Прејди на содржината

Бели крвни зрнца

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Бели крвни клетки)
Бели крвни зрнца
SEM слика на нормална човечка крв. Можат да се забележат леукоцитите со сферична форма со неправилна површина, еритроцитите и многу мали дисковидни крвни плочки.
Податоци
Назнаки
Латинскиleucocytus
КодTH H2.00.04.1.02001
THH2.00.04.1.02001
FMAFMA:62852

Леукоцитите (leukos- бело) се белите крвни клетки кои се составен дел на крвта, но ги има и во лимфата и меѓуклеточната течност. Тоа се амебовидни клетки со јадра. Тоа се клетки што во себе содржат повеќе ензими кои ги разградуваат материите што ќе навлезат во нив. Леукоцитите се создаваат во коскената срцевина, органите на РЕС, тимусот, слезината и лимфните јазли. Учествуваат во имунитетот, вклучувајќи го и клеточниот. Леукоцитите ги има повеќе видови. Врз основа на нивната големина, формата и гранулите во нивните јадра, има гранулоцити и агранулоцити. Можноста за менување на формата и одбранбената функција на леукоцитите во организмот, се во врска со способноста за амебовидно движење, дијапедеза и хемотаксија.

Бројот на леукоцити во крвта често е индикатор за болест. Нормалниот број на леукоцити во крвта вообичаено се движи помеѓу 4 × 109/L и 1.1 × 1010/L. Во САД, оваа вредност обично се изразува како 4.000 до 11.000 бели крвни црнца на микролитар крв.[1] Белите крвни зрнца сочинуваат приближно 1% од вкупниот крвен волумен кај здрав возрасен човек,[2] што ги прави помалубројни од црвените крвни зрнца, кои сочинуваат 40% до 45% од крвниот волумен.

Својства

[уреди | уреди извор]
  • Дијапедеза: леукоцитите можат да се провлечат низ ситните пори на крвните садови, иако овие клетки се многу поголеми од порите.
  • Амебовидно движење: леукоцитите можат да се движат амебовидно, пpи што за една минута можат да поминат пат трипати подолг од својата должина.
  • Хемотаксија: во организмите има еден список на материи што можат да предизвикаат движење на леукоцитите кон нив. Таквата појава се нарекува хемотаксија. Така неутрофилите и макрофагите се движат кон некое воспалено место. Такви материи се некои бактериски токсини, распаднати производи од некои материи, производи од реакцијата од комплементот, некои производи на коагулација на крв и сл.
  • Фагоцитоза: најважна особина на леукоцитите пти што одредени материи се разградуваат.[3]

Видови на леукоцити

[уреди | уреди извор]

Постојат голем број на класификации според кои сите видови леукоцити може да се групираат. Според присуството на гранули во цитоплазмата на леукоцитите и нивниот афинитет кон одредени бои, леукоцитите можат да се поделат на гранулоцити и агранулоцити.[3]

Тип Изглед (микрографија) Изглед (илустрација) Застапеност во %
кај возрасни
Пречник (μm)[4] Главен таргет[2] Јадро[2] Гранули[2] Животен век[4]
Неутрофил 62% 10–12 Мултилобарно Бледо розови (H&E боење) 6 часа–неколку дена
(денови во слезината и други органи)
Еозинофил 2.3% 10–12 Би-лобарно Розово-портокалови (H&E боење) 8–12 дена (во циркулација 4–5 часа)
Базофил 0.4% 12–15 Би-лобарно или три-лобарно Големи сини Неколку часа до неколку дена
Лимфоцит 30% Мали лимфоцити 7–8

Големи лимфоцити 12–15
Ексцентрично Имаат само NK-клетките и цитотоксичните (CD8+) T-клетки Години кај мемориските клетки, недели кај останатите.
Моноцит 5.3% 15–30[5] Моноцитите мигрираат од крвотокот во другите ткива и диференцираат во макрофаги и Купферови клетки во црниот дроб. Има бубрежеста форма Немаат Часови до денови

Гранулоцити

[уреди | уреди извор]
Неутрофил уништува бактерија на антракс.

Гранулоцитите се категорија на леукоцити кои се разликуваат по различното обојување на гранулите во нивната цитоплазма на светлински микроскоп. Има три видови на гранулоцити: неутрофили, базофили и еозинофили (именувани по бојата).

