Нева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Нева
Река
Земја Русија
Регион Ленинградска област, Санкт Петербург
Притоки
 - леви Мга, Тосна
 - десни Охта
Градови Шлиселбург, Кировск, Отрадное, Санкт Петербург
Извор ез. Ладога
 - височина 4,3 м
 - координати 59°57′10″ СГШ 31°02′10″ ИГД / 
Утока Невски Залив
 - височина м
 - координати 59°57′50″ СГШ 30°13′20″ ИГД / 
Должина 74 км
Слив 281.000 км²
Истек во устието
 - просечен 2.500 м3
Сливот на Нева
„Александар Невски ги совладува Швеѓаните“ (Б. Чориков)
Поглед на Зимскиот дворец од Нева

Нева (руски: Нева́) — значајна река во северозападна Русија што тече од езерото Ладога низ западниот дел на Ленинградската област (историската област Ингрија), па сè до Невскиот Залив во рамките на поголемиот Фински Залив. И покрај скромната должина (74 км), Нева е трета река во Европа по полноводност (по Волга и Дунав).

Ова е единствената река со извор во езерото Ладога. Тече низ градот Санкт Петербург, трите помали града Шлиселбург, Кировск и Отрадное и поголем број на села. Пловна е по целото течение и сочинува дел од Волго-балтичкиот и Беломорско-балтичкиот канал. Во поречието се случиле бројни историски настани, меѓу кои и Невската битка во 1240 г. (во чија чест кнезот бил наречен Александар „Невски“), основањето на градот Санкт Петербург (1703) и Опсадата на Ленинград (1941-1944).

Етимологија[уреди]

Постојат барем три можни потекла на името на реката: старофинскиот назив за Ладога (фински: nevo = „море“), од фински: neva (скратено од фински: Nevajoki, Nevajärvi = „мочуриште“) или од шведски: ny = „нова река“.[1]

Опис[уреди]

Топографија и хидрографија[уреди]

Нева истекува од езерото Ладога кај Шлиселбург, па тече по Невската Низина и се влева во Финскиот Залив во Балтикот. Долга е 74 км, а бреговите и се ниски но стремни, со просек од 3–6 и 2–3 м при устието. Има три остри свиока: Ивановските Слапови кај Невскиот шумски парк, во регионот Уст-Славјанка и близу Смолниот институт, под устието на реката Охта.[2] Просечниот наклон на коритото изнесува 4,27 м.[3] Во едно место, реката минува преку моренски срт и ги образува Ивановските Слапови, при што тука коритото е најтесно (210 м). Просечниот истек во слаповите изнесува 0,8–1,1 м/с. Просечната ширина на реката е 400–600 м, а најшироките места (1000–1250 м) се во делтата, кај пристаништето, на крајот од Ивановските Слапови близу утоката на Тосна и кај Фабричкиот Остров недалеку од изворот. Реката е просечно длабока 8–11 м, а максималната длабочина изнесува 24 м, кај Леарскиот мост („Литејни“). Најплитко место (4,0–4,5 м) се Ивановските Слапови.[4]

Слив, притоки и растоки[уреди]

Сливот на Нева зафаќа површина од 5.000 км², вбројувајќи ги и барите кај Ладога и Онега (281.000 км²). Во сливното подрачје има 26.300 езера и сложена хидролошка мрежа од преку 48.300 реки, од кои само 26 се влеваат непосредно во Нева. Главни притоки се Мга, Тосна, Ижора, Славјанка и Мурзинка од лево, и Охта и Чернаја од десно.[2]

Хидролошката мрежа е мошне видоизменета низ историјата со развојот на градот Санкт Петербург. Во моментот на основањето (1703) подрачјето било ниско и мочурливо, поради што се ископани канали и езерца за да се исцеди водата. Некои од каналите со време се покриени, за во 1973 г. да останат само 42 острови, сите во рамките на градот. Најголеми се Василевскиот (1.050 ха), Петроградскиот (570 ха), Крестовскиот (420 ха) и Декабристичкиот (410 ха), по што следат Зајачкиот, Јелагиниот и Камениот Остров.[5] Кај изворот се наоѓаат два помали острова: Ореховиот и Фабричкиот. Над Отрадное се наоѓа и островот Главриба.

Историја[уреди]

Пред 1700 г.[уреди]

На подрачјето на Невскиот слив се пронајдени доста археолошки наоди, од кои најстарите сведочат за активностите на населението пред 9000 години. Се смета дека местото е населено во XII милениум п.н.е. од угрофински народи (Воти и Ижори), кои дошле од Урал.[6]

Во VIII и IX век на местото се доселиле Источните Словени што се занимавале со сечно-пожарно земјоделство, лов и риболов. Од VIII до XIII век, Нева претставувала воден пад од Скандинавија до Византија. Во IX век, подрачјето било дел од кнежевството Велики Новгород.[7] Нева се споменува веќе во „Житието на Александар Невски“ (XIII век).[8] Во овој период Велики Новгород бил во постојани воени судири со Шведска. Во јули 1240 г. се одиграла значајна битка кај вливот на Ижора во Нева, под водство на дваесетгодишниот кнез Александар Јарославич. Младиот кнез ја спречил шведската инвазија, истакнувајќи се како смел и самопрегорен борец, поради што ја добил почесната титула „Невски“.[9][10]

