Книга на пророкот Авакум

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Книгата на пророкот Авакум (хебрејски: חֲבַקּוּק‎) е една од книгите на Стариот Завет, поточно еден од дванаесетте таканаречени мали пророци. Авакум се прогласува самиот себеси за пророк во првиот стих на делото, и поради литургиската природа на неговата книга, постои мислење дека бил пророк во храмот. За самиот Авакум нема други биографски информации; всушност од сите пророци на стариот Завет за него најмалку се знае.

Содржина[уреди | уреди извор]

Главниот мотив на книгата е борбата да се има верба во правдољубив и морален Бог во ладнокрвен и суров свет, мотив кој се препознава уште од првите зборови на делото, каде што прокот го прашува Господ зошто неговите крици за помош не се одговорени. Делото е поделено на три дела, од кои првите два се составени од жалбите на Авакум и Божјите одговори на истите, додека третиот се состои од Авакумова молитва.

Делото почнува со лелекот на Авакум кон Бога, каде што тој се жали за насилството и неправдата околу него, кои Бог не ги приметува и не ги поправа. Бог одговара дека наскоро тој ќе ги издигне суровите и немилосрдни Вавилонци, кои ќе го освојат светот и ќе го покорат Израел. Авакум е шокиран од ова откровение, и го прашува Бог зошто би користел такви злобни алати, споредувајќи го Вавилон со рибар кој лови риби, кои ги симболизираат освоените народи и држави. Бог му наредува да го запише тоа што ќе го чуе. Тој му кажува дека Вавилонците, како сите царства кои угнетуваат други народи, ги очекува лоша судбина – како што тие ограбувале други држави, тие самите ќе бидат ограбени, како што тие пролевале крв, така и нивната ќе биде пролиена. Тој ги предупредува Вавилонците дека секој град изграден врз неправдата ќе биде срушен, и дека тој кој ги срами своите соседи самиот ќе биде исполнет со срам. На крајот Тој го исмева идолопоклонството, реторички прашувајќи ги зошто зборат со камења и дрва кои немаат усти да одговорат.

Третиот и последен дел на делото се состои од молитва пишана од страна на Авакум, каде што тој ги опишува величенственоста, но и стравот кој Бог ги буди во него, и ги опишува неговите дела и способности. Тој го завршува делото така што изјавува дека дури и надешта да умре, тој сепак ќе го сака и ќе верува во својот Господ.