Националсоцијалистичка програма

Од Википедија — слободната енциклопедија
Националсоцијализам
Кукест крст
Кукест крст

Националсоцијалистичка програма или Програма од 25 точки (германски: Das 25-Punkte-Programm der Nationalsozialistischen Deutschen Arbeiterpartei) — партиска програма на Националсоцијалистичката германска работничка партија (НСДАП) или „нацистичка партија“. Првобитното име на партијата е Германската работничка парија (ДАП), но тоа е променето на денот на објавување на програмата. Претставена е на 24 февруари 1920 г. од Адолф Хитлер пред 2.000 присутни во пивницата „Хофбројхаус“ во Минхен.

Историјат на програмата[уреди | уреди извор]

Свечената сала во пивницата „Хофбројхаус“ каде Хитлер ја објавил програмата.

Програмата е прилагодена од Антон Дрекслер, Адолф Хитлер, Готфрид Федер и Дитрих Екарт според австриско-чешката програма на Рудолф Јунг, протеран од Чехословачка заради политичка агитација во поддршка на Хитлер. За разлика од Австријците, Германците не се произнесувале како либерални или демократи, не спротивставувајќи се ниту на реакционерите, ниту на аристократијата, но сепак се застапувале за демократски установи (т.е. централното собрание) и право на глас исклучиво за Германци — што подразбирало дека новата држава ќе го запази правото на глас на населението. Монархистите во Австрија се противеле на програмата поради нејзината социјалистичка и работничка суштина.

Во мај 1928 г. воочи изборите, обраќајќи им се на земјоделците, Хитлер понудил појаснување за Точка 17 (земјишна реформа, одземање за јавни потреби, укинување на данокот на земјиште и забрана за шпекулирање со земјиште) поради противречноста во текстот. Објаснувањето гласело: „Одземањето, ако е неопходно, се однесува само на незаконски стекнато земјиште или она кое не се води во склад со државната добробит. Ова главно е наменето за еврејските претпријатија кои шпекулираат со земјиштето”.[1]

Во текот на 1920-тите, други членови на НСДАП се залагале за измени во Националсоцијалистичката програма. Во 1924 г. економистот Готфрид Федер предложил програма од 39 точки, во која се задржани некои од постоечките, а се воведени разни нови политики.[2] Хитлер го спречил секој обид за програмска промена и во 1925 г. почнал да одбива секаква расправа по таа тема поради „неприкосновеноста“ на програмата.[3]

Содржина на програмата[уреди | уреди извор]

