Романска соборна црква во Темишвар

Координати: 45°45′2″N 21°13′27″E / 45.75056° СГШ; 21.22417° ИГД / 45.75056; 21.22417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Романска соборна црква во Темишвар
Catedrala Ortodoxă
Основни податоци
МестоБул. Крал Фердинанд I, Темишвар
Координати45°45′2″N 21°13′27″E / 45.75056° СГШ; 21.22417° ИГД / 45.75056; 21.22417
ПрипадностРоманска православна црква
Осветен1946
Духовно-организациски статусБанатска митрополија
СтатусАктивна
ПокровителТројцата свети архијереи
Архитектонски опис
Архитект(и)Јоан Трајанеску
Архитектонски стилНеомолдавски
Општ изведувачТибериу Еремија
Поставен темел1936
Завршен1940
Чинење30 милиони леи[1]
Особености
Сместивост5.000
Должина63 м
Ширина32 м
Висина (најг.)90,5 м
Куполи11

Романска соборна црква во Темишвар (романски: Catedrala Ortodoxă), позната и како Митрополиска соборна црква (романски: Catedrala Mitropolitană) — романска православна црква во Темишвар. Соборната црква е седиште на архиепископијата Темишвар и Банатската Митрополија. Посветена е на тројцата свети архијереи Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст.

Изградена на површина од 1.542 м2, има 11 кули, од кои средишната е со висина од 90,5 м, што ја прави втората највисока црква во Романија, по Катедралата на Народниот спас во Букурешт.[3] Соборната црква е наведена во Националниот регистар на историски споменици.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Историјата на соборната црква е тесно поврзана со 1919 година, кога на 28 јули Банат бил обединет со Романија. Новата романска управа презела низа мерки за поттикнување на православието, запоставено од претходната австроунгарска управа, која била поволна само за католичката вера. Така била создадена Епископијата во Темишвар, издигната во архиепископија во 1939 година, а во 1947 година била основана Банатската Митрополија.[5]

Очигледна била потребата да се изгради ново место за богослужба, сразмерно на православната заедница во Темишвар и романскиот Банат. На поттик на парохијата Четате (историското средиште на Темишвар), бил основан фонд за изградба на новата црква и бил упатен повик до парохјаните за дарување. Во 1936 година веќе постоеле сите предуслови за почеток на изградбата. Финансискиот фонд за градбата веќе бил собран, иако вкупната потребна сума била многу висока за тие времиња. Потребното земјиште, кое се наоѓа на раскрсницата на најважните артерии на градот, го подарило Градското собрание, а проектот за црквата во 1934 година му бил доверен на архитектот Јоан Трајанешку.[6] Проектот предвидувал градба што може да прими 5.000 луѓе. Градското собрание ги обезбедило сите тули бесплатно, а челичарницата Ресица дала попуст од 30% на набавната цена на 330 тони железо.[1]

Изградбата започнала на 16 март 1936 година. На 20 декември истата година, се одржала свечена богослужба, поставувајќи го камен-темелникот на идната соборна црква (која била осветена од епископот Андреј Маџеру од Арад).[7] Изведбата на градежните работи ги извршило претпријатието на Тибериу Еремија од Букурешт.[1] Црковните ѕвона и крстови биле осветени на 23 август 1938 година. Конечниот прием на градежните работи се одржал на 9 јули 1940 година, а парохискиот совет го одобрил овој прием на 24 јули.[1] Соборната црква била отворена на 6 октомври 1946 година во присуство на кралот Михаил I, премиерот Петру Гроза, патријархот Никодим Мунтеану, темишварскиот епископ Василе Лазареску, митрополитот на Трансилванија Николае Балан и претставници на други цркви, предводени од римокатоличкиот бискуп Августин Пача и грчкиот католички бискуп Јоан Балан. За време на Втората светска војна, откако Романија го свртела оружјето против Германија, германските авиони го бомбардирале Темишвар (30-31 октомври 1944 година). Шест бомби паднале врз соборната црква, но само една од нив експлодирала, предизвикувајќи значителна, но ограничена штета.[8] Внатрешното и надворешното сликарство било завршено дури во 1956 година, поради Втората светска војна и тешкото раздобје што следело.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Куполата на Седржителот

Стилот на зградата е неомолдавски, заснован на романскот православие, доцната ренесанса, отомански и византиски архитектурни елементи, како што се ниши под стреата, ребрести сводови со ѕвезди во внатрешноста и лакирани дискови во различни бои. Вакви елементи се среќаваат во старите манастири Козија и Прислоп, типични за XIV век. Стилот на градбата не е целосно туѓ за архитектурата од 1900-тите на плоштадот, исто така се одликува со обилна разиграност на покривите.[8]

Долга 63 метри и широка 32 метри,[9] соборната црква својата монументалност и ја должи на висината на нејзината средна купола - куполата на Седржителот (Семоќниот). Висока од 52 метри одвнатре и 83 метри однадвор, а над неа се наоѓа крст висок 7 метри што се држи со 10 украсни синџири и златни токи.[9] Во еден миг, градбата била трета највисока во земјата, по Каза Скантели (104 м) и Народната куќа (84 м), и двете во Букурешт. Поради мочурливиот терен, соборната црква има основа бетонска плоча поддржана од 1.186 армирано-бетонски столбови, со длабочина од 20 м.[10] Градбата е поставена на површина од 1.542 м2, додека вкупната градежна зафатнина е околу 50.000 м3. Седумте ѕвона, излеани во работилницата на Антон Новотни, имаат вкупна тежина од 7.000 кг и се направени од легура од метали донесени од Индонезија (Суматра и Борнео). Нивното усогласување го направил композиторот Сабин Драгои.[8] Внатрешното и надворешното сликарство е изведено од група сликари предводени од сликарот Анастасе Демјан. Иконостасот бил изрезбан и позлатен во 22-каратно злато од мајсторот Стефан Гајо,[9] кој ги изработил и трите лустери, двата свеќници и Господовиот гроб (се наоѓа во пронаосот).

