Катедрала во Леон

Од Википедија — слободната енциклопедија

Катедралата Света Марија заштитничката на градот Леон претставува храм во кој се врши католичка богослужба. Овој објект е епископско седиште на бискупијата Леон, во Шпанија и е посветен на заштитничката на градот Дева Марија. Овој храм претставува прв прогласен и заштитен споменик на целата територија на Шпанија. Прогласувањето било директно со кралскиот декрет од 28 август 1844 година (а потврдено од страна на Кралскиот ред на 24 септември 1845 година).

Изградбата на катедралата започнала некаде во текот на XIII век. Таа претставува големо дело во готски стил, со големо француско влијание. Објектот е познат по прекарот Pulchra leonina, што значи „Прекрасната Леонка“ (убавата жителка на градот Леон). Местоположбата на катедралата е на територијата наречена Камино де Сантјаго.

Катедралата во Леон била позната пред сè по фактот што со неа се извршило таканаречената „дематеријализација“ на тогашната готската уметност, односно намалувањето на површините покриени со ѕидови до минимален израз и поставување на обоени (полихромни) витражи. Овој објект поради таквите измени претставува еден од најголемите збирки на средновековно обоени стакло во светот (витражи).

Историја на катедралата[уреди | уреди извор]

Претходни градби[уреди | уреди извор]

Римските бањи[уреди | уреди извор]

Пред да се изгради старата катедрала наречена VII Легија на близнаците, на тоа место постоеле римски бањи. Бањите заземале поголема површина од сегашниот објект. При големата реставрација на објектот од храмот која била извршена во текот на 19 век, под катедралата биле откриени остатоците од бањата, а во 1996 година биле истражени и останатите површини во близина на јужната фасада. Сепак за време на тие истражувања биле пронајдени мал број на остатоци од страрите примитивни градби. Некои од овие остатоци како мозаици, тегули и керамика, денес се изложени во просторот на катедралниот музеј. Останатите елементи како што е хипокаустот, сè уште се наоѓа под површината на катедралата.

Поглед кон многуте витражи на катедралата
Поглед кон делото посветено на владетелот Ордоњо II. Дело изработено според средновековното културно наследство. Се наоѓа во катедралата во Леон

Старата (првата) катедрала[уреди | уреди извор]

За време на протерувањето на арапите на територијата на Шпанија од страна на христијаните и пристигнувањето во градот Леон, старите римски бањи биле претворени во кралска палата. Во 916 година кралот Ордоњо II, кој го заземал тронот на градот Леон, само неколку месеци претходно успеал да ги порази Арапите во битката кај местото Свети Естебан де Гормаз. Во знак на благодарност за победата кон Бога, тој се откажал од својата палата за да може да се изгради првата катедрала. Под раководство на Фруминио II, кој раководел со епископијата целата палата била претворена во свето место. Храмот го чувале и управувале монаси од редот на светиот Бенедикт. Неговата структура била многу слична на структурата на многу други постоечки храмови кој биле изградени за време на периодот на Леонскиот Мозараби. Следејќи ја христијанската традиција за погребување на големите владетели во просториите на храмовите и со тоа постигнување на ефектот „доближување до Бога“, оваа едноставна катедрала набрзо била збогатена со посмртните останки на кралот Ордоњо II, кој починал во месноста Самора во 924 година.

Историските хрониките зборуваат за поминувањето на освојувачот Алманзор низ териториите на овие земји кон крајот на X век, притоа опустошувајќи го градот Леон и уништувајќи ги неговите катедрални храмови. Веднаш по разрушувањето донесена е одлука за брзо санирање на штетата и возобновување на храмот на катедралата, бидејќи веќе во 999 година во оваа катедрала требало да се круниса кралот Алфонсо V. По низа политички бунтови и сурови воени операции, околу 1067 година состојбата на катедралата била во исклучително лоша состојба. Кралот Фердинанд I од Леон, кој откако ги пренел посмртните останки на Свети Исидор од Севиља во Леон, „се посветил“ на реконструкција и санирање на објектот. За време на владеењето на Фердинанд I настапил мирен период, во кој се остварувале големи успеси и проширувањето на христијанското царство. Тоа било период на процвет на романската уметност.

Романска катедрала[уреди | уреди извор]

Со помош на инфанта Урака де Самора, инаку првородената ќерка на кралот, започнала изградбата на новата и втора катедрала, во согласност со плановите на градот. Оваа катедрала започнала да се гради во романски стил. Во тој период Пелајо II ја владеел епископската столица. Кога архитектот Деметрио де лос Риос, некаде помеѓу 1884 и 1888 година, го истражил подрумот на катедралата, со ископување успеал да го замени тротоарот и да ги зацврсти столбовите. Истиот архитект успеал да ги пронајде деловите од ѕидовите на претходната катедрала. Преку планот што го нацртал архитектот, може да се види како сè било конфигурирано и конципирано во готски стил. Во овој стил сè било изградено од тула и ѕидарски зафати. Катедралата била создадена од три кораби кои завршуваат со полукружни апсиди. Централниот кораб бил посветен на Света Марија, исто како што било и во претходната црква. На северната страна бил изграден и манастир. Оваа нова црква била со прилично големи димензии за тој период, околу 60 метри во должина и 40 метри во ширина. Иако сите активности се изведени во рамките на меѓународните правила на романскиот стил, сепак направени се извесни измени од претходно зацртаните. Сводот од тогашната катедрала која била во форма на потковица сè уште е во употреба, и тоа како украсна форма. Оваа катедрала била осветена на 10 ноември 1073 година за време на владеењето на кралот Алфонсо VI. Се претпоставува дека таму работеле истите каменорезци кои ја граделе базиликата Свети Исидоро во Леон.

Оваа катедрала останала во функција сè до крајот на наредниот век, кога последниот ексклузивен крал на провинцијата Леон, Алфонсо IX (роден 1188, а живеел до 1230 година) стапил на тронот. Во тој период во градот и во кралството била забележана важна општествена промена, со уметничка креативност и соодветен културен развој.

Изградба на готската катедрала[уреди | уреди извор]

Поглед кон внатрешноста на катедралата во Леон

Изградбата на третата катедрала започнала околу 1205 година, но градежните проблеми кои се појавиле со елементите околу темелите значеле дека градежните активности наскоро биле стопирани. Работните активности продолжиле дури во 1255 година, под раководство на понтификатот и епископот Мартин Фернандес и со директна поддршка на шпанскиот крал Алфонсо X од Кастилја. Оваа нова катедрала била замислена целосно да биде во готски стил.

Архитектот на катедралата бил извесен Енрике, најверојатно роден во Франција, кој претходно работел и на катедралата во Бургос. Очигледно било дека тој добро ја познавал готската архитектонска форма со потекло од Франција. Овој архитект починал во 1277 година, а работата била продолжена од страна на шпанецот Хуан Перес. Во 1289 година починал и епископот Мартин Фернандес. За време на смртта на поглаварот храмот веќе бил отворен за богослужба. Основната структура на катедралата била завршена во 1302 година. Епископот Гонсало Осорио ја отворил целата црква за верниците кон крајот на векот. Во текот на XIV век, биле завршени манастирот и северната кула, додека јужната кула била завршена дури во втората половина на XV век. Оваа ажурност (брзина) во завршувањето на работните активности му дава големо единство на храмот во поглед на архитектонскиот стил.

Поглед кон предната фасада на катедралата во Леон

Изградбата на катедралата во Леон претставува директна инспирирација од планот на катедралата во Ремс (иако оваа е со помали димензии). Главниот архитект Енрике имал точни сознанија за тоа како изгледа посочената француска катедрала. Како и повеќето француски катедрали, и катедралата во Леон била изградена по геометриски модул заснован на триаголникот (ad triangulum). Триаголните елементи се поврзани со заеднички квадратен корен, на кој се потпираат сите негови делови како целината. Претходната поставеност, потоа планот, височината, украсните елементи и симболичните делови ја претвораат оваа катедрала во автентична транспиринејска градба, оддалечена од шпанскиот тип на градби. Сите овие податоци и ја донеле на катедралата придавката на „најфранцуска од сите шпански катедрали“, или пак името со налик на Пулхра Леонина (убавата Леонка). Ако нејзините плански карактеристики се поврзат со готски елементи, тогаш нејзините височини се тесно поврзани со височината на базиликата Свети Дени во Париз. Тоа се познати елементи на радијантната готика која е забележана во Франција во периодот по 1230 година. Овој храм може да се смета за уникатен случај на објект кој целосно е замислен и изграден во рамките на радијантната готика од XIII век, и тоа изграден надвор од територијата на Франција. Географски катедралата воопшто не била далечна на тој свет. Иако била изградена во старата престолнина на Леонските кралеви, градот Леон бил еден од најважните раскрсници на Камино де Сантјаго - французинот, наречен така затоа што имал директно потекло од територијата на Франција. Архитектонската композиција на портите од западната фасада на храмот се чини дека е инспирирана од портите на трансептите на катедралата во Шартр. Останува зачудувачката позиција за локацијата на кулите кои биле одвоени од централниот кораб. Претходната замисла за поставеноста на кулите била да биде иста како и кај предните фасади на англиските готски катедрали. Сепак одлучено е решението да биде идентично како и кај трансептите на катедралата Свети Дени во Париз или пак како кај повеќето локални катедрали. Ваков изглед од предната страна на оваа катедрала имало кај западната фасада на катедралата Сантјаго во Компостела пред да се извршат важните барокни измени.

Исто така, кај оваа катедрала француско влијание имало и при создавањето на делот на презвитериумот. Имено првичната идеја била хорот да се постави во тој простор според стариот француски обичај. Индивидуална градба претставува објектот на манастирот кој не е во континуитетот со петте кораби на телото од храмот. Содејството помеѓу објектот на манастирот и објектот на храмот е сведено само на три кораби.

Како најважна карактеристика на катедрала во Леон била тоа што го достигнала максималниот светлински ефект во споредба со сите шпански катедрали. Овој ефект е постигнат со огромен простор зафатен од витражи, намалувајќи ја потпорната камена структура на најмало можно ниво. Со оваа специфика катедралата во Леон технички ги надминува сите француски катедрали од овој вид.

Поглед кон јужната страна на катедралата.

При изградбата на катедралата се појавил голем проблем затоа што голем дел од локацијата се наоѓал на римски остатоци, односно, хипокаусти од II век, што го отежнувало правилното поставување на темелите од столбовите. Акумулираната подземна вода, големата количина на влага, како и одведувањето на водата предизвикале сериозни непријатности кај изведувачите. Од друга страна пак, повеќето таканаречени пепелници на катедралата биле изработени од камен со просечен квалитет со варовнички тип, кој е со мала отпорност на атмосферски влијанија. Суптилноста на стилот дополнително прави предизвици врз материјалот. Бројните потпори биле доста кревки, протегачките правци биле сведени на голема несигурност, така што неколку архитекти од тоа време го поставувале прашањето дали таков проект може да опстане во исправена состојба. Оваа речиси неверојатна градба, заедно со слабиот квалитет на каменот и лошо поставената основа, доведувале често до постојани интервенции и реставрации, претворајќи го храмот во европска парадигма на трансформацијата, реставрацијата и конзерваторските интервенции.

