Отомански Либан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Османлиската Империја со територијата каде денеска се наоѓа Либан управувала во периодот од 16 век до крајот на Првата светска војна во 1918 година. Територијата била освоена од султанот Селим I (1516-1520) заедно со денешна Сирија и управувањето на земјата била дадена на либанскиот емир Факр ад-Дин I (1516–44) како полуавтономен статус. Во следниот период земјата била управувана од династијата на Мааните како голема феудална фамилија и членови религиозната секта Друзи и фамилијата Шехаб како сунитски муслимани конвентирани во христијанство. Во времето на османлиското владеење бил користен терминот Голема Сирија, чии територии зафаќале дел од денешните земји Сирија, Либан, Јордан и Палестина[1].

Османлиската администрација во суштина имала контрола само во урбаните средини на земјата, додека поголемиот дел од земјата била управувана од племенските старешини кои како главна основа пред управителот на земјата имале задача да собираат даноци за султанот[2].

Фамилија Маани[уреди | уреди извор]

Оваа племе својата улога во империјата ја добило по победата на Селим I над Мамелуците и дозволата на османлиските власти да организираат своја војска. Својот врв земјата го достигнала во времето на Факр ад-Дин II (1572-1635) кој имал аспирација кон целосна независност од Истанбул. Како дел од неговата политика за зајакнување на трговијата и политичките односи со Тоскана тој склучил таен договор со токсанскиот војвода за заедничко дејство против Османлиите. Кога дознале за ова, османлиските власти го испратиле управителот на Дамаск да се справи со проблемот. Согледувајќи дека нема голема можност, Факр ад-Дин II заминал во егзил кај токсанскиот војвода во 1613 година, а по пет години се вратил во Либан кога за нов управител на Дамаск бил поставен неговиот пријател Мухамед Паша.

По враќањето започнал со модернизација на својата армија, како и воспоставување на дипломатски односи со Фиренца и Токсана. Во земјата биле донесени неколку италијански архитекти, инженери за наводнување и земјоделски експерти. По ова започнал и градење на стратешки тврдини стекнувајќи контрола над Палестина. Конечно, султанот Мурат IV му наредил на Ќучук Ахмед Паша за напад на либанскиот владетел каде либанскиот владетел бил поразен и погубен во Истанбул во 1635 година.

По неговата смрт тој бил наследен од неговиот внук Мулхим кој владеел до 1658 година. Неговите синови започнале борба против други османлиски емири кои ги подржувале на османлиските власти. Во 1660 година била основана нова провинција Сидон како обид да се наметне власта. Во 1662 година бил убиен еден од синовите а другиот син Ахмед успеал да ги порази другите членови од сектата Друзи и да се наметне повторно како владетел. По неговата природна смрт, неговата династија згаснала бидејќи тој немал син. Власта преминала во рацете на фамилијата Шехаб по женска линија.

Фамилија Шехаб[уреди | уреди извор]

Најистакнат меѓу управителите од оваа династија бил Башир II кој бил преобратен во христијанство од сунитскиот ислам и бил првиот маронитски емир. Неговата способност била тестирана кога градот Акра кој бил под османлиска власт бил ставен под опсада од Наполеон Бонапарта во 1799 година. Кога управителот на градот го повикал за помош, тој сакал да остане неутрален, а по повлекувањето на Наполеон кон Египет Башир започнал план за независност во сојуз со Мухамед Али Паша, управителот на Египет. Со помош на неговиот син Ибрахим Паша го опседнал градот Акра и го зазел во 1832 година. Истата година со египетска помош бил освоен и Дамаск. Во 1840 година бил потпишан Лондонскиот договор според кој на египетскиот владетел му било наредено да се повлече од овие простори а кога тој го отфрлил ова барање, османлиските и британските војници започнале војна против нив. По прифаќањето на условите на египетскиот управител, Башир II се предал на британските сили и заминал во егзил, а на негово место застанал Башир III кој бил соборен од султанот и во 1842 година, додека за нов управител бил назначен Омер Паша. Овој настан го означил крајот на владеењето на фамилијата Шехаб. Подоцна, членовите на оваа фамилија станале претседатели или премиери на Либан.

Секташки конфликт и европска интервенција[уреди | уреди извор]

Во времето на Башир III во 1841 година започнал конфликт меѓу Друзите и Маронитите како христијански арапски народ. Османлиите се обиделе да го спречат конфликтот поставувајќи го Омер Паша за нов управител. Ова назначување создало повеќе проблеми отколку што се очекувало поради честите мали немири кои произлегувале меѓу двете религиозни групи. Европските сили предложиле на султанот план за поделба на регионот според кој на северниот дел од земјата ќе биде поставен христијански заменик на Омер, а во јужниот ќе биде поставен член од Друзите.

Но немирите продолжиле кога овие две групи биле подржани од Британците од една страна и Французите од друга. Во 1858 година избувнало востание од страна на Маронитите против феудалната власт во земјата на чело со Танус Шахин кое резултирало со грабежи и палежи на домовите на Друзите. Во 1860 година конфликтот ескалирал. За само три дена биле уништени 60 села во близина на Бејрут, 33 христијани и 48 Друзи биле убиени. Во следнот период започнало опсада на католичките храмови, нивно горење и убивање на монасите. Борбите се прошириле во Дамаск каде околу 25,000 христијани биле убиени заедно со американскиот и холандскиот конзул. Во Дамаск христијанскиот дел од градот бил целосно уништен заедно со црквите и манастирите.

Овие настани ја принудиле Франција да се вмеша во конфликтот како заштитник на католичкото население. Во август 1860 година. османлиските власти се согласиле за испраќање на 12.000 војници за воспоставување на ред во земјата. Како последица од француската експедиција била воспоставена автономија на Либан која останала до крајот на Првата светска војна.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://lcweb2.loc.gov/cgi-bin/query/r?frd/cstdy:@field(DOCID+lb0023)
  2. Kisirwani, Maroun (октомври 1980 г). Foreign Interference and Religious Animosity in Lebanon. „Journal of Contemporary History“ том  15 (4): 685–700. doi:10.1177/002200948001500405.