Македонски месеци

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Дванаесетте месеци во годината, кои денес во Република Македонија се прифатени и се нарекуваат со стандардните меѓународни именски форми кои водат потекло од латинските имиња на месеците, имаат свои македонски имиња кои во денешниот говор се архаизирани и најчесто се користат во официјалните работи и изданија (верски календари) на Македонската православна црква како и во некои рурални региони во Македонија. Потеклото на македонските имиња на месеците во основа е поврзано со природните циклуси или земјоделските работи кои се случуваат или вршат во периодот на соодветниот месец. За некои исти месеци се познати и повеќе различни имиња, употребувани во различни региони во Македонија. Денешните современи имиња на месеците најпрвин почнале да се употребуваат кон крајот на XIX век најчесто со завршеток на -ја како на пример јануарија, февруарија, септемврија, декемврија итн. Нивното наполно прифаќање и навлегување во секојдневниот говор настанало со процесот на масовно образување на населението во училиштата.

Mакедонски називи за месеци[уреди]

Бр. Стандардно име Изворно име    Опис
1. јануари коложег месец на горењето дрва
2. февруари сечко месец на мразот
3. март цутар месец на цветањето
4. април тревен месец на тревата
5. мај косар месец на косењето трева
6. јуни жетвар месец на жетвата
7. јули златец златен месец
8. август житар месец на житото
9. септември гроздобер месец на берењето грозје
10. октомври листопад месец на паѓањето листови
11. ноември студен студен месец
12. декември снежник месец на снегот

Народни имиња за месеците во разни предели во Македонија[уреди]

Во гевгелиско, С.Тановиќ, ги забележал народните имиња за месеците кои во првиот дел соодеветствуаат со горе наведените, а разлика има во имињата на мај - црешар, јуни - житвар, јули - билјар, август - прабражденски, септември - бугуројчин (или груздобер), октомври - митровски или касим, ноември - листупад и декември - гулемијут месиц или бужикјов. [1]

Народните имиња за месеците во валандовското село Пирава се следниве: коложег - јануари, сечко - февруари, летник - март, тревен - април, цутник - мај, црвеник - јули, горешник - јули, гумнар - август, гроздобер - септември, листокап - октомври, снежен - ноември, студен - декември.[2]

Во пределот Бошавија, во подножјето на планината Koжуф во кавадаречко забележани се имиња како и интересни објаснувања на имињата. За месецот ноември се користело името алистоп, за декември андреја при што се верувало дека тогаш почнува зимата, а Андреја фрлал едри снегулки. За месецот јануари се користело името коложег со објаснување дека тоа бил најлошиот месец во зимата и дека треба каде и да си, во коложег дома да си. Кола дрва да имаш и кола брашно.[2] Исто така забележано е и предание дека името на месецот коложег дошло поради големиот студ во тој месец при што луѓето немале со што да се згреат, па морале да ги горат и своите дрвени (запрежни) коли.

Во македонскиот етнички предел Голо Брдо во Албанија за одредени месеци се користат следниве имиња и форми: коложек или колоџек за Јануари, черешнар или црешнар за Јуни, жетвар за Јули, дорвар или дрвар за Ноември и јôдре за Декември.[3]

Народно пресметување на времетраењето на месеците[уреди]

Според истражувањата на етнолозите и антрополозите, времетраењето на месеците во народната култура на Македонците, најчесто се пресметувало и одредувало според одредени празнични дениови, нарекувани меџници или синори. Тоа се големите христијански празници кои ги има во секој месец од годината. Времетраењето на месеците во народното живеење на Македонците изгледало вака:

Според ваквото времетраење на месеците, може да се забележи дека годината има 13 месеци, што всушност се поклопува со бројот на месечевите мени во текот на една година. Ова пак укажува дека луѓето во минатото ги одредувале месеците и се ориентирале според бројот на промени на месечината во една година.

Литература[уреди]

  1. Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005. стр.355
  2. 2,0 2,1 Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005. стр.356.
  3. Будимовски К. Драгослав. „Македонците во Албанија“. „Студентски збор“, Скопје, 1980. стр.121.
  4. Запис од теренските истражувања во Порече на полскиот етноантрополог Јозеф Обрембски во книгата на Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005. стр.359.
  5. Ристески С. Љупчо. „Категориите простор и време во народната култура на Македонците“. „Матица“, Скопје, 2005. стр.360.