Легендата за кртот[уреди | уреди извор]

Поглед кон северниот дел од внатрешноста на катедралата

Над вратата на капелата посветена на Свети Јован, од внатрешната страна, виси едно парче од кожа, во вид на кил, која леонската традиција отсекогаш ја идентификувала како модел на таканаречен „злобен крт“. Според легендата, се верувало дека токму кртот, сѐ она што се градело врз катедралата преку ноќта го уништувал во текот на денот. Жителите на Леон станале нетрпеливи бидејќи работата на ветената катедрала не напредувала со замисленото темпо и решиле да му стават крај на тоа злобно суштество кое не дозволувало работата да напредува. Некои жители го сочекале животното во текот на ноќта и му ставиле крај на неговите злодела. Во спомен на тој настан и во знак на благодарноста кон Богородица која е патрон на храмот, кожата на животното била закачена внатре во катедралата, веднаш над веќе споменатата врата од западната страна.

Реалноста пак надвор од легендата била дека работите на катедралата во Леон минувале низ бројни проблеми особено во темелите, кои биле поставени на многу нестабилна почва која претходно била подлога на многу разновидни градби. Од друга страна ако се вратиме на легендата, според некои записи од 1990 година може да се потврди дека делот од парчето кожа кое виси над вратата од храмот на катедралта не е кожа од крт, туку парче кожа од желка, чие потекло сè уште не е познато. Се претпоставува дека парчето кожа е изработено од некој моќен човек кој извесен период бил присутен во катедралата, вметнувајќи таков елемент во античката традиција (вакви елементи постоеле низ бројните музеи) на собирање антиквитети и реткости.

Поглед кон јужната фасада на катедралата со нејзините барокни додатоци
Изгледот на катедралата околу 1850 година. Може да се видат старите западни и јужни фронтални делови и барокната купола со нејзините пиластри.

Време на промени и градежни проблеми[уреди | уреди извор]

Екстремната нестабилност на објектот на катедралата набрзо предизвикала големи проблеми. Во текот на XV век архитектот Јустин изградил мали шупливи одбранбени куќички во јужниот дел (во просторот наречен „столот на кралицата“) и во северниот дел (познат како „ла лимона“), кои го подобриле отпорот на висечките потпори кон централниот дел. Но кревката структура останала и понатаму и продолжила да создава проблеми. Во тоа време архитектот Јустин успеал да ја заврши јужната кула во блескав готски стил. Во тој период биле изградени и триаголните завршетоци на северниот и јужниот фронтон. Во последните години на XV век, изградбата на Библиотеката (сегашната капела наречена Сантјаго) ја изведувал Хуан де Бадахос, во соработка со неговиот син. И овој простор бил изведен во раскошен готски стил. За време на истиот век бил изграден и просторот на хорот, како и олтарниот дел во кој биле поставени насликаните уметнички дела изработени од страна на Николас Франсес.

На почетокот на XVI век, Хуан де Бадахос Помладиот ја изградил завршницата на западниот фронтон во чист латерескен стил. Тој, исто така, изградил и платереска сакристија за катедралата, поставувајќи ја на југоисточната страна, но извршил и преработка на сводовите од манастирот. Од тој период, во внатрешноста на катедралата, може да се издвои конструкцијата на елементот наречен траскоро.

Во текот на XVII век проблемите околу катедралата продолжиле. Во 1631 година се урнал дел од централниот свод на трансептот. Советот на катедралата директно го обвинил Хуан од Наведа, кој бил во исто време и архитект на кралот Филип IV од Шпанија. Обвинувањата биле поради фактот дека токму тој го изградил трансептот на големата купола, а со тоа ги повредил правилата за контра-ограничување на готскиот стил кои во многу се разликувале од оние кои постојат кај барокниот стил. Прекумерната тежина предизвикала поместување на радијалните оптоварувања во правец кон јужниот фронтон и дополнително поради слабоста на попречните сводови, но и поради недостатоците во основата кај темелите. Куполата во 1651 година била привремено затворена. На крајот од истиот век биле видливи некои дополнителни недостатоци кај куполата кои ја отклонувале нејзината оска кон правец на југ. Оштетениот јужен фронтон требало повторно да се изгради во 1694 година од страна на Конде Мартинес, заменувајќи го готскиот фронтон со прекрасна барокна камбанарија.

На почетокот на 18 век, Хоакин де Чуригера сакал да ги исправи сите тие недостатоци со поставување на четири големи врвови околу куполата и на просторот околу столбовите на трансептот. Но сепак се чинело дека последиците од таа интервенција би биле катастрофални. Многу големи архитекти, како што бил на пример Џакомо од Павија, продефилирале низ градот Леон во обид да ја спасат катедралатано сепак ситуацијата продолжила да се влошува. Земјотресот во Лисабон кој се случил во1755 година успеал да ја потресе целата конструкција на катедралата, особено погодувајќи ги деловите на калапите и витражите. По овој земјотрес на делот од јужната фасада се отвориле големи пукнатини, поради што било неопходно да се покрие клересторијата, потоа да се демонтира розетниот прозорец и истиот да се замени со двојно обоен прозорец.

Во 1830 година оштетувањата предизвикани со паѓањето на камените делови се зголемиле особено на јужниот фронтон. За да се надмине таа непосакувана состојба Фернандо Санчез Пертехо морал да ги зајакне потпорите на целата фасада.

Големата обнова во XIX век[уреди | уреди извор]

Поглед кон западната фасада од 1875 година, пред да биде реставрирана и модифицирана
Поглед кон новата јужна фасада обновена околу 1885 година
Поглед кон реконструираната западна фасада околу 1890 година
План на западната фасада на катедралата по обновувањето во XIX век

По лошата состојба на катедралата во 1844 година државата донела одлука дека таа мора да претрпи подетални поправки. Тоа е годината кога катедралата во Леон била прогласена за национален споменик, прв од таков вид од шпанското наследство. Во 1849 година, језуитот П. Ибањез го дизајнирал и поставил на делот од јужниот фронтон новиот розетен прозорец.

Набргу потоа, соборот на катедралата повторно бил загрижен за можниот фатален резултат по стабилноста на објектот кога во 1857 година повторно започнале да се одронуваат камења од просторот на трансептот и централниот кораб. Се раширила веста низ цела Шпанија, но и низ Европа дека е можно комплетно уривање на храмот во Леон. Активноста за спас на катедралата започнале со иницијативата на Кралската академија за ликовни уметности на Сан Фернандо, но и владата се вклучила во санацијата и во 1859 година го ангажирала архитектот Матиас Лавиња. Сепак, иако тој бил експерт за класицизмот како стил, но не и за готските елементи. И покрај тој факт сепак Лавиња започнал со демонтирање на полупортокаловата купола и четирите врвови кои ја опкружувале истата поради нивната прекумерна тежина. Продолжил со отстранување на трансептот и комплетната јужна фасада. Резултатот од неговите активности биле катастрофални затоа што наближувала опасноста за комплетно уривање на објектот. Критиките што ги предизвикале неговите одлуки довеле до негово сериозно влошување на здравствената состојба и до неговата смрт во 1868 година.

По неговата смрт, архитектот Андрес Ернандес Каљехо ја преземал одговорноста за спроведување на активностите. Тој имал намера да продолжи по стапките на претходникот и да ја заврши демонтажата на катедралата. Поради таквите негови зафати советот го разрешил од понатамошната активност. Во 1868 година, работата му била доверена на Хуан де Мадразо, голем пријател на влијателниот француски реставратор Виоле-ле-Дук. Мадразо претставувал несомнено најдобриот реставратор во Шпанија и добар познавач на француската готска архитектура. Тој во комплетност ги применувал теориите и знаењата на Виоле-ле-Дук. За да го спречи руинирањето на објектот и во исто време да продолжи со нејзината реконструкција, Мадразо го дизајнирал својот восхитувачки систем на таканаречено обложување на високите сводови. Обложувањето кое го поставувал претставувала многу сложена столарска постапка, која служела како поддршка на сите потисни елементи на храмот. Целата јужна фасада и претходно отстранетиот трансепт биле реконструирани. Тој значително го изменил распоредот на сводовите и комплетно ја видоизменил јужната фасада околу аркадата, земајќи и користејќи елементи од северната фасада како приказ. Тука го вметнал и претходно отстранетиот прозорец во вид на роза. Новиот триаголен фронтон бил инспирација од постоечкиот на северната фасада. Во принцип, овој архитект го испланирал целиот храм токму онаков како што се наоѓа денес. Целта била катедралата да ја постигне замислената претходна состојба која била изведена во чист готски стил и да се елиминираат сите елементи кои го нарушуваат тој стил. Најважниот момент се случил во 1878 година, кога биле отстранети одредени фалсификувани дела и објектот бил вратен во поранешната непроменета состојба. Рамнотежата која владеела со готката изведба била комплетно обновена. Но, прогресивниот лик на архитектот Хуан де Мадразо го натерало да заземе страна во сериозните општествени моменти кои ја треселе во тоа време цела Шпанија (страната на Демократскиот или Револуционерниот правец). Архитектот со своите се соочил со советот на катедралата, потоа со бискупот но и со целото конзервативно општество на градот Леон. Сите тие сметале дека тој е Масон, и протестант и најлошо од сè е дека е антикатолик. Го обвиниле дека се декларира како деист или атеист. За време додека го градел јужниот фронтон и ја поставувал неверојатната дрвена обвивка, во 1879 година, која предизвикала разноразни посети од градежни експерти од цела Европа, било одлучено тој да биде отпуштен. Неколку месеци подоцна починал.

Архитектот Мадразо во 1880 година бил наследен на функцијата од архитектот Деметрио де лос Риос. Како познат поддржувач на пуристиката исто како и неговиот претходник, тој продолжил да ѝ вдахнува на катедралата примеси од стариот готски изглед. Според неговото рационално размислување, одлучил да го отстрани платерескниот западен фронтон, кој го изградиле Хуан Лопез де Рохас и Хуан де Бадахос ел Мозо некаде во XVI век. Новиот дизајн бил изведен во неоготски стил сличен на претходно изградениот на делот од јужната фасада. Деметрио ја завршил обновата на сводовите на трансептот и на централниот кораб. Успеал дополнително да воведе некои нови неоготски дизајни, одредени профили и украси со различни мотиви и тоа во различни делови од објектот на катедралата.

