Данил Хармс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Данил Хармс
Daniil Kharms.jpg
Данил Хармс, 12 јуни 1938.
Роден(а) Данил Иванович Јувачов
30 декември 1905(1905-12-30)
Санкт Петерсбург, Руска империја
Починал(а) 2 февруари 1942(1942-02-02) (на 36 год.)
Ленинград, СССР
Псевдоним Данил Хармс, Данил Дандан, Хармс Шардам, Д. Цх.,
Националност Рус
Образование Вишо техничко училиште, Институт за историја на уметноста
Период 1926 - 1941
Жанрови поезија за деца, кратки раскази
Сопружник Марина Владимировна Малич

Данил Хармс (30 декември 1905, Петербург (денешен Санкт Петербург), Русија - 2 февруари 1942 година, Ленинград, (денешен Санкт Петербург), СССР) бил авангарден руски и советски писател од периодот меѓу двете светски војни.

Биографија[уреди]

Данил Хармс е роден на 30 декември (17 декември по стариот календар) 1905 година во Петербург, на улицата Глинскаја бр. 1. Вистинското име му е Данил Иванович Јувачов. Во 1915 година се запишал во основно училиште. Летото 1919 година го поминал кај својата тетка Н. И. Колјубакина во Детско село. Од овој период потекнуваат првите негови текстови и цртежи кои се зачувани. Есента 1924 година, Хармс се запишал на Вишото техничко училиште во Ленинград. Тогаш ја запознал Естер Александровна Русакова која ја сакал седум години. Подоцна, во едно писмо, Хармс го напишал следново за неа:


Таа за мене не беше само жена која ја сакав, туку и нешто друго што навлегуваше во сите мои мисли и сите мои активности. Со Естер не зборував на руски и нејзиното име го пишував на латиница: ESTHER.


Во текот на 1925 година започнало неговото пријателство со писателот Александар Иванович Веденски, како и со поетите Н. Кљув и А. Туфанов. Кон крајот на истата година, заедно со родителите се преселил на улицата Надеждинскаја 11, бр. 8, каде што останал да живее до август 1941 година. Пролетта 1926 година, Хармс се запознал со Николај Заболоцки, а во септември истата година поднесол молба за прием на Институтот за историја на уметноста.

Кон крајот на декември 1931 година, Хармс и неговите пријатели и соработници - Веденски, Андроников, Сафонова и Јермолаева биле уапсени, а биле ослободени во 1932 година. Имено, тие биле обвинети дека со своите дела смислено ги одвраќаат децата и работниците од изградбата на социјализмот. На 13 јули 1932 година, Веденски и Хармс биле депортирани во Курск, каде што живееле заедно во двособен стан. На 18 ноември истата година, тие повторно се вратиле во Ленинград. Во 1934 година, Хармс се оженил со Марина Владимировна Малич. Од 1936 до 1938 година, во домот на Хармс се одржувале музички вечери на кои присуствувале познати музички критичари (како Иван Иванович Солертински) и музичари (оргулистот Е. М. Браудо, пеачите Анатолиј Доливо и Николај Чесноков итн.) , а во овој период и самиот Хармс свирел дела од Бах, Хендл и други композитори.

На 23 август 1941 година, Хармс бил повторно уапсен. За последните денови пред апсењето на Хармс сведочат сеќавањата на главната уредничка на "Врабец" Н. Гернет, која запишала:


Беше сериозен и затворен во себе како никогаш. "Бегајте, бегајте што побрзо!" - зборуваше - "Ќе има војна"... Тој не ни помислуваше да отпатува. Јас, како и многу други, до последниот ден се надевав дека нема да има војна... но, нему му поверував. Секогаш ми се чинеше дека Данил Иванович знае и умее да го предвиди она што другите не го знаат...


На 2 февруари 1942 година, Хармс умрел во затворската болница во Новосибирск.[1] [2]

Творештво[уреди]

Неговата најрана зачувана песна "Еднаш во јули во нашето лето..." потекнува од 1922 година и таа е потпишана под псевдонимот Д. Цх. Подоцна, во текот на 1925 година, Хармс ги читал своите песни во салите на Електротехничкото училиште, Библиотеката на Тургењев, Институтот за историја на уметноста и во други сали во Ленинград. Во октомври истата година поднесол пријава за прием во Ленинградското одделение на Сојузот на поети при што до приемната комисија поднесол две тетратки со песни. Во Сојузот на поетите бил примен во март 1926 година, а истата година, заедно со неговиот пријател Веденски, Хармс го основал "Училиштето на јавори". Истовремено, двајцата започнале да ја пишуваат драмата "Мојата мама целата во часовници (подарок за децата, на учителите отпушок)". Во петок, 12 ноември 1926 година, Хармс настапил со свои дела на книжевната вечер на Сојузот на поетите. Подоцна, Хармс дебитирал како поет со неговата песна "Случајот со железницата" која била објавена во Зборникот на Ленинградското одделение на Сојузот на поетите.

Во 1927 година, Хармс се запознал со сликарот Казимир Маљевич со кого членовите на "Училиштето на јавори" преговарале за можноста за обединување на поетите и сликарите. Во овој период, Хармс бил заинтересиран за основање уметничко друштво и им предлагал на другарите да формираат "Академија на леви класици" со цел да се борат против лажната уметност. Истовремено, тој го подготвувал својот избор на песни под наслов "Јаворот Данил Иванович Хармс. Управување со нештата. Слободнодостапни песни.", но овој проект никогаш не бил остварен. Во декември 1927 година работел на драмата "Елисавета Бам".

Во јануари 1928 година, била објавена Декларацијата на ОБЕРИУ (Здружение за реална уметност). Истовремено, во Ленинград излегол првиот број на детското списание "Еж" во кое Хармс бил еден од најактивните соработници, објавувајќи десет дела за една година (песните под наслов "Театар", расказите "За тоа како Кољка Панкин леташе во Бразил, а Пеќка Јершов не му веруваше" и "Безобразниот пампур" итн.). Во текот на 1929 година, членовите на ОБЕРИУ настапувале низ училиштата и студентските домови во Ленинград, а Хармс ги објавил своите дела за деца: "Како прво и како второ" (расказ), "Иван Иванович Самовар" (песни) и "За тоа како старицата купуваше мастило" (расказ).

Во 1930 година, во Ленинград започнало да излегува детското списание "Врабец" со кое Хармс, исто така, активно соработувал. Подоцна, главната уредничка на списанието Н. Гернет, во своите сеќавања запишала:


Меѓу таа книжевна елита со својата неповторливост најмногу воодушевуваше Данил Иванович. Неговиот надворешен изглед најдобро можеше да се окарактеризира со зборот - џентлмен. Висок, убав, извонредно воспитан, неизмерно коректен, чист, длабоко нерасипан, имаше совршено чувство за хумор и не помало чувство за јазик - како и книжевен слух.


Во 1930 година, излегле од печат следниве детски дела на Хармс: "Игра" (песни) и "За тоа како тато за мене застрела мал твор" (песни), додека идната година се појавила и збирката детски песни "Милион". Во текот на 1933 година, во списанието "Врабец" излегувал циклусот раскази за професорот Трубачкин, а од септември со крајот на годината и романот во писма, напишан заедно со актерката Клаудија Пугачова. Истовремено, Хармс смислувал и теми за сликите во "Врабец". Кон крајот на годината, Хармс започнал да работи на своето философско-книжевно дело "Постоење", кое останало недовршено. Во тоа време, своите дела Хармс ги потпишувал со псевдонимот Данил Дандан. Истата година, Хармс бил примен во новоформираниот Сојуз на советските писатели.

На 17 мај 1935 година, Хармс присуствувал на поменот на Казимир Маљевич, читајќи го својот текст "При смртта на Казимир Маљевич", потпишан како Хармс Шардам. Во 1936 година, во списанието "Врабец" бил објавен неговиот слободен превод на приказната на Вилхелм Буш "Плих и Пљух", а во списанието излегувале и разни шеги во стихови и проза, потпишани како Карл Иванович Шустерлинг. На 7 јануари 1937 година, Хармс го напишал расказот "Си бил еден лисест човек...", со кој започнал познатиот циклус "Случки". Во март истата година била објавена песната "Од дома излегол човек...", a потоа, списанието "Врабец" не објавило ништо од Хармс речиси цела година. Во втората половина на годината, во списанието "Детска книжевност" излегол текстот на Л. Кон "За хуморот", во кој биле нападнати списанието "Врабец" и преводот на Хармс на приказната од Вилхелм Буш. Наспроти тоа, во 1939 година, во списанието "Детска книжевност" излегол текстот на В. Тренин "За смешната поезија", во кој била позитивно оценета поезијата на Хармс и на Веденски. Истата година, Хармс го составил циклусот куси раскази под наслов "Случки". Во текот на мај и јуни 1939 година, Хармс ја напишал повеста "Старица".

По смртта на Хармс, семејството и пријателите се погрижиле да ги зачуваат неговите ракописи. Сепак, долго време по неговата смрт, творештвото на Хармс било забрането и заборавено. Дури во 1956 година, било издадено службено соопштение за неговата рехабилитација, но со поширока слава се стекнал дури во 1980-тите и 1990-тите години. Во Русија, тој е најмногу познат како детски писател, додека во светот е најпознат по неговите кратки раскази.[3] [4]

Наводи[уреди]

  1. Анатолиј Александров, "Данил Хармс - Хронологија на животот", во: Данил Хармс, Случаи, Темплум: Скопје, 2004, стр. 115-125.
  2. "Белешка за писателот", во: Данил Хармс, Циркус принтипрам (избор), Темплум: Скопје, 1993, стр. 79.
  3. Анатолиј Александров, "Данил Хармс - Хронологија на животот", во: Данил Хармс, Случаи, Темплум: Скопје, 2004, стр. 115-125.
  4. "Белешка за писателот", во: Данил Хармс, Циркус принтипрам (избор), Темплум: Скопје, 1993, стр. 79.