Витамин

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Хемиската структура на ретинол, најчестата форма на витамин А која се внесува преку храната.


Витамините (латински: vita-живот; amin-амин, органско соединение со азот) се комплексни соединенија од различна хемиска природа кои се важни за нормалното биолошко функционирање на многу живи суштества. Поточно, тие во многу мали количини се потребни за растењето, нормалното функционирање на клетките и ткивата и општо, за одржување на здравјето. Растенијата и некои микроорганизми се способни сами да ги синтетизираат сите потребни витамини, додека животните одредени витамини ги создаваат сами, а други мора да ги внесат преку исхраната. Витамините се делат на витамини растворливи во вода и витамини растворливи во масти.

Витамините се среќаваат во две основни форми: активна (дејствуваат веднаш во организмот) и неактивна (за да дејствуваат, треба да се активираат). Повеќето витамини, животните ги внесуваат во активна форма, но има и такви, како витамините A и D кои се внесуваат во организмот во неактивна форма. Витамините во неактивна форма се означуваат како провитамини. Сите витамини растворливи во вода, освен витаминот C, влегуваат во структурата на одредени ензими како коензими. Делумниот недостиг на определен витамин во организмот се нарекува хиповитаминоза, додека целосниот недостиг-авитаминоза. Меѓутоа, и преголемата застапеност на одреден витамин во организмот е штетна, состојба означена како хипервитаминоза. При различните хипо-, а- или хипервитаминози, доаѓа до различни нарушувања на организмот.

Историја[уреди]

Години на откривање на витамините и нивните извори
Година на
откривање
Витамин Извор
1913 Витамин A (Ретинол) Масло од црн дроб од бакалар
1910 Витамин B1 (Тиамин) Ориз
1920 Витамин C (Аскорбинска киселина) Цитрус
1920 Витамин D (Калциферол) Масло од црн дроб од бакалар
1920 Витамин B2 (Рибофлавин) Месо, јајца
1922 Витамин E (Токоферол) Масло од никулецот од житото,
нерафинирани растителни масла
1926 Витамин B12 (Кобаламини) Црн дроб, јајца,
животински производи
1929 Витамин K1 (Филокинон) Листест зеленчук

Вредноста да се јаде посебна храна за да се одржи здравјето била позната уште многу пред витамините да бидат идентификувани. Античките Египќани знаеле дека еден човек хранејќи се со црн дроб може да се излекува од ноќно слепило, болест за која сега се знае е предизвикана од недостиг на витамин А.[1] Развојот на прекуокеанските патувања во текот на ренесансата, резултирал со подолги периоди без пристап на свежо овошје и зеленчук и голем дел од луѓето на бродовите се разболувале поради недостиг на витамини.

Во 1747 година, шкотскиот хирург Џејмс Линд открил дека овошјето од родот Citrus ја спречува појавата на скорбут, особено смртоносна болест, при која не доаѓа до правилно формирње на колаген, предизвикувајќи слабо заздравување на раните, краварење на непцата, тешка болка и смрт.[1]

Во 1912 година полскиот биохемичар Казимир Функ изолирал комплекс на микронутриенти и предложил комплексот да биде наречен „витамин“.

Во 1929 година, Фредерик Хопкинс и Кристијан Ајкман биле наградени со Нобелова награда за физиологија или медицина за откривањето на неколку витамини.[2]

Во 1943 година, Едвард Адалберт Дојзи и Хенрик Дан биле наградени со Нобелова награда за физиологија или медицина за нивното откривање на витаминот К и неговата хемиска структура.

Преглед на витамините и нивното дејство[уреди]

Витамини Значење и во што се раствора Дефицит и авитаминози Хиповитаминози Природни извори
B1 (Тиамин)
Водорастворлив. Метаболизам на јаглехидрати Парализа и атрофија на мускулите Бери-бери (Полинеуритис) Месо, црн дроб, јајца, лушпи од жито, мешунки, орев и др.
B2 (Рибофлавин)
Водорастворлив. Коензим FMN (флавин-мононуклеотид), FAD (флавин-аденин-динуклеотид) Воспаление во аглите на устата Дерматитис, снежно слепило Млеко, јајце, риба, внатрешни органи, спанаќ, грашак и др.
PP (Нијацин)
Водорастворлив. Коензим NAD (никотинамид аденин динуклеотид) и NADP (никотинамид аденин динуклеотид фосфат) Застој во растот и во развитокот на ЦНС Пелагра Месо, црн дроб, компир, квасец и др.
B6 (Пиридоксин)
Водорастворлив. Метаболизам на аминокиселини Ретко Ретко Мешунки, житни и градинарски растенија, јајца, црн дроб, млеко и др.
Пантотенска киселина
Водорастворлив. Коензим А, метаболизам на глукоза и масни киселини Ретко Burning foot синдром Не се среќава слободна во природата
Фолна киселина
Водорастворлив. Метаболизам на нуклеински и аминокиселини Недиференцирани (големи) еритроцити, вртоглавица, исцрпеност Мегалобластна анемија Во темно-зелени делови на растенијата, месо, ја синтетизираат микроорганизми
В12 (Кобаламин)
Водорастворлив. Создавање и созревање на еритроцити, метаболизам на аминокиселини, синтеза на масти и гликоген Вртоглавица, физичка слабост, намалена вредност на хемоглобин Пернициозна анемија Месо, пилешко, риба, жолток од јајце, црн дроб
С (Аскорбинска киселина)
Водорастворлив. Структурна улога во коските, забите,формирање на колаген, метаболизам на шеќери Крвавење на непцата, пукање на крвни садови (модринки) Скорбут Во сите свежи овошки, зеленчук, особено во пиперките, шипките, доматите и др.
А (Ретинол)
Масторастворлив. Синтеза на родопсин, формирање на коски, заби, епителизација Воспалителни процеси на слузокожата и рожницата на окото Кокошкино слепило, ксерофталмија Се формира од каротинот во темножолтиот и зелен лиснат зеленчук, жолток од јајце, риба, црн дроб
D2, D3 се добиваат со UV зрачење од провитамини
Масторастворливи. Поттикнуваат растење на коските, минерализација и апсорпција на Са++ Меки, еластични коски, губење на апетит, застој во растот и развојот Рахитис Во црн дроб, морски плодови, риба, жолток од јајце, рибино масло
К (Филохинон)
Масторастворлив. Фактор на коагулацијата, транспорт на електрони при синтеза на АТР Спречува крвавење Хеморагија Најмногу се создава од бактериите на дебелото црево. Се содржи во карфиол, лиснат зеленчук и др.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 Jack Challem (1997). "The Past, Present and Future of Vitamins"
  2. Carpenter, Kenneth (22 јуни 2004). „The Nobel Prize and the Discovery of Vitamins“. Nobelprize.org. http://nobelprize.org/nobel_prizes/medicine/articles/carpenter/index.html. конс. 5 октомври 2009.