По неговата смрт, за главен архитект на катедралата бил назначен Хуан Баутиста Лазаро, под чие раководство бил завршен најголемиот дел архитектонската реставрација на објектот. Во 1895 година тој ја презел напорната задача да ги обнови деловите на витражите. Витражните елементи неколку години биле демонтирани и складирани. Се наоѓале во лоша состојба со сериозни оштетувања. За време на сите активности му помогнал неговиот соработник Хуан Кристомо Торбадо. Така била возобновена активноста за реставрација на средновековните витражи, но и за изработка на сосема нови елементи. Исто така, било одлучено катедралата да се изолира од најблиските урбани градби, за на тој начин да се истакне нејзината монументалност. Со тие ативности дошло до исчезнување на неколку припоени простории до храмот. Така се добил простор на комлетно поврзување на објектот на катедралата преку Епископската порта со Епископската палата.

Конечно, откако била завршена реставрацијата, во 1901 година, катедралата била повторно отворена за вршење на богослужба. Таа повеќе не претставувала објект кој е во опасност. Целокупната конструкција главно била замената, била изведена во готски стил особено на западниот и јужниот фронтон. Била остранета и барокната купола. За да се одржи проблематичната рамнотежа на катедралата, никогаш не било дозволено да се поставуваат дополнителни елементи над главниот кораб. Денес, катедралата во Леон претставува најхармоничниот готски споменик на територијата на цела Шпанија.

Големата реставрација од периодот на XIX век го потврдила обновувањето на стабилноста на катедралата, која претрпела сериозни искушенија во својата структура во текот на неколку векови од своето постоење. Може да се каже дека оваа реставрација била една од најкомплексните и најризичните кои биле извршени во Европа во текот на XIX век. Прецизните пресметки за стабилноста на сводовите, потоа одличните системи за изработка на дрвени елементи на големи височини и секако системите за каменообработка кои се применувале за поправка и реконструкција на сводовите на катедралата во Леон во иднина послужиле како одличен модел за реставрации на други големи шпански катедрали. Тоа бил примерот со катедралите во градовите Севиља и Бургос. Понатаму овие две катедрали ќе преставуваат одлични прикази според кои ќе се вршат реставрации на разни објекти низ цела Европа кои со децении подоцна ќе бидат сериозно оштетени како резултат на воените катастрофи. Високата заслуга на овие дела биле препознаени во тоа време, бидејќи некаде во 1881 година, архитектот Хуан де Мадразо постхумно го добил Златниот медал на Националната изложба на ликовни уметности, особено за неговите проекти кој ги спровел врз катедралата во Леон.

Реставрации од периодот на XX и XXI век[уреди | уреди извор]

Активностите за реставрација врз катедралата продолжиле и во текот на XX век, особено за време на неговите први децении. Во 1911 година, архитектот Мануел Карденас ја отстранил Епископската порта, која претставувала поврзување на катедралата со Епископската палата. Во 1930 година, архитектот Хуан Кристомо Торбадо ја завршил надворешната ограда која била започната во далечната 1794 година. Со изградба на истата се постигнал ефектот на затворање на целиот простор на атриумот. Овој архитект подоцна ја преземал и работата околу реставрацијата на манастирскиот комплекс.

Во 1963 година, архитектот Луис Менендез Пидал го преработил елементот на ажурната роза која се наоѓала на триаголната завршница од јужниот фронтон. Таа добила изведба слична како и онаа од северниот фронтон.

На 27 мај 1966 година, по еден мал пожар кој бил предизвикан од искра на гром, го уништил целиот покривен дел на високите кораби. За среќа последиците не биле сериозни. Благодарение на навремената интервенцијата на архитектот Андрес Сеоан, покривот многу брзо бил поправен.

Во последните децении со голем интензитет се работело на зајакнување на конструкциите, на обработка и чистење на каменот применувајќи притоа најиновативни техники.

Некаде од 2009 година започнало да се врши реставрација и консолидација на витражите елементи со примена на најсовремени техники. Заштитното стакло се користело за затворање на отворите и дополнителн изотермална заштита и зачувување на главното стакло од атмосферски ефекти. Се поставувале надворешни заштитни метални мрежи. Финансирањето на овој зафат е спроведено од страна на Министерството за култура на Владата на Шпанија и од Одделот за култура на Кастилја и Леон, преку културниот проект наречен „Катедралата во Леон, сонот на светлината“. Овој проект овозможувал да се изведуваат и посети со водич за да се запознаат посетителите со реставраторските техники на витражните елементи. Реставраторските работи не се очекувало да завршат пред 2021 година. Последните две години од таа активност биле комплетно посветени на работите врз главната фасада.[1]

Општи карактеристики[уреди | уреди извор]

Генералности на готската катедрала[уреди | уреди извор]

Поглед кон осветлената катедрала од височинката наречена Кандамија

При готската архитектура, употребата на изострени сводови (шпицни сводови) или ребрести сводови била широко распространета. На тој начин притисоците од тежината се концентрираат на одредени точки, а не на целиот ѕид. Со тоа се овозможува да се изградат потенки, односно потесни катедрали (лакот може да се издолжи без да се прошири неговата ширина како што се случува кај романските катедрали. Се намалува притисокот со изработка на полесни покривни елементи). Кај романските катедрали исчезнува делот наречен трибина, и притоа страничните потисни удари се испраќаат директно на летечките потпори. Сводовите кои го пренесуваат ударот врз покривот на надворешните потпори, порано биле обложени со изострени елементи, односно врвови. Големите витражи претставуваат класични елементи на готиката. Чувството на вертикалност кај овие стилови одговара на идејата за небесниот и возвишен Ерусалим. Кај романските пак катедрали постои чувство на добредојденост и сигурност за верниците. Овој тип на катедрали вообичаено секогаш поседувал непарен број на кораби (три или пет) поддржувани од таканаречен четирипартит пол, потоа терцелети, соодветен вентилатор или поинаку наречен ѕвезден свод.

Главната фасада кај оваа катедрала била генерално структурирана со три отвори, составени од архиволти и загради кои биле врамени во еден фронтон. На таа позиција постои и галеријата на кралеви од Стариот Завет, еден голем розетен прозорец (се наоѓа во централниот кораб). Тука исто така има и елемент наречен андито (простор низ кој се пристапува до фасадата кога има потреба за разни интервенции) и две кули со различни карактеристики (без разлика дали завршуваат на врвот со изострен дел во облик на стрела).

Стеблото на катедралата[уреди | уреди извор]

Планот на подот од оваа катедрала речиси претставува чиста реплика на катедралата во градот Ремс, иако со нешто помали димензии. Храмот има димензии од 90 метри во должина, 30 метри во висина и 29 метри во ширина. Структурално е поделен на три кораби, и тоа од влезот до трансептот и пет кораби од трансептот до главниот олтар. Катедралата претставува класична макроцефалија, односно просторот на заглавието е доста поголемо од вообичаената практика (од широчината на трансептот во овој случај). Со тоа добиен е ефект со кој се намалува длабочината и перспективата, но од друга страна се обезбедува повеќе простор за верниците. Оваа катедрала има капацитет за поголем прилив на верници за разлика од другите храмови. Корабите на катедралата во Леон се покриени со четириделен ребрест свод со правоаголни елементи. Трансептот е со четиристран свод, кој ја заменил барокната купола со потекло од XVII век. Делата вградени во катедралата кон крајот на XIX век имаат за цел да се одржи кохерентноста со останатиот дел од конструкцијата. Нејзините ѕидови имаат вкупно 125 прозорци, со вкупна површина од 1800 метри квадратни. Прозорците се украсени со полихромни витражи кои имаат средновековно потекло. Овие витражи се сметаат за едни од најдобрите во светот од таков вид. Помеѓу сите витражни елементи особено се издвојува големиот централен прозорец во вид на роза кој е сместен во делот од централниот трем, помеѓу двете изострени кули. Останати витражни елементи кои го задржуваат погледот, но и здивот се оние кај главната капела, потоа на северниот трансепт и кај капелата наречена Сантјаго.

План
  1. Тремот на Пресвета Богородица Ла Бланка.
  2. Портата на Свети Хуан.
  3. Портата на Свети Франциско.
  4. Капелата посветена на Свети Јован.
  5. Просторот на амбулантата
  6. Просторот на хорот
  7. Главен олтар (жртвеникот).
  8. Вратата на Богородица на коцките (според легенда)
  9. Капелата посветена на Света Тереза.
  10. Просторот на Клостерот.
  11. Капелата Свети Никола.
  12. Капела посветена на грофот Реболедо.
  13. Капелата на Свети Андреј.
  14. Капелата наречена Сантјаго.
  15. Капелата на Богородица на тронот.
  16. Преодната капела.
  17. Капелата на родилките.
  18. Капела на зачнувањето.
  19. Капелата на Белата Богородица.
  20. Капела на утехата.
  21. Христовата капела.
  22. Капелата наречена Кармен.
  23. Капела во Свети Франциско.
  24. Вратата на смртта.
  25. Портата нречена Сарментал
  26. Портата на Свети Фроилан или портата на кралицата

Надворешноста на катедралата[уреди | уреди извор]

Поглед кон западната фасада на катедралата со вклучено ноќно осветлување
Кулите со поглед од зад градбата
Поглед кон тројниот западен трем со пристап до храмот

Западна фасада (западна страна на катедралата)[уреди | уреди извор]

Изглед на фасадата[уреди | уреди извор]

Западната фасада всушност претставува главната фасада на катедралата и преку неа најчесто се пристапува до храмот. Се состои од тројно изострен трем, сличен на оној кај катедралата во градот Ремс. На самиот ѕид од катедралата во длабината на тремот кај елементите наречени архиволти, потоа тимпани и мулиони веднаш на трите порти развиено е скулптурно дело со истакната улога на шпанската готика. Овие скулптури делуваат дека се исчистени од француското влијание. Над тремот се наоѓа големиот централен розетен прозорец, со витражни елементи кои водат потекло од крајот на XIII век. Сегашниот неоготски триаголен фронтон бил изграден од страна на Деметрио де лос Риос на крајот на XIX век. При неговата реставрација била отстранета старата плоча со потекло од XVI век.

Изгледот на кулите[уреди | уреди извор]

Предниот дел од фасадата е ограничен со две кули од готски стил. Едната е со висина од 65, а другата од 68 метри. Фактот што кулите се различни, по форма и висина, одговара на различните моменти на изградба и е сосема вообичено за готскиот стил на градења. Северната кула има камбанарија која започнала да се гради во XIII век, а била завршена во XIV век. Крајот на оваа кула завршува со затворен изострен дел. Јужната или позната како саат-кула исто така била започната да се гради во XIII век, но се градела подолго и била завршена кон крајот на XV век. Завршувањето на нејзината градба се одвивала под раководство на архитектот Јустин. Стилот на јужната кула бил раскошен и готски, со елементи на ажур. Нејзината градба не била толку во склад со остатокот од катедралата, додека северната кула во потполност се поклопувала со стилот на останатиот дел од храмот. Кулите на катедралата во Леон имаат своја специфичност. Тие се прицврстени на страничните кораби од катедралата, наместо да излегуваат од нив вертикално нагоре. Оваа карактеристика го измамува љубопитниот поглед и тој често се задржува врз сврзните потпори кои се наоѓаат помеѓу кулите и страничните кораби од западната фасада на храмот.