Најзастапени и најкарактеристични се неутрофилните леукоцити. Јадрата на неутрофилите се разлукуваат според изгледот, поради што се наречени полиморфни леукоцити. Со делба на првата клетка (наречена миелобласт) и созревањето на клетките-ќерки постепено се намалува јадрото и запремнината на клетката, се згустува хроматинот во јадрото, а во цитоплазмата се јавуваат, на почетокот примарните, а потоа и секундарните гранули. Јадрото на неутрофилните леукоцити секогаш е поделено на пет, па и повеќе делови. Врз основа на наведените морфолошки својства можат да се разликуваат шест развојни стадиуми на неутрофилните леукоцити.

Еоизнофилни гранулоцити се леукоцити што се разликуваат од неутрофилите според градбата и изгледот на јадрото. Кај еозинофилите тоа најчесто е составено од два дела што кај човекот се поставени во вид на дисаѓи. Гранулите што се наоѓаат во цитоплазмата на овие леукоцити се бојат црвено со кисели бои (еозин).[6]

Базофилни гранулоцити лесно се одвојуваат од другите видови леукоцити според големиот број крупни базофилни гранули со темнопурпурна боја. Базофилите имаат нподелено јадро, со неправилен топчест или бубреговиден изглед.

Лимфоцитите се најзастапени клетки во лимфниот систем и во нив се вбројуваат т.н. К клетки убијци. Крвта има три видови на лимфоцити: В клетки, Т клетки и природни клетки убијци. B клетките произведуваат антитела кои се сврзуваат со антигените за да ги уништат. Помошните Т клетки го координираат имуниот одговор (тие постануваат дефектни при ХИВ инфекција). Цитотоксичните Т клетки и природните клетки убијци се способни да ги уништат клетките во телото кои се инфицирани од вирус.

Моноцитите сврзуваат делови од антигенот за дадена Т клетка за да на тој начин антигенот биде препознаен при повторна инфекција и убиен. Моноцитите се познати и како макрофаги откога ќе го напуштат крвотокот и ќе навлезат во ткивата.

Основната функција на леукоцитите е одбранбена и неа различните видови леукоцити ја остваруваат на посебен начин. Улогата на неутрофилните гранулоцити е да го спречат или забават развивањето на инфективните микроорганизми. Ваквото дејство произлегува од нивната подвижност, од способноста да реагираат на голем број материи, фагоцитозата и др.

Кога неутрофилите ќе ги откријат материите што треба да се фагоцитираат, ги окружуваат и го внесуваат во својата цитоплазма, создавајќи ќесичка наречена фагосом. Во следните 1 до 3 минути фагосомот се спојува со гранули што содржат различни ензими (лизозим, колагеназа, еластаза и лактоферин, миелопероксидаза и др.).

Значењето на базофилите во фагоцитозата на микроорганизмите не е точно одредено, но се знае дека имаат своја улога во реакциите на пречувствителност. За разлика од нив, еозинофилите влијаат врз реакцијата на пречувствителност, при воспалителните процеси и при некои паразитски инфекции. Како и неутрофилните гранулоцити и моноцитите, особено макрофагите се изразити фагоцити. Тие го фагоцитираат речиси секое туѓо тело во човечкиот организам.

Има повеќе групи Т-лимфоцити. Едни од нив создаваат материи што имаат особини на хормони и се наречени лимфокини. Освен во процесот на фагоцитозата, тие учествуваат и во процесите на регулирање на одбранбените механизми. Основната функција на В-лимфоцитите е учеството во создавањето антитела или имуноглобин. Сврзувањето на антигенот со своето специфично антитело е прв чекор на хуморалниот имунитетен одговор. Кога ќе дојде во допир со својот антиген, В-лимфоцитот се активира и почнува да се дели, а во крајниот стадиум, наречен плазмоцит, може да се создаваат антитела.[6]

  1. „Vital and Health Statistics Series 11, No. 247 (03/2005)“ (PDF). Посетено на 2014-02-02.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Alberts B, Johnson A, Lewis M, Raff M, Roberts K, Walter P (2002). „Leukocyte also known as macrophagesfunctions and percentage breakdown“. Molecular Biology of the Cell (4. изд.). New York: Garland Science. ISBN 0-8153-4072-9.
  3. 3,0 3,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.88
  4. 4,0 4,1 Daniels VG, Wheater PR, Burkitt HG (1979). Functional histology: A text and colour atlas. Edinburgh: Churchill Livingstone. ISBN 0-443-01657-7.
  5. Handin RI, Lux SE, Stossel TP (2003). Blood: Principles and Practice of Hematology (2. изд.). Philadelphia: Lippincott Williams and Wilkins. стр. 471. ISBN 9780781719933. Посетено на 2013-06-18.
  6. 6,0 6,1 Учебник по биологија за трета година на реформираното гимназиско образование стр.89