Прејди на содржината

Универзален живот

Од Википедија — слободната енциклопедија

Универзален живот е прахристијанска заедница чие учење за основа ги зема Десетте Божји заповеди и Исусовата Беседа на Гората и откровенијата примени низ т.н. пророчка реч, односно објавите на Исус Христос преку Габриеле од Вирцбург, Германија. Прахристијанската заедница - Универзален живот не треба да се меша со американската црква „Универзален живот Црква„ (Universal Life Church). Со цел да се прави разлика во англиското говорно подрачје, духовната заедница за која станува збор во наредните редови, се употребува трерминот „Universal Life: The Inner Religion" (анг.Универзален Живот: Внатрешната религија).

Историјат

[уреди | уреди извор]

Првобитно основана 1977 година во Германија под името Исус Христова мисија за водење во Татковината која потоа прерасна во Прахристијанска заедница Универазлен живот, 1984 година.

Прахристијаните веруваат дека Исус Христос низ сите времиња по неговото воскресение се обраќал низ одбрани мажи и жени користејќи ги како говорни инструменти. Така, тие веруваат дека Христос се објавува и во денешно време преку една жена, пророчицата Габриеле од Вирцбург, користејќи ја нејзе како медиум за да се обрати до човештвото. Таа го чула внатрешниот глас на 6 јануари 1975 година и од тогаш па натаму во секојдневни објави Христос ѝ диктирал информации на најразлични теми кои таа ги запишувала или ги снимала на аудио-ленти.

Следбениците на оваа верска заедница се нарекуваат Христови пријатели или прахристијани алудирајќи на првите изворни христијани, директните апостоли и следбеници на Исус од Назарет кои според нив, не биле организирани како денешните црковни институции, немале свештеничка хиерархија, не практикувале ритуали и се хранеле вегетаријански.

Прахристијанската струја била присутна низ сите векови по Исус од Назарет, во различни форми и обем. Се спомнуваат Манихејците, Ориген, Богомилите, Катарите. Како и низа пророци, визиониери и христијански мистичари како што се: Хилдегарда Бингенска, Јакоб Бом, Џироламо Савонарола, Џордано Бруно, Емануел Сведенборг, Јакоб Лорбер и други. Но сега за првпат во историјата на човештвото, Бог ја излева сета вистина која луѓето на денешницата можат да ја сфатат дадена во збор и писмо.

Во Република Македонија, Прахристијанската заедница Универзален живот официјално е регистрирана како верска заедница во 1994 година со седиште во Скопје.

Прахристијаните за камен темелник на своето учење ја земаат Исусовата Беседа на Гората која е содржана и во евангелието според Матеј, а која Христос ја објаснил и продлабочил преку Габриеле - пророчицата. Во Беседата на Гората и Десетте Божји Заповеди се содржани сите најважни морално - етички упатства на однесување. На пр. златното правило Исусово: „Она што не сакаш тебе да ти се прави, не им го прави ниту ти на другите!„ Доколку поединецот ги примени овие високи етички идеали во својот живот, доаѓа чекор по чекор поблиску до Бога.

Вистинската вера е тнр. активна вера, вера на делата. Ако некој верува во Бога и Христос, тогаш тој и треба да го применува во секојдневието учењето на Исус од Назарет, изложено во Беседата на Гората. Наспроти нејзе е пасивната вера која вели дека е доволно само да се верува и чита Светото писмо - Библијата. Во пасивната вера која во божјите очи не е исправна, спаѓа и практикувањето на различни верски ритуали, жртвувањето животни, користењето икони, свеќи итн. За прахристијаните пасивната вера не е вера која ги доближува луѓето до Бога, туку само активната вера.

Смислата на човековиот живот

[уреди | уреди извор]

Целта на човечкиот живот е да се стане повторно божествен со Христова помош, преку практикување на божјите закони во сите подрачја на животот и профинување на сетилата за на тој начин се ослободи трајно од тркалото на повторното раѓање. Доколку тоа правилно се направи, тогаш при смртта на човечкото тело, душата повеќе нема да биде врзана за Земјата и ќе може слободно да влезе во вистинската, вечната татковина - Царството Небесно.