Обвивки на вратите[уреди | уреди извор]

Поглед на обвивката на вратата посветена на Белата Богородица или позната како врата на Последниот суд

Вратата посветена на Белата Богородица е изработена во втората половина на XIII век. Богатството и посебно убавината во изградбата на вратите од катедралата во Леон го прават овој храм најголемиот експонент на шпанската готска скулптура. Тројниот западен трем заедно со страничните врати е посветен на Свети Франциск и Свети Јован Крстител, додека третата и централна врата на овој дел го претставува Страшниот суд. Француското влијание може да се забележи дека е пресудно на оваа главна врата. Изработена е околу 1270 година. На самата врата и во нејзината околина може да се издвои пред сè ликот на Белата Богородица кој е сместен во една вдлабнатина на мулионот. Оригиналната структура на Богородица не постои, туку тоа е соодветна копија, со иститиот лик, изработена од страна на Андрес Сеоан. Фигурите на елементите го прикажуваат натурализмот кој бил вообичаен за периодот на готиката кој преовладува над симболиката од романскиот стил. Кога се работи за скулптура сите тие моменти и карактеристики можат да се забележат кај наборите на облеката, потоа изразот и индивидуализацијата на лицата и чувството на движење. Моделот на Белата Пресвета Богородица или кратко само Бела Богородица се издвојува по својата хуманост, постигната во голема мера со изразената насмевка која во голема мера потсетува на изгледот на Ангелот на Благовештението прикажан во катедралата во градот Ремс.

На левата врата, односно на нејзината обвивка, која е посветена на Свети Јован, кај просторот на тимпанот е прикажан циклусот на Исусовото Рожденство: потоа Посетата, Раѓањето, Поклонението на пастирите, Ирод, Водици и масакрот извршен врз невините души. Целиот овој компексен дел претставен е преку одлична смисла на раскажувачки ефект. Во делот од архиволтите се појавува една класична алузија на дрвото наречено Џеси. Тука има елементи од генеалогијата на Христос и приказните поврзани со животот на Свети Јован Крстител. Токму според Свети Јован оваа врата го добила и своето име. Помеѓу оваа обвивка и наредната, се наоѓа таканареченото место за жалење каде се наоѓа колоната каде што се спроведувала правдата во Кралството Леон. Правила пресуди водат потекло од времето на Фуеро Јузго и Леонската јурисдикција, односно некаде од 1020 година. Така може да се забележи дека на тоа место постои елемент кој прикажува споредба помеѓу владетелот Алфонсо, кој бил и спонзор на храмот, со ликот на познатиот крал Соломон, кој бил претставен во позадината на целиот приказ.

На просторот која ја зафаќа централната врата, која е наречена Бела Богородица или Страшниот суд, во преден план се наоѓа мотивот на Христос кој е претставен како судија кој ги покажува своите стигмати. Ангелите кои се наоѓаат во непосредна близина ги носат инструментите на Исусовото мачеништво, а Богородица и Свети Јован се наоѓаат во клекната положба и се претставени како главни посредници, односно помошници. Веднаш под претставата на Исус во пределот на архиволтите е претставата каде по извршеното судење Свети Архангел Михаил ги мери душите (психостаза) и ги одделува блажените кои заминуваат во рајот (вклучувајќи ги тука Алфонсо X или Свети Франциско, кои се појавуваат со разни музички инструменти), од проклетите кои ќе заминат и ќе страдаат во маките на пеколот. Претставата на пеколот е преку проголтувањето од демоните или со влегувањето во врелите казани. Потоа во пределот на архиволтите се појавуваат и дополнителни сцени од воскресението на светците. На двете врати како преден елемент се појавува репродукција од „Белата Богородица“ заедно со детето Исус во рацете. Овој елемент како копија е изработен од страна на Андрес Сеоан (додека оригиналот се чува во внатрешноста на храмот, во капелата која го носи името на Белата Богородица). Оваа капела претставува најрепрезентативниот простор од катедралата и еден од најквалитетните делови од целата шпанската готика. Веднаш до трите врати на истиот потег постојат скулптури на светци, евангелисти и протагонисти од Стариот завет. Посебно тука се издвојува скулптурата на Сантјаго (препознатлива по дополнителниот елемент на неговата капа) чиј постамент е изработен според традицијата. Сантјаго го опкружуваат аџии кои се движат со триење на рацете додека минуваат низ градот Леон и одат кон градот Сантјаго де Компостела.

Вратата од десната страна на овој простор, или онаа која е посветена на Свети Франциск има дополнителна посветеност на Богородица. На тимпанот е прераскажана смртта, но и крунисувањето на Марија. Во делот на архиволтите постојат неколку собори на ангели, а однадвор се сместени петте умни и мудри девици, а зад нив петте кои се спротивност односно оние безумните. Дополнително на тој простор се сместени и фигури на неколку пророци со различна временска хронологија.

Изгледот на Јужна фасада - еден од страничните ѕидови[уреди | уреди извор]

Поглед кон јужната фасада

Изгледот на Фасадата[уреди | уреди извор]

Оваа фасада се протега кон вратата наречена Обиспо, која пак е свртена кон јужната страна од храмот. Токму овој простор најмногу настрадал при градителските проблеми кои се појавувале на храмот, па затоа во неколку наврати тој бил обновуван. Во текот XVII век целото свештенството било позитивно изненадено од изгледот на поставеноста на барокниот калкан кој имал форма на камбанарија, а во текот на XVIII век, по катастрофалниот земјотресот во Лисабон, розетниот прозорецот се урнал и истиот бил заменет со двоен прозорец во барокен стил. При големите реставрации кон крајот на XIX век, архитектот Матијас Лавиња ја дизајнирал сегашната фасада, вградувајќи на неа нов неоготски прозорец во вид на роза. Оваа фасада во многу наликувала на спротивната северна фасада, која никогаш не била драстично видоизменувана. Од десната страна од големиот розетен прозорец се наоѓа малата купола наречена „Кралицата на престолот“, изработена во XV век од страна на изведувачот Јустин. Престолот на капелата имал и дополнителна функција а тоа била да го прима притисокот на висечките потпори на главните елементи.

Поглед кон портата на јужната фасада, наречена Свети Фроилан. Неговата скулптура се наоѓа во меѓупросторот на двете крила

Обвивки на вратите[уреди | уреди извор]

На јужната фасада постојат три тремови, во стилот на француските готски катедрали. Изработени се помеѓу 1265 и 1275 година.

Левата врата е таканаречената врата на „смртта“, поради целата конфигурација која го придружува хералдичкото минато на кралствата Кастиља и Леон. Не постојат никави декорации на просторот од тимпаните. Такви елементи постојат само на архиволтите и стаклените елементи. Името Врата на смртта доаѓа од фигурата на скелет која на себе има крилја. Оваа статуетка е поставена во подоцнежниот период на просторот на еден од корбелите.

Централната врата е наречена „делот на Сарментал“, и многу наликува на Вратата наречена Сарментал од катедралата во Бургос. На оваа врата е претставен Христос во седната положба како Пантократор кој ја покажува Книгата на Законот. Христос е опкружен со тетраморфите и тоа со претставата на бикот (Свети Лука), со орелот (Свети Јован), со лавот (Свети Марко) и со човекот (Свети Матеј). Од страната на Христос се претставите на неговите евангелисти кои се во седната положба и кои пишуваат потпрени на своите клупи. Дополнително на тој потег се поставени ангели и извесни старешини кои ја претставуваат Апокалипсата. Ангелите држат музички инструменти кои ги красат архиволтите. Просторот на мулионот е зафатен со статуа на Свети Фроилан.

На десната врата, која е наречена „Свети Фроилан“, на својот тимпан се прикажани сцени од животот на светецот, самиот светец, потоа неговата смрт и пренесувањето на моштите во катедралата во Леон. Архиволтите се украсени со ангели. Оваа врата имала големо значење во средниот век бидејќи преку неа влегувал епископот во просториите на катедралата. Исто така излезот преку оваа врата во минатото водел директно кон епископската палата. Освен тоа овој премин го користеле сите аџии-посетители кои влегувале во катедралата за да ги посетат посмртните останки на светителот Фроилан. Оваа врата денес е затворена за користење.

Северната фасада[уреди | уреди извор]

Поглед кон северната фасада гледана од страна на манастирот

Изглед на фасадата[уреди | уреди извор]

Северната фасада на катедралата е едвај видлива однадвор од комплексот бидејќи скоро во потполност ја крие објектот од манастирот. За да се погледа таа страна на катедралата потребно е да се наоѓате во дворот на комплексот или на некоја височинка во околината на градот. Најзабележителен елемент на оваа страна е фронтонот на кој има претстава од свештеник и над него еден голем розетен прозорец. Прозорецот е украсен со витражни елементи кои водат потекло од XIII век. Крајниот и највисок дел на фронтонот завршува со триаголна форма каде има ажурна претстава во вид на роза со потекло од XV век. Овој простор служел како нагледна форма и модел за реконструкција на ѕидовите на јужната и западната страна кои биле реставрирани кон крајот на XIX век. Лево од фасадата се наоѓа една мала кула наречена „Ла Лимона“, изградена во XV век. Функцијата на оваа кула е повеќе структурална, односно имала функција да го носи притисокот од висечките потпори. Оваа фасада не претрпела некои големи реставрации, така што останала речиси непроменета од времето на нејзината изградба.

Поглед кон полихромната врата изработена од страна на Вирген дел Дадо. Оваа врата се наоѓа на северната фасада и овозможува пристап кон манастирот

Обвивки на вратите[уреди | уреди извор]

Поглед кон централна врата на која се наоѓа скулптурата на Белата Богородица, изработена на почетокот на XX век

На почетокот оваа врата била составена од троен елемент на врати. Од неа не може да се излезе кон надворешноста од комплексот затоа што води кон просторот кој е ограничен и затворен со објектот на манастирот.

Левата врата од вкупно трите била затворена во моментот кога се градел манастирот.

