Окупација на Солун во Првата балканска војна
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Во текот на Првата балканска војна, во Солун на 28 октомври 1912 година влегуваат грчките и бугарските сили, како и одред на Јане Сандански. Странските конзули одлучиле Солун да ѝ се предаде на грчката војска. Следната година, со Букурешкиот мировен договор, Солун ѝ припаднал на Грција.
Бугарската војска
[уреди | уреди извор]По избувнувањето на непријателствата помеѓу Бугарија и на Турција, на 18 октомври 1912 година на територијата на Источна Македонија, по долините на Струма и на Места биле дислоцирани бугарската 7. дивизија, наречена Рилска, со правец на движење од Горна Џумаја кон бугарско-турската граница и понатаму кон Егејското Море. На спротивната страна била турската Струмска армиска група на Али Надир-паша, стационирана по долините на Места и на Струма, составена од 14-та Низамска и од 8-та Серска редифска дивизија, со задача да го спречи пробивањето на бугарската армија.
Силите на Јане Сандански во бројна состојба од 2.000 души биле организирани во еден одред. Потоа одредот бил преформиран во чети и во седум оперативни групи. Покрај овие, под раководството на Сандански се ставиле бројни формации на селската милиција и самоиницијативно формирани месни (селски и градски) чети. Во реонот меѓу Мелник и Свети Врач (денес Сандански) на војводата Александар Бујнов, му се приклучиле уште 400 мелничани и 300 души од Свети Врач и од селата Плоски и Поленице и околу 70 души од селата Хрсово и Капатово. Главниот оперативен штаб на силите на Серската организација го сочинувале Јане Сандански, како главен раководител, и војводите Тодор Паница, Александар Бујнов и Георги Скрижовски. Овие сили во организацијата и извршувањето на борбените дејства биле целосно самостојни.
Грчката војска
[уреди | уреди извор]Уште пред Балканските војни, во Атина биле формирани организации што непосредно ќе бидат ангажирани по македонското прашање: Македоникос силогос, Елинизмос, Етники Етерија и Скопефтики Етерија и други. Покрај Грци, во овие организации учествувале и Македонци, особено оние што биле под влијание на Цариградската патријаршија. Овие таканаречени македонски организации, веднаш по Илинденското востание испраќале андартски чети во Македонија, а пред Балканската војна таа активност била засилена со цел да се подготви теренот за војна.
Во почетокот на војната адвокатот Чичеликис од македонското население во Кожанско ја формирал таканаречената Света чета, што по пристигнувањето на грчката војска ја придружувала истата до освојувањето на Солун. Андартски чети составени од Македонци и од Власи биле формирани во селата Конско, Царушино и неколку чети биле формирани во Воденско-леринскиот реон. До протерувањето на турските сили, меѓу македонските, грчките и другите христијански чети постоело содејство, но потоа андартските чети и грчката војска ги протерале противничките чети и воспоставиле грчка власт. Македонските чети под команда на грчката армија учествувале во освојувањето на Лерин, Костур, Воден и особено на Солун.
Влегување во Солун
[уреди | уреди извор]Состојбата во Солун била мошне критична. По приближувањето на сојузничките војски кон Солун, турската команда била принудена да ја повлече војската од градот. Поради тоа, таа преку странските конзули барала можност за спогодба со сојузниците или барем да им се овозможи под поволни услови да го напуштат Солун и да го предадат градот. Странските конзули, меѓу кои главна улога имале рускиот и францускиот, одлучиле Солун да ѝ се предаде на грчката војска. Предавањето го извршил командантот на турскиот гарнизон во Солун - Хасан Таксим-паша, со потпишување на два протокола: основен и дополнителен. Основниот протокол содржел 10 члена и бил потпишан на 26 октомври 1912 година од Хасан Таксим-паша и од делегатот на грчкиот престолонаследник Д. И. Метаксас.
Според овој протокол, турските војници имале обврска да го предадат оружјето на грчката армија и да го сместат во артилериската касарна; предавањето на градот е во сила до склучувањето на мирот меѓу завојуваните страни итн. Во Дополнителниот протокол, кој бил потпишан на истиот ден и од истите лица, биле вклучени уште шест члена во кои, меѓу другото, се наведува дека на 27 октомври 1912 година, попладне, два грчки баталјона ќе влезат во градот Солун и ќе се сместат во пешадиската касарна и дека во присуство на два грчки претставника ќе се изврши разоружување на турскиот гарнизон и сместување на 3.000 разновидни парчиња оружје.
Според бугарските извори, грчката војска влегла во Солун 24 часа пред бугарската, затоа што 7. Рилска дивизија, која ѝ била потчинета на српската Врховна команда, плански била спречувана, а од друга страна, грчката војска била помогната прва да влезе во Солун.
Всушност, за состојбата на Балканот и за решавањето на спорните прашања по извлекувањето на турската војска, решавачка улога имала Русија. Под влијание на рускиот конзул во Скопје, конзулите на големите сили решиле по Кумановската битка на турската војска да не ѝ се дозволи повлекување во Скопје, туку преку Катланово кон Битола, а Скопје да ѝ се предаде на српската војска. Во Солун, дури по посетата на рускиот конзул кај грчкиот крал, било решено Таксим-паша да ѝ го предаде Солун на грчката војска.
На барање од српските конзули, предавањето го извршил командантот на турскиот гарнизон во Солун, Хасан Таксим-паша. Големите сили, преку своите дипломатски претставници, фактички им го предаваат градот на управување на Грците.
