица. Некои од раштак паднале и во заробеништво на централните сили. Заробените се вратени во своите домови по завршување на Првата светска војна и по средувањето на воените односи.

При повлекувањето на српската војска преку Албанија за островот Крф се повлекува и регрутираното лице од ова село Наце Даскалов. Тој во селото се враќа по пробивот на Солунскиот фронт со воените единици на Антантата. Поголем дел од нив при повлекувањето на српските војски преку Албанија избегале и се вратиле во своите домови. Но, нивното враќање не траело долго, дел од нив повторно се регрутирани, но сега од бугарските воени власти кои тогаш завладеале во Македонија. Тоа се: Петруш и Богдан Стојкови, Филип Јовчев, Ристо Милев, Томе Даскалов, Васил Божинчев, кој е загинат на Солунскиот фронт, Петре и Ѓорѓија Николовски, Димче Буниовски кој исто така, загинал на Солунскиот фронт, Митре Крстев, Нешо Цветков Даутов, Велко Шајковски и др. Дел од нив уште при нивната мобилизација (Филип Јовчев, Богдан и Петре Стојкови, Ристо Милев, Томе Даскалов) избегале и се криеле во планината и на други места до завршување на војната. Другиот дел од мобилизираните лица од селото што немале можност да избегаат учествувале во борбите на солунско-македонскиот фронт на страна на бугарската војска, а некои од нив на страна на српската војска. Двете држави ги спротивставиле браќата, татковците и синовите, роднините и пријателите да пукаат едни во други, меѓусебно да се убиваат за туѓи интереси.

Овој период на Балканските и Првата светска војна беше најголемата измама и подвала за македонскиот народ од страна на балканските држави и нивните сојузници. Но, и денешните односи многу не се разликуваат, ако се имаат предвид сите игри околу признавањето на Македонија.

На овие два фронта во тоа време Раштак дал 11 жртви, при тоа не знаејќи за кого луѓето и за чиј интерес се бореле.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948573—    
1953578+0.9%
1961468−19.0%
1971376−19.7%
1981463+23.1%
ГодинаНас.±%
1991435−6.0%
1994408−6.2%
2002367−10.0%
2021457+24.5%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било мешано со христијанско[2] и муслиманско[3] население, односно имало 27 христијански и 10 муслимански домаќинства . На овој попис биле забележани 109 мажи христијани, со 17 новороденчиња и 39 мажи муслимани, со две новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 326 жители.

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 66 жители.[4]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Раштак живееле 500 жители, од кои 230 Македонци[5] и 270 Албанци[6].[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Раштак имало 368 Македонци[5] под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, каде е дел од Општина Булачани и има 406 жители.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[9]

На пописот од 2002 година, селото имало 367 жители, од кои 362 Македонци, 2 Срби и 3 останати.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 457 жители, од кои 430 Македонци, 2 Срби, 8 останати и 17 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 500 368 573 578 468 376 463 435 408 367 457
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови[уреди | уреди извор]

Раштак е македонско село.

Според истражувањата од 1963 година, родови во Раштак се:

Доселеници: Мутавџини (11 к.), Буниовци (2 к.) и Мали Ѓоровци (4 к.) за овие три рода има предание дека се доселени од некое село во Прилепско, но кога точно не се знае. Овде дошле од крв; Чифлижанци (9 к.) доселени се однекаде, порано биле чифлиџии, и од тука името на родот; Николовци (19 к.) доселени се од некое место во близина на католичките села Шашаре и Летница кај Витина, Косово. Затоа ги викаат Латини, некои жители на овој род претпоставуваат дека нивното село се викало Тузла, го знаат следното родословие: Ѓорге (жив на 81 г. во 1963 година) поп Трпко-Стојан-Милош, предокот кој се доселил, родовското име го носат уште од старото место, роднини имаат во селото Романовце; Даскаловци (9 к.) потекнуваат од предок Ром, кој бил Ковач. Ромот се оженил со девојка рисјанка, и така се основал родот. Неговите потомци постепено се измезелиле. Од овој род подоцна имало учители и свештеници.[16]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Спас“

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[18]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Филип Појдовски (Македонски партизан)

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во ова село порано имало и неколку албански родови, кои се иселиле од селото 1912/13. Од селово многу се има иселено и македонското население, поголемиот дел се иселиле во Скопје (30 к.) и во поедини села и населби во скопско. Како Јурумлери (Ицковци, Калајџиовци, Стојкови, Пупунчеви, Караманови и Ѓевкови), Петровец (Раштевци), Огњанци (Милошевски), Идризово (Стојковски), Ченто (Појдовски), Маџари (Раштевци), Брњарци (Милошеви). Споменатите иселеници се воглавно гранки од горенаведените македонски родови во селото. Само родот Раштевци во Петровец бил посебен род, целосно иселен од селото. Нивното подалечно потекло било од Тетовско.

Уште стари иселеници од Раштак се Колевци и Цеевци кои живеат во селото Романовце кај Куманово.[16]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  3. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  4. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  5. 5,0 5,1 Македонците биле забележани како Бугари.
  6. Албанците биле забележани како Арнаути.
  7. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.206
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.116-117.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  10. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. 16,0 16,1 Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје.
  17. „Верски објекти“. Општина Гази Баба. Посетено на 2010-11-28.[мртва врска]
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. „Аполон – водач на македонскиот Бунт“. Антолог (англиски).
  20. НМ (2018-09-07). „„Аполон - водач на македонскиот бунт". Нова Македонија.
  21. Любенова, Лизбет. Последните български владици в Македония, Изток Запад, София, 2012, стр. 426.
  22. Беа, загинаа, останаа. Скопје: Историски Архив. 1969. стр. 116. На |first= му недостасува |last= (help)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]