Централната фасада е наречена „Богородица на коцките“ и е изградена во последната деценија на XIII век. На неа сè уште е зачуван најголемиот дел од полихроматските елементи кои се создадени во XV век. На просторот од тимпанот, има претстава на Христос кој благословува од мистично дрво додека го држат ангелите. Во исто време Христос е опкружен од страна на евангелистите. Во делот на мулионот се наоѓа скулптурата на Богородица именувана како Богородица со коцките, бидејќи според легендата еден војник ги фрлил коцките, поради несреќа во играта, кон лицето на Исус. Додека го правел тоа на чудесен начин лицето започнало да крвари (оваа претстава е изведена на прозорецот со техниката на витраж). Во делот на јамовите се претствени апостолите Павле, Петар, Јаков, Матеј и Благовештението на Марија.

Десната врата се користи како влез и излез во просторот што води до манастирот. Тимпанумот не е скулптурален, туку на него има готска претстава на Богородица со Исус. Во архиволтите постојат најразлични растителни елементи. Оваа врата во потполност го зачувала полихромниот приказ од минатото.

Кораби[уреди | уреди извор]

Катедралата во Леон има три кораби и трансепт. Централниот кораб е долг 90 метри, а висок 30 метри, додека двата странични кораби се високи по 15 метри, а се споени помеѓу себе со просторот на амбулантата. Однадвор, совршено се гледаат сите обични потпори, висечки потпори и врвови по должината на корабите. Овие потпори служат за пренасочување на потисниот притисок кој го создава објектот кон надворешната страна. Доколку не постојат овие елементи можно е да дојде до пробивање на корабите на кои постојат големите прозорци. Постојат и голем број на таканаречени гарголи, кои имаат облик на животни или митски чудовишта. Нивната поставеност покрај уметничкиот изглед служела и за отстранување на вишокот вода која се слевала од покривот кон потпорите.

Поглед кон апсидата на катедралата во Леон, гледано од правецот на населбата Ел Еџидо

Ако внимателно се погледне катедралата од надворешната страна ќе се забележи дека најважен е приказот на замена на камените ѕидови со отвори на кои има поставено витражни елементи. Двата странични кораби се пробиени со отвори од делот на западната фасада па сè до трансептот. Овој пробиен простор го сочинуваат прозорците кои се поставени во долниот дел на објектот. Главниот кораб е прекриен со големи прозорци кои се протегаат низ целиот објект вклучително и трансептот, но и апсидата, со кои делови всушност е создаден просторот на свештенството. Веднаш подолу се наоѓа ажурниот клиренс кој исто така поминува низ објектот. Овие прозорски елементи даваат дополнително осветлување и ги претвораат ѕидовите во светлечки елементи. Сето тоа довело до заклучокот дека кај оваа катедрала, намалувајќи ги деловите со ѕид, а зголемувајќи ги деловите со стакло е извршена таканаречена „дематеријализација“ на готската уметност. Некои делови кои се наречени волути, но и некои орнаменти кои се гледаат во каменот помеѓу прозорците на главниот кораб се дело на реставрација која била спроведена на крајот од XIX век.

Апсида[уреди | уреди извор]

Апсидата претставува најстариот дел од катедралата, бидејќи црквите во тој период започнувале да се градат од предната страна за да можело да се богослужи додека истите се во фаза на градба, односно пред конечно да бидат завршени. Погледот на катедралата кон апсидата е еден од највпечатливите, бидејќи токму на овој простор потпорите со својата поставеност ја достигнуваат својата најголема спектакуларност. Висечките потпори го пренасочуваат притисокот кон надворешноста. Со тоа им се овозможува на ѕидовите да бидат помалку оптеретени. Така олеснетите ѕидови можеле да издржат пробивање на повеќе места за да се постават големите прозорци. Во поголемиот дел од годината, како куриозитет, врвовите на апсидата од катедралата во Леон се користат како лежалки и гнезда на голем број штркови. Некои од нив дури и презимуваат во градот Леон.

Внатрешност на катедралата[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на катедралата, особено по нејзината височина, го задржала францускиот модел кој вообичаено е составен од три ката или таканаречени три регистри. Првиот кат е оној со изострени сводови и со фасцикуларни столбови, чии прачки се вметнати во ребрата од сводовите создавајќи оска која ја означува вертикалноста на самата внатрешност. Вториот кат е свештеничкиот, додека третиот е создаден комплетно од витражни прозорци.

Хорот[уреди | уреди извор]

Поглед кон хорот кој се наоѓа во централниот кораб

Хорот во катедралата во Леон, според странските практики, првично се наоѓал на предниот дел, пред главниот олтар. Во 1746 година тој бил преместен во центарот на главниот кораб. Во 1915 година, архитектот Карденас извршил таканаречено отворање на големиот централен лак со вградување на дополнителни огромни прозорци кои делумно ја враќале старата перспектива на централниот кораб, но и погледот кон главниот олтар.

Во хорскиот простор, сегашните постаменти биле замена за претходните, кои пак биле изработени помеѓу 1461 и 1481 година во готски стил од оревово дрво. Тие таканаречени хорски биле најстарите од тој вид во цела Шпанија. Првиот градител-столар на хорот извесен Енрике, ја испланирал целата замисла, а подоцна тој бил наследен од Хуан де Малинас и Копин. Овие двајца биле креатори на уметнички дела поставени во главните иконостасни резби (предни и позадински). Богатството на мотиви биле соединети од вообичаените ликови на Стариот Завет заедно со светците. Овие елементи биле поставени на највидливите места. Од спротивна страна биле поставени разни световни фигури со хумористичен карактер во традиционална изведба на нордискиот начин на создавање. Авторите на делата не се оддалечувале од праксата за употреба на фигури на свештеници кои ги сатиризираат и уништуваат пороците. Чест начин на претстава против пороците, свештениците биле претставувани во сцени каде има приказ на гризење. Овие сцени понекогаш достигнувале точка и на непристојност.

Оргули[уреди | уреди извор]

Поглед кон оргулата која е поделена на четири дела, а се наоѓа на страната на хорот

Традицијата на поставување на оргули во катедралата во Леон води потекло некаде од средниот век, како што било вообичаено во најголем дел од европските катедрали. Наследник на оваа долга историја на вградување на оргули е сегашната монументална оргула, која е распоредена на четирите трибини кои се наоѓаат на страните од просторот наменет за хор. Овој инструмент е изграден од страна на компанијата за градење оргули на Јоханес Клаис од градот Бон (Германија). Инструментот е поставен и пуштен во употреба на 21 септември 2013 година. Концепцијата и звучниот аранжман на оргулите се дело на францускиот композитор и оргулар Жан Гилу, додека за дизајнот на изгледот на цевките е заслужен лионскиот уметник Пако Шаморо Пасквал. Цевките кои одговараат на рачните тастатури означени како I и II се наоѓаат во двете свртени кутии на источниот дел од хорот, додека останатите елементи се сместени на западната страна. Експресивната поделба (тастатура III) и цевките на тастатурите означени како IV и V се исто така на западната страна. Оргулата има вкупно 64 регистри (вклучувајќи единаесет регистри по принципот на пренос) распоредени на пет рачни тастатури и една дополнителна тастатура со педали (ножно управување). Звучните преноси на белешките и записите се изведуваат по електронски пат.

  • Претстава на музичките поделби
  • Куките:
    • Во дует се изведуваат следните записи: I/II, III/I, III/II, IV/I, IV/II, IV/III, V/II, V/III, V/IV, I/P, II/P, III/P, IV/P, V/P
    • Ниските октави се изведуваат со следните записи: I/II, III/II, III/III, V/II, V/P

Траскоро - просторот поставен спротивно од просторот на хорот[уреди | уреди извор]

Антихорот кој се наоѓал од спротива на поставеноста на верниците, односно во просторот на затворениот и недостапен олтар. Овој елемент бил констуиран со нацрт план од страна на Хуан де Бадахос Помладиот во чист платерески (пластичен) стил. Работата на овој била завршена помеѓу 1560 и 1590 година. Тоа бил период на средината од контрареформацијата. Просторот бил дополнително зголемен со поставување на страничните уметнички насликани дела и големата триумфална порта. Естебан Жордан ги издлабил четирите релјефи од гипс на кои имало сцени на Благовештението, Раѓањето, но и на Милосрдието.

Високиот - главниот олтар[уреди | уреди извор]

Поглед кон главниот олтар на катедралата, опкружен со витражни прозорци во делот на апсидата

Главниот олтар или главната капела на катедралата е изведена во класичен неоготски стилски формат. Изграден е од страна на Хуан Баутиста Лазаро. Зачувани се петте панели од претходниот олтар изработен од Николас Франсес со потекло од средината на XV век и дополнителни панели од различно потекло (еден од тие создаватели бил Паланкинос). Панелите го претставувале животот на Свети Фроилан, потоа преносот на телото на Сантјаго и приказот на Богородица. Стилот на изведбата бил мешавина од надворешен готски стил со примеси на фламанскиот правец од готиката. Во тој простор особено се истакнувале страничните маси, особено кај левото спуштање на подот.

Во просторот на овој олтар се наоѓа сребрениот ковчег на Свети Фроилан, ремек дело изработено од страна на Енрике де Арфе (од 1519 до 1522 година) со некои барокни модификации на истиот. Олтарот е затворен со ограда во платерески стил, дело создадено од страна на Хуан де Бадахос ел Мозо.

Приказ на Жиролата и капелите[уреди | уреди извор]

Поглед кон Жиролата на катедралата

Околу задниот дел на главниот олтар се наоѓа просторот на таканаречената амбуланта. Во случајот со катедралата во Леон, како и со многу други катедрали кои го имаат приказот на Патот на Сантјаго, амбулантата зазема голем простор за да може да се овозможи премин на голем број на посетители и да се избегне создавање на метеж. Овој простор се состои од девет шестоаголни капели, распоредени околу просторот на амбулантата. Сите капели се ограничени со решетки (метални огради). Во секоја од овие капели доминира двоен прозорец на кој постои витражен елемент.

Капела Кармен[уреди | уреди извор]

Оваа капела е поставена во јужниот дел од коработ, веднаш по трансептот и непосредно пред амбулантата. Во просторот на капелата се наоѓа гробот на бискупот Родриго Алварез, а веднаш до гробната позиција постои и мал олтар.

Христова капела[уреди | уреди извор]

Оваа капела се наоѓа исто така пред просторот на амбулантата. Центрирана е околу ренесансниот олтар со претстави од голготата. Капелата е изработена од страна на Хуан де Валмаседа (во 1524 година).

Поглед кон оригинална скулптура со ликот на Белата Богородица поставена во истоимената капела

Пристап до капелата и до сакристијата[уреди | уреди извор]

Тој простор е празен, поради фактот дека треба низ него да се овозможи пристап до објектот на сакристијата кој е припоен со катедралата. Овој пристапен простор е изведен со елементи во пластичен стил од страна на уметникот Хуан де Бадахос ел Мозо.

Капела на утехата[уреди | уреди извор]

Во просторот на оваа капела има зачувани мурални уметнички насликани дела од периодот на XVI век.