Како последица од поразот на Русија во Руско-шведската војна (1610–1617) и Столбовскиот мировен договор, поречието на Нева влегло во состав на Шведски Ингерманланд. Од 1642, нејзина престолнина бил градот Њен, близу тврдината Њеншанц. Православното население се иселило од ова подрачје поради тешките даноци и верската нетрпеливост, при што до 1620 г. се испразниле цели 60% од селата. Во напуштените места се доселиле дојденци од Карелскиот Провлак и Савонија.[11]

Со Големата северна војна (1700–1721), долината на Нева влегла во Руското царство. На 16 мај 1703, на устието на Нева е основан градот Санкт Петербург, кој по девет години станал престолнина на руската држава.[7] Бидејќи минувала низ центарот на градот, властите го уредиле коритото и направиле канали и кејови. На почетокот 1760-тите е започната изградбата на камени мостови на Нева и нејзините притоки.[2]

Секоја зима од 1895 до 1910 г., на мразот на Нева се поставале шини, по кои сообраќал електричен трамвај што ги поврзувал Сенатскиот плоштад, Василевскиот Остров, Дворцовиот кеј и други делови од градот..

Стопанско значење[уреди]

Сообраќај по Нева гледан од Дворцовиот мост

Нева има многу малку плитки места и стрмни брегови, што ја прави погодна за речен сообраќај. Реката е дел од Волго-балтичкиот и Беломорско-балтичкиот канал, но има релативно ограничена проодност поради длабочината и бројните мостови. Затоа, по неа се движат пловила од размер под 5.000 тони. Највеќе се пренесува дрвена граѓа од Архангелск и Волгода; апатит, гранит и долерит од Колскиот Полуостров; лиено железо и челик од Череповец; јаглен од Донецк и Кузнецк; пирит од Урал; калиум хлорид од Соликамск и нафта од Приволжјето. По реката сообраќаат и разни патнички пловила за Москва, Астрахан, Ростов, Перм, Нижни Новгород, Валам и други градови.[12] Пловна е од април до ноември.[13]

Западно од Шлиселбург, под реката се поставени цевки на Балтичкиот нафтовод, кој носи гориво од Тиман-Печора, западен Сибир, Урал, Казахстан и Приморск во Финскиот Залив. Долг е 774 метри и лежи 7–9 м под коритото. Пренесува 42 милиони тони нафта годишно.[14]

Недалеку од Ладошкиот мост поминува подводниот тунел во кој се сместени цевки на гасоводот Северен Тек. Има пречник од 2 м, и долг е 750 метри, при максимална длабочина од 25 м.[15]

Реката нева е главен извор (96%) за водоснабдување на Санкт Петербург и приградските подрачја. Водите се користат и за стопански и спортски риболов.[4]

Мостови[уреди]

Големиот обуховски мост
Благовештенскиот мост
Ленинградска област
  • Ладошки мост
  • Кузмински железнички мост
Санкт Петербург
  • Голем обуховски мост
  • Володарски мост
  • Фински железнички мост
  • „Александар Невски“
  • Болштеохтински мост (порано: „Петар Велики“)
  • Леарски мост (или „Литејни“, мост „Александар II“)
  • Троички мост (порано: Кировски мост)
  • Дворцов мост
  • Благовештенски мост (порано: Мост „Поручник Шмит“)
  • Новоадмиралтејски мост (најнов)

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Toponymic Encyclopedia of Saint Petersburg. St. Petersburg.: Informational and publishing agency LIC, 2002.
  2. 2,0 2,1 2,2 St. Petersburg: Encyclopedia. – Moscow: Russian Political Encyclopedia. 2006 ISBN 5-8110-0107-X
  3. Нежиховский, Р.А. (1981). „Река Нева и Невская губа“. Гидрометеоиздат. http://books.google.com/books?id=SqcgAQAAMAAJ. 
  4. 4,0 4,1 Darinskii, A.V. (1982). „География Ленинграда“. Лениздат. стр. 34–45. 
  5. Историко-географический атлас «Ленинград». Москва, 1977
  6. Sharymov, Alexander History of St. Petersburg. 1703. Book studies. Journal Neva, 2004 ISBN 5-87516-044-6
  7. 7,0 7,1 Ezhov, V. A. (1986) Ленинградская область: исторический очерк. Лениздат.
  8. Електронско издание на Институтот за руска книжевност (Пушкинов дом). Lib.pushkinskijdom.ru. конс. 13 јули 2013
  9. The biographical dictionary of the Society for the diffusion of useful knowledge, Volume 1“. Longman, Brown, Green, and Longmans. 1842. стр. 855. http://books.google.com/?id=ASVlAAAAMAAJ&pg=PA855. 
  10. Kirby, D. G. (2006). „A concise history of Finland“. Cambridge University Press. стр. 8. ISBN 0-521-83225-X. http://books.google.com/?id=hF-e7dTr_xYC&pg=PA8. 
  11. В «ПЛЕНУ» У ШВЕДОВ. Sablino.ru.
  12. Russian river fleet and tourism INFOFLOT.RU. Map.infoflot.ru. конс. 13 јули 2013
  13. Водный транспорт. www.st-petersburg.ru
  14. Транснефт го заврши тунелот под Нева — „Вслух“, 25 август 2008 (англиски)
  15. Под Невой проложен тоннель для "Северного потока". energospace.ru (2009-07-22).

Надворешни врски[уреди]