Втора книга Макавејска

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Втора книга Макавејска“ — книга од Стариот завет.

Содржина[уреди | уреди извор]

Јудејците испраќаат писмо до своите сонародници во Египет, опишувајќи некои настани од минатото (при преселувањето на Израилците во Персија, Неемија го скрил светиот оган од божјиот храм, а пророкот Јеремија ги скрил скинијата и заветниот ковчег во една пештера). Потоа, авторот на писмото си зема обврска накратко да ги опише делата на Јуда Макавејски, кои во пет книги ги изложил Јасон Киринеецот: Некој Симон ги клевети Јудејците дека чуваат големо богатство во Ерусалимскиот храм и царот го испраќа својот службеник Илиодор да го заплени богатството. Меѓутоа, кога Илиодор се обидува да влезе во храмот, Господ испраќа силен коњаник кој го спречува ограбувањето на ризницата. Меѓутоа, Симон продолжува со клеветите против сонародниците, а истовремено, Јасон, брат му на првосвештеникот Ониј, сака да го преземе неговото место. Јасон добива дозвола од царот Антиох Епифан да отвори училиште за телесно воспитување и така ја приклонува младината кон елинизмот. Три години подоцна, царот го поставува Менелај, брат му на Симон, за првосвештеник, потиснувајќи го Јасон. Набрзо и Менелај е сменет од положбата, но тој успева да издејствува власта да го убие вистинскиот првосвештеник Ониј. По веста за неговото незаконско убиство, народот негодува, па царот ги казнува убијците на Ониј. Менелај, пак, продолжува со лошите дела и поради тоа е предаден на суд, но служејќи се со поткуп успева да добие ослободителна пресуда.[1]

Кога царот Антиох започнува војна против Египет, Менелај собира војска и се обидува да го заземе Ерусалим. Во меѓувреме, Јасон живее во прогонство, каде умира. Царот Антиох ги смета Јудејците за предавници и го освојува Ерусалим, убивајќи многу луѓе и ограбувајќи го храмот, а потоа продолжува со суровиот однос кон Јудејците: ги укинува нивните празници и обичаи, ги принудува да ги слават туѓите божества и ги прогонува и сурово ги измачува оние кои се верни на законите на предците. Тогаш, не можејќи да ја трпи неправдата, Јуда Макавејски се одметнува и се повлекува во пустината, собира повеќеилјадна војска и ги напаѓа градовите и ги гони незнабошците, остварувајќи големи успеси во борбите со царската војска. Царот Антиох Епифан, на враќањето од неуспешниот воен поход во Персија, дознава за воените победи на Јуда Макавеј и решава да се одмазди така што ќе ги уништи Јудејците. Меѓутоа, Господ го казнува со тешка болест и царот уира во големи маки. Пред смртта, тој се покајува за лошите дела и им пишува писмо на Јудејците, ветувајќи им слобода, а за наследник го поставува синот Антиох Евпатор.[2]

Јуда Макавеј го зазема Ерусалим, го очистува храмот и ги разурнува елинските храмови. Соочен со големите воени успеси кои Јуда Макавеј ги остварува со помош на силни коњаници испратени од бога, царот Антиох Евпатор е принуден да понуди примирје, а дознавајќи за лошите дела на Менелај, наредува да го погубат. Сепак, царот повторно започнува воен поход против Јудејците, но пак претрпува порази и склучува примирје, поставувајќи го Јуда Макавеј за намесник. Три години подоцна, во земјата пристига Димитриј со голема војска, кој ја презема власта убивајќи го царот Антиох Евпатор. Димитриј го испраќа својот војсководец Никанор да ги покори Јудејците, но согледувајќи ја нивната голема храброст, Никанор склучува примирје со Јудејците и му станува пријател на Јуда Макавеј. Меѓутоа, кога царот Димитриј му наредува да го зароби Јуда Макавеј, Никанор е принуден да тргне во воен поход против него. Повторно, војската на Јуда Макавеј победува со божја помош, а Никанор погинува во борбата. Така, Јудејците повторно владеат со Ерусалим.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 654-660.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 660-668.
  3. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 668-678.