Капела посветена на Белата Богородица[уреди | уреди извор]

Оригиналната изведба на делото на Белата Богородица се наоѓа во истоимената капела. Тоа дело таму е поставено во 1954 година, откако е тргнато од позицијата на една од надворешните врати. На вратата е изработено исто такво дело со идентичен приказ, но како оригинална копија, изработена од страна на Андрес Сеоан. Лево од скулптурата на Богородица се наоѓа гробот на грофицата Санча Муњиз,[2] а од десна страна гробот на Алфонсо од Валенсија, потоа гробот на синот на Хуан де Кастиља од Тарифа. Овие гробни позиции се поставени некаде во XIV век. Пред оваа капела и веднаш зад главниот олтар се наоѓа гробот на Ордоњо II, дело создадено во XIII век, а обновено со дополнителен тимпан некаде во XV век. Од тој период водат потекло и двата мурали кои се свртени кон просторот на амбулантата. Муралите се со мотиви и теми за побожноста на човекиот род. Изработени се од страна на Николас Франсес. Овој автор има создадено дело на насликан мурал и на просторот кај вратата посветена на Страшниот суд кое се наоѓа западниот ѕид од катедралата. Тој приказ води потекло од почетокот на XIX век.

Капела на зачнувањето[уреди | уреди извор]

Во оваа капела централно место зазема скулптура на една готска девојка-девица со потекло од XIV која е поставена во позиција да ги заштитува околните маси со потекло од шпанско фламанска изработка. Во внатрешноста на капелата се наоѓа гробот на Свети Алвито.

Поглед кон витражните прозорци кои се наоѓаат во капелата на Сантјаго

Капела на Христовото Раѓање[уреди | уреди извор]

Поглед кон олтарот на капелата посветерна на Христовото раѓање

Капелата посветена на Христовото раѓање се состои од мал олтар и модел на сцена која претставува раѓање на дете. Изведбата на внатрешноста е во фламанско готски стил и води потекло од XV век. Како куриозитет жртвеник (олтар) бил избран за да ги илустрира лозовите од лотаријата на вонредното Божиќно извлекување во 2016 година.[3]

Капелата на Сантјаго[уреди | уреди извор]

Оваа капела се наоѓа надвор од просторот кој го опкружува делот на амбулантата. Таа се наоѓа во просторот на северниот кораб. Од оваа капела може да се пристапи до просторот на старата книжарница. Исто така може да се пристапи и до капелата посветена на Свети Андрес, ако се помине преку величествениот лак. Оваа капела претставува дело на таткото Хуан де Бадахос и неговиот син. Активностите околу изградбата на капелата започнале во последните години на XV век, а завршиле некаде во 1504 година. Во делот на капелата можат да се забележат вкупно четири прозорци на кои постојат витражни изведби.

Капелата на Света Тереза[уреди | уреди извор]

Капелата посветена на Света Тереза е сместена во близина на северниот крак од трансептот. Во нејзината внатрешност постои резба создадена од страна на училиштето на Грегорио Фернандес. На ѕидниот простор од катедралата, неодамна било обновено едно мурално уметничко дело од страна на уметникот Николас Франсес. Тоа дело водело потекло од 1459 година, на кое постоела претстава од мачеништвото на светителот Себастијан.

Клостер[уреди | уреди извор]

Поглед кон манастирот од страната на катедралата

Манастирот бил изграден подоцна, односно некаде кон крајот на XIII век и почетокот на XIV век. Градбата на манастирот го опфатила северниот влез на катедралата и оттогаш тој простор е затворен. Со тоа е оформен делот наречен Клостер. Овој манастир има квадратен план со големина од 30 метри. Кај него постојат шест меѓуколони на секоја страна со вкупно 24 столбови, што во потполност одговара на пропорциите утврдени кај цистерциските манастири. Околу него се групирани различни одделенија, вклучувајќи го и сегашниот музеј на катедралата.

Изострените сводови и капители на внатрешниот ѕид ги прикажуваат библиските сцени и секојдневниот живот, со што се прикажува дијалогот на божественото и човечкото, вообичаен елемент за средновековната уметност. Муралите кои се наоѓаат помеѓу аркадите на манастирот биле насликани со последователни прикази од животот на Христос. Најголемиот дел од тие мурали биле насликани од страна на Николас Франсес некаде во 1460-тите. Помал дел од муралните делови се создадени подоцна од страна на Лоренцо де Авила како и од некои други автори.

На почетокот од XVI, Хуан де Бадахос Помладиот ги преработил сводовите на манастирот. Тој ги искористил платната и поранешните сводови и поставил вкупно 28 посложени украсени ребрести сводови. Филактериите и медалјоните претставуваат сложена иконографска програма, поврзана со Богородица од Регла. Под сводовите може да се забележи комплетна колекција на гробници кои ги откриваат фазите на скулптурната активност на катедралата. Повеќето од гробните позиции се изработени и поставени кон крајот на XIII како и во текот на XIV век.

Во центарот на дворецот (клостерот) и на различни места низ манастирот се зачувани остатоци од западната и јужната страна од катедралата, кои биле отстранети за време на реставрацијата која се спровела во текот на XIX век.

Погребни скулптури и погребни позиции во катедралата[уреди | уреди извор]

Поглед кон гробот на епископот Мартин кој популарно бил наречен „Ел Саморано“

Гробот на Дон Мартин или „Ел Саморано“[уреди | уреди извор]

Во манастирот и во самата црква, може да се најдат мноштво погребни места. Некои од тие гробови водат потекло дури од старата романска катедрала, а тоа значи од периодот пред да постои овој нов катедрален храм.

Гробот на епископот Дон Родриго[уреди | уреди извор]

Една од највредните гробни позиции е секако онаа на Родриго, епископ од Леон кој починал во 1232 година. Гробот се наоѓа на јужната страна, поточно во капелата наречена Кармен, во непосредна близина на амбулантата. Гробниот елемент е опкружен со претстава од свештеници кои раководат со погребот и претстава на група луѓе кои се во расплакана состојба. На просторот од тимпанумот е претставен мотив од искушението. На предната страна на саркофагот, слугите на покојникот делат леб на група составена од сиромашни луѓе. Овој модел на гробница бил доста популарен во тоа време. Биле изработени две идентични копии во истата катедрала. Исто така ваков вид на гробници биле копирани и создавани и надвор од оваа катедрала, како и надвор од кралството Леон.

И покрај тоа што била една од копиите на гробот на бискупот Родриго, ремек-делото на погребната скулптура на гробот на Дон Мартин или поинаку наречен и „ел Саморано“, исто така претставува значаен елемент сместен во катедралата. Дон Мартин починал во 1242 година, а бил наречен ел Саморано според тоа дека бил епископ на провинцијата Самора. Овој гроб се наоѓа на северната страна на трансептот, веднаш до вратата кон манастирот. Се верува дека автор на тоа дело е истиот оној кој ја создал скулптурата на Белата Богородица. Делото било со исклучителен квалитет, достигнувајќи ниво на изразување и детали посебно на лицата кои биле тешко да се надминат. Општата иконографија претставува копија на гробната позиција на Родриго. Само дел од приказот на голготата е загубен поради оштетување настанато од корозија на каменот. Ликот на Свети Јован сепак е зачуван во релативно добра состојба.

Гробот на Мартин Фернандес[уреди | уреди извор]

Гробниот елемент кој се наоѓа во јужниот крак, е симетричен на претходниот. И овој елемент е изработен од истиот уметник кој ја создал бистата на Белата Богородица. Не се знае со сигурност кој е погребан на таа локација. Можеби му припаѓа на Мунио Алварез или пак на неговиот наследник, Мартин Фернандес, кој бил иницијативниот епископ за создавање на катедралата. Во прилог на оваа последна хипотеза е ликот на Свети Мартин кој постои на еден од трите тимпани. Останатите тимпани се зафатени со мотивите од распнување и флагелирањето. Влошувањето на состојбата на оваа гробница е доста големо, особено во нејзиниот долен дел, предизвикано од влагата која постои во темелите на тој дел од храмот. Влагата пак е предизвикана од постоењето на извесни резервоари кои водат потекло од античките римски бањи кои сèуште постојат во подрумскиот простор.

Гробницата на кралот Ордоњо II[уреди | уреди извор]

Поглед кон гробницата на кралот на Леон, Ордоњо II

Ордоњо II бил кралот на Леон на кого му ја должиме изградбата на првата катедрала во Леон некаде во X век. Неговиот гроб има шарени елементи и се наоѓа во просторот на трансалтарот, веднаш зад главниот олтар, а пред капелата посветена на Белата Богородица. Иако најголемиот дел од елементите на гробот се изработени во XV век, сепак лежечкиот дел води потекло од XIII век, односно од периодот кога е подигната современата катедрала. Изгледот на надгробниот скулптурален дел е со спокоен поглед и некаво погрешно држење, бидејќи некои од неговите црти изгледаат повеќе како за стоечка фигура отколку за фигура во лежечка положба.

Во просторот на капелата посветена на Белата Богородица постојат уште две гробници, поставени од двете страни на скулптурата на Богородица. Еден од нив ги содржи посмртните останки на новороденчето Алфонсо од Валенсија, инаку син на кралот Хуан де Кастиља од Тарифа и внук на кралот Алфонсо X. Во другата гробница почиваат посмртните останки на грофицата Санча Муњиз. И двете гробни позиции се подигнати во периодот на XIV век. Обликот на двата саркофази е таков на кој имаме поставеност на лежечката скулптура некаде на неговиот врв, а локацијата на гробовите им е вградена во самиот ѕид од капелата.

Исто така и во манастирскиот комплекс се забележани различните погребувања на епископи и истакнати личности од кралството Леон и тоа во периодот помеѓу XIII и XVI век.

Мурали[уреди | уреди извор]

Мурал поставен во манастирот изработен од страна на Николас Франсес
Мурал изработен од страна на Николас Франсес во капелата посветена на Света Тереза

Во катедралата во Леон, уметничките насликани дела се создадени нешто подоцна, можеби поради поставувањето од величественоста на витражните елементи. Сликарската техника во катедралата се појавува некаде во текот на XV век. Во текот на овој век се појавиле различни уметници кои успеале да создадат разновидна колекција на уметничи достигнувања.

Најстариот насликан елемент е оној кој се наоѓа на трасалтарот кој претставува побожност и е создаден под големо италијанско влијание. Многу блиску до него има дело посветено на појавувањето на човекот. На тој приказ недостасува ликот на Христос. Делото е насликана и поставено токму на тоа место за да го замени стариот елемент кој ѝ попречувал на вратата при нејзиното отварање.

Во северниот крак на трансептот постои табла насликана со темперни бои на која е претставено мачеништвото на свети Еразмо. Ликовите изгледаат мирни и сталожени и покрај бруталноста на сцената.

