Нова Држава (Португалија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Португалска Република
República Portuguesa
[[File:Coat of arms of Portugal.svg |85px |alt= |Грб на Нова Држава (Португалија)]]
Знаме Грб
ГеслоDeus, Pátria e Familia
("Бог, татковина и семејство")[1]
ХимнаA Portuguesa
("Португалци")

Знаме на Националниот сојуз:
União Nacional Flag.svg
Главен град
(и најголем)
Лисабон
Official language Португалски
Демоним Португалци
Уредување Унитарна еднопартиска корпоратистичка држава[2]
Законодавство
Површина
 •  Вкупна 92.212 км2 
БДП (номинален) проценка за 1970 г.
 •  Вкупно $15.428 billion 
 •  По жител $934 
ИЧР (1970)0.653
среден
Валута Португалско ескудо

Нова Држава (португалскиEstado Novo) — диктаторски, авторитарен, автократски и корпоратистички политички режим во Португалија кој непрекинато траел 41 години, од одобрувањето на португалскиот устав во 1933 година до неговото соборување со Револуцијата на каранфилите на 25 април 1974 година.

Нова Држава бил еден од најдолговечните авторитарни режими во Европа во 20 век. Во голема мера инспириран од конзервативните и автократските идеологии, режимот го развил Антонио де Оливеира Салазар, кој бил португалски премиер од 1932 г. до 1968 г. кога бил сменет поради болест.

Увертира[уреди | уреди извор]

Кралот Карлос I од Португалија, околу 1907 г.

Откако кралот Карлос I од Португалија ги потврдил колонијалните договори од 19 век за да се стабилизира состојбата во португалската Африка се јавил револт во земјата. Освен тоа, Португалија претходно двапати прогласувала банкрот (во 1892 г. и во 1902 г.) што предизвикало критика на монархијата. Во 1908 г., антимонархисти го убиле кралот Карлос I во Лисабон. Португалската монархија опстанала до 1910 година кога била соборена со Петтооктомвриската револуција и Португалија била прогласена за република. Соборувањето на португалската монархија во 1910 година довело до 16-годишна борба за задржување на парламентарната демократија – Прва Португалска Република (1910–1926).

Со Државниот удар од 28 мај 1926 година се ставило крај на хаотичната Португалска Прва Република и била воспоставена т.н. Национална диктатура (порт: Ditadura Nacional) од која неколку години подоцна ќе призлезе Нова Држава. Заедно, Националната Диктатура и Нова Држава историчарите ги признаваат под терминот Втора Португалска Република (португалски: Segunda República Portuguesa).

Националната диктатура (1926- 1933),  режим со кој управувала војската, со привремена уставна структура и суспензија на гаранциите утврдени во португалскиот Устав од 1911 година, ѝ претходело на формалното воспоставување на Нова Држава (1933). Откако генералот Оскар Кармона бил избран за претседател на Португалија во 1928 година, се обидел да ја реши финансиската криза преку назначување на Антонио де Оливеира Салазар (специјалист за јавни финансии на Правниот факултет на Универзитетот во Коимбра) за министер за финансии. Салазар ја прифатил функцијата под услов да може да ги надгледува буџетите на сите министерства и да има право на вето на зголемувањето на расходите. Потоа наметнал политика на штедење и строга контрола на сметките, претежно преку зголемување на даноците и намалување на јавните расходи, со што постигнал позитивно буџетско салдо во првата фискална година (1928-29).

Салазар знаел како да го искористи печатот и новосоздадените радиодифузни станици за да стекне негови поддржувачи. Знаел и како да ги искористи борбите меѓу различните фракции во диктатурата, особено меѓу монархистите и републиканците, за да ја консолидира својата моќ и да стекне поголем престиж.

Во 1930 година, Салазар го создал Националниот сојуз кој бил еден вид „национален фронт“, кој требало да ја обезбеди потребната поддршка за изградба на нов режим, Нова Држава, замислен и целосно дизајниран од Салазар.

Фашистичките организации во тој период биле популарни и поддржани низ многу земји (како италијанскиот фашизам и националсоцијализамот) како противници на комунистичките идеологии, Антонио де Оливеира Салазар ја развил Нова Држава, што може да се опише како десноориентирана корпоратистичка влада.

Во 1932 година, бил објавен нацртот на новиот Устав, кој во 1933 година бил одобрен со народен референдум. Со овој устав, Салазар конечно го создал својот политички модел, Нова Држава, и станал „шеф“ на португалската нација.