Сите битија имаат еден пра-извор, тоа е Бог. Поинаку кажано, сите битија се деца божји. Затоа, духовно гледано, сите битија се всушност сестри и браќа. Сите луѓе се едни со други ближни, не само пријателите и роднините. Сѐ што човек им го прави на другите луѓе т.е. ближните како и на природните царства - животните, растенијата, минералите - порано или подоцна, преку законот на причина и последица (во хиндуизмот наречен карма-закон, а во физиката се среќава терминот: закон на акција и реакција) ќе донесе соодветни плодови. Затоа човек треба да прави добро да постапува кон сите, но според принципите на Беседата на Гората и Десетте заповеди. На пр. некој може да смета дека е добро поради исхрана да се убиваат животните, но тоа е во спротивност на Десетте божји заповеди и оттаму оној кој ги почитува божјите закони, нема да земе учество ниту да дава поддршка на убивањето.

Ако постои праведен Бог, зошто има неправди и страдање?

[уреди | уреди извор]

Сите маки, проблеми, болести, природни катастрофи и сл. не ги испраќа Бог, туку човекот самиот си ги предодредува преку погрешното размислување и постапување. Христос како Исус од Назарет само предупредувал за ова симболично со зборовите: „Што човек сее, тоа тој и ќе жнее!„, но не е тој кој казнува, бидејќи казна нема, туку само последица. Кажано низ слики: ако некој посее трња, само трња можат да никнат. Ако некој посее миризливи цвеќиња, само миризливи цвеќиња можат да никнат - за тоа не се виновни сонцето и дождот, ниту почвата, туку оној кој посеал такви семиња, а тоа е човекот.

Падот на ангелите

[уреди | уреди извор]

Битијата кои Бог ги создал пред многу време биле дарувани со слободна волја преку која тие можеле да се одлучат за или против Бога. Дел од овие битија под водството на првосоздаденото женско битие, подоцна наречено Луцифер и Сатана, посакале да станат и самите богови, и најпрвин тежнееле кон поделба на Небесното царство, а потоа и кон заземање на апсолутна власт со цел да станат и поголеми од Бога самиот. Поради духовните закони такво нешто било, е, и ќе остане трајно невозможно. Сепак, поради желбата на овие бунтовни битија да владеат со свое царство, тие си заминале од царството Небесно и така под влијание на нивните активности постепено настанала материјата и материјалниот универзум. Со тоа тие станале паднати битија наречени и паднати ангели. Дури низ многу милијарди години настанал и Сончевиот Систем со планетата Земја, а подоцна паднатите ангели постепено се трансформирале во материјални луѓе. Луѓето низ милениумите сè повеќе и повеќе го заборавале своето вистинско духовно потекло и почнало да создаваат митови и легенди за настанокот на светот кои се честопати само мал и блед одраз на она што навистина се случувало некогаш во праисконските времиња.

Улогата на Исус Христос

[уреди | уреди извор]

Оддалечувајќи се сѐ повеќе од Бога, душите предизвикувале затемнување на сопствените духовни тела. Божјата светлина во еден момент кај некои отпаднати души станала толку малечка што постоела опасност целосно да згасне. Тоа би значело распаѓање на душата во првобитната тнр. етерична пра-супстанција. Доколку само и на едно битие тоа би му се случило, би се нарушила хармонијата во целото постоење. Низ верижна реакција би се предизвикале исти процеси во сите останати битија. За да се отстрани оваа опасност, со мисија примена од Бога, тргна во инкарнација Христос - првородениот син Божји, раѓајќи се како Исус, телесен син на Марија и Јосиф. Тој имаше за задача да преку сопствен пример им покаже на луѓето и душите како да живеат божјите закони за да ги просветлат своите души и повторно се вратат во вечната татковина. Но бидејќи мнозинството луѓе во тоа време го отфрлија неговото учење, мораше да стапи насила втората опција.

Таа предвидуваше Христос како Исус од Назарет да преземе еден дел од оптоварувањата т.е. гревовите на луѓето. Со тоа тој станал видлив за сатанските сили кои преку луѓето го мачеа и распнаа неговото тело. Непосредно пред неговата телесна смрт, Исус, изговарајќи ги зборовите: „Се сврши!„ настанот на Падот го доведе до пресвртница. Во сите души и луѓе се всади Христовата спасителска искра која трајно оневозможи да згасне божјата светлина во луѓето. Таа воедно дава гаранција дека сите луѓе и души еден ден ќе ги исчистат своите гревови, ќе си простат едни на други и ќе се вратат во вечната изворна татковина. Мерено со земно време, тој процес ќе трае многу долго но еден ден сепак ќе се заврши успешно. Поради тоа Христос станал избавител и спасител на сите луѓе и души и ниеден пат без Христа не може да води кон Бога бидејќи Христос како Исус објасни: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот и никој нема да дојде кај Таткото Небесен освен преку Мене, Христа!„