Делата на Николас Франсес[уреди | уреди извор]

Од сите уметници кои работеле во Леон во текот на XV век, посебно се издвојува Николас Франсес и тоа до точка на карактеризирање како специјалист на катедралното сликарство. Тој сигурно е роден во Франција (оттука и неговото име). На млади години се преселил во Леон и како млад човек работел и допринесувал во тој регион сѐ до неговата смрт во 1468 година.

Едно од неговите најважни дела во оваа катедрала бил жртвеникот сместен во главниот олтар. Таму жртвеникот останал цели тристотини години, сѐ до 1741 година кога бил отстранет за да биде заменет со друг жртвеник, но овој пат во барокен стил. Новиот жртвеник бил изграден со многу поголеми димензии, дизајниран од страна на Нарцисо Томе, кој бил автор и на проѕирниот жртвеник во катедралата во Толедо, кој пак тамошниот елемент го изработиле неговиот братучед Гавилан Томе и таткото на неговата сопруга Хосе де Сиера.[4] Некаде кон крајот на XIX век, додека се изведувала реставрацијата, реставраторите, гледајќи дека барокниот жртвеник ја изместува естетиката на храмот и структурните елементи на презвитериумот, го демонтирале овој жртвеник и го донирале во црквата на отците во Капучини. На негово место, бил поставен делот од главниот олтар кој пак бил составен од панелите од олтарниот дел кои сѐуште биле сочувани. Ова поставување го извршил Николас Франсис. Други панели кои биле сочувани во црквата Пресвета Богородица во Леон, и во храмот наречен Паланкинос биле додадени на новиот олтар кој го изработувал Френсис. Тоа пред сѐ биле панели со шест мали уметнички дела на нив, сите со сцени од животот на Богородица. Од црквата Паланкинос во оваа катедрала биле донесени двете маси со шесте апостоли на нив, кои се поставени во централниот дел. Апостолите на масите се: Андреј, Јован и Павле поставени од едната страна и Петар, Јаков и Тома поставени од другата страна. Зачуваните дополнителни елементи се посветени на Богородица, Свети Фроилан и Сантјаго.

Друго негово фундаментално дело се муралните слики кои украсуваат голем дел од ѕидовите на манастирот. Тие се изработени околу 1460-тите. Од вкупно дваесет и деветте што постојат во просторот на манастирот, повеќе од дваесет припаѓаат на уметникот Николас Франсес. Муралните елементи претставуваат сцени од животот на Богородица и Христос, со прекрасни цртежи и голема доза на експресивност. Изложеноста на муралите од страна на временските влијанија кои постоеле во просториите на манастирот довело до оштетување на полихромот, па морало тој да биде обновен на крајот од XIX век од страна на Хуан Крисостомо Торбадо. Торбадо го обновил и муралот на кој е претставен ликот на големиот уметник Франсес. Треба да се напомене дека неодамна бил реставриран муралот кој го претставува мачеништвото на Свети Себастијан поставен во капелата Света Тереза.

Витражни прозорци[уреди | уреди извор]

Поглед кон внатрешноста на катедралата каде се истакнати витражните елементи

Уметноста претставена преку витраж во катедралата во Леон[уреди | уреди извор]

Катедралата во Леон е позната пред сѐ по својот огромен сет од витражни елементи, можеби најважен и најголем во целиот свет, се разбира заедно со витражите од катедралата Шартр. Повеќето од оригиналните елементи се зачувани во катедралите од тоа време. Витражите во катедралата во Леон водат потекло некаде помеѓу XIII и XVI век. Се верува дека техниката за создавање на витражи потекнува од муслиманската култура. Христијанските уметници оваа техника ја презеле од муслиманската култура. Врвот на уметничката изведба витражот ја постигнал некаде до XVI век од кога оваа техника западнала во огромен пад. Подоцна во средновековието со губењето на интересот кон оваа техника витражите полека биле отстранувани од многу храмови. Витражот кој секогаш се изведува на стакло кое како материјал е доста кршливо е доволна причина поради која се зачувани толку малку витражни колекции.

Во најславни денови на витражните прозорци тие не се сметале само како декоративни елементи, туку биле основен дел од објектите на храмовите. Техниката на поставување на висечки потпори на катедралите практично довело до елиминација на ѕидовите како потпорни елементи. Па така тие можеле да се дупчат за да се отворат простори за поставување на големи прозорци, кои пак подоцна биле покривани со витражни елементи. Затоа во одреден период храмовите поради шаренилото добивале магичен изглед. Во оваа смисла, катедралата во Леон претставувал една од градбите која посветиле најмногу квадратни метри на создавање отвори за прозорци на кои се нанесувал витраж. Пропорционално на нејзината големина катедралата го имала највисокиот процент на покриеност со витраж. Во квадратни метри витражите биле распоредени на следниот начин: 464 метри квадратни биле поставени во долниот дел, 282 метри квадратни во трифориумот и конечно дури 1018 метри квадратни од стаклен витраж на горните површини, што претставува вкупно 1764 квадратни метри површина. Овие податоци се според извршените мерења од страна на Деметрио де лос Риос. Комплетниот комплекс има вкупно 134 прозорци и 3 големи розетни прозорци. Оваа огромна површина станува уште поголема ако се пресметаат вкупните димензии на катедралата.

Меѓутоа, некаде помеѓу XV и XVI век, дел од долните прозорци (од кои се зачувани само горните делови и оригиналните розети) и прозорците од трифориумот биле заменети со тули, односно соѕидани за да се постигне поголема цврстина на објектот. Овој зафат е спроведен поради големите предизвици со статиката низ кои минувал објектот. Сите стаклени површини биле обновени во големата реставрација која се спровела на крајот од XIX век од страна на Деметрио де лос Риос и Хуан Баутиста Лазаро. Тие во тој период успеале да создадат уште по некој нов витражен дел, користејќи ја старата средновековна техника.

Поглед кон високиот Кларисторио и кон ниските прозорци на катедралата во Леон

Иконографска програма[уреди | уреди извор]

И покрај сите лоши моменти низ кој минал објектот на катедралата, зачувана е оригиналната иконографска програма, која била осмислена врз трипартитна основа на средновековното општество. Високите прозорци, или оние на свештенството (клерот), биле составени врз основа на библиски сцени, кои го претставувале рајот како сегмент. Средните прозорци или трифориумот, се состојат од благородни и црковни штитови, кои го претставуваат благородништвото во општеството. Долните прозорци на страничните кораби се состојат од растителни претстави, кои ја претставуваат земјата, и од секојдневни човечки активности.

Во високите или клерестичните прозорци претставени се различни теми во зависност од тоа дали се наоѓаат на северната или јужната страна од катедралата. Прозорците кои се поставени на северната страна, и кои добиваат помалку светлина, на нив имаат нанесено постудени тонови од бои и нивната старозаветна тема нагласува дека Христос сè уште не ја познавал детално светлината. Оние кои се поставени од јужната страна, се со посветли и потопли бои и го претставуваат времето на Новиот завет.

На делот од трифориумот на катедралата во Леон има исто така надворешни прозорци кои вклучуваат витражни елементи, изградени во помодерно време, а обновени за време на реставрацијата во XIX век. Тоа е период кога се создадени нови витражи кои го почитувале оригиналниот иконографски сет. Во случајот со трифориумот тоа се претстави од кралски и благороднички грбови, како претстави од шпанските градови.

Конструктивни моменти[уреди | уреди извор]

Поглед на витражните прозорци на делот на презвитериумот и јужниот трансепт, каде продираат сончевите зраци

Според стилот на витражните елементи тие може да се класифицираат врз основа на нивните моменти на создавање. Постојат три главни епохи (временски периоди):

Готски витражiи
Овие витражни елементи се создадени во XIII, XIV и XV век. Тие претставуваат најголемиот дел од витражите на катедралата, особено оние кои се поставени во повисоките делови. Тие витражи биле изработени од мали парчиња на обоено стакло кои меѓусебе биле споени со помош на оловни елементи.
Ренесансни витражи
Ренесансните витражи се изработени во првата половина на XVI век. Нивниот стил е поразличен од претходните затоа што повеќе се сликало на стаклото отколку сликање во композиција. Квалитетот на изработката бил одличен. Вакви витражи постојат во просторот на капелите кај амбулантата и кај капелата наречена Сантјаго. Во текот на наредните векови не се изработувале нови витражи со овој стил, поради движењето по надолна линија на овој вид на уметност. Уметниците кои дотогаш работеле исклучително на ренесансни витражи морале да се посветат само на нивно одржување и реконструкции.
Неоготски витражи
Овие витражни елементи се изработувале кон крајот на XIX век, за времето на големите реставрации од страна на уметници - стаклари. Тие работеле во средновековен стил, обидувајќи се да го постигнат готскиот стил. Работата на уметниците во овој период била многу внимателна и прецизна што било многу тешко со голо око да се направи разлика со делата изработени во период од средновековното време. Овој тип на витражи се наоѓаат на трифориумот и на ниските делови од страничните кораби, како и покрај розетниот прозорец сместен на јужната фасада. Покрај сите овие создавателски витражни елементи и стилови, во меѓувреме се извршувале и големи реставраторски активности и тоа на сите делови на храмот. Се работело на витражите кај кои дошло до влошување на квалитетот со текот на вековите или пак се вршеле промени на искршените или изгубените стаклени елементи.

Истакнати витражи - подоминантни витражни елементи во катедралата[уреди | уреди извор]

Ноќен поглед кон розетниот прозорецот кој се наоѓа на западната страна

Витражот наречен „лов“, најверојатно не бил изработен за потребите на катедралата, туку тој бил донесен од кралската палата и вграден во композицијата на катедралата. Поставен е на северниот ѕид од централниот кораб. Тоа претставува петтиот витражен елемент по големина. Се наоѓа во групата на високите прозорци. Започнува од подножјето на црквата и се издигнува кон виочините. Неговото име доаѓа од различните коњаници и вооружени луѓе кои биле подготвени да одат на лов и кои биле насликани како елементи на самиот витраж. Покрај сцените со ловот на овој елемент постојат и сцени кои претставуваат некои науки, вклучувајќи ја и алхемијата, која претставувала средновековна наука за која се верувало дека била на некој начин поврзана со градителите на катедрали од тој период.

Кај останатите витражи кои се поставени по останатите прозорци и потекнуваат од XIII век, кои повеќе или помалку биле реставрирани, се истакнуваат елементите во вид на роза. Вакви делови можат да се забележат кај капелите на апсидата. По својата оригиналност забележлив е витражот изработен од страна на уметникот Симон Магус.Тој бил изработен според чиста секуларна тема. Може да се истакнат и витражите со ликовите на кралевите, особено оној со ликот на Алфонсо X Мудриот, за време на чие владеење всушност започнала изградбата на катедралата.

