Трета книга Ездра
„Трета книга Ездра“ — книга од Стариот завет.
Содржина
[уреди | уреди извор]За време на владеењето на персискиот цар Артаксеркс живее пророкот Ездра, кој потекнува од лозата на свештениците Садок, Елеазар и Арон. Нему му се јавува Господ, кој е гневен на Израилевиот народ поради непочитувањето на божјите закони, заборавајќи ги сите негови добрини. Бидејќи неговите сонародници не го слушаат, Ездра им се обраќа на незнабошците со порака да го очекуваат доаѓањето на Спасителот и ветувајќи им го царството небесно. Притоа, самиот Ездра има визија на Синот Божји, кој им става палмини круни на душите што се вознесуваат на небото. Во 30-тата година по разурнувањето на Сион, Ездра се наоѓа во Вавилон и размислува за гревовите на народите од Адам наваму и тагува за маките на кои се изложени потомците на Израилот. Нему му се јавуваат ангелот Уриил и архангелот Јеремиил кои му кажуваат дека ќе дојде крајот на времето и тогаш ќе биде искоренето сето зло, а нему му порачуваат да не се обидува да ги сфати божјите намери. Притоа, ангелот му ги открива знаците што ќе претходат на пропаста на светот. Во продолжение, тие разговараат за создавањето на светот, за страдањето на луѓето како казна за нивните гревови, за спасот на праведните, за доаѓањето на Исус, за судниот ден и за бесмртноста. Тогаш, Ездра упатува молитва до Бога за милост кон сите праведници кои страдале за божјите закони.[1]
По заповед на Бога, Ездра оди во полето, каде среќава жена која тагува за умрениот син, а потоа исчезнува и на нејзиното место се појавува град. Ангелот Уриил му го толкува виденото на Ездра, кажувајќи му дека тоа се однесува на пропаста на Сион. Ноќта, Ездра сонува триглав орел чии пердуви назименично владеат со светот и исчезнуваат; тогаш, се појавува лав кој на орелот му го пренесува зборовите на Севишниот. Според божјото толкување, сонот се однесува на царството со кое долго време ќе владеат 12 цареви, по кои на власт ќе дојдат тројца цареви кои ќе владеат со измачување и беззаконие, а потоа нивната власт ќе пропадне. Лавот, пак, е божјиот Помазаник кој ќе им суди на луѓето на судниот ден. По седум дена, Ездра сонува уште еден сон во кој од морето излегува голем маж против кого се собира голема војска, а тој ја уништува со својот огнен здив, а потоа, во една гора собира мноштво луѓе. Според божјото толкување, мажот го претставува Синот Божји кој ќе им суди на луѓето, ќе ги истреби беззаконието и грешниците, а на Сионската гора ќе ги собере десете племиња кои биле одведени во ропство во времето на царот Осија.[2]
Три дена подоцна, на Ездра му се јавува Господ, кажувајќи му дека тој е еден од посветените луѓе кои ќе општат со Синот Божји. Тогаш, по божјиот налог, Ездра собира петмина помошници и, откако се исполнува со светиот дух, во текот на 40 дена пишува 94 книги од кои некои се достапни за сите луѓе, а последните 70 се наменети за мудреците. Тогаш, Господ повторно му се обраќа на Ездра, ветувајќи дека ќе ги уништи Египет, Вавилон, Сирија и Азија, дека ќе го спаси избраниот народ од ропството и измачувањата и дека ќе се случи помор на земјата во кој ќе настрадаат сите грешници.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 535-550.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 550-558.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 558-564.