Лемурија (континент)
Лемурија (МФА: /lɨˈmjʊəriə/[1]) е име за хипотетички изгубен свет со можни локации во Индискиот Океан и Тихиот Океан. Потеклото на идејата е од 19 век и лежи во обидот да се објасни неповрзаноста во биогеографијата. Концептот за Лемурија се смета за застарен заради модерното сфаќање на тектонското движење на Земјината кора. Иако потопените континенти постојат – видете Зеландија во Тихиот Океан — не постојат познати геолошки формации под Индискиот или Тихиот Океан кои би одговарале на хипотетичката Лемурија.
Иако Лемурија е надвор од официјалната наука, на неа се повикуваат некои писатели на окултни теми, како и некои тамилски писатели од Индија. Објаснувањата за Лемурија се разликуваат, но сите се засноваат на општото верување дека овој континент постоел во древното минато и потонал под океанот како резултат на геолошки, односно катаклизмички промени.
Научно потекло
[уреди | уреди извор]Иако живите видови лемур се најдени само на Мадагаскар и на неколку околни острови, биогеографијата на изумрените лемури се протега од Пакистан до Малезија.
Голем е ланецот на животните кои биле инспирација за називот Лемурија, кој во 1864 година прв го употребил зоологот Филип Скалтер во написот "Цицачите од Мадагаскар" објавен во списанието Д Квартерли Журнал оф Сајанс (The Quarterly Journal of Science). Во обид да ја реши загатката на присуство на фосили на лемури во Мадагаскар и Индија, но не и во Африка ниту во Средниот Исток, Скалтер претпоставил дека Мадагаскар и Индија некогаш биле дел од голем континент.
Теоријата на Скалтер не била премногу необична во тоа време. Прифаќањето на дарвинизмот ги повело научниците да бараат траги за мешањето на видовите од гледна точка на теоријата на еволуцијата. Биолозите често претпоставувале постоење на потонати копна со цел да го објаснат постоењето на копнени видови кои денес се одделени со водени препреки. На сличен начин, геолозите се обидувале да ја објаснат забележливата сличност на формирањето на карпите на различните континенти.
Лемурија на Мадам Блаватска
[уреди | уреди извор]Лемурија влезе во лексиконите на окултистите преку трудовите на Мадам Хелена Блаватска, која во 1880-тите години тврдела дека ѝ била покажана древната пред-атлантска книга Книга на Џиан.
Според сложената космологија на Блаватска, која вклучува седум основни раси, на Лемурија живеела "третата раса", суштества опишани како високи седум стапки, според полот хермафродити, кои несат јајца, ментално се неразвиени но духовно почисти од наредните "раси". Пред појавата на Лемуријанците, втората "раса" живеела во Хипербореја. Откако се појавиле напредните цицачи, Мадам Блаватска им открива на своите читатели дека некои од Лемуријанците се претвориле во ѕверови. Боговите, уплашени од однесувањето на овие "безумни" луѓе, ја потопиле Лемурија во океанот и ја создале "четвртата раса" – надарена со интелект, на Атлантида.
Еден од најдеталните описи на изгубените континенти дал теозофот Вилијам Скот Елиот. Овој англиски теозоф рекол дека знаењето го добил од теозофскиот Учител преку "астрална јасновидост". Во 1896 година, во "Приказната за Атлантида и изгубената Лемурија", тој го опишал континентот Лемурија велејќи дека се протегал од источниот брег на Африка преку Индискиот па сè до Тихиот Океан.
Џејмс Брамвел ја опишал Лемурија во неговата книга Изгубената Атлантида, како “континент кој заземал голем дел од она што денес е познато како јужен дел од Тихиот Океан”[2]
Брамвел ги опишал луѓето на Лемурија во детали и ги нарекол “раса со која започнува човештвото”. Според Брамвел, од Лемуријанците потекнуваат Атлантиѓаните, кои го преживеале периодот “на општата декаденција на расите која ги зафатила Лемуријанците во последниот степен од нивната еволуција”. Од “избрани поединци” на Атлантиѓаните – после нивниот премин во декаденција – се појавува расата на Аријците, вели Брамвел. Според Брамвел, “Лемуријанците, Атлантиѓаните и Аријците се почетоците на сите човечки раси”.[3]
Лемурија и планината Шаста
[уреди | уреди извор]Во 1894 година, Фредерик Спенсер Оливер ја издаде книгата Жител на две планети, во која тврди дека преживеаните од потопениот континент наречен Лемурија живееле на планината Шаста во северна Калифорнија. Лемуријанците живееле во комплекс на тунели под планината, а понекогаш биле гледани како шетаат на површината облечени во бели одежди. Ова верување го презеле некои секти и нивните следбеници, како на пример Големото Бело Братство.
Некои популарни романописци во своите дела исто така го користат ова верување дека Лемуријанците живеат во планината Шаста.
Кумари Кандам и Лемурија
[уреди | уреди извор]Кумари Кандам е легендарно потопено кралство кое понекогаш се споредува со Лемурија. Според модерните интерпретатори на класичната тамилска литература, на еповите Килапатикарам и Манимекалаи кои го опишуваат потопениот град Пухар, Дравидијаните дошле од копно кое се наоѓало јужно од денешниот брег на јужна Индија кое постојано било поплавувано. Постојат тврдења од различни тамилски автори дека таму постоело големо копно кое ги поврзувало Австралија и денешниот брег Тамил Наду.
Денешната наука, посебно морската археологија и антропологијата ваквите постулати ги смета за ништо повеќе од нереална фантазија. Еден од водечките поборници за теоријата Кумари Кандам, Д. Паванар, тврди дека Тамилците се посебен биолошки вид познат како "Хомо Дравида". Ваквата изјава ја ограничува теоријата Кумари Кандам меѓу екстремистичкото крило на Тамилците без никаква научна основа.
Влекачите на Лемурија
[уреди | уреди извор]Во литературата за влекачи хуманоиди, потопениот континент во Тихиот Океан (најчесто наречен Лемурија или Му) понекогаш се посочува како дом на раса влекачи, често идентификувани како змејови или нага. Различни делови од митологијата и фолклорот го поддржуваат ова тврдење. Народните тврдења на австралијанските Абориџини дека гледаат суштества налик на "диносауруси" често се земаат како доказ.
Најраното сведоштво за ваквите изјави во модерната литература се појавува во трудовите на Блаватска, поточно во Тајната доктрина (1888), каде што таа пишува за "луѓето-змејови" кои некогаш имале своја цивилизација на континентот Лемурија, сè додека нивната употреба на црна магија ги довела докрај на нивната цивилизација, и до потонување на нивниот континент. Блаватска изјавила дека оваа информација ја презела од Книга на Џиан, а верувала дека изразите „човек-змеј“ или „човек-змија“ во „Книгата на Џиан“ се користени да ги опишат гуштероликите суптества од Лемурија, и нивното напредно знаење и магиски моќи. Како и да е, многумина сметаат дека Блаватска ја измислила таа книга.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]
|