Спектакуларен ефект бил создаден поради брилијантните сини тонови кај највисоките прозорци на централниот кораб од северната страна, посебно во делот на хорскиот простор. Овие витражни делови се изработени на почетокот на XIV век.

Поглед кон два витражни елементи кои се наоѓаат кај просторот на кларисторијата во северниот дел од катедралата
Поглед кон витражот изработен од страна на Симон Магус

Големиот западен прозорец кој има форма на роза е изработен кон крајот на XIII век, а бил во голема мера обновен кон крајот на XIX век. Во неговиот центар е сместен ликот на Богородица заедно со детето Исус. Ликот на Богородица е опкружен со дванаесет ангели. Ангелите се дополнително додадени поради украсни и декоративни причини.

Пред овој голем западен розетен прозорец, од другата страна на црквата во центарот на апсидата, се наоѓа витражниот елемент наречен „Дрвото Џеси“. И ова дело е изработено во истиот период, а го претставува семејното стебло на Христос.

Витражот кој се наоѓа на розетниот прозорецот од северната страна е исто така изработен во тој период, иако е довршен со некои финални изведби во текот на XV век. Во центарот на овој елемент се наоѓа Христос, опкружен со дванаесет облици на светлосни зраци. Елементот дополнително е декориран со дванаесет музичари кои се поставени околу формата на Христос.

Витражот со прозорецот од јужна страна во целост бил завршен кон крајот на XIX век. Претходниот прозорец кој стоел на тоа место бил загубен. На таа локација се случиле извесни промени во конфигурацијата поради извршените реставраторски измени на самата фасада. Овој прозорец претставува копија со тематските мотиви на прозорецот кој се наоѓа на северната страна. Тука е претставата на Богородица која се наоѓа во центарот опкружена со зраци на светлина и со музичари.

Во периодот на XVI век, уметноста поврзана со витражни елементи започнала да се движи по надолна линија. Новите времиња овој тип на уметност не го третирале како многу фасцинантен. Со големите реставрации на катедралата во XIX век, со кои се намалила извесната доза на строгост во уметноста, привремено се воскреснала идејата за средновековната витражна техника. Дотогаш оваа уметност била подзаборавена или пак целосно отстранета.

Ефектот кој ги создава денот врз витражите на катедралата биле доста важен елемент, имајќи предвид дека сонцето изгрева на исток (а тоа витражот од делот апсида), ги осветлува корабите (во текот на денот) и заоѓа на запад (кај розетниот прозорецот од западна страна). Поради овие дневни варијации инциденцата на светлината во прозорците ќе варира во зависност од времето на денот. Светлината на витражните прозорци може да се менува и во зависност од временските услови, при што природно е повеќе светлина да влегува во најсветлите денови (сончевите денови), а помалку во најтемните (облачните денови).

Археолошки испитувања во криптата наречена вратата Обиспо[уреди | уреди извор]

Ппглед кон остатоците од источната порта на логорот наречен Легио VII вградени во криптата наречена вратата Обиспо

Под сегашната готска катедрала, која е изградена на истото место каде што се наоѓале старите римски бањи, подоцна старите цркви, па дури и романската катедрала постојат важни археолошки остатоци од претходните градби. Внатре во таканаречената археолошка крипта на Пуерта Обиспо, сместена веднаш пред јужната фасада од катедралата, се сместени важни остатоци од логорот наречен Легио VII Близнакот. Тие археолошки остатоци биле пронајдени при ископувањата кои се вршеле во 1996 година за време на одредени интервенции врз катедралата.

Поглед кон Епископската порта која се наоѓала пред катедралата - пред нејзиното уривање

Главната порта од левата страна и средновековната врата[уреди | уреди извор]

Главната порта претставувала римска пристапна порта до логорот наречен Легија VII. Оваа порта била изградена со големи варовнички камења, а на двата краја била опкружена со две правоаголни кули, долги 12,80 метри, а широки 5 метри. Само остатоците кои ѝ припаѓале на северната кула се прикажани во просторот од една од криптите, додека другата се наоѓа под улицата. Овој двоен влез овозможувал пристап до логорот од источната страна. Преминот се вршел преку посебни простории на чии краеви се наоѓале полукружни сводови. Надворешноста од просторот била затворена со двокрилни дрвени врати. Слична конструкција имало и на портата од десната страна, која била поставена на спротивниот крај на логорот, каде што денес всушност се наоѓа палатата наречена Гусман. И кон двете порти може да се пристигне од главниот пат, чиј распоред го следи сегашната улица наречена Анча. На крајот на III век или почетокот IV век, се извршило реновирање на едната од вратите, со што е затворен еден од премините. Во текот на средниот век, портата продолжила да биде во функција како директен пристап кон градот, и покрај исчезнувањето на римските бањи и подоцнежната изградба на различните типови на цркви во таа област.

До средината XIII век, со изградбата на готската катедрала, над распоредот на доцниот царски римски ѕид била подигната врата во готски стил. Тоа била таканаречена „порта-мост“, со главен песочен елемент во долниот дел и два заливи на горниот крај. На неа постоела атрактивна галерија испреплетена со двојни прозорци. Нејзината функција била да овозможи поминување од епископската палата кон катедралата. На крајот од XV век, оваа врата била затворена, што довело до отворање на таканаречениот „премин за кочии“. Овој премин бил припоен на епископската палата и во употреба останал сѐ до 1910-1911 година кога бил отстранет. Отстранувањето на овој елемент се случил поради потребата за монументален изолационизам на катедралата од останатите околни, но и припоени објекти.

Римските бањи[уреди | уреди извор]

Поглед кон остатоците од термалните бањи Легио VII кои се наоѓаат во криптата наречена Вратата Обиспо

На почетокот од градителските работи на овој простор, првите објекти кој се појавиле во просторот на логорот откако ќе се минат портите десно од главниот пат биле големите внатрешни термални бањи наречени Легио VII Близнакот. Големите пропорции кои ги имале римските бањи денес се пресликани од просторот на катедралаата, но и добар од сегашниот плоштад наречен Регла. Според археологот Гарсија Маркос, термални бањи во Леон биле слични на оние во Британија и Германија. Постои претпоставка дека тие имале таканаречен базилички термарум или простор каде што се изведувале гимнастички вежби. Овој простор за вежбање бил опфатен од два или три кораби - кои го штителе од надворешните влијанија. Термариумот ако постои денес тој би се наоѓал во јужниот дел на денешната катедрала (помеѓу јужната страна и оградата). За разлика од другите римски хипокаусти, оној што се наоѓал на северната страна на готскиот храм имал сводови и ѕидови целосно направени од тула, а не од камен. Анхел Мориљо, професор на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид и еден од најголемите експерти за римска археологија во Шпанија, открил во криптата Обисло доста елементи кои би можело да се поврзат со култот на Меркур. Со сигурност може да се тврди дека термалниот римски комплекс на кој се наоѓа денес катедралата, во тоа време имал таканаречен нимфеј или место - светилиште за воспевање на нимфите и другите божества кои биле поврзани со болестите и лекувањето.

Првите остатоци од оваа градба се откриени во средината на XIX век на локација под соборниот храм додека се вршеле реставраторските работи. Под портата на предната фасада постоеле три простории на хипокаустот. Ова се дознава според нацртите изработени од архитектот Деметрио де лос Риос, кој го направил самото откритие.

Со термалниот комплекс биле поврзани и остатоците од тоалетите кои биле сместени во археолошката крипта. Таа крипта зафаќала еден од аглите на римските бањи. Оваа област била подложена на длабоки промени во текот на своето долгогодишно постоење. Најпрво таму постоел правоаголен резервоар за вода, според пронајдоците кои одговараат на постоење на извесни хидраулични бетонски ѕидови однадвор и тротоар создаден од мали тули поставени во шаблон наречен шеврон (или изострен елемент). Подоцнежните измени ја мотивирале изградбата на ѕидови исклучително од тули. Конфигурацијата на тоалетите била зачувана и како доказ на сето тоа се каналите низ кои течеле отпадните води. Овие води се слевале во мала канализација која пак имала за задача да ги отсстранат водите надвор од логорот.

Термалните бањи започнале да се градат некаде во II век. Овој факт е поткрепен со еден натпис на една тула кој бил посветен на императорот Антонин Пиј (138 - 161 н.е.). Ископувањата на локацијата на Обиспото, покрај тоа што го потврдило почетокот на изградбата, од таму се добиле сигурни докази дека бањскиот комплекс функционирал сѐ до IV век. За неговата изградба била користена некоја претходна структурална форма, можеби некој поранешен базен или резервоар. Бањите подоцна послужиле да се исцртаат граници (источната и јужната) на денешната импозантна катедралска градба.

Големината и квалитетот на градбата на термалните бањи наречени Легија го навеле кралот Ордоњо I од Астурија да ја лоцира својата идна палата токму на тоа место, откако претходно во 856 година го заземал градот Леон од владение на муслиманите. Подоцна во 916 година новоизградените палати биле донирани од страна на кралот Ордоњо II од Леон на епископската црква Санта Марија за нејзино седиште. Овој владетел користел само мал дел од старата римска зграда како кралски пантеон. Користењето на тој мал простор траел сè додека не бил конечно предаден од страна на монархот Рамиро II од Леон на епископот Свети Исидор.

Денес постојат повеќе остатоци од римските бањи и старата романска катедрала под темелите на сегашната катедрала. Во северната област се наоѓа таканаречената крипта Менендез Пидал, откриена од страна на овој историчар која водела потекло од времето пред создавањето на сегашната градба. Оваа крипта не е отворена за јавноста. Тој простор бил дел од тогашниот калдариум на термалните бањи. Подоцна некаде во средниот век истиот простор бил користен како погребна комора, каде што денес се зачувани вкупно пет гробни позиции.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Medidas extremas para la catedral de León“ (español). 30 de mayo de 2018. Архивирано од изворникот на 2019-06-09. Посетено на 6 de noviembre de 2018. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate=, |date= (help)CS1-одржување: непрепознаен јазик (link)
  2. „La condesa doña Sancha. Una nueva aproximación a su figura“. Medievalismo: Boletín de la Sociedad Española de Estudios Medievales (5): 22–29. 1995. ISSN 1131-8155. Архивирано од изворникот на 17 de julio de 2015. На |first= му недостасува |last= (help); На |first2= му недостасува |last2= (help); Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  3. „El retablo del alfa y omega, de la catedral de León a los décimos de la Lotería de Navidad 2016“. ABC.es. 10 de mayo de 2016. Посетено на 12 de enero de 2017. Проверете ги датумските вредности во: |access-date=, |date= (help)
  4. „Simón Gavilán Tomé y su relación con el escultor José de Sierra“. Norba-Arte,. vol. XXVII: 123–143. 2007. ISSN 0213-2214. На |first= му недостасува |last= (help); Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help); |access-date= бара |url= (help)CS1-одржување: излишна интерпункција (link)