Христос само еднаш дошол во тело како Исус од Назарет. Неговото Второ пришествие нема да биде во тело, туку ќе се збидне во Духот. Тогаш на планетата Земја ќе настапи во целост царството на Мирот а Христос ќе биде негов духовен владател. Зборовите во Јовановото Откровение соджано во Библијата, дека Христос ќе дојде наскоро, треба да се сфатат од духовна точка на гледиште. Имено, 2000 години - време колку што поминало од тоа пророштво, кај Бога не се ни еден ден.

Предегзистенција на душата, повторно раѓање и задгробниот живот

[уреди | уреди извор]

Душата постоела многу порано пред да се роди телото и ќе постои и по смртта. Физичкото тело не треба да се запоставува бидејќи тоа е облека односно возило во кое душата се движи дур е на земјата, но тоа заедно со материјалниот видлив свет не е единствена реалност која постои.

Следбениците на оваа верска заедница веруваат во можноста на повторно отелотворување на душата во човечко тело - реинкарнација - но наспроти верувањата присутни во хиндуизмот и будизмот, тие не веруваат во можноста на реинкарнирање во животински или растителен облик, туку само човечки.

Прахристијаните во Универзален живот, не веруваат во пекол и вечното проклетство. Секоја душа и човек според законот на причина и последица ќе биде еден ден повикан на одговорност да положи сметка за своите мисли, зборови и постапки т.е. душата и човекот можат да „отплаќаат„ за своите дела. Доколку душата во човекот не ги спознае и не се покае за своите гревови така што ќе замоли за прошка и ја поправи штетата која ја направила на другите, воедно простувајќи им и на другите за оноа кое тие нејзе и го сториле тогаш таа овие гревови во форма на духовни темни дамки т.е. вибрации ги зема сосебе по телесната смрт. „Отплаќањето„ може да се случи во текот на овој или некој од наредните животи на душата како човек. Тоа објаснува зошто на пр. понекогаш се раѓаат болни деца или зошто на пр. луѓето кои ништо лошо не направиле, сепак патат. Бог притоа ја нуди својата рака на спасот за преку остварување на Божјите закони човек им стави крај на своите патила и непогодите во светот.

Отплаќањето во тнр. отадестрани подрачја, каде што заминува душата по физичката смрт, наречени и астрални подрачја, е исто така возможно но под многу потешки околности, трае драстично подолго и поболно одошто на Земјата. Затоа, планетата Земја е подрачје на засилено дејствување на Божјата милост и претставува огромна шанса за брз духовен развој и духовно чистење. На Земјата душата може во краткотијата на човечките години да отстрани многу гревови, дури и преку правовремено чистење на истите без да пати поради нив, доколку правовремено ги препознае, замоли за прошка, прости, и истите повеќе не ги прави.

Ако душата претежно станало чиста, тогаш таа од астралните светови може да прејде во тнр. подготвителни подрачја за влез во Небесното Царство. Помеѓу подготвителните подрачја и Небото се наоѓа светлосниот ѕид. Светлосниот ѕид можат да го поминат само оние души кои станале потполно совршени преку примена на Божјите закони и кои воедно го признаваат Христос како со-владетел на Небесното царство.

Практики

[уреди | уреди извор]

Прахристијаните се воздржуваат од јадење на риба и месо бидејќи според учењето божјата заповед „Не убивај!“ важи и во однос на животните, не само луѓето. Јадењето месо претставува индиректно убивање, бидејќи кога не би имало потрошувачи на месо не би имало ниту потреба од касапници и месарници. Телото се смета за живеалиште на душата и храм на Светиот дух кој треба да се одржува чист и затоа не консумираат дроги, алкохол и никотин. Сексуалноста не треба да се потиснува, туку постепено да се облагородува, бидејќи секое потиснување води само кон понатамошни напнатости и фанатизам кој пак е штетен за душата и телото. Истото важи за преоѓање од месна исхрана кон вегетаријанската, таа треба да се одвива сосема постепено.

Бидејќи Бог секому дал слободна волја и бидејќи секој поединец е самиот одговорен за своето постапување, горенаведените практики треба да се сфатат како препораки од Духот Божји а не како наметнати кодекси на однесување.

