Волута

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Примери на Јонски волути. Од Џулиен Давил ЛеРој, Les ruines plus beaux des monuments de la Grèce, Парис, 1758

Волута е спирален, завиен орнамент кој го карактеризира Јонскиот стил, и го среќаваме на капителот на Јонскиот столб. Подоцна е инкорпориран во капителите на Коринтскиот стил и Композитниот стил. [1] Волутата е мотиф кој поради својата универзалност се користи во различни домени на уметноста и низ сите наредни периоди. Овој антички елемент се превзема и во ренесансната и барокна архитектура, а подоцна станува и главен дел од неокласицистичките и еклектичните стилови на 19-от век.

Зборот потекнува од латинскиот voluta („извивка"). Се смета дека формата е инспирирана од природата - цветовите или лисјата на растенијата или кривината на роговите на овенот, а можеби има само геометриска позадина на развиена спирала. Елементот го анализира и објаснува Витрувие во неговото истражување на класичната архитектура, и создава метод на исцртување на неговата комплексна геометрија.

Класични стилови[уреди | уреди извор]

Јонски капител[уреди | уреди извор]

Јонски столб - Стоби, Македонија

Забележано е дека јонскиот капител со својот главен дел - волутите - има доста сличности со различни капители видени во архитектурата на Египет, Асирија, Хета и Кападокија. [2] Овие влијалнија се објаснуваат со местоположбата на Јонија на источниот брег на Мала Азија, и се одразуваат општо на духот на Јонскиот стил. Тој наспроти дорскиот стил, се карктеристика со витки пропорции, независност на елементите и нежни украси во кои ја среќаваме кривата линија.

Композицијата се состои од две волути споени со фасција, кои постепено се завиткуваат кон центарот формирајќи го „окото“ на волутата. Оваа композиција се повторува и на задната страна на капителот, правејќи збир од четири волути кои се јавуваат на секој столб.

Композител капител

Коринтски и композитен капител[уреди | уреди извор]

Компзицијата на овој капител се состои од долниот дел кој е престава на листови од растанието акантус, додека во средината се јавуваат стилизирани стебла кои се завиваат во волути. Овие волути се помали од тие на јонските капители и можат да бидат четири или повеќе.

Римската архитекута е под значителни влијанија на примерите од Античка Грција, а со тоа и нивните архитектонски стилови. Тие ги прилагодуваат елементите на нивниот вкус, менувајќи ја пропорцијата и обработката на декорациите. Повторувајќи го спојот на волути и листови од акантус, Римјаните го креираат композитниот стил кој се карактеризира со поголема декорација и акцент на елементие од капителот. Волутите се повторно четири, но се поставени дијагонално и изобилуваат со гравури на флорални елементи.


Готска архитектура[уреди | уреди извор]

Флорални волути во готиката

Иако Јонскиот стил се среќава во неколку примери на базилики од ранохристијанската архитектура, неговата употреба речиси изумира се до средниот век, кога повторно се среќава во Готиката. Сега волутата се помалку наликува на нејзините порани прототипи и се повеќе се сведува на спирални завивања во форма на листови.

Ренесанса и Барок[уреди | уреди извор]

Фасада на црква Џезу, Рим

Со повторното навраќање на античките вредности во уметноста, пак се појавуваат волутите како основи декоративни елементи на ренесансните објекти. Освен што се користат за декорација на капители, еркери и мебел, се среќаваат како мотиф кој го ублажува правиот агол меѓу вертикалите и хоризонталните елементи. Најголема употреба имаат „S“ волутите кои го формираат преодот од главниот - повисок кораб, и страничните пониски, кој за прв пат ги користи Џакомо дела Порта на фасадата на црквата Џезу во Рим. Исто се среќаваат и како декорација на контрафори како во примерот на црквата Санта Мариа Дел Флоре. По овие примери волутите стануваат омилен елемент за барокните архитекти, кои целат кон доловување на чувство на динамичност и драматичност во нивните објекти.


Неокласицизам до денес[уреди | уреди извор]

Преку завиените форми на неокласицизмот, волутите продолжуваат низ архитектонските стилови до 19-от век. Тие денес ги среќаваме како декорација на фасадите на многу од монументалните објекти низ светот.

Останати примени на волутите[уреди | уреди извор]

Паралелно на нивната употреба како архитектонски елементи, волутите редевно се застапени како дел од ентериерите низ историјата. Се среќаваат како орнаменти на скалишните краци, на огради, мебел, како и ѕидни и плафонски штуко декорации.

Исто така универзалниот мотиф на волутата се појавува и во склуптурата и сликарството низ различни историски периоди. Често се среќава и во занаетчиството како декорација на секојдневни предмети, посебно во периодот на движењето на уметноста и занаетите (Arts and Crafts Movement).

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Volute". A Dictionary of Architecture and Landscape Architecture. James Stevens Curl. Oxford University Press 2006
  2. "Volute". Архитектура Старог Века. Богдан Н. Несторовић. Универзитет у Београду, Научна книга, Београд 1974