Во тоа време, српските сили се наоѓале во Дојран. Градот Кукуш уште на 23 октомври 1912 година го ослободиле четите на Тодор Александров и воспоставиле власт од претставници на месното население. Покрај тоа, Александров формирал месна милиција на чело со Гоце Междуречки. Четите на Александров го ослободиле и селото Ајватово, кое е мошне близу до Солун, но во градот Солун не влегле, бидејќи ја чекале Седмата рилска дивизија. За состојбата и силите што се приближувале кон Солун, Александров ја известил командата на 7. Рилска дивизија. По добивањето на известувањата за движењето на сојузничките и на турските сили, командата на 7. Рилска дивизија го забрзала движењето кон Солун. На 27 октомври во 1912 година, штабот на дивизијата пристигнал во Кукуш.
Веднаш преку курирот на Александров стигнала информацијата за предавањето на Солун. Истиот ден во село Ајватово пристигнале 3. бригада на 7. Рилска дивизија, повеќе чети од одредот на Јане Сандански, четите на Тодор Александров и на Думбалаков, а со штабот на 7. Рилска дивизија пристигнале кнезот Борис и кнезот Кирил (синовите на царот Фердинанд). Покрај овие, во селото Ајватово се наоѓале генералите Георги Тодоров и Рачо Петров. По дознавањето за плановите на Таксим-паша, во попладневните часови на 28 октомври 1912 година во Солун пристигнале четите на Јане Сандански, на Тодор Александров, на Думбалаков и еден ескадрон на бугарската коњаница. Покрај нив, на 28 октомври, со главнината на бугарската армија, покрај командата на 7. Рилска дивизија, пристигнале и кнезовите Борис и Кирил. Во нивното обезбедување, покрај бугарската војска, учествувале четите на Тодор Александров, на Михаил Думбалаков, на Георги Мончев, на Дончо Златков и четници на Јане Сандански. Со бугарските кнезови во Солун пристигнале и Македонците Андреј Љапчев од Ресен, Симеон Радев од Ресен, Никола Наумов од Штип и други. Сите тие во Солун се задржале колку и бугарската војска, освен Јане Сандански, кој по инцидентот со бугарските офицери веднаш заминал во Пиринската област.
Јане Сандански влегува во Солун
[уреди | уреди извор]Јане Сандански формирал одред од 300 души и заедно со војводите Стоју Хаџиев, Димитар Арнаудов, Ѓорги Казепов, Крсто Чапрашиков, Иван Чонтев и четата на Александар Бујнов кој останал на лекување во Неврокоп, на мазги и на коњи тргнале за Солун како претходница на бугарската 7. дивизија. Одредот од 300 Македонци предводен од Сандански, заедно со бугарската коњаничка група на мајорот Цонев, на 28 октомври 1912 година влегол во Солун. Истовремено, влегле и грчки трупи предводени од престолонаследникот Константин, а потоа влегла главнината на бугарската војска.
Во Солун особено бил свечено пречекан Сандански, кој имал изграден авторитет уште во Младотурската револуција како борец за слобода и за рамноправност прокламирани во неговиот Манифест до сите народности во Османлиското Царство. Поради тоа, народот го пречекал со аплаузи и со повици Да живее Сандански!, а од грчкото население со Зито Сандански!.
На една прослава организирана од генералот Георги Тодоров, началник на Штабот на 7. Рилска дивизија, се држеле здравици за ослободувањето на Македонија и за нејзиното приклучување кон татковината Бугарија. На таквите здравици станал и Сандански и наздравил со зборовите: „Пијам за слободна и автономна Македонија, за која се бореа и дадоа скапи жртви обединетите балкански народи.“ Како полеани со студен туш, бугарските офицери со пцости и со закани му се нафрлиле на Сандански, а некои му се заканиле дека за таквите зборови ќе го исечат со своите сабји. Сандански навидум спокоен, си заминал со сознанието дека протерувањето на турските сили за Македонија не значело ослободување, дека македонскиот народ е измамен, дека следи распарчување и нова окупација на Македонија.
Предавањето на Солун на Грција
[уреди | уреди извор]По навлегувањето во Солун, бугарската војска го започнала воспоставувањето на бугарската власт. На тој начин се создало двовластие, односно кондоминиум. Постоела можност за вооружен судир меѓу бугарските и грчките сили. На 5 ноември 1912 година дошло до нормализирање на односите на грчката влада со странските конзули во Солун, а рускиот конзул го посетил и грчкиот крал.
На тој начин, фактички било предодредено Солун да ѝ припадне на Грција. Додека се воделе преговорите, грчкиот губернатор Рективан преку својата влада барал повлекување на бугарската војска од Солун, а со помош на критската жандармерија постепено, дел по дел, ја воспоставувал грчката власт. Потоа веднаш организирал воени и жандармериски патроли, на позначајните места воспоставувал вооружени стражи, а преку градоначалникот Аргиропулос одржувал постојани врски со странските конзули. На тој начин бил информиран за ставот на конзулите, односно на големите сили, па веднаш воведувал полициски час и строга цензура со цел да ги спречи несаканите настани.
Грчката окупациска власт во Македонија ги носи сите обележја на еден строго централизиран воено-полициски режим, кој можел да се одржи само со помош на вооружена сила. Поради тоа, во Солун во почетокот на ноември пристигнале уште околу 600 критски жандарми, па вкупната вооружена поддршка на грчката администрација изнесувала околу 1.000 души. Воспоставувањето на грчката власт во Солун, покрај другите, значително го помогнале и патријаршиски определените Македонци, Власи и други кои се ставиле во функција на грчката власт. За околиски началник бил поставен Тего Сапунџиев, познат како шпион на турската, а потоа и на грчката власт. Нешто подоцна тој бил сменет, како и други службеници на чии места биле поставени Грци од јужните краеви.
На 18 март 1913 година при посетата на Солун е убиен грчкиот крал Георги I од страна на грчкиот анархист Александрос Схинас.