Прахристијаните го практикуваат и одењето на Внатрешниот Пат составен од различни телесни вежби за хармонизација на душата и телото, духовни вежби за проширување на свеста, профинување на сетилата, задачи од морално - етички карактер за однесување со луѓето и природата.

Внатрешен Пат - Поблизу мој Боже до тебе!

[уреди | уреди извор]

Внатрешниот пат е пат кон срцето Божјо. Тој започнува со два подготвителни курса за прахристијанско проширување на свеста, во траење од 6 и 9 месеци, низ кои душата и човекот преку текстови во форма на медитации со просечно траење од 20-30 минути се насочуваат сè повеќе кон Бога и Христа. По овие курсеви, започнува вистинскиот Внатрешен пат составен од 7 степени:

1. Ред 2. Волја 3. Мудрост 4. Сериознот

На четвртиот степен, степенот на божествената Сериозност, повеќе нема потреба од посредници во предавањето на Божјата реч (пророци) бидејќи Христос директно го презема водството на патникот и го води постепено понатака низ последните 3 степени:

5. Трпеливост 6. Љубов 7. Милосрдие

кон Небесниот Татко - Бога. За последица тоа има подобар, поздрав, постабилен и посреќен живот, а душата по смртта на телото може да го помине светлосниот ѕид и да се врати в о вистинското дома, да влезе вистинскиот живот - чистите Небеса.

Ставот кон Библијата (Светото Писмо)

[уреди | уреди извор]

Библијата, составена од Стариот и Новиот завет само делумно ги содржи божјите објави низ пророците, а во голема мерка содржи записи кои ги составиле луѓето предводени од своите претстави и желби во Божјо име, но не од Бога. Освен тоа, низ вековите при разните преписи и преводи на библијските текстови доаѓало до ненамерни грешки. Затоа таа не може да се земе во потполност како вистинска и потполна Божја реч, туку само делумно. Слична судбина ги затекнала и другите древни свети списи од другите светски религии. Понатаму, многу зборови кои се употребувале пред некоку милениуми кога Библијата била пишувана, денеска имаат едно поинакво значење за денешните луѓе и нивниот значително збогатен фонд на зборови. Тоа се некои од причините зошто Бог се објавувал низ вековите преку пророци и зошто и денеска се објавува наново преку Габриеле од Вирцбург, обраќајќи им се на луѓето со јазикот на денешницата кој тие можат да го разберат.

Книгите во Универазален живот

[уреди | уреди извор]

Книгите во Универзален живот се делат на:

  • откровенија т.е. објави од Духот Божји; Христови објави, објави на други високи духовни битија од Небесното царство(Брат Емануел, Лиобани, Архангел Михаил, итн.) диктирани преку внатрешниот глас
  • книги напишани од Габриеле, пророчицата, како нејзино искуство
  • книги напишани од Христовите пријатели, прахртистијаните

Поважни наслови: Откровенија

[уреди | уреди извор]
  • Ова е Мојата Реч: Алфа и Омега. Евангелие Исусово. Христова објава која ја познаваат вистинските христијани ширум светот.
  • Големите космички учења на Исус од Назарет: до неговите апостоли и ученици кои тоа можеа да го сфатат. Животот на луѓето вистински исполнети со Бога.
  • Внатрешен пат: збирно издание
  • Причина и настанок на сите болести: Што човек сее тоа тој и ќе жнее

Поважни наслови: книги напишани од пророчицата

[уреди | уреди извор]
  • Живеј го мигот: и ти се гледаш и препознаваш себеси
  • Исцеление со вера: Целовито исцелување
  • Твојот живот во овостраното е твојот живот во отадестраното
  • Пат кон космичката свест

Поважни наслови: книги напишани од Христовите пријатели

[уреди | уреди извор]
  • Кој седи на столот Петров? (во 3 дела)
  • Здраво јади, месо заборави!
  • РЕИНКАРНАЦИЈА: Милост на животот. Каде патува мојата душа?

Користени извори

[уреди | уреди извор]
  • Ова е Мојата Реч А и Ω, во издание на Универзален живот, Скопје 2003
  • Библијата е фалсификувана, Универзален живот, Скопје 2006
  • Пророк бр. 5а: Верско и животно убедување на прахристијаните, Универзален живот, Скопје 2001