Лазар Танев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Лазар Танев
Градоначалник на Скопје
На должноста
1944 – 1945[1]
Наследник Димче Зографски
Лични податоци
Роден(а) 1 август 1884
Скопје
Починал(а) 1 јануари 1956
Скопје
Националност Македонец

Лазар Танев (Скопје, 1 август 1884 - Скопје, 1 јануари 1956) – македонски комунист, прв градоначалник на Град Скопје по Ослободувањето.

Животопис[уреди | уреди извор]

Лазар Танев е роден на 1 август 1884 година во Скопје, од татко Ѓошо и мајка Елена. Израснал во Пајко Маало во Скопје.

На 24-годишна возраст заминува за Солун да бара работа. Таму дошол во допир со социјалистичките идеи, ги прифатил и истите ги ширел меѓу работничката класа. Работел во трговската фирма „Ерера“. При отворањето на „Ерера“ во Скопје во 1913 година, Лазар Танев бил поставен за нејзин раководител.

Од доаѓањето во Скопје, до крајот на животот, останал верен на социјалистичките идеи и бил секогаш во потесното раководство на скопската организација. Учествувал во обновувањето на скопската социјалистичка партиска организација во почетокот на 1919 година. Учествувал во изборната кампања во 1920 година. Бил избран за одборник на Црвената скопска општина и работел со забележителни резултати.

Во илегални услови на дејствување, кога било забрането секакво напредно движење, со стапување во сила на Законот за заштита на државата, Лазар Танев останал доследен на работничкото напредно движење и во тоа тешко време за КПЈ. Голем број состаноци на раководството на Партијата биле одржувани во неговиот дом. Поради својата илегална активност, која не останала незабележана од будното око на полицијата, заедно со другите активисти бил затворен во почетокот на 1922 година. Благодарејќи на неговото примерно однесување и непризнавање пред истражните органи, по двомесечен затвор бил пуштен на слобода. Истата година од полицијата му била запленета богата библиотека со голема вредност.

Во годините што доаѓаат Танев посебно се ангажирал како синдикален активист, а активно учествувал и во дискусиите за националното прашање, коишто се воделе и во неговиот дом. Во 1926 година, поради својата илегална активност, полицијата повторно го затвора, но по едномесечна истрага, поради немање докази, го пушта на слобода.

Работејќи како книжар, уште за време на стара Југославија покрај другите активности во Партијата, цело време бил главен снабдувач со материјали за печатење на илегалните органи на Партијата, вклучувајќи го и времето на НОВ и Револуцијата.

Како резултат на таквата активност и авторитетот што го имал во градот, бил избран за прв претседател на Градскиот народноослободителен одбор.

Во 1946 година бил избран за претседател на Народниот фронт на град Скопје и за народен пратеник на првото уставотворно Собрание на НР Македонија, каде станал претседател на Мандатно-имунитетниот одбор.[2]

Чествување[уреди | уреди извор]

Во негова чест е именувано средното угостителско училиште во Скопје кое образува кадар за потребите на угостителско-туристичкита индустрија.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Градоначалници на Скопје“. Посетено на 17 декември 2021.
  2. „Лазар Танев“. СУ „Лазар Танев“. Посетено на 17 декември 2021.
  3. „Историјат“. СУ „Лазар Танев“. Посетено на 17 декември 2021.