Внатрешноста на соборната црква

Планскиот облик на соборната црква е типичен византиски, во облик на крст, а внатрешноста е поделена на нартекс, пронаос, наос и олтар. Од двете страни на пронаосот се наоѓаат странични галерии. Над тендата, кон пронаосот се наоѓа балконот на хорот, кој може да прими 150 луѓе. Внатрешноста на катедралата е осветлена со 16 прозорци на главната купола и 30 странични прозорци. Надворешните ѕидови на црквата се обложени со очигледна црвена и жолтопортокалови тули, како и застаклени дискови и насликани ниши. Во средината на фасадата е поставена мозаична икона на патроните на црквата, Тројцата свети архијереи. Марија Лауренсија Минулеску, ќерката на поетот Јон Минулеску, го изработила овој мозаик од 5,25 квадратни метри.[1] Кулите се покриени со застаклени плочки, изработени во Џимболија, кои ги содржат боите на националното знаме (црвена, жолта, сина) на зелена заднина.[3] На врвот на кулите се наоѓаат шест крста, три митри и шест „глави“ крстови. Крстовите се направени од тајфата на Јакоб Шваб од Темишвар.[11] Отворениот ходник на црквата е поддржан од шест големи мермерни столбови, секој поставен на квадратен постамент. Влезот на црквата има три масивни врати со по две крила, изрезбани и однадвор и одвнатре. И од страните има влезни врати, исто така изрезбани.[12] Влезните врати, редовите на столови и целиот мебел по страните на наосот и пронаосот се дела на скулпторот Трајан Новак. Внатрешните украси (пиластри, капители, фризови, огради, рамки, кутии и сл.) ги изработила тајфата на Јоан Кристеску од Букурешт.[11] Подот на црквата изработен од мозаични плочки ги комбинира стилот и бојата на банатските теписи, изведени според скиците на зографот Катул Богдан.[11]

Музејски изложби[уреди | уреди извор]

Во соборната црква се сместени моштите на Јосиф Новиот, кој се смета за заштитник на романските православци во Банат, поранешен православен епископ на Темишвар (1651–1655), кој дошол од Света Гора, а потоа се повлекол во манастирот Партош. На 25 февруари 1950 година, Светиот синод на Романската православна црква одлучил да го прогласи Јосиф Новиот за светец, како и да ги премести неговите мошти од црквата на манастирот Партош во митрополиската црква во Темишвар.[12]

Во подрумот на соборната црква се наоѓа збирка на религиозна уметност на Банатската митрополија. Оваа збирка, организирана на иницијатива на Николае Корнеану од 1962 година, вклучува предмети од древна религиозна уметност од целиот Банат. Во збирката денес се наоѓаат над 3.000 ретки тома црковни книги, над 800 религиозни икони и слики и над 130 црковни предмети (артефакти од благородни метали, облека и украси).[13] Постои и збирка на рани списи на романски јазик. Примерите ги вклучуваат Noul Testament de la Bălgrad од 1648 година („Новиот завет од Алба Јулија“) и Cazania lui Varlaam од 1643 година („Хомилариј на Варлаам“).[12] Страната на подрумот од олтарот ја опфаќа некрополата на банатските митрополити. Првиот митрополит овде погребан бил Василе Лазареску (митрополит од 1947 до 1961 година).[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Both, Ștefan (5 March 2015). „20 de lucruri inedite despre Catedrala Mitropolitană din Timișoara“. Adevărul.
  2. „Prezentare“. Mitropolia Banatului.
  3. 3,0 3,1 Silaghi, Vali (25 April 2013). „Cum s-a construit unul dintre simbolurile Timișoarei, Catedrala Mitropolitană“. Adevărul.
  4. „Lista monumentelor istorice“ (PDF). Institutul Național al Patrimoniului. 2015. стр. 2482. Архивирано од изворникот (PDF) на 21 January 2022. Посетено на 6 April 2022.
  5. Suciu, I.D. (1977). Monografia Mitropoliei Banatului. Timișoara: Editura Mitropoliei Banatului. стр. 236. OCLC 5410558.
  6. Ionescu, Grigore (1982). Arhitectura pe teritoriul României de-a lungul veacurilor. Bucharest: Editura Academiei Republicii Socialiste România. стр. 580.
  7. Ilieșiu, Nicolae; Ilieșu, Petru (2003). Timișoara: monografie istorică (2nd. изд.). Timișoara: Planetarium. стр. 153. ISBN 9789739732727. OCLC 64400612.
  8. 8,0 8,1 8,2 „Catedrala Mitropolitană“. Timisoara-Info.ro. Архивирано од изворникот на 16 June 2021. Посетено на 6 April 2022.
  9. 9,0 9,1 9,2 „Să cunoaștem Timișoara“. 2011. стр. 25–29.
  10. „Catedrala Mitropolitană, Timișoara“. Welcome to Romania.
  11. 11,0 11,1 11,2 Bude, Ioan (2 February 2012). „Catedrala din Timișoara, stil și eleganță“. Ziarul Lumina.
  12. 12,0 12,1 12,2 12,3 Danalache, Teodor (25 June 2012). „Catedrala Mitropolitană din Timișoara“. CrestinOrtodox.ro.
  13. „Colecția muzeală a Mitropoliei Ortodoxe a Banatului“. Muzee și Colecții din România.

Поврзано[уреди | уреди извор]