Прејди на содржината

Книга на пророкот Авакум

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Авакум (библиска книга))

Книгата на пророкот Авакум (хебрејски: חֲבַקּוּק‎) е една од книгите на Стариот завет, поточно еден од дванаесетте таканаречени мали пророци[1]. Авакум се прогласува самиот себеси за пророк во првиот стих на делото, и поради литургиската природа на неговата книга, постои мислење дека бил пророк во храмот. За Авакум нема други биографски информации; всушност од сите пророци на Стариот завет за него најмалку се знае.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Главниот мотив на книгата е борбата да се има верба во правдољубив и морален Бог во ладнокрвен и суров свет, мотив кој се препознава уште од првите зборови на делото, каде што прокот го прашува Господ зошто неговите крици за помош не се одговорени. Делото е поделено на три дела, од кои првите два се составени од жалбите на Авакум и Божјите одговори на истите, додека третиот се состои од молитвата на Авакум.

Делото почнува со лелекот на Авакум кон Бога, каде што тој се жали за насилството и неправдата околу него, кои Бог не ги приметува и не ги поправа. Бог одговара дека наскоро тој ќе ги издигне суровите и немилосрдни Вавилонци, кои ќе го освојат светот и ќе го покорат Израел. Авакум го прашува Бог зошто би користел такви злобни алати, споредувајќи го Вавилон со рибар кој лови риби, кои ги симболизираат освоените народи и држави. Бог му наредува да го запише тоа што ќе го чуе при што му кажува дека Вавилонците, како сите царства кои угнетуваат други народи, ги очекува лоша судбина – како што тие ограбувале други држави, тие самите ќе бидат ограбени, како што тие пролевале крв, така и нивната ќе биде пролиена. Тој ги предупредува Вавилонците дека секој град изграден врз неправдата ќе биде разурнат и дека оној кој им нанесува срам и неправда на своите соседи и самиот ќе биде исполнет со срам. На крајот Бог го исмева идолопоклонството, реторички прашувајќи ги зошто зборат со камења и дрва кои немаат усти да одговорат. Третиот и последен дел на делото се состои од молитвата на Авакум, каде што тој ги опишува величественоста, но и стравот кој Бог ги буди во него, и ги опишува неговите дела и способности. Делото завршува така што Авакум изјавува дека дури и во неприлики тој ќе радува на Бога кој ќе му даде спасение.[2]

  1. Cross (2005).
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 1136-1138.