Режим[уреди | уреди извор]

Режимот на Нова Држава цврсто се спротиставувал на комунизмот, социјализмот, синдикализмот, анархизмот, либерализмот и антиколонијализмот, [б 1] по природа бил конзервативен, корпоратистички и националистички, и го бранел традиционалниот католицизам на Португалија. Со својата политика предвидувал Португалија да се овековечи како плуриконтинентална нација под доктрината на лузотропикализмот, со Ангола, Мозамбик и други португалски територии како изданоци на самата Португалија.[5]

За разлика од Мусолини и Хитлер, Салазар немал намера да создаде партиска држава. Националниот сојуз бил формиран за да го контролира и ограничи јавното мислење, а не да го мобилизира, целта била да се зајакнат и зачуваат традиционалните вредности наместо да се поттикне нов општествен поредок. Министрите, дипломатите и државните службеници никогаш не биле принудувани да се приклучат на Националниот сојуз.[6]

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Португалија официјално била неутрална во Шпанската граѓанска војна (1936–39), но им пружала помош на националистите на Франциско Франко. За време на Втората светска војна (1939–1945) Португалија официјално останала неутрална, и најголем приоритет ѝ било да избегне нацистичка инвазија. На почетокот режимот покажувал симпатии кон Оската; Салазар на пример изразил одобрение за германската инвазија на Советскиот Сојуз. Оваа поддршка, сепак, може да се припише на цврстата антикомунистичка позиција на Салазар, а не на вистинската поддршка за Хитлер или нацистичкиот режим. По 1943 година Португалија ги фаворизирала сојузниците и им ги дала под закуп воздушни бази во Азорските Острови под заканата со инвазија доколку Португалија не ги исполни барањата на сојузниците. Португалија тргувала со двете завојувани страни. Ги прекинала виталните испораки на волфрам и гума во Германија во 1944 година, по големиот притисок од сојузниците.[7] [8] Лисабон бил база за операциите на Меѓународниот Црвен крст за помош на сојузничките заробеници и бил главна воздушна транзитна точка меѓу Велика Британија и САД. [9]

Во 1942 година, австралиските трупи накратко го окупирале Португалски Тимор, но набрзо го напуштиле по инвазијата на Јапонците. Салазар се трудел да го врати Источен Тимор под своја контрола, и успеал во тоа по предавањето на Јапонците во 1945 г. [10]

Во 1945 година, Португалија прогласила дводневна жалост поради смртта на Адолф Хитлер.[11]

По Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Хари Труман го потпишува Северноатлантскиот договор со португалскиот амбасадор Теотонио Переира кој стои зад него

По Втората светска војна корпоратистичкиот економски модел бил сè помалку применлив. Победниците во војната сакале да ја демократизираат цела Западна Европа, вклучувајќи го и Пиринејскиот Полуостров. Ваквиот став сериозно ја загрозил Нова Држава. Салазар морал напорно да се бори против овие притисоци, и се обидувал меѓународната заедница да го прифати продолжувањето со постоење на Нова Држава со карактеристиките кои отсекогаш ги имала. На крајот успеал, претежно поради фактот дека режимот бил антикомунистички, и се наметнал како партнер на Соединетите држави.

Португалија е основачка членка на НАТО (1949), ОЕЦД (1961) и ЕФТА (1960), а се приклучила на Обединетите нации во 1955 година. По деколонизацијата во 1950-тите и 1960-тите, португалскиот режим бил критикуван од поголемиот дел од меѓународната заедница. Сепак, Салазар не сакал да отстапи, а со тоа го забавил долгорочниот економски развој на нацијата. [12] Повоената политика на Салазар дозволила одредена либерализација во политиката, во смисла на организирана опозиција со поголема слобода на печатот. Опозициските партии биле толерирани до одреден степен, но биле и контролирани, ограничени и манипулирани, поделени на фракции и никогаш не формирале обединета опозиција.[13]

Во 1968 година, Марсело Каетано бил назначен за премиер, и го заменил веќе остарениот и изнемоштен Салазар; тој продолжил да го отвора патот кон економска интеграција со Европа и економска либерализација во земјата, [14] по што бил потпишуван договорот за слободна трговија со Европската економска заедница (ЕЕЗ) во 1972 година.[15]

Од 1950 година до смртта на Салазар во 1970 година, Португалија забележаувала пораст на БДП по глава на жител со просечна годишна стапка од 5,7 посто.[16] И покрај извонредниот економски раст и економската конвергенција, до падот на Нова Држава во 1974 година, Португалија имала најнизок приход по глава на жител и најниска стапка на писменост во Западна Европа. [17] [18] [19]

На 25 април 1974 година, левичарски ориентирани португалски воени офицери организирани во т.н. Движење на вооружените сили во Лисабон извеле државен удар - Револуцијата на каранфилите со што се ставил крај на Нова Држава.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Gallagher, Tom (1983). Portugal: A Twentieth-century Interpretation. Manchester University Press. pp. 60, 99. ISBN 978-0-7190-0876-4.
  2. Badie, Bertrand; Berg-Schlosser, Dirk; Morlino, Leonardo, уред. (7 September 2011). International Encyclopedia of Political Science. SAGE Publications (објав. 2011). ISBN 9781483305394. Посетено на 9 September 2020. [...] fascist Italy [...] developed a state structure known as the corporate state with the ruling party acting as a mediator between 'corporations' making up the body of the nation. Similar designs were quite popular elsewhere in the 1930s. The most prominent examples were Estado Novo in Portugal (1932-1968) and Brazil (1937-1945), the Austrian Standestaat (1933-1938), and authoritarian experiments in Estonia, Romania, and some other countries of East and East-Central Europe,
  3. Meneses, Filipe Ribeiro (2002). „Review: The Origins and Nature of Authoritarian Rule in Portugal, 1919–1945“ (PDF). Contemporary European History. 11 (1): 153–163. doi:10.1017/S096077730200108X. JSTOR 20081821. S2CID 162411841.
  4. Kay 1970, стр. 68.
  5. „Portugal não é um país pequeno: superfície do império colonial português comparada com a dos principais países da Europa, Penafiel, [ca 1935] - Biblioteca Nacional Digital“. purl.pt. Архивирано од изворникот на 14 May 2011.
  6. Gallagher 1990.
  7. Douglas L. Wheeler, "The Price of Neutrality: Portugal, the Wolfram Question, and World War II".
  8. Gervase Clarence-Smith, William (2011). „The Portuguese Empire and the 'Battle for Rubber' in the Second World War“. Portuguese Studies Review. 19 (1): 177–196. ISSN 1057-1515.
  9. Ian Dear, and M.R.D. Foot, eds.
  10. Davis, Sonny B. (2005). „Salazar, Timor, and Portuguese Neutrality in World War II“. Portuguese Studies Review. 13 (1): 449–476. ISSN 1057-1515.
  11. „PORTUGAL IN MOURNING FOR HITLER“. The Argus (Melbourne). 4 May 1945.
  12. Lawrence S. Graham; Harry M. Makler (2014). Contemporary Portugal: The Revolution and Its Antecedents. University of Texas Press. стр. 197. ISBN 9780292773059.
  13. Raby, Dawn L. (1989). „Controlled, Limited and Manipulated Opposition Under a Dictatorial Regime: Portugal, 1945-9“. European History Quarterly. 19 (1): 63–84. doi:10.1177/026569148901900103. ISSN 0265-6914.
  14. Portugal: A Second Salazar?, TIME (Friday, Dec. 06, 1968) https://content.time.com/time/subscriber/article/0,33009,844638,00.html
  15. Portugal and European Integration, 1947–1992: an essay on protected openness in the European Periphery, Lucia Coppolaro, Pedro Lains, Brown University (e-journal of Portuguese History (e-JPH), Vol. 11, number 1, Summer 2013) https://www.brown.edu/Departments/Portuguese_Brazilian_Studies/ejph/html/issue21/pdf/v11n1a03.pdf
  16. Mattoso, José; Rosas, Fernando (1994). História de Portugal: o Estado Novo (португалски). VII. Lisbon: Estampa. стр. 474. ISBN 978-9723310863.
  17. Perreira Gomes, Isabel; Amorim, José Pedro; Correira, José Alberto; Menezes, Isabel (1 January 2016). „The Portuguese literacy campaigns after the Carnation Revolution (1974-1977)“. Journal of Social Science Education. 14 (2): 69–80. doi:10.4119/jsse-747. ISSN 1618-5293. Посетено на 16 January 2018.
  18. Neave, Guy; Amaral, Alberto (21 December 2011). Higher Education in Portugal 1974-2009: A Nation, a Generation (2012. изд.). Springer Science & Business Media. стр. 95, 102. ISBN 978-9400721340. Посетено на 16 January 2018.
  19. Whitman, Alden (28 July 1970). „Antonio Salazar: A Quiet Autocrat Who Held Power in Portugal for 40 Years“. The New York Times. Посетено на 19 January 2018.

Извори[уреди | уреди извор]


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>.