  1. Бараме обединување на сите Германци во Голема Германија на основа на правото на национална самоопределба.
  2. Бараме еднакви права за Германците во однос на другите народи и поништување на мировните договори од Версај и Сен Жермен.
  3. Бараме земја и територија (колонии) за прехрана на нашиот народ и населување на вишокот жители.
  4. Само припадниците на нацијата можат да бидат државјани (граѓани). Припадници на нацијата можат да бидат само оние кои имаат германска крв, без оглед на вероисповед. Оттука, Евреите не можат да бидат припадници на нацијата.
  5. Оние што не се државјани можат да живеат во Германија само како гости, и мора да бидат подредени на законите за странци.
  6. Правото на одредување на управата и законите му припаѓа само на државјанинот. Затоа, бараме на секоја јавна функција, од секаков вид, било во Рајхот, во покраините или во помалите места, да ја води исклучиво државјанин. Се бориме против корумпираната парламентарна власт, каде местата се пополнуваат според партиска определба, а без оглед на карактерот и способностите.
  7. Бараме државата првенствено да се залага за обезбедување на издршка и пристоен живот за граѓанинот. Ако не е возможно да се прехрани целото население во државата, тогаш странците (недржавјни) ќе мора да се протераат од Рајхот.
  8. Да се спречи секое понатамошно доселување на недржавјани. Бараме сите негерманци преселени во Германија по 2 август 1914 г. да бидат принудени веднаш да го напуштат Рајхот.
  9. Сите граѓани мора да имаат еднакви права и обврски.
  10. Првата должност на секој граѓанин е да работи умествено и физички. Дејствата на поединецот не смеат да се косат со општиот интерес, туку мора да се одвиваат во рамките на целината, за добробит на сите. Затоа, бараме:
  11. Укинување на незаработените доходи. Ослободување од должничкото (каматно) ропство.
  12. Со оглед на огромните човечки и материјални жртви кои секоја војна ги одзема од народот, личното збогатување произлезено од војна мора да се прогласи за злосторство против народот. Затоа, бараме немилосрдна конфискација на сите воени заработки.
  13. Бараме спроведување на национализација на сите (претходно) здружени претпријатија (доверителни друштва).
  14. Бараме делба на сите добивки во сите гранки на тешката индустрија.
  15. Бараме големоразмерна широкоопфатност на старосната пензија.
  16. Бараме создавање и одржување на здрава средна класа, непосредна комунализација на големите стоковни куќи и истите по ниска цена да издаваат под наем на мали претпријатија; најголемо внимание да им се обрне на малите претпријатија кои работат во договор со државата, покраината или општината.
  17. Бараме земјишна реформа складна со нашите потреби, донесување закон за одземање на земјиштето во служба на општото добро, укинување на даноците на земјиште и спречување на секаква шпекулација со земјиштето.
  18. Бараме безмилосна борба против оние кои работат на нарушувањето на општото добро. Организираните злосторници, лихварите, профитерите и слично да се казнат со смрт, без оглед на нивната вероисповед или раса.
  19. Бараме римското право, кое му служи на материјалистичкиот светски поредок, да се замени со германското обичајно право.
  20. Државата мора да биде задолжена за темелната преработка на државната образовна програма, да му овозможи на секој способен и трудољубив Германец да стекне високо образование и подоцна да го унапреди на водечки места. Наставните планови во секоја образовна установа мора да бидат прилагодени на потребите на практичниот живот. Училиштето треба да се стреми ученикот да ја разбере државата уште при првиот знак на спознание. Бараме надарените деца од сиромашни родители да се школуваат на државен трошок, без оглед на нивната положба или струка.
  21. Државата мора да води грижа за подигање на стандардот на националното здравје со тоа што ќе ги заштити мајката и детето, ќе го забрани детскиот труд, ќе ја поттикнува фискултурата, со воведување на задолжителна гимастика и спорт, и со тоа што ќе нуди најголема поддршка за здруженијата што се занимаваат со физичко воспитување на младината.
  22. Бараме укинување на платеничките единици и создавање на државна војска.
  23. Бараме правна борба против ширењето на политички лаги во печатот. За да овозможиме создавање на германски печат, бараме:
    а) Сиот новинарски и поинаков кадар на весниците што излегуваат на германски да бидат припадници на нацијата;
    б) Негерманските весници да се објавуваат само со изречна дозвола од државата. Таквите не смеат да се печатат на германски;
    в) На негерманците со закон да им се забрани учество во финансирањето на и влијание врз германските печатени гласила; прекршувањето на законот е казниво со затворање на весникот и непосредно протерување на засегнатите негерманци. Да се забранат гласилата кои работат спротивно од општото добро. Бараме судски прогон на уметничките и книжевните правци чие влијание го разјадува нашиот национален живот, и престанок на збиднувањата кои се противат на споменатите барања.
  24. Бараме слобода за сите вероисповеди во државата под услов истите да не го загрозуваат нејзиниот опстанок и да не бидат навредливи за моралните чувства на германската раса. Партијата како таква се залага за позитивно христијанство, но не се врзува за ниедна определена вероисповед. Се бори против еврејскиот материјалистички дух кој владее меѓу нас, и уверена е дека трајното закрепнување на нацијата е можно само ако општото добро го ставиме над поединечното.[4]
  25. Со цел да се спроведат сите овие точки, бараме создавање на силна централна власт на Рајхот; неограничена власт на централното собрание над целиот Рајх и неговите организации воопшто. Создавање на државни и стручни комори за спроведување на законите на Рајхот во разните сојузни покраини. Водачите на Партијата ветуваат, ако е неопходно, по цена на сопствените животи, да го поддржуваат спроведувањето на горенаведените точки без оглед на сè.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://avalon.law.yale.edu/imt/1708-ps.asp/
  2. Turner, Henry A. (1985). German Big Business and the Rise of Hitler. New York: Oxford University Press. стр. 62. ISBN 0-19-503492-9.
  3. На Бамбершкиот собир во февруари 1926 г. дисидентите во партијата го направиле последниот обид за промена, но Хитлер ги прогласил таквите промени за несносливи и навреда за соборците паднати кај споменикот Фелдхернхале во Пивничкиот пуч во 1923 г. По три месеци, на сеопштиот собир на партијата, програмата е прогласена за неменлива.
  4. Barbara Miller Lane, Leila J. Rupp, introduction and translation Nazi Ideology Before 1933: A Documentation, Manchester University Press (1978) p. 43

Надворешни врски[уреди | уреди извор]