Телефон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Обичен фиксен телефонски апарат

Телефон (од грчки: „теле“ (τηλέ) што значи „оддалечен“ и „фон“ (φωνος) што значи „звук“) е уред за комуникација на далеку, којшто се користи така што прима и пренесува звук (воглавно човечки говор) од едно место на друго и обратно. Повеќето телефони работат така што пренесуваат електрични сигнали преку сложен систем на телефонски мрежи што дозволува комуникација на кој било телефонски корисник со кој било друг.

Вовед[уреди]

Постојат три основни начини за поврзување на корисник на телефонската мрежа: традиционален (фиксен телефон), кој е поврзан со кабли на една одредена физичка локација; безжичен и радио телефон, коишто користат или аналогни или дигитални сигнали; сателитски телефон, кој користи телекомуникациски сателити; и VoIP врски (од англиското „Voice over IP“ што значи Говор преку Интернет протокол) што се користи при Интернет врска. Врската помеѓу крајните корисници, може да се врши преку оптичко влакно, микробранови, сателитска врска или со комбинација на овие. До скоро, кога би се рекло телефон, воглавно се мислело на фиксен телефон. Безжичните и мобилните телефони се сега распространети ширум светот, при што се очекува мобилниот телефон на крајот потполно да ги замени „традиционалните“, фиксни телефони. За разлика од мобилните телефони, безжичните се сметаат за „фиксни“ телефони, зашто обично имаат домет од 150 до 300 метри и се поврзуваат на базна станица којашто е поврзана со кабeл на мрежата на фиксната телефонија.

Делови на телефонот[уреди]

Телефон од 1896 од Шведска

Деловите на телефонот се:

  • МТК (Микротелефонска комбинација), односно слушалка,
  • Тастатура или бројчаник, зависно од моделот, макар што денес сè повеќе се користат телефони со тастатура
  • ѕвоно
  • и други делови

Историја[уреди]

Останува неразрешено кој го измислил првиот телефон, зашто Антонио Меучо, Јохан Филип Рајс, Александар Бел и други - сите се кандидати за оваа титула. Важно е да се запамети дека не постои „единствен пронаоѓач на телефонот“. Состојбата на телефонијата каква што е денес е резултат на работа на многу раце, од кои секоја помош била доста вредна.

Безжичен телефон

Безжични телефони[уреди]

Безжичните телефони прв ги измислил Тери Пол, во 1965 година. Тие се составени од базна станица којашто преку кабел е споена со мрежата на фиксната телефонија, и слушалка којашто со радиобранови е споена со оваа базна станица. Тоа на корисниците им дозволува да ја носат слушалката без базна станица, во досегот на базната станица. На базните станици им е потребен напон за да комуницираат со преносната слушалка, така што безжичниот телефон во принцип не функционира доколку нема струја. Безжичните телефони во почетокот ја користеле фреквенцијата од 1,7 MHz за комуникација помеѓу базата и слушалката. За да се подобри квалитетот и за да се надминат проблемите со ограниченоста на досегот, ова покасно се променило така што се користи FM на повисоки фреквенции (49 MHz, 900 MHz, 1,8 GHz, 2,4 GHz, и 5,8 GHz). Телефоните кои работат на фреквенција од 2,4GHz често се мешаат со одредени безжични мрежни протоколи (802,11 b/g) затоа што ја користат истата фреквенција. Денес досегот на безжичните телефони